header

header_peperut_-_Copy3

Почна националната донаторска кампања за Ургентен центар на Детската клиника
Четврток, 28 Март 2013   

Национална кампања почна денеска со цел собирање средства за реконструкција и адаптација на простор за педијатриски Ургентен центар на Клиниката за детски болести, кој ќе овозможи подобра и навремена здравствена заштита на децата, односно на пациенти до 18 години. Во рамки на кампањата која се одвива под мотото „Да помогнеме навреме" потребно е да се соберат 55 илјади евра. Ургентниот центар ќе биде сместен на приземјето на Клиниката на површина од 130 м2.

Главен покровител на Националната кампања е сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова која истакна дека за секој родител не постои ништо повредно и поскапоцено од животот на неговото дете.

„Јас ќе кажам, за секој од нас не постои ништо повредно и поскапоцено од животот на секое дете. Верувам и очекувам дека граѓаните на Република Македонија ќе ја препознаат оваа голема и благородна мисија и акција и ќе дадат голема поддршка без разлика на нивната верска, етничка или национална припадност, зошто децата се нашата иднината, а и се тие кои секогаш не обединуваат. Она што нам лично можеби ќе ни изгледа како еден мал придонес, верувајте дека е бесценет придонес за оние за коишто е наменет. Секундите се многу значајни во спасување на еден детски живот во ваков Ургентен центар", истакна г-ѓа Маја Иванова.

„Поведувајќи се од одговорноста кон идните генерации, од одговорноста кон идните поколенија, а пред сè поведувајќи се од мајчинскиот инстинкт и потребата од грижата за нашите деца, а пред сè за нивното здравје, со големо задоволство ја прифатив поканата да бидам генерален покровител на оваа голема и благородна мисија и акција. Се вклучив во неа со искрена мисла и со еден голем ентузијазам, верба и надеж дека сите ние што сме денес овде, ќе го направиме она што е најдобро за нашите најсакани, за нашите деца, за нашите најмили", рече на прес конференцијата г-ѓа Маја Иванова и се заблагодари за поддршката од медиумите.

Партнери во кампањата се сопругата на амбасадорот на САД, Мери Џ.Волерс, холандската амбасадорка Мариет Шурман и Клеј Батемер од НВО „Линка Крос".

Директорката на Клиниката, Аспазија Софијанова рече дека средствата ќе бидат наменети за реновирање и адаптирање на просторот, спроведување електрична инсталација, вентилација, водовод, канализација и системи за медицинска грижа. Тоа, посочи таа, во превод значи една мала мини болница каде што ќе можат веднаш да се згрижат децата.

„Средствата е предвидено да се соберат на донаторски коктел за ВИП личности што под покровителство на сопругата на претседателот, Маја Иванова ќе се одржи на 2 април во Македонскиот културен центар, како и преку лични донации од граѓаните на специјално отворениот телефонски број за оваа кампања 14321", истакна Софијанова.

Сопругата на амбасадорот на САД, Мери Џ.Волерс рече дека веруваат оти станува збор за многу вредна инвестиција затоа што инвестираат во животите на сите идни генерации во Македонија.

„Како медицинска сестра знам колку брзо еден детски живот може да се изгуби и колку медицинската помош мора да се даде навреме. Ургентниот центар ќе овозможи групирање и дијагностицирање, третман, како и испраќање на детето дома по соодветната нега или негов прием во болницата. Кампањата претставува можност за членовите на заедницата да ја покажат својата граѓанска одговорност преку донирање средства", истакна Волерс.

Амбасадорката Шурман потенцира дека без граѓански активизам ниедно општество не може да успее и обврска на секој е да се биде активен граѓанин. Слоганот на Холандската амбасада е „можеш ако сакаш". Таа ги повика сите граѓани, компании и институции да донираат средства и да се вклучат во остварување на проектот за реконструкција и адаптација на простор за првиот педијатриски Ургентен центар во Македонија.

alt

 

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal