Маја Иванова - Новости
alt
Г-ѓа Иванова ја промовираше кампањата „Здрава храна за детство без маана“
Четврток, 13 Октомври 2011

Првата македонска дама, г-ѓа Маја Иванова денес, пред учениците на О.У. ’’Јохан Ханрих Песталоци’’ официјално ја промовираше кампањата „Здрава храна за детство без мана“, чија цел е да го поттикне интересот кај децата за здрава и правилна исхрана. Оваа кампања е дел од Програмата “Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која здружението на граѓани ОХО, во соработка со Министерството за образование и наука успешно ја имплементира веќе две години.

 

Г-ѓа Иванова, инаку покровител на оваа кампања, им порача на сите родители да се приклучат кон заедничките напори да создадеме свесни генерации кои ќе станат имуни на зависноста од брзата храна со што ќе им обезбедиме сигурна и здрава иднина. Во учебната 2011/2012 училиштата и градинките ќе спроведуваат различни активности во текот на целата учебната година со кои децата ќе бидат запознаени со важноста на здравата исхрана и воедно ќе бидат поттикнати да конзумираат здрава храна како дел од нивниот секојдневен оброк. 

 

Активностите ќе вклучуваат: изработка на кратки пораки на темата  “Здрава храна за детство без мана“ кои ќе станат дел од Еко-кодексот на училиштата иградинките; изработка на рецепти на темата  “Здрава храна за детство без мана“ од учениците и децата; одбележување на определените денови на зеленчук и овошје; изработка на ликовни и пишани творби; организација на натпревари, изложби, маскембали и јавни настани за промоција на кампањата. За потребите на кампањата се изработени едукативни постери кои ќе бидат дистрибуирани до сите училишта и градинки, како и до сите останати институции вклучени во воспитно-образовниот процес.

 

Пред неколку месеци слична ваква кампања, насловена “Let’s move” започна и првата дама на САД, Мишел Обама, со која се обидува да ги промени навиките на децата кои се повеќе се соочуваат со прекумерна телесна тежина и да ги поттикне да практикуваат здрава исхрана. При патувањето во Њујорк, Мишел Обама ја запозна г-ѓата Иванова со основните цели на кампањата и плановите за нејзино спроведување, повикувајќи ја и неа да ја поддржи. Г-ѓа Иванова денес го оствари тоа ветување, залагајќи се севкупно ангажирање на сите релевантни фактори, а во насока на унапредување на здравјето на децата.

004zenski
Учество на Женскиот бизнис форум во Истанбул
Петок, 15 Април 2011

Македонската делегација предводена од Претседателот на Република Македонија, Н.Е. д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на 14. Евроазиски економски форум во организација на Мармара фондацијата, во Истанбул, од 13-15 април 2011 година. Во делегацијата беше и г-ѓа Маја Иванова по повод учеството на паралелниот Женскиот бизнис форум на тема: „Сопругите на лидерите како примери (Role Models) и нивното влијание на политиките за жените“.

Во своето обраќање на форумот, г-ѓа Иванова се осврна на позицијата на жената во семејството, жената во политиката, жената во однос на социјалната заштита, во однос на здравството, жените во бизнисот, во културата, и во однос на многу други сегменти од општественото живеење, пренесувајќи ја општата слика на жената во македонското општество. Таа, исто така, ги претстави своите активности од стекнувањето на позицијата на прва дама на Република Македонија, полињата на дејствување, причините за истото, како и иницијативите и проектите планирани за идниот период. Се осврна и на почитувањето и практикувањето на концептите на родовата рамноправност и еднаквите можности на жената во Република Македонија.

„Ве повикувам да опстанеме и тогаш кога чувствуваме дека можеби сме ги истрошиле сите наши сили, да погледнеме длабоко во себе и да пронајдеме нова инспирација за нашите наредни активности. Верувам дека ние, жените, ја имаме волјата и цврстината да го надминеме секој неуспех и да опстоиме во таа борба. Ако не можеме сами, тогаш да се сплоти ме и да  погледнеме во историските примери за вечната инспирација на одредени жени,“ истакна г-ѓа Иванова во своето обраќање на Женскиот економски форум.

Како учесник на форумот, на крајот од настанот учествуваше во церемонија на палење свеќи за сеќавање на жените низ светот кои биле жртви на насилство и повик да се поддржи „Платформата за рехабилитација на жените жртви на насилство“. Г-ѓа Иванова при овој симболичен церемонијален гест потсети на зборовите на првата дама на САД, г-ѓа Еленор Рузвелт која во една прилика посочи: „Подобро е да запалиш свеќа, наместо да ја проколнуваш темнината - It is better to light a candle than curse the darkness“.


009zenski
Г-ѓа Маја Иванова на Меѓународен конгрес за културата и музиката во Анкара
Сабота, 06 Ноември 2010

Првите дами на Македонија, Турција, Словенија, Латвија и Азербејџан присуствуваа на Меѓународен конгрес во Анкара посветен на „Меѓународното културно наследство и музика“, кој се одржа од 04-06 ноември 2010 година, во организација на Универзитетот Билкент, еден од најдобрите приватни универзитети во Турција, а под покровителство на Првата дама на Република Турција, г-ѓа Хајруниса Ѓул.

Овој собир беше можност за г-ѓа Маја Иванова, заедно со присутните први дами, Хајруниса Ѓул, Барбара Миклиќ Тирк, Лилита Затлерс, и Мерхибан Алијева да учествуваат во засилувањето на културната размена меѓу овие пријателски земји, и преку  свои обраќања и модераторство на одделни сесии да пренесат дел од своите традиционални обележја во културата и музиката. Покрај првите дами на овој настан присуствуваа многу истакнати имиња од Република Турција, како и звучни имиња од светот на музиката и музикологијата. Меѓу другите, учество на конгресот зеде и од најпознатите современи композитори, диригенти и виолинисти, маестро Лорин Мазел.

Г-ѓа Маја Иванова имаше свое обраќање на конгресот со кое ја презентираше македонската култура и музика во најдобро светло, истакнувајќи ги обележјата и особеностите на нашата култура и музика.

„Уметноста, традицијата и културата претставуваат суштинска интеграциона нишка на секој народ. Традициите и достигнувањата на генерациите пред нас се извор на неизмерна сила која ми помага да ги надминам препреките и ми дава волја да се соочам со новите предизвици. Во таа насока, ги поддржувам сите иницијативи за културно-уметничко изразување, зачувување на традицијата, фолклорот, но и создавање на нови форми на израз преку поезија, музика и уметност. Македонскиот фолкор е една од најпрепознатливите вредности на македонскиот идентитет. Во нашиот фолклор се препознаваат и каракте-ристиките на балканските народи, но уште повеќе се отсликува и несебично го прифаќа и слави триумфалниот момент на препо-знавање на својот сопствен белег, на македонската традиција. Тоа е уште еден факт дека Македонија отсекогаш била спој на различните култури,“ истакна г-ша Иванова во своето обраќање.

Во сесијата  која таа ја модерираше, имаше чест да ги најави највисоките гости покрај присутните први дами, Министерот за култура на Република Турција и националниот011kultura координатор на Република Турција за УНЕСКО. И како што самата тема на конгресот ја наметна потребата, но и задоволството, г-ѓа Маја Иванова со огромна чест ја презентираше македонската култура преку македонскиот фолклор испреплетен во настапот на Ансамблот за народни игри и песни  „Танец“. Општо прифатено беше чувството дека настапот на „Танец“ ги обедини сите присутни и ги доближи сите до она што нашиот фолклор го одржал низ вековите.

Домаќинката на настанот, Првата дама на Република Турција, г-ѓа Хајруниса Ѓул, во своето обраќање се осврна на обележјата на турската култура и музика, нагласувајќи дека: „Култура не се само амамите и ановите. Музиката е универзален јазик преку кој постигнуваме разбирање, а образованието и културата помагаат во исправање на сите неправилности од минатото“. Според првата дама на Турција заштитата на различностите во културното наследство се помага и е доста олеснета благодарние и на УНЕСКО.

Првата дама на Република Латвија, г-ѓа Лилита Затлере, ги презентираше фолклорните карактеристики на нејзината земја, исто како и г-ѓа Турк од Словенија. И двете имаа одлични презентации на тоа како државата помага во развојот на културата и музиката. Првата дама на Република Азербејџан, г-ѓа Мехрибан Алијева, пак, истакна дека музиката е универзален инструмент на дијалог и нагласи дека светот не треба да се унифицира, туку дека се потребни различностите.


alt
Учество во конференции и настани од дамската програма во рамки на 65-то Генерално собрание на ООН во Њујорк
Понеделник, 27 Септември 2010

Претседателот на Република Македонија, Н.Е. д-р Ѓорге Иванов присуствуваше на 65-то Генерално Собрание на Обединетите нации во Њујорк. Г-ѓата Иванова, која го придружуваше својот сопруг на ова патување од 18 до 27 септември 2010 година, активно се вклучи во настаните и иницијативите во рамки на дамската програма.
 

На 21 септември, г-ѓа Иванова учествуваше на Тркалезната маса на тема: “Women Connected for Health”, како дел од целодневниот настан „Првите дами во поддршка на Милениумските развојни цели“ во организација на ADA (Advanced Development for Africa) и во соработка со ITU (International Telecommunication Union), како и неколку организации на Обединетите нации.
 

Наредниот ден, г-ѓа Иванова учествуваше на 3-та годишна Конференција за фокус на аутизмот во организација на меѓународната фондација „Аутизмот зборува“, додека на 23 септември присуствуваше на приемот (tea reception) во организација на сопругата на Генералниот секретар на ОН, г-ѓа Бан Соон-Таек, во чест на првите сопруги(зи) на шефовите на делегациите на 65-то ГС на ОН во резиденцијата на Генералниот секретар на Обединетите нации.
 

Со особено задоволство вечерта го придржуваше својот сопруг на свечениот прием приреден од Претседателот на САД, Почитуваниот Барак Обама, и сопругата г-ѓа Мишел Обама, организиран во чест на Шефовите на делегации на 65-то Генерално Собрание на ОН.
 

Во рамките на ова патување во САД, посебно се издвојува учеството на првата дама г-ѓа Маја Иванова на излетот за Првите сопруги(зи) и ручек (Spousal Tour and07deca Luncheon) во организација на Првата дама на САД, г-ѓа Мишел Обама. При посетата на овој Центар кој всушност претставува една огромна фарма за органска храна, Мишел Обама ја запозна г-ѓа Иванова со иницијативата што ја започнала за здрава исхрана на Американците, особено на децата. За таа цел ја покренала и нејзината првична активност во Белата куќа – обновување на градината за овошје и зеленчук во која се вклучени и студентите од Вашингтон, потенцирајќи дека со ова започнува кампањата насловена како ,,Let’s move’’, односно „Да се придвижиме“ која ја поддржале готвачи од целиот Северноамерикански континент, кои како волонтери во училиштата ќе подготвуваат здрава храна за децата. Идеата на првата дама на САД Мишел Обама е ова движење да прерасне во меѓународна кампања бидејќи смета дека преголемата телесна тежина кај децата не е само американски, туку  глобален проблем и во неа да се вклучат голем број Први дами од светот. Оваа иницијатива г-ѓата Иванова ја прифати со задоволство.
 

„Ние се уште не сме опседнати со она што Американците го викаат junk food, но сепак се почесто нашите деца посегаат по брзата храна, а последица е преголемата тежина. Токму затоа и ние размислуваме како да се вклучиме во оваа веќе меѓународна акција и тоа преку едукација на најмладите зашто, како што вели и Мишел Обама, полесно е децата да ги научите на правилна исхрана отколку на возрасните да им ги смените старите навики. Мислам дека навистина ова е многу позитивна иницијатива од која користа е долгорочна за нашите поколенија,“ - изјави г-ѓа Маја Иванова, по посетата на Стоун Барнс центарот.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Следно > Крај
Страница 9 од 9

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal