Честитка од претседателот Иванов по повод 11 Октомври - Денот на народното востание
Среда, 11 Октомври 2017   

PRM_portret_novПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври - Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

На 11 октомври 1941, пред точно 76 години, Македонија го избра патот на борба против најголемите зла во историјата на човештвото – фашизмот и нацизмот. Свесен дека вистинската слобода за Македонија не може да биде измолена и подарена, туку само со борба освоена, македонскиот народот заедно со сите чеда на Македонија ја започна Народноослободителната борба. Во оваа борба, народот на Македонија се препороди и се почувствува слободен да си ја земе судбината во сопствените раце.

На овој ден се потсетуваме на нашите партизани кои чекорејќи по патот кон слободата се соочија со многу маки и премрежија, и притоа покажаа невиден хероизам и искрен патриотизам. На овој тежок пат, тие се водеа од три вредности – слободата, правдата и човечноста кои ги вградија во темелите на македонската држава. Нашите славни предци во наследство ни ја оставија скапо платената слобода и државност на Република Македонија. Наша должност е да ја сакаме, чуваме и унапредуваме, за да им ја предадеме на нашите потомци.

Затоа, да останеме верни на македонската традиција на соживот и почитување на различноста. Да вложуваме во довербата и во почитта што го држат нашето општество сплотено. Да продолжиме да градиме демократска, просперитетна и европска Република Македонија. И притоа, постојано да ги имаме на ум вредностите кои нè движат и како луѓе и како општество, а тоа се слободата, правдата и човечноста.

Нека ни е честит 11 Октомври, Денот на народното востание Македонија!

Да живее Република Македонија!

  Back<<Назад