Честитка од претседателот Иванов по повод Меѓународниот ден на Бошњаците
Четврток, 28 Септември 2017   

PRMПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Во мое име и во името на сите граѓани на Република Македонија, би сакал најсрдечно да ви го честитам 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, и да ви посакам добро здравје, успех и благосостојба.

Како и речиси сите балкански држави, и Македонија во еден период од историјата беше дел од Османлиската Империја. Но, за разлика од речиси сите други балкански држави, Македонија не го отфрли, туку го прегрна најдоброто и највредното од ова наследство, а тоа е моделот на соживот, почитување и прифаќање на различноста. Празнувањето на 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците е симболичен израз на длабоката и реална почит што Република Македонија ја има за своите граѓани кои се дел од бошњачката заедница.

Со сета своја културна, јазична и религиска различност, бошњачката заедница го збогатува македонското мултиетничко општество. Делата со кои придонесувате кон демократскиот и економскиот напредок и промовирањето на нашата заедничка татковина се најдобар доказ дека вие, Бошњаците, сте лојални граѓани на Македонија. Со сето тоа, вие придонесувате кон градењето на меѓусебната доверба во нашето општество, која ни е потребна повеќе од кога и да било порано.

Затоа, наш завет е и во иднина да продолжиме да градиме мостови на пријателства и заедно да чекориме кон заедничката европска иднина на Република Македонија.

Нека ви е честит големиот празник.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад