Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Сојузна Република Германија, Република Перу и Република Белорусија
Понеделник, 11 Септември 2017   

akreditivi_germanija_13Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Сојузна Република Германија, на Република Перу и на Република Белорусија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Сојузна Република Германија, Н.Е. г. Томас Норберт Герберих, претседателот Иванов оцени дека двете земји имаат изградено односи на пријателство, исполнети со доверба и взаемно почитување, со искрен пристап по многу прашања.

„Република Македонија, денес, како впрочем и од првите денови на независноста, во Сојузна Република Германија несомнено гледа голем пријател и искрен сојузник во реализацијата на сопствените стратешки цели. Гледа партнер во сферата на економијата, безбедноста и соочувањето на актуелните предизвици. Наша оценка е дека успеавме да изградиме динамични политички односи и високо ниво на меѓусебна соработка во повеќе области. Успеавме да изградиме односи на пријателство, исполнети со доверба и взаемно почитување, со искрен пристап по многу прашања. На тој пат се појавуваа и одредени предизвици, но никогаш не се променила стратешката определба", истакна претседателот Иванов.

Во однос на евроатланската интеграција на Република Македонија, претседателот Иванов рече дека во изминатиот период Република Македонија презеде одлучни чекори за развивање на добрососедските односи и со конкретни активности уште еднаш ја покажа својата посветеност на евроатлантските процеси.

„Верувам дека е крајно време  за европските институции да покажат дека го слушаат гласот на регионот и ги ценат и вреднуваат напорите што се покажуваат за евроатланската интеграција. За жал, досегашниот пристап и од Унијата и од Алијансата, предолгиот status quo во интеграциите, не само што не вроди со резултат, напротив имаше значаен негативен ефект во вкупните состојби во Република Македонија. Длабоко сум уверен дека стабилноста и безбедноста на Македонија и на нашиот Регион, недвосмислено се одразува и на стабилноста и безбедноста на Европската унија. Република Македонија заслужува да ги отпочне преговорите за пристапување во ЕУ и да ја добие поканата за членство во НАТО без натамошно одложување. Подготвени сме да го преземеме својот дел од задачата за иднината на Европа", порача македонскиот претседател.akreditivi_peru_2

Новоименуваниот амбасадор г. Герберих, истакна дека ќе се заложи за интензивирање и продлабочување на односите помеѓу двете земји во повеќе области од заеднички интерес, како и за продлабочување и проширување на перспективата на евроатлантската интеграција на Република Македонија.

„Евроатлантското приближување на Вашата земја ќе се забрза, доколку на реформите кон кои се стремите се пристапи решително и се спроведат консеквентно. Можам да Ве уверам дека Германија во овој поглед ќе Ве поддржува како искрен и доверлив партнер", рече амбасадорот Герберих.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Перу со седиште во Букурешт, Н.Е. Еухенија Ечеверија Херера, претседателот Иванов изрази уверување дека и покрај географската оддалеченост на двете држави и нивната припадност на различни региони, постои заемен интерес, желба, но и потенцијал за натамошно унапредување на меѓусебните односи.

На свеченоста на предавањето на акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Белорусија за Република Македонија со седиште во Белград, Н.Е. Валериј Бриљов, претседателот Иванов оцени дека досегашната соработка меѓу двете земји е мошне скромна, и далеку под објективните можности и потребите на двете земји, особено на економски план и изрази очекување за внесување на нови содржини и форми на соработка во сите области од заемен интерес.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

akreditivi_belorusija_1

  Back<<Назад