Средба на претседателот Иванов со г. Казујуки Накане, државен министер за надворешни работи на Јапонија
Четврток, 07 Септември 2017   

PRM_JaponijaПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Казујуки Накане, државен министер за надворешни работи на Јапонија.

На средбата беше изразено задоволство од позитивниот развој на билатералните односи. Претседателот Иванов посочи дека за продлабочување на соработката во сите области за кои постои неискористен потенцијал од двете страни, неопходен е континуиран и поинтензивен политички дијалог, средби и контакти на сите нивоа.

Македонскиот претседател изрази задоволство од отворањето на амбасадата на Јапонија во Република Македонија, и го поздрави првиот резидентен амбасадор на Јапонија, г-ѓа Кеико Ханеда.

„Бидејќи политичките односи се развиваат одлично, по отворањето на амбасадата во Скопје очекуваме засилена економска соработка и поголем интерес на јапонските комапнии", истакна на средбата претседателот Иванов.

Во таа насока, претседателот Иванов го поздрави и формирањето јапонско-македонската парламентарна група за пријателство и изрази надеж дека засилената парламентарна соработка ќе допринесе за зголемен интерес на јапонската бизнис заедница за Република Македонија и поволностите што ги нуди;

На средбата, двајцата соговорници искажаа интерес за севкупно унапредување на меѓусебната соработка на билатерален и мултилатерален план.

„Јапонија многупати досега го има потврдено пријателството кон Република Македонија, а ние сме многу благодарни за континуираната поддршка преку јапонската техничка помош, како и донациите во хуманитарна помош кои помогнаа за справување со мигрантската криза минатата година", истакна на средбата претседателот Иванов. Македонскиот претседател изрази очекување дека наскоро ќе биде склучен и Договорот за техничка соработка, за кој верува дека ќе отвори нови врати на позасилена соработка.

На средбата беа разгледани и можностите за продлабочување на соработката во сферата на образованието, при што беше изразен интерес за зголемување на бројот на стипендии за македонските студенти.

Двајцата соговорници разменија мислења за стратешките приоритети на двете земји како и за регионалните и меѓународните состојби.

  Back<<Назад