Сочувство од претседателот Иванов по повод смртта на германскиот канцелар г. Хелмут Кол
Сабота, 17 Јуни 2017   

PRMportretПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо со сочувство до претседателот на Сојузна Република Германија, г. Франк Валтер Штајнмаер, по повод смртта на поранешниот германски канцелар, г. Хелмут Кол.

Почитуван господине Претседателе,

Со длабоко желење ја примив веста за смртта на поранешниот германски канцелар, почитуваниот Хелмут Кол. Во овој тажен миг за Вас и за пријателскиот германски народ, дозволете ми, во мое лично име, како и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви ги упатам изразите на нашето искрено сочувство.

Хелмут Кол беше импозантна фигура во германската, европската и светската историја. Како голем државник и брилијантен политичар, канцеларот Кол ја препозна историската одговорност и покажа вистинско лидерство и непоколебливи напори и заложби во обединувањето на Германија.

Политичкото наследство на творецот на модерна Германија и промоторот на единствена Европа ќе остане длабоко врежано во меморијата на германската и европската историја и ќе продолжи да биде инспирација за новите генерации на политичари во Европа и светот. Република Македонија  и нејзините граѓани високо го ценеа и почитуваа канцеларот Кол и неизмерно остануваме благодарни за неговата улога во процесот на осамостојувањето и меѓународно етаблирање на нашата држава, на развојот на односите и меѓусебното почитување меѓу нашите пријателски држави и народи.

Ве молам господине Претседателе, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до семејството на канцеларот Кол.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад