Честитка од претседателот Иванов по повод одбележувањето на 8 април – Меѓународниот ден на Ромите
Сабота, 08 Април 2017   

PRMportretПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до припадниците на ромската заедница по повод одбележувањето на 8 април – Меѓународниот ден на Ромите.

Почитувани сограѓани,

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите, дозволете ми на сите припадници на ромската заедница во земјава да ви го честитам празникот.

Република Македонија, години наназад, активно работи на подобрување на севкупната положба на Ромите во сите сфери на општественото живеење. Но, подобрувањето на поширокиот екoномски и социјален статус на Ромите е незамислив надвор од образовниот контекст.

Секојдневните искуства и истражувања покажуваат дека токму образованието претставува основен предуслов за решавање на проблемите од современото живеење. Низ ангажман на надлежните институции и потенцирање на неопходноста од едукација на лицата кои живеат во недоволно развиените подрачја ќе се подобрат условите за живот. Затоа повикувам да се погрижиме и на секому да му дадеме можност да биде дел од овој процес. Реалното интегрирање во општеството на припадниците на одредени етнички заедници придонесува за решавање на постоечките предизвици.

Честитајќи ви го празникот, сакам да ве уверам дека и понатаму ќе се вклучувам во сите предизвици за заеднички и посветено да ги надминеме  предрасудите. Подобрувањето на севкупната положба на Ромите значи и ангажман за промовирање на недискриминацијата преку почитување на традиционалните вредности и длабокото разбирање на културните особености со цел меѓусебно разбирање.

Нека ви е честит празникот!

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад