Соопштенија
СООПШТЕНИЕ
Вторник, 26 Октомври 2010


Во врска со барањето на медиумите за информации поврзани со соработката на двајца словенечки експерти за односи со јавност со Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија г-дин Бранко Црвенковски во времето кога тој ја извршува таа функција, ја информираме јавноста за следното:



Кабинетот на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ги испитува сите законски можности документите поврзани со овој случај да и бидат достапни на јавноста согласно процедурите на Законот за пристап до информации од јавен карактер.


Она што можеме да го соопштиме во моментов е дека во архивата на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија постои документација која се споменува во извештаите на медиумите и дека во нивната изработка учествувале повеќе стручни консултанти од Република Словенија.


По проверката на целокупниот предмет и утврдување на фактичката состојба јавноста ќе биде соодветно информирана.

Честитка по повод 23 октомври - Ден на македонската револуционерна борба
Сабота, 23 Октомври 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на државниот празник 23 октомври - Ден на македонската револуционерна борба упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани,

Денес со особена гордост и голема радост го прославуваме Денот на македонската револуционерна борба, одбележувајќи ја 117 годишнината од формирањето на македонската револуционерна организација со која започна организираната борба на македонскиот народ за слобода и создавање на своја независна држава.

Визијата на шестемина дејци основачи на организацијата беше инспирирана од слободарските идеали на целокупниот народ и оттука формирањето на македонската револуционерна организација беше со радост дочекана низ цела Македонија. Македонската револуционерна борба беше прифатена од севкупното граѓанство и таа не разликуваше етничка припадност што впрочем беше прокламирано и во Крушевскиот манифест.

Од формирањето на македонската револуционерна организација се до конечното ослободување и создавање на независна македонска држава се изоде долг и трнлив пат. Тој пат беше послан со страдање, крв и големо херојство. Саможртвата на генерации македонски херои остана аманет за идните генерации.

Денес кога живееме во слободна и независна Македонија ја имаме обврската и аманетот кон нашите херои да продолжиме по патот на развојот и напредокот, создавајќи модерна и просперитетна држава, рамноправен дел од светското семејство на народите.

Сплотени продолжуваме напред!
Нека е честит празникот,
Да живее Македонија!

д-р Ѓорге Иванов

Средба со претседателот на Владата на Црна Гора Мило Ѓукановиќ
Петок, 22 Октомври 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими претседателот на Владата на Црна Гора, г-дин Мило Ѓукановиќ.

На средбата беше констатирано искреното пријателство и високото ниво во односите меѓу двете земји, кои во континуитет бележат позитивен развој, за што потврдуваат и оваа посета на премиерот Ѓукановиќ на Република Македонија и претстојната посета на Претседателот Иванов на Црна Гора која ќе се реализира во почетокот на ноември оваа година.
Претседателот Иванов подвлече дека токму политичкиот дијалог, кој што е континуиран и се остварува на сите нивоа, претставува голем капитал кој во наредниот период треба да се зголемува, особено во сферата на економската соработка.

На средбата се разговараше и се истакна задоволството за денеска потпишаните билатерални спогодби со кои уште еднаш се потврди блиската соработка на двете земји како на економско поле, така и на полето на политичкиот дијалог.

Претседателот Иванов и премиерот Ѓукановиќ разменија мислења за понатамошна соработка и развивање на прашањата за соработка на регионален и мултилатерален план, соработката за НАТО и ЕУ интеграцијата на двете земји. Двајцата соговорници констатираа дека Македонија и Црна Гора, споделувајќи идентична визија за интеграцијата во евро-атлантските структури, се посветени на регионалната соработка и на градењето на добрососедски односи и во таа насока се согласија за натамошна взаемна поддршка во интегративните процеси.

Средба со Претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј
Вторник, 19 Октомври 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј.

На средбата се разговараше за односите меѓу Република Македонија и Европската Унија, за актуелностите во процесот кои се води под покровителство на ОН за разликите околу името, а беа разменети и мислења и информации за состојбите во рамките на Унијата како и состојбите во регионот на Југоисточна Европа.

Претседателот Иванов нагласи дека посетата на Претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј претставува значаен сигнал на поддршка на проширувањето како една од најуспешните политики на ЕУ за ширење на областа на безбедност и просперитет во Европа.

Претседателот Иванов нагласи дека фокусот на Република Македонија останува на двата главни колосека: ефикасно спроведување на реформите и максимализирање на напорите за надминување на наметнатиот проблем со името под покровителство на ОН. Претседателот Иванов апелираше Република Македонија да има еднаков третман како други земји кандидати, потенцирајќи го успешниот пример на паралелно движење во интеграциите и во разрешувањето на билатералните проблеми помеѓу Република Словенија и Република Хрватска.

На интерес на соговорникот, претседателот Иванов ја елаборираше актуелната состојба во регионот и нагласи дека европската идеја е таа која ги движи сите општества кон просперитет и ги упатува сите земји во регионот кон  тесна соработка гледајќи едни на други како партнери и поддржувачи во овој историски проект.

Претседателот на Европскиот Совет Ромпуј изрази благодарност за мошне конструктивната и корисна размена на информации и видувања на наведените теми, а изрази  и задоволство од сериозните зафати во реформските процеси кои ги превзема Република Македонија кои се од суштинско значење за европската перспектива на земјата. Ромпуј нагласи дека неговата посета е со две клучни поенти да апелира за продолжување на напорите за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за надминување на спорот со Грција и во тој контекст упати честитки и благодарност за ангажманот на претседателот Иванов. Претседателот на Европскиот совет  Ромпуј повика на продолжување на реформскиот процес и се заблагодари за улогата и активностите на претседателот Иванов во унапредувањето на регионалната соработка и добрососедските односи.

Честитка по повод 11 Октомври - Денот на вооруженото востание во Република Македонија
Понеделник, 11 Октомври 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод 11 Октомври - Денот на вооруженото востание во Република Македонија упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани,

Денеска со особена гордост го прославуваме денот на народното востание 11 Октомври. Пред 69 години кревајќи се против фашистичката оска на злото преку вооружено востание македонските граѓани уште еднаш ги потврдија своите слободарски традиции. Кревајќи се против фашизмот македонските борци застанаа рамо до рамо со сиот правдољубив и демократски свет. Благодарение на 11 Октомври и на долгата и макотрпна борба која следеше се удрија темелите на независна Македонија што беше потврдено и со Првото Заседание на АСНОМ.

Прославата на 11 октомври е уште една можност да се присетиме и да им се заблагодариме на сите херои од генерациите пред нас, кои без колебање ги дале своите животи за граѓаните на Република Македонија денес да живеат слободно и да можат да ја градат својата иднина и својот просперитет.

Припомнувајќи си на борбата во минатото и слободарските традиции токму на овој празник потсетуваме дека Македонија, била, е и секогаш ќе биде на страната на прогресот, демократијата и слободата. Оттука нашето членство и припадноста во НАТО и Европската Унија е сосема природно и заслужено.

Почитувани граѓани, Ви го честитам празникот.
За многу години демократска, слободна и суверена Република Македонија!

д-р Ѓорге Иванов

Средба со експертска делегација на ГАЗПРОМ
Петок, 01 Октомври 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска прими претставници на експертска делегација од руската компанија ГАЗПРОМ.

На средбата на која присуствуваше и заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за финансии г-дин Зоран Ставрески се разговараше за унапредување на соработката меѓу Македонија и Русија во енергетскиот сектор, како и за условите за вклучување на Република Македонија во меѓународниот енергетски коридор „Јужен поток“, со можност за изградба на крак низ територијата на Македонија.

Претставниците на експертската делегација на руската компанија ГАЗПРОМ изразија задоволство од изградбата на гасоводната мрежа во Република Македонија, за што искажаа целосна подотвеност за соработка и го информираа Претседателот Иванов за агендата на нивната посета на Република Македонија чија цел е утврдување на условите за почеток на овој проект.

Претседателот Иванов ја искажа политичката подготвеност и поддршка на Република Македонија за реализација на овој проект кој ќе обезбеди енергетска стабилност на Република Македонија во следните децении и изрази уверување дека се создадени услови ГАЗПРОМ да учествува во изградбата на гасоводната мрежа во Република Македонија, за што двете страни искажаа целосна подотвеност за соработка.

Средбата на Претседателот Иванов со експертската делегација од ГАЗПРОМ следува после посетата на Претседателот Иванов и вицепремиерот Ставрески на Руската Федерација реализирана во јуни оваа година кога беше потпишан договор за клириншкиот долг, а беше и остварена средба со генералниот директор на ГАЗПРОМ, г-дин Алексеј Милер.

 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 Следно > Крај
Страница 162 од 167