Соопштенија
Честитка до припадниците на српската заедница во РМ по повод празникот Свети Сава
Четврток, 27 Јануари 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод празникот Свети Сава испрати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија.

Драги сограѓани,

Дозволете ми како Претседател на Република Македонија, во име на сите граѓани на државата, да ви го честитам денешниот голем празник, Свети Сава. Српската заедница во Македонија, нејзините традиции и обичаи, слави и историски личности, се важен дел од заедничкото културно наследство на Република Македонија. Заедничкото празнување придонесува кон славење на богатството и подобро запознавање со нашите највисоки вредности, со кои треба да бидеме препознатливи и во регионот и во Европа.

Денес славиме личност која се откажала од световната моќ и власт, за да остане запаметен низ вековите како посветител, законодавец. Човек кој со знаење и разум го водел својот народ напред. Ние можеме да се потпреме на ваквите примери на со векови собираната мудрост и знаење на нашите народи за да напредуваме и успееме и во иднина.

Уште еднаш, нека ни е честит празникот, и за многу години.


д-р Ѓорге Иванов

Средба со пензионираните генерали во Армијата на Република Македонија
Четврток, 13 Јануари 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со пензионираните генерали во Армијата на Република Македонија. Средбата беше можност за отворена размена на мислења за актуелните состојби во македонската Армија, како и за развојните и реформските процеси во армијата. Претседателот и Врховен командант на армијата, на средбата оцени дека Армијата на Република Македонија успешно ги исполнува реформските приоритети, за формирање на модерна и професионална армија. Претседателот Иванов оцени дека натамошните реформи на армијата треба да бидат во насока на подготвување за одговарање на новите видови предизвици и загрозувања за безбедноста. На средбата, пензионираните генерали на АРМ ги изнесуваа своите погледи и мислења за состојбата и за реформите во Армијата. Претседателот Иванов на средбата истакна дека натамошното развивање и унапредување на Армијата, е приоритет за Република Македонија.

Честитка по повод христијанскиот празник Божик
Петок, 07 Јануари 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод големиот христијански празник Божик упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до христијанските верници.

Ваше Блаженство,

Имам особено задоволство и чест Вам лично и на членовите на светиот архиерејски Синод, на преподобното монаштво и свештенство како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник, Раѓањето Христово - Божик, и да Ви посакам во добро здравје, радост и среќа да ги поминете празничните денови.

Божик е празник кој секој христијанин го дочекува во кругот на семејството радувајќи се и славејќи го животот. И оваа година Божик нека биде инспирација сплотени со отворени срца и чиста мисла да помислиме на сите оние на кои им е потребна материјална и духовна поткрепа и  безрезервно да им ја понудиме нашата помош и подршка.

Ваше Блаженство,

Токму во духот на христијанството во очи на Божик, дозволете уште еднаш да посакам во срцата на сите верници да се всели мирот и спокојството, радоста и разбирањето и да продолжиме да даруваме безусловна љубов и почит кон ближните.


Нека е честит празникот и за многу години.
Христос се роди

д-р Ѓорге Иванов

Новогодишна честитка до граѓаните на Република Македонија
Петок, 31 Декември 2010


Новогодишна честитка на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Зад нас останува уште една година. Година која секој може да си ја вреднува на свој начин. Токму затоа во овие моменти секој од нас се потсетува што се сработил за себе, за среќата на своето семејство. Ова се моменти кога се потсетуваме кој ни бил главен, личен и семеен настан, во годинава што изминува. Затоа што со секој наш поединечен успех придонесуваме кон нашиот заеднички успех. Придонесуваме за земјата како целина, но и за достоинството на сите граѓани на Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Новата година е празник кој бил и останал симбол за добрина и за надеж. За желби за мир, љубов и слога. За моменти кога децата и родителите  си  приредуваат само радост и среќа. Новата година е момент на оптимизам, на нова енергија и на нова сила. Момент за солидарност и заедништво. Момент кога ни се буди надежта дека ќе го сториме сето она што сеуште не сме успеале или не сме можеле.

Почитувани,

Во годината што доаѓа, Република Македонија одбележува 20 години од  својата независност. Тоа се 20 години исполнети со верба и надеж во нашиот заеднички успех, сигурност и просперитет. Иако на тој пат понекогаш моравме да се соочиме со навидум ненадминливи пречки, никогаш не ја испуштивме од вид крајната цел. Водени од принципите со кои сме живееле со векови - желбата за слобода и човечко достоинство, добрососедство и трудољубивост, ние со секоја година го градиме и унапредуваме нашиот заеднички дом. Сега ни преостанува Република Македонија да биде членка на Евро-атлантското семејство на држави. Јас сум убеден дека и таа цел ќе ја оствариме. Но за да го постигнеме тоа, сепак ни треба многу поголема слога, поголема самодоверба и поголема самопочит.

Идната година, исто така, одбележуваме и 10 години од Охридскиот рамковен договор. Со него ја промовиравме нашата вековна традиција за почитување на различитоста. За толеранција и почит меѓу нашите граѓани од различни етнички и верски заедници. Затоа нашиот соживот е нашето најголемо богатство.

Знам дека најголемата мака со која се соочуваат нашите граѓани е сиромаштијата и невработеноста. Тоа се проблеми со кои долго се бориме. Како што одминува економската криза, така мораме да ги удвоиме нашите напори за наоѓање на нови можности за работа, нови вештини и нови пазари. Да ги подготвиме граѓаните, а особено младите, со знаење и со вештини да се изборат за подобра иднина.

Почитувани,

Додека ја празнуваме Новата година, со нашите семејства и нашите пријатели, Ве повикувам да помислиме за миг на нашите мировници кои се во Авганистан, во Босна и Херцеговина, во Либан. Македонија е свесна за опасностите и траумите што ги носи времето во кое живееме. Ние барем знаеме дека за секое друго добро, предуслов е мирот. Тоа е причината поради која ги прифаќаме обврските, како и секоја друга одговорна членка на меѓународната заедница. Но, нашата заедничка должност зависи од личната пожртвуваност на група наши ќерки и синови, на кои навистина треба да им бидеме благодарни.

Годината што доаѓа ќе биде година на многу предизвици и на сериозни зафати кои се пред нас. Големите предизвици од нас ќе го извлечат најдоброто. Тоа си го должиме самите на себе, но и на нашите предци и на идните поколенија.

Со таа мисла, дозволете ми во мое лично име, и во името на моето семејство, да Ви посакам да ви се оствари сето она што сте го планирале.  Да ви се случи сето она што сте го замислиле. Нека вашите домови бидат исполнети со радост и среќа. А вашите срца и души со мир и топлина, не само во новогодишната ноќ, туку и во целиот ваш живот.

Среќна ви Нова 2011 година.

Средба со водачите на најголемите верски заедници во Република Македонија
Четврток, 30 Декември 2010
 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 160 од 169