Соопштенија
alt
Посета на Баварија: средба со бизнис заедницата и нови можности за соработка и инвестиции
Петок, 20 Мај 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со бизнисмени од германската сојузна држава Баварија на која разговараше за можностите за инвестирање во Македонија. Средбата се одржа во рамките на посетата на Претседателот Иванов на Баварија каде што учествува на годинешната конференција на германската Паневропска Унија.

Во баварскиот град Бад Верисхофен, Претседателот Иванов се сретна со претставници на авионската и текстилната индустрија, со успешни стопанственици од секторот туризам, приватно образование и претставници на германски стопански комори и организации на локалната самоуправа. Учесниците на средбата до Претседателот Иванов изразија интерес за поволностите кои Македонија ги нуди за инвестирање особено за секторот услуги.

Баварија е една од економски најразвиените германски сојузни држави, каде се седиштата на индустриски гиганти како што се БМВ и Ауди и голем број други водечки компании.

Претседателот Иванов денеска ќе оствари средба со Неговото Височество Принцот на Лихтенштајн Ханс Адам Втори, и ќе присуствува на свечено отворање на годинешната конференција на германската Паневропска Унија.

Паневропската Унија е водечка меѓународна организација која со децении се бори за европско обединување, како и за промоција на демократијата и слободата. Членовите на Паневропското движење се постојани и силни поддржувачи на Република Македонија и нејзините европски перспективи.
 

alt
Средба со досегашниот Гувернер на Народна банка Петар Гошев и идниот Гувернер Димитар Богов
Четврток, 19 Мај 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими г-дин Петар Гошев и г-дин Димитар Богов, по повод преземањето на функцијата гувернер на Народна банка на Република Македонија.

Претседателот Иванов се заблагодари за досегашната работа на г-динот Петар Гошев на позицијата гувернер на Народна банка на Република Македонија и изрази очекување дека г-дин Димитар Богов, новиот гувернер на НБРМ ќе продолжи со успешно извршување на оваа многу значајна функција во државата, согласно стратегиските приоритети на Република Македонија, за подинамичен економски развој, за надминување на социјалните проблеми и поенергично покренување на економската обнова на земјата после економската криза.

На средбата, досегашниот и новиот гувернер на НБРМ го информираа Претседателот Иванов за тековните активности на Народна банка на Република Македонија.

Претседателот Иванов изрази задоволство од транспарентноста на примопредавањето на функцијата гувернер на НБРМ и истакна дека тој процес се одвиваше на достоинствен начин за што дадоа потврда и македонската бизнис заедницата и економијата, и меѓународните економски институции.
 

alt
Средба со пратеникот во Европскиот Парламент, Алојз Петерле
Четврток, 19 Мај 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими пратеникот во Европскиот Парламент г-дин Алојз Петерле.
 
Претседателот Иванов и пратеникот Петерле на средбата разговараа за политичката состојба во Македонија и во регионот. Тема на разговор беа и состојбите во Европската Унија и интегративните процеси. Претседателот Иванов изрази благодарност поради силната и принципиелна поддршка која Европскиот Парламент во целина, и голем број негови истакнати членови, ја даваат за заокружување на европската перспектива на Македонија.
 
Претседателот Иванов на средбата го информираше г-дин Петерле за актуелностите во процесот за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед. Претседателот Иванов информираше и за текот на процесот пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Двајцата соговорници изразија надеж дека ова прашање, преку кое Грција ги попречува македонските евро-атлански интеграции, наскоро ќе биде надминато.
 

alt
Средба со Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените избори, Џулијан Пил Јејтс
Среда, 18 Мај 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ / ОДИХР за предвремените избори, г-дин Џулијан Пил Јејтс.

Од средбата произлезе заемната констатација за значењето на претстојните парламентарни избори. Избори кои треба да ја потврдат демократската зрелост на земјата и да го потврдат капацитетот на сите учесници во изборниот процес за спроведување на избори согласно највисоките демократски стандарди.

Претседателот Иванов нагласи дека ги почитува позитивните пораки од шефот на набљудувачката Мисија. „Изборите, како врвен демократски чин, се критериум и имаат особено значење за исполнување на нашите највисоки стратегиски цели - членство во ЕУ и НАТО. Силно верувам и очекувам натпреварот да биде конструктивен и да биде легитимен натпревар за власт, натпревар на предлози и идеи. Сакам да нагласам, дека кој и да помисли да предизвикува инциденти или нерегуларности на изборите, и со тоа да ни нанесе штета на сите нас како општество, ќе се соочи со најстрогиот можен институционален одговор,“ нагласи Претседателот Иванов на средбата со Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ / ОДИХР.

Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ / ОДИХР, Џулијан Пил Јејтс информирајќи го Претседателот Иванов за целите, надлежностите и одговорноста на неговата Мисија, посочи дека на изборите сите учесници треба да ја исполнат својата улога. Тој додаде дека мисијата ќе ги оценува изборите од аспект на усогласеност со принципите за демократски изборни процеси, преземените обврски од сите држави-членки на ОБСЕ, како и со националната законска регулатива. Набљудувачите ќе го анализираат спроведувањето на изборниот процес од повеќе аспекти како работата на ДИК и изборните органи, однесувањето на сите учесници во изборниот процес, мониторинг на медиумите, изборниот ден. Извештајот на набљудувачката Мисија ке биде реална оценка заснована врз факти, истакна Џулијан Пил Јејтс.

Претседателот Иванов потсети дека од почетокот на годината лично свика неколку лидерски средби со цел да го поттикне и олесни политичкиот дијалог, да придонесе кон намалување на жестоката реторика и анимозитетот во јавниот простор, кои се рефлектираат директно врз граѓаните.

„Јас од денот на распишувањето на изборите, но и претходно на повеќето лидерски средби кои ги организирав, постојано апелирам сите учесници во изборниот процес да се однесуваат соодветно на нивото на демократскиот развој на Република Македонија и остварените придобивки - исполнети критериуми за членство во НАТО, подготвеност да се почнат пристапните преговори со ЕУ. Очекувам политичките партии, нивните лидерства и членови, во изборниот процес да се придржуваат во рамките на јавната пристојност, и во нивното политичко дејствување да се водат од државните и интересите на граѓаните. Република Македонија и нејзините граѓани имаат докажано дека поседуваат капацитет за да обезбедат фер и демократски избори. Граѓаните на Република Македонија поседуваат голема политичка свест и зрелост за реализација на такви избори. Силно верувам дека тоа на 5 јуни уште еднаш ќе го докажеме,“ рече Претседателот Иванов.

Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ / ОДИХР за предвремените избори, Џулијан Пил Јејтс искажа висока почит за ангажманот на Претседателот Иванов во овој контекст.
 

alt
Средба со Ад Хок Комисијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа за набљудување на изборите
Среда, 18 Мај 2011
alt
Средба со Премиерот на Унгарија Виктор Орбан при неговата официјална посета на Република Македонија
Четврток, 12 Мај 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес оствари средба со Претседателот на Владата на Република Унгарија г-дин Виктор Орбан.
 
На средбата Претседателот Иванов му се заблагодари на Премиерот Орбан за реализирањето на најавата дека Унгарија ќе ги искористи сите можности да ја промовира важноста од отворање на пристапните преговори за Република Македонија и ќе го постави ова прашање на состаноците во текот на унгарското претседавање со ЕУ. Претседателот Иванов особено изрази благодарност од веќе дадените јавни пораки во таа насока до страна на Премиерот Орбан на релеватни форуми. Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија и нејзините граѓани исисклучително ја ценат силната и принципиелна поддршка од Република Унгарија на овој план.
 
Притоа, Претседателот Иванов истакна дека не постои ниту еден аргумент Република Македонија да биде блокирана во оваа фаза од интегративниот процес во Европската Унија, и додаде дека со одредувањето на датум и почеток на преговорите, Македонија ќе добие дополнителна мотивација за продолжување на реформите. Претседателот Иванов и Премиерот Орбан се согласија дека отворањето на преговорите за членство на Македонија во ЕУ ќе биде позитивен сигнал и за регионот, и потврда на кредибилитетот на проширувањето на Унијата. Претседателот искажа надеж дека европските лидери ќе покажат визија и лидерство и Македонија ќе може да го продолжи интегративниот процес.
 
Премиерот Орбан изјави дека јасен европски интерес е Македонија да го продолжи интегративниот процес во ЕУ, и кажа дека на тој план Република Македонија може да смета на принципиелна поддршка од Република Унгарија. Според премиерот Орбан, билатералните прашања не смеат да бидат пречка во интеграциите, и Унгарија ќе се залага Македонија час поскори да ги отпочне преговорите со ЕУ.
 
На средбата заемна констатација беше дека билатералните односи се одлични. Претседателот Иванов го поздрави потпишувањето на Договорот за економска соработка како и одржувањето на бизнис форумот, како конкретни чекори во насока на јакнење на економската соработка. Претседателот Иванов ги посочи македонскиот енергетски и банкарски сектор како сфери во кои унгарските бизнисмени можат да се вклучат со инвестиции во Република Македонија.

 

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 155 од 169