Соопштенија
alt
Средба со Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Мирослав Стојановски
Петок, 01 Јули 2011

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на Вооружените сили на АРМ д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Мирослав Стојановски.

На средбата, која е дел од завршните консултативни средби на Претседателот Иванов за избор на нов Началник на Генералштабот на АРМ, се разменија мислења за актуелните состојби во македонската Армија, како и за развојните и реформските процеси.

На средбата се разговараше за мисијата и задачите на АРМ, придонесот во мировните мисии, како и идните планови и цели на Армијата при што беше подвлечено дека АРМ е посветена на продолжување на транформациските процеси, со акцент на зголемување на интероперабилноста со НАТО и придонесот во здружените операции. На средбата беше повторен заклучокот дека Република Македонија ги постигна бараните реформи и го достигна нивото за полноправно членство во НАТО, а влезот во Северно-атлантската Алијанса останува врвен приоритет на македонската надворешна и безбедносна политика.

Консултациите на Претседателот на Република Македонија за именување на нов Началник на Генералштабот се во завршна фаза и изборот ќе биде објавен на 18 август - Денот на Армијата. Генерал-потполковник Стојановски ќе продолжи да ги извршува своите редовни обврски до 18 Август 2011 година, кога на свечен начин ќе се официјализира поставувањето на нов Началник на Генералштабот на АРМ. Претседателот Иванов изрази надеж дека именувањето на Началникот на Генералштабот на Денот на Армијата на Република Македонија ќе биде почеток на една традиција која ќе важи и за идните поставувања на нов Началник на ГШ на АРМ.

alt
Оглас за волонтирање во народните канцеларии на Претседателот на Република Македонија
Вторник, 28 Јуни 2011

Со цел приближување на работата на Претседателот на Република Македонија до младите, а воедно и укажување на можност за стекнување на работно искуство со кое би можеле полесно да конкурираат на пазарот на трудот, Кабинетот на Претседателот овозможува волонтирање на заинтересираните, во Народните канцеларии во Скопје и Тетово.

Правата и обврските на лицата ангажирани во работата на Народните канцеларии ќе се регулираат согласно Законот за волонтерство („Службен весник на Република Македонија“ бр.85/07 и 161/08).

По завршување на волонтирањето, Кабинетот на Претседателот не превзема обврска за вработување на волонтерите.

Заинтересираните кандидати треба да достават:
• писмо за интерес;
• кратка биографија;
• доказ за завршено образование.

Документите да се достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 5.07.2011 година, на адреса:

Кабинет на Претседателот на Република Македонија  (Комисија за „Народни канцеларии“)
„Вила Водно“
Ацо Караманов бб
МК-1000 Скопје

Белешка: Огласот се распишува согласно Одлуката за организација и делокруг на работата на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 30/2000; 9/2001 и 41/2010) и Одлуката за формирање на Народни канцеларии бр: 07-434/1 од 15.03.2010 година.

 

alt
Претседателот Иванов при посета на МНР одржа предавање за младите дипломати
Понеделник, 27 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го посети Министерството за надворешни работи на Република Македонија при што оствари средба со Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и одржа предавање на младите дипломати на тема “Дваесет години македонска независна дипломатија: резултати, состојби, предизвици’’.

Претседателот Иванов имајќи предвид дека МНР е институцијата со која Претседателот на Република Македонија и неговиот Кабинет остварува исклучително тесна и плодна соработка нагласи дека посетата на Министерството ќе прерасне во традиција и ќе се реализира најмалку еднаш годишно.

На средбата со Министерот Милошоски, Претседателот Иванов покрена иницијатива која се однесува на Одликувања за заслужни странски амбасадори по завршување на нивниот мандат во Република Македонија. Со оваа иницијатива на амбасадорите кои со исклучителниот ангажман за време на нивниот мандат дале значаен придонес во унапредувањето на билатералните односи, во економската и културната соработка, на еден симболичен но значаен гест ќе им се оддаде признание од земјата домаќин. Станува збор за сосема нов тип на одликување кое не е предвидено со постојните ордени и одликувања кои се третираат со Закон за одликувања и признанија и е надвор од надлежноста на Комисијата за одликувања и признанија на Претседателот на Репулика Македонија.

Претседателот Иванов покрена иницијатива која се однесува на македонските амбасадори и дипломати, поточно на де-бирократизација на македонската дипломатија. Во согласност со altставовите на Претседателот Иванов искажани при последната средба со македонските амбасадори, Претседателот апелираше за зголемување на слободата во делувањето на македонските амбасадори со паралелно зголемување на одговорностите по кои и ќе бидат оценувани. Претседателот Иванов најави поригорозна анализа и оценување на работата на амбасадорите по следниве критериуми:

1.    Јавна дипломатија - поголем ангажман и присуство на амбасадорите во јавната дипломатија, во медиумскиот и општествениот живот во земјата на акредитација
2.    Промоција на македонското стопанство и економската соработка
3.    Промоција на културните вредности на Република Македонија

Во предавањето пред младите дипломати, Претседателот Иванов направи рекапитулација на резултатите и постигнувањата на македонската дипломатија во пресрет на 20 годишнината од независноста. Ги посочи предизвиците со кои се соочува македонската дипломатија, слабостите и недостатоците. Претседателот Иванов го анализираше и ги запозна младите дипломати со влијанието на глобализацијата и информатичката револуција кои ги менуваат традиционалниот, елитистички и затворен концепт на дипломатија.
 

alt
Писмо за благодарност до израелскиот претседател Шимон Перес
Четврток, 23 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати писмо на благодарност до неговиот израелски колега Шимон Перес за гостопримството и срдечниот пречек на македонската делегација при посетата на Ерусалим, по повод учеството на Претседателската конференција Facing Tomorrow 2011.

„Почитуван претседателе, по моето враќање во Македонија, сакам да нагласам дека вистинска привилегија и чест беше да се биде Ваш гостин, а сакам да упатам и честитки за беспрекорната организација на конференцијата, како и за одличните дискусии кои произлегоа од истата,“ наведува Претседателот Иванов во писмото до израелскиот претседател Перес, нагласувајќи го задоволството што односите на пријателство и соработка меѓу двете земји постојано се продлабочуваат.

„Како што констатиравме на нашата средба, добрите односи меѓу нашите две земји се огледуваат и во редовните и континуирани контакти на секое ниво, што е потврда за традиционално добрите односи, водени од блиските историски врски на двата народи. Особено сум задоволен од средбите кои ги реализирав во Израел за време на конференцијата при што посебно внимание и размена на мислења посветив на прашањата од економски интерес и прашањата од областа на безбедноста и одбраната. Ја користам оваа прилика да нагласам дека Република Македонија високо ја цени Вашата и искрената и принципиелна поддршка што Државата Израел и ја дава на мојата земја,“ пишува Претседателот Иванов.
 

alt
Честитка до Бан Ки-мун за неговиот реизбор за Генерален секретар на Обединетите нации
Четврток, 23 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун за неговиот реизбор:

Почитуван Генерален секретар,

Ми претставува особена чест и задоволство да Ви упатам најискрени честитки за Вашиот повторен избор за генерален секретар на Обединетите нации. Во оваа убава пригода, Ви упатувам искрени желби за успешно извршување на високата и одговорна функција, за многу здравје и лична среќа.

Ја користам оваа прилика да Ви упатам најискрени честитки за Вашите лични залагања и ангажмани и досегашното успешно водење на Светската организација. Довербата која Ви е повторно дадена, како и Вашите постигнувања во претходниот мандат се предуслови за успешно натамошно раководење со Организацијата на Обединетите нации. Република Македонија високо ја цени Вашата улога во унапредувањето на угледот на нашата организација, како и Вашите лични ангажмани во соочувањето со глобалните предизвици и проблеми. Сакам да Ве уверам дека во извршувањето на Вашата одговорна функција ја имате мојата целосна поддршка, како и поддршката на Република Македонија.

Со надеж дека наскоро ќе ја имам честа лично да Ви го честитам изборот, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.                  

д-р Ѓорге Иванов
 

alt
Отворено писмо од Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод писмото испратено од страна на група граѓани
Сабота, 18 Јуни 2011

Македонското општество е длабоко потресено од смртта на младиот Мартин Нешкоски. Ниту еден човек, родител, граѓанин на Македонија, не може да остане рамнодушен од овој настан. Семејството Нешкоски претрпе ненадоместлива штета, и сите ние како нивни сограѓани ја делиме нивната болка.

Oдлуката на младите луѓе, поттикнати од оваа голема трагедија, да се ангажираат и да ги искажат своите ставови ја сметам за искрена иницијатива и искрена желба да се придонесе за подобрување на демократијата. Активистите кои се ангажираа на протестите или беа активни преку социјалните мрежи покажаа одговорност и сериозност. Но апелирам интернетот и социјалните мрежи да не се користат за промовирање на говорот на омразата. Се надевам дека овој вид на конструктивност ќе вроди со прогрес и унапредување на функционирањето на сите демократски институции во Република Македонија.

Со внимание ги разгледав барањата и предлозите доставени по повод смртта на Мартин Нешкоски. Се придружувам во повиците овој случај да биде расветлен преку институциите на системот, согласно Уставот и законите, и одговорното лице или лица да бидат казнети, правдата да биде задоволена и да биде опомена за спречување на вакви трагедии во иднината.

Секогаш сум поддржувал и сум учествувал во иницијативи за отворање на дебати како да се обезбедат повисоки стандарди на демократијата и слободата во Република Македонија. Тоа го правам и сега, особено кога такви иницијативи доаѓаат од млади луѓе. Вашата иницијатива, за отворање на дебата за работата на службите на редот и мирот и нивната работа и одговорност во рамките на законот и единствено во интерес на граѓаните, ја има мојата поддршка. Во интерес на сите нас е оваа дискусија да се води рационално. Македонија е доволно зрела демократија и отворено општество да овозможи сите граѓански иницијативи за подобрување на системот, да се артикулираат низ институциите. Јас, како Претседател на Република Македонија, сум подготвен да бидам активен учесник во оваа дискусија.

Д-р Ѓорге Иванов
 

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 154 од 170