Соопштенија
alt
Честитка по повод Успение на Пресвета Богородица до сите православни верници
Недела, 28 Август 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до Поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, до Светиот синод и до сите православни верници кои го празнуваат овој голем ден.

Ваше Блаженство, почитувани граѓани,

На овој голем христијански ден кој го слави успението, воскресението и прославувањето на Пресвета Богородица, уште еднаш ги потврдуваме во себе начелата кои го водат нашиот живот - чистината на духот, скромноста, човечноста, подготвеноста да споделиме и радост и тага со нашите ближни, и да му помогнеме на оној кому тоа му е потребно.

Богородица, Божјата мајка, заштитничката на нашите души и светол пример за секој христијанин е воедно и симбол длабоко вкоренет во нашата духовна традиција. Нејзиното присуство низ вековите нè предводи по патот на радоста и светлината и е извор на нашата внатрешна сила и добрината во нашите срца.

Празнувањето на животот и успението на Пресветата Богородица, уште еднаш нè потсетува дека само со безрезервна љубов, чиста намера и добрина, ќе го исполниме нашиот живот. Овие вредности остануваат светол пример за секој православен верник, но и начин во нашите срца, во нашите домови и семејства да опстојува хармонија и благодат.

Нека ни е честит и за многу години овој голем празник!
 

alt
Средба со Ирина Бокова, Генерален директор на УНЕСКО
Сабота, 27 Август 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Охрид ја прими Ирина Бокова, Генерален директор на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации – УНЕСКО.

На средбата Претседателот Иванов изрази задоволство што оваа година 50-годишниот јубилеј на меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“ е официјално вклучен во програмата на УНЕСКО за одбележување на јубилеи на значајни настани.

Претседателот Иванов потенцирајќи дека Република Македонија беше иницијатор и првата држава - домаќин на Самитот на претседатели од Југоисточна Европа во 2003 година, посветен на Дијалогот меѓу цивилизациите, изрази особено задоволство што овие собири беа и се од исклучително значење за подобрување на вкупниот амбиент во регионот и креирање нов дух на разбирање и соработка. Во тој контекст Претседателот Иванов го информира Генералниот директор на УНЕСКО дека на претстојниот Самит во Белград ќе ја официјализира кандидатурата на Република Македонија, во соработка со УНЕСКО, да биде домаќин на десетгодишнината од овој тип на состаноци во 2013 година.

Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија активно ги промовира и учествува во активностите на УНЕСКО на национално и меѓународно ниво, вложувајќи исклучителни напори за зачувување на изобилното културно-историско наследство кое го поседува, но и за афирмација на целиот регион кој низ историјата бил центар на европската и светската цивилизација, и на културна испреплетеност.

Двајцата соговорници се согласија дека досегашната плодна соработка помеѓу Република Македонија и УНЕСКО, ќе продолжи и во иднина, преку реализација на заеднички проекти и иницијативи. Воедно, констатираа дека во денешно време соодветниот третман кон цивилизациските наследства може да биде и во функција на економскиот развој на државите, особено преку креативните индустрии и културниот туризам.

Г-ѓата Бокова го информираше Претседателот за реформските процеси кои ги започнала во рамките на УНЕСКО. Таа истакна дека зачувувањето на културното наследство како материјалното, така и нематеријалното, е одговорност на државите членки на организацијата и во тој контекст упати честитки и признанија за сè што Република Македонија досега го има направено на овој план.

 

alt
Честитка за освоената бронза до македонската универзитетска ватерполо репрезентација
Вторник, 23 Август 2011
alt
По втор пат ќе се одржи Школа за млади лидери под покровителство на претседателот Иванов
Петок, 19 Август 2011

Од 22 до 31 август 2011 година во Охрид, ќе се одржи втората „Школа за млади лидери“, под покровителство на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на која ќе учествуваат 37 млади луѓе од целата земја.

Школата за лидери е проект кој беше првпат инициран уште во изборната програма на претседателот Иванов, следејќи ја неговата идеја и визија да им се овозможи на младите, талентирани и амбициоазни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Школата, која за прв пат беше организирана во 2010 година, е наменета е за млади луѓе со завршено високо образование, кои имаат желба да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети, и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Мисијата на школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција, и културната и религиска диверзификација.

Програмата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби. Оваа година пред учесниците ќе зборуваат: претседателот д-р Ѓорге Иванов, д-р Георг фон Хабсбург, амбасадор за европски прашања во Владата на Република Унгарија, Константино Лауриа, економски советник на Премиерот на Италија, Хартмут Грос, сопственик на германската компанија Холц-Грос, г-ѓа Дарја Бавдаж Курет, амбасадор на Словенија во Унгарија, Адам Горал, претседателот на АССЕКО групацијата - четврта најголема ИТ асоцијација во светот, Ларс Рајс, поранешен парламентарец од Норвешкиот парламент, професори од универзитетите Кембриџ и Оксфорд, директори на меѓународни институти и други успешни лидери од Европа и светот.

Реализацијата на школата е во целост поддржана од приватниот сектор преку донации, и тоа: Макстил, Елем-Електрани на Македонија, Алкалоид - Скопје, Микросам, ТГС Технички Гасови - Скопје, Макпрогрес, Технометал Вардар, AССЕКО СЕЕ - Скопје, Стопанска банка - Скопје, Македонски Телеком, Витаминка, Тиквеш винарија, Пелистерка, и фондациите Конрад Аденауер и Фридрих Еберт.
 

alt
Средба со Адмирал Семјуел Локлир, командант на Здружената команда на НАТО во Неапол
Четврток, 18 Август 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (18 август) во Охрид се сретна со Адмирал Семјуел Локлир, командант на Здружената команда на НАТО во Неапол.

Претседателот Иванов и Адмиралот Локлир на средбата разговараа за нивото на соработка меѓу Македонија и НАТО, истакнувајќи притоа дека односите се на исклучително високо ниво. Двајцата соговорници го истакнаа придонесот кој Република Македонија го дава кон стабилноста во регионот и пошироко, во рамките на мировните мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан.

Претседателот Иванов и Адмиралот Локлир разговараа и актуелностите во спорот кој Република Грција го наметнува во процесот на македонските евро-атлански интеграции. Претседателот Иванов истакна дека придонесот кој Република Македонија го дава кон стабилноста и просперитетот во Европа ќе биде дополнително засилен по македонското интегрирање во НАТО, за што Претседателот истакна дека веќе се исполнети сите објективни критериуми.

Во рамките на одбележувањето на Денот на Армијата на Република Македонија, Претседателот Иванов во Охрид организираше средба со поранешните началници на Генералштабот на АРМ.

Претседателот Иванов денес во Охрид имаше и телефонски разговор со македонски војници во Авганистан и во Босна и Херцеговина, на кои имаше можност да им го честита Денот на Армијата 18 август и да им посака успех во извршувањето на поставените задачи.

 

alt
Честитка по повод Денот на АРМ до Генералштабот и припадниците на Армијата на Република Македонија
Четврток, 18 Август 2011

По повод 18 Август, денот на Армијата на Република Македонија, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов ја упати следната честитка до Генералштабот и припадниците на Армијата на Република Македонија.

Почитуван началник на генералштабот на Армијата на Република Македонија,
Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија

Како ваш врховен командант ми претставува особена чест да ви го честитам 18 Август, денот на македонската армија. Одбележувајќи 19 години од формирањето на македонската армија можеме со гордост да кажеме дека во нашите вооружени сили имавме, имаме и ќе имаме гаранција за нашиот територијален суверенитет и интегритет. Особено е важно што во македонската армија заедно служат припадници на сите етнички и верски заедници во Република Македонија, претставувајќи гаранција за слободата на сите наши граѓани и заедничкиот соживот.

Во пресрет на 20-годишнината од независноста на  Република Македонија би сакал да подвлечам дека особено се гордееме со успесите и развитокот на нашата армија која со својата професионалност, стручност и мотивираност ги исполнува највисоките стандарди. Денес, македонската армија не е само обучена за обезбедување на мирот и слободата на нашата држава, туку е значаен фактор за стабилноста на регионот. Непроценлив е  придонесот кон обезбедувањето на мирот и стабилноста во некои од најзагрозените региони во светот. Во моментов 176 македонски војници, заедно со  колегите од армиите на водечките демократски сили во светот, учествуваат во три мисии во Авганистан, БиХ и Либан  претставувајќи амбасадори на мирот и потврдувајќи го високиот углед на македонската армија.

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,

Дозволете  уште еднаш во името на сите граѓани на Република Македонија, да ви го честитам 18 Август, да ви изразам благодарност за вашата посветеност и пожртвуваност и да ви посакам среќа и успех, како во личните, така и во професионалните ангажмани.

Нека е вечен денот на Армијата на Република Македонија!

Д-р Ѓорге Иванов
 

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 153 од 174