Соопштенија
Новоименуваните амбасадори на Индонезија, Јапонија и Молдова во Република Македонија ги предадоа акредитивните писма
Петок, 25 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Индонезија, со седиште во Будимпешта Н.Е. г-дин Марули Туа Сагала, на новоименуваниот амбасадор на Јапонија, со седиште во Виена Н.Е. г-дин Шигео Иватани и на новоименуваниот амбасадор на Република Молдова, со седиште во Софија Н.Е. г-дин Александру Пригорски.

На средбата со амбасадорот на Република Индонезија, Претседателот Иванов го изрази интересот од македонска страна за зголемување и унапредување на билатералната економска соработка, за динамизирање на можностите за презентација на стопанските потенцијали на Република Македонија преку промотивни активности и бизнис форуми за привлекување на индонезиски инвестиции во Република Македонија.


Амбасадорот на Република Индонезија г-дин Марули Туа Сагала подвлече дека економската соработка меѓу двете земји во последните години бележи нагорен тренд и изрази очекување за продлабочување и интензивирање на оваа соработка во неговиот мандат.
Соговорниците ја истакнаа и потврдија досегашната одлична соработка на мултилатерален план и се заложија за унапредување на меѓусебната поддршка во рамките на различни тела и органи на ООН.


Претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот амбасадор на Јапонија г-дин Шигео Иватани изрази длабоко сочувство за големиот број на загубени животи и огромната материјална штета од силниот земјотрес и цунамито, како и од проблемите во нуклеарната централа Фукушима и изрази надеж дека Јапонија бргу ќе се справи со последиците од оваа катастрофа. Претседателот Иванов, изрази задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји, нагласувајќи дека постои голем неискористен потенцијал во економската сфера и се заложи за унапредување на односите меѓу Македонија и Јапонија во сите сфери од заеднички интерес, подеднакво на билатерален и на мултилатерален план.


Амбасадорот на Јапонија г-дин Шигео Иватани подвлече дека Република Македонија е значаен фактор за стабилноста и просперитетот на Југоисточна Европа и изрази уверување за натамошна поддршка од Јапонија во реформските процеси на Македонија, неопходни на патот кон полноправно членство во ЕУ.


На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Молдова г-дин Александру Пригорски, Претседателот Иванов ја искажа цврстата европска и евроатлантска определба на Република Македонија која континуирано се демонстрира, не само со спроведувањето на неопходните реформи и исполнувањето на критериумите, туку и со изградбата на еден уникатен и успешен модел на функционална мултиетничка демократија, со градењето добри односи со сите соседи, со учеството во регионалната соработка и регионалните иницијативи. Претседателот Иванов потенцираше дека Република Македонија на сите овие полиња постигна завидни резултати, и е подготвена да ги сподели сите свои позитивни искуства, потврдувајќи ја поддршката за Република Молдова на патот на нејзиното интегрирање во ЕУ.



Амбасадорот на Република Молдова г-дин Александру Пригорски.заблагодарувајќи се на поддршката од Република Македонија истакна дека за време на неговиот мандат ќе направи се што е во негова моќ за натамошно зацврстување на билатерални односи и унапредување на соработката во сферата на економијата, културата и образованието.

Средба со министерот без ресор на Владата на Република Турција и главен преговарач за членство во ЕУ, Егемен Багиш
Петок, 25 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими министерот без ресор на Владата на Република Турција и главен преговарач на оваа земја за членство во ЕУ, г-дин Егемен Багиш.

На срдечниот и пријателски разговор беше искажано задоволство од воспоставеното ниво на пријателски односи и соработка меѓу двете земји. Претседателот Иванов ја искажа силната посветеност на Република Македонија за членство во Европската Унија како и целосниот ангажман за исполнување на сите неопходни критериуми што ќе и овозможат на Република Македонија да го продолжи започнатиот интеграциски пат во ЕУ.

Министерот Багиш ја повтори силната и безусловна подршка на Република Турција за евроинтеграциите на Република Македонија и рече дека двете земји треба да ја интензивираат соработката на овој план.

Двајцата соговорници истакнаа дека европската идеја е таа што ги поттикнува земјите и нашите народи да ги исполнат сите реформи кој нема да бидат само клуч  за прием на нашите две држави во Европската Унија, туку ќе придонесат и за подобрување на целокупната политичка состојба во поширокиот регион на Балканот.

Средба со Претседателот на Албанија Бамир Топи и со Претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ
Четврток, 10 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со Претседателот на Република Албанија Бамир Топи и со Претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ.

Претседателот Иванов на високите гости срдечно им се заблагодари за присуството на отворањето на Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи, додавајќи дека во регионот на Југоисточна Европа се уште се живи спомените на разурнувачката моќ на човечката омраза. Поради тоа, Претседателот Иванов изрази задоволство што со своето присуство, Претседателот Топи и Претседателот Вујановиќ покажуваат дека се гради еден нов Балкан, во кој разните народи можат да живеат во мир и взаемно почитување.

На средбата, тројцата Претседатели имаа можност да ја разгледаат политичката состојба во регионот. Заедничка оценка на Претседателите беше дека продолжувањето и комплетирањето на евро-атлантските интеграции е неопходен предуслов за одржување на просперитетот на сите земји во регионот. Притоа, водачите на трите држави изразија подготвеност да ја продолжат добрата соработка во интегративните процеси, свесни дека успехот на една држава ги носи сите земји поблиску до заедничката цел. Беше констатирано високо ниво во меѓусебните односи и подготвеност за натамошно интензивирање на односите и соработката. Тема на разговор беше и претстојниот, трет по ред состанок на Претседателите на Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, кој оваа година ќе се одржи во почетокот на јули, а домаќин ќе биде Република Македонија. Беа разгледувани и перспективите за соработка во останатите регионални иницијативи, како во Процесот за соработка и Јадранско-јонската иницијатива и други.

Претседателите Иванов, Топи и Вујановиќ на средбата разгледаа повеќе иницијативи за инфраструктурно поврзување, за намалување на ограничувањата во размената меѓу трите држави и за проекти од взаемен интерес. Заедничка оценка беше дека се потребни конкретни чекори кон создавањето на обединет регион во обединета Европа.

Средба со вицепремиерот и министер за стратегиски прашања на Државата Израел, Моше Јалон
Среда, 09 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Моше Јалон, вицепремиер и министер за стратегиски прашања на Државата Израел.

Вицепремиерот Јалон на средбата изрази благодарност до Република Македонија за иницијативата за изразување на почит на жртвите на Холокаустот преку отворањето на Меморијалниот центар во Скопје, кој го оцени како голем гест на Македонија.

Претседателот Иванов на средбата искажа особено задоволство од позитивниот тренд во развојот на односите и соработката со Државата Израел. Претседателот оцени дека соработката меѓу двете земји е континуирана и на сите нивоа, и ја поздрави посетата на вицепремиерот Јалон како доказ за високиот степен во односите. Вицепремиерот Јалон искажа подготвеност за натамошно интензивирање и продлабочување на односите и соработката со Република Македонија во сите сфери од взаемен интерес.


На средбата беа разменети мислења и информации за состојбите во регионот на Југоисточна Европа и на Блискиот исток. Претседателот Иванов го запозна соговорникот со актуелните политички и економски состојби во Република Македонија, како и со напорите и актуелностите на планот на интеграцијата на Македонија во евроатлантските структури. Во тој контекст Претседателот Иванов го запозна соговорникот и со актуелностите во процесот за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед што претставува единствената пречка за продолжување на интегративните процеси, што од своја страна создава предизвици на внатрешен план.

Средба со потпретседателот на Европската банка за обнова и развој, Јан Фишер
Среда, 09 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Јан Фишер, потпретседател на Европската банка за обнова и развој.

На средбата, г-дин Фишер се интересираше за актуелните политички и економски состојби во Република Македонија, како и за актуелностите на планот на интеграцијата на Македонија во евроатлантските структури. Во тој контекст, Претседателот Иванов го запозна соговорникот со тековните настани во процесот за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед, што претставува единствената пречка за продолжување на интегративните процеси. Претседателот воедно оцени дека ова прашање од своја страна отвора дополнителни прашања и предизвици на внатрешен план во Република Македонија, особено во сферата на економскиот развој.


Соговорниците разменија мислења и информации за состојбите во поширокиот регион. Потпретседателот на Европската банка за обнова и развој искажа благодарност до Претседателот Иванов за неговиот ангажман на регионален план и ги поздрави напорите за конкретизирање на проектите кои ќе овозможат инфраструктурно поврзување на целиот регион на Југоисточна Европа, кои се високо на агендата на Претседателот Иванов во сферата на регионалната соработка. Г-дин Фишер нагласи дека ЕБОР е подготвена да го поддржи развојот на Република Македонија во согласност со нашите потреби. Особено внимание беше ставено на големите инфраструктурни проекти, како што се Коридорите 8 и 10, како и на енергетските проекти. Претседателот Иванов искажа благодарност за улогата и ангажманот на ЕБОР како еден од најголемите поддржувачи на развојот на Македонија, во повеќе сфери. Претседателот Иванов воедно го информираше соговорникот за активностите кои се преземаат на планот на создавање на подобра економска и инвестициска клима во Македонија.

Средба со министерот за надворешни работи на Република Словенија, Самуел Жбогар
Среда, 09 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Самуел Жбогар, министер за надворешни работи на Република Словенија.

На срдечната средба, Претседателот Иванов и министерот Жбогар констатираа дека односите меѓу двете држави се на највисоко ниво. Претседателот Иванов му се заблагодари на министерот Жбогар за постојаната поддршка на Република Словенија за македонските интеграции во НАТО и во Европската Унија.

Средбата беше можност да се разгледаат заклучоците од неодамнешната официјална посета на Претседателот Иванов на Република Словенија, и дополнително да се конкретизираат можностите за соработка, особено во областа на европските интеграции, каде се очекува да се интензивира поддршка од страна на Република Словенија.


Тема на разговор на средбата беше актуелната политичка состојба во Македонија, при што Претседателот Иванов и министерот Жбогар се согласија дека е неопходно брзото враќање на повеќе партии од опозицијата во Собранието на Република Македонија и дека нормалниот политички дијалог и функционирањето на сите институции се значаен критериум во интегративните процеси.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ги исполнила критериумите за отворање на преговорите за членство во Европската Унија и дека е од голема важност за европската перспектива на Македонија да не дојде до нарушување на постигнатото. Претседателот Иванов оцени дека за реформскиот ангажман на Македонија е потребно преговорите со ЕУ да течат без попречувања предизвикани од билатерални прашања, и го повтори ставот дека преговорите со ЕУ можат да се водат паралелно со разговорите за надминување на спорот кој Република Грција го поставува во врска со нашето уставно име.

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 152 од 163