Соопштенија
alt
Новите амбасадори на Замбија и на Куба ги предадоа акредитивните писма на Претседателот Иванов
Петок, 29 Април 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Замбија во Република Македонија, со седиште во Берлин, Н.Е. г-дин Џонстон Фанвел Чицинга и на новоименуваниот амбасадор на Република Куба во Република Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. г-ѓа Тересита де Хесус Капоте Камачо.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Замбија г-дин Чицинга, Претседателот Иванов изразувајќи благодарност за принципиелниот став и употребата на уставното име на Република Македонија, посочи на потребата за понатамошно интензивирање и унапредување на односите и соработката со Република Замбија во сите сфери од заеднички интерес како на билатерален така и на мултилатерален план. На средбата беше нагласена потребата од унапредување на правната рамка, и подготвеност за соработка и контакти во рамките на мултилатералните организации и форуми.

Во разговорот со новоименуваниот амбасадор на Република Куба г-ѓа Камачо, Претседателот Иванов ја поздрави подготвеноста за интензивирање на економската соработка и јакнење на трговската размена, како и интересот на двете земји за развој на односите во областа на културата, образованието и медицината. Амбасадорот Камачо, истакна дека Република Куба придава особено значење на развојот на односите и соработката со Република Македонија, и во тој контекст дека за време на својот мандат ќе направи се за унапредување на односите и соработката со Република Македонија.

 

 

alt
Честитика по повод празникот Воскресение Христово - Велигден
Сабота, 23 Април 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до христијанските верници по повод празникот Воскресение Христово - Велигден:

Во овие празнични денови ми претставува особено задоволство на сите христијани да им го честитам претстојниот голем празник, празникот над сите празници - Воскресението Христово-Велигден.

Ви посакувам Велигден да го поминете во добро здравје, благосостојба и среќа, споделувајќи љубов и топлина со вашите најблиски и исполнети со мир и спокојство.

Нека и овој Велигден биде инспирација да ги сакаме ближните повеќе од самите себеси и не штедејќи се да го следиме патот на вистината и светлината. Сплотени и вдахновени од жртвата на Христа искрено да им проштеваме на сите што ни погрешиле подавајќи им рака и милосрдие и да не заборавиме да ја негуваме љубовта кон нашите сограѓани и нашата татковина и заедно да работиме за поубава и посветла иднина.

Нека ни е честито Воскресението Христово и нека Господ не благослови и поткрепи со праведност и чесност да го сочуваме тоа што ни го оставил во наследство.

Христос воскресна, навистина воскресна!
 

alt
Средба со Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров
Среда, 20 Април 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес оствари средба со Министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Н.Е. Сергеј Лавров.

На средбата во Вила Билјана во Охрид, Претседателот Иванов и Министерот Лавров разменија мислења за нивото на односите на двете држави. Заедничка оценка на двајцата соговорници беше дека Република Македонија и Руската Федерација негуваат исклучително блиски и пријателски односи, кои се основа за понатамошно продлабочување на соработката во областите на економијата, енергетиката, културната и научната размена, туризмот.

Особено значаен дел од средбата беше посветен на перспективите кои се отвораат меѓу двете држави во поглед на планираното поврзување на Република Македонија на проектираниот гасовод Јужен Поток. Претседателот Иванов изрази уверување дека реализирањето на овој проект ќе овозможи значителен економски подем на Република Македонија, обезбедувајќи достапен и сигурен извор на енергенси. Претседателот Иванов и Министерот Лавров разговараа за досегашните успешни руски инвестиции во Република Македонија и за можностите за натамошно инвестирање, како и за пристапот на македонските производители до рускиот пазар.

Претседателот Иванов упати поздрави и ја афирмираше поканата до Претседателот на Руската Федерација Дмитри Медведев да ја посети Република Македонија, при што ќе може на највисоко ниво да се потпише Договорот за пријателство и соработка меѓу двете држави.

Претседателот Иванов искажа голема благодарност за принципиелниот став на Руската Федерација во однос на почитувањето на уставното име на Република Македонија, чин кој особено се цени и од граѓаните на Република Македонија. Притоа, Претседателот Иванов го запозна Министерот Лавров со актуелностите во процесот на разговори со Република Грција и за позициите на Република Македонија.
 

Средба со Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо во Охрид
Сабота, 09 Април 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со Претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Баросо.

Теми на средбата беа актуелните политички состојби во Република Македонија, европските перспективи на земјата, како и тековните настани во процесот за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед.

Претседателот Иванов ја поздрави посветеноста на ЕК и нејзиниот партнерски однос во приближувањето на земјата кон европските стандарди и процесите што водат кон остварувањето на стратегиската цел на РМ, полноправно членство во ЕУ.

Претседателот Баросо истакна дека високо ја цени ангажираноста и поддршката на Претседателот Иванов за постигнување консензус околу стратегиските прашања за Република Македонија.

На средбата се разменија мислења и информации за тековните настани во процесот за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед, што претставува единствената пречка за продолжување на интегративните процеси.

Претседателот Иванов го информираше Претседателот нa ЕК, Баросо за своите активности преземени на политички план, нагласувајќи дека Република Македонија е на стадиум на демократски развој кога политичкиот дијалог треба да се води во рамките на демократските институции, дека владеењето на дијалогот надвор од институциите не помага и не го јакне демокрaтскиот капацитет на институциите и дека е тоа надвор од европските стандарди.

Претседателот Баросо високо ја цени улогата на Претседателот Иванов на регионален план, поздравувајќи ја и претстојната средба на претседателите на Македонија, Црна Гора, Албанија и на Косово што ќе се одржи во јули во Охрид и во тој контекст изрази задоволство што на агендата на таа средба ќе биде соработката во конкретни инфраструктурни проекти кои Европската Комисија е подготвена да ги разгледа и поддржи.

Честитка до припадниците на Ромската заедница по повод Меѓународниот ден на Ромите
Петок, 08 Април 2011


По повод 8 април - Меѓународниот ден на Ромите, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија.

Почитувани,

Ми претставува особено задоволство да ви го честитам 8 Април, Mеѓународниот ден на Ромите.

8 Април е денот посветен на историјата и културата на Ромите кои претставуваат најголемо етничко малцинство во Европа. Со одбележувањето на овој ден се афирмира потребата од уште поголема активност за интегрирање на ромската популација во европските општества.

Ситуацијата со ромската заедница во Република Македонија и степенот на права кои таа ги ужива се пример за целиот свет. Имено во нашата земја Ромите имаат можност да се образуваат на својот мајчин јазик, да гласаат за своите партии и кандидати и да бидат претставени во сите институции на државата. Со право може да констатираме дека Ромите во Република Македонија се неотуѓив дел од Македонското општество.

Почитувани граѓани од ромската националност,

Ве уверувам дека во институцијата Претседател и во мојата личност имате посветен подржувач на напорите за понатамошно подобрување на социјалната и економска положба на Ромите. Само со заеднички напори на сите институции и на граѓаните на Република Македонија може да постигнеме уште поголеми успеси и резултати во афирмирањето на ромската култура и унапредувањето на благосостојбата на граѓаните од ромска националност.

Нека е честит празникот

Д-р Ѓорге Иванов

Средба со Мајкл Саран, основач на ОДИЕН групацијата и Претседател на бордот на директори на ЧЕДОК
Среда, 30 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Мајкл Саран, основач на ОДИЕН групацијата, една од водечките приватни инвестициони компании во централна и источна Европа и Претседател на бордот на директори на ЧЕДОК, најголемата туристичка корпорација во Чешката Република и меѓу најголемите во централна Европа.

На средбата, г-дин Саран искажа благодарност за поканата да ја посети Република Македонија и искажа интерес за актуелните економски состојби во Република Македонија. Посетата ја оцени како исклучително значајна имајќи ги предвид можностите и интересот на корпорациите кои ги претставува за проширување на бизнис плановите не само во сферата на туризмот, туку и во други сектори.

Претседателот Иванов го информираше соговорникот за активностите кои се преземаат на планот на создавање на подобра економска и инвестициска клима во Македонија. Изрази задоволство што Република Македонија како туристичка дестинација веќе одредено време е на понудата на туристичката корпорација Чедок, која веќе има реализирано туристички посети во Македонија. Изрази надеж дека поволностите кои се нудат за странските инвеститори, како и бројните можности за инвестирање во Република Македонија во разни сектори, ќе резултираат со конкретна економска соработка.



Мајкл Саран престојува во Република Македонија на покана на Претседателот Иванов упатена на нивната средба реализирана при официјалната посета на македонскиот Претседател на Чешката Република, во согласност со посветеноста на Претседателот Иванов на економскиот развој на Република Македонија.

Мајкл Саран, кој престојува во Македонија со цел добивање на потенцијални информации кои би можел да ги искористи при развој на неговите бизнис планови, ќе оствари и средби со претставници на Агенцијата за странски инвестиции, на Министерството за економија, а во неговата агенда се предвидени и посети на Охрид, Битола, Маврово и средби со претставници на локалната самоуправа.

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 151 од 163