Соопштенија
Честитка до Христијаните кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар
Сабота, 25 Декември 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до сите Христијани кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар.

Дозволете ми да Ви го честитам најрадосниот христијански празник, Раѓањето Христово-Божик, и да Ви посакам во добро здравје, радост и среќа да ги поминете празничните денови.

Токму на Божик празникот на мирот и помирувањето, на прифаќањето на другиот, ги потврдуваме нашите заеднички заложби за негување и почитување на верските различности и религиозните посебности како врвна вредност на нашето општество и целиот цивилизиран свет.

Божик е празник на радоста и љубовта, разбирањето и заедништвото  дарувањето и помагањето. Нека светлината и топлината на овој голем празник ги исполнат нашите домови и нека ни донесат лична и семејна среќа, и верба во себе и другите.

Нека е честит празникот.

Со почит,
д-р Ѓорге Иванов

Средба со Министерот за одбрана на Република Турција Венџи Ѓонул
Петок, 24 Декември 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Министерот за одбрана на Република Турција, г-дин Венџи Ѓонул. На средбата, Претседателот Иванов изрази особено задоволство од односите на двете држави, кои се издигнати на ниво на стратегиско партнерство, и придонесуваат за стабилност и просперитет во регионот. Односите и соработката во сферата на одбраната ги следат вкупните односи, кои се на највисоко можно ниво. Редовните средби на највисоко ниво меѓу Македонија и Турција беа оценети како однос за пример во регионот.

Претседателот Иванов и Министерот Ѓонул се согласија околу потребата од заокружувањето на евроатланските интегративни процеси на двете држави, како и впрочем за целиот регион, во разумен временски рок, како мерка која ќе придонесе кон натамошниот напредок на регионот. На средбата, соговорниците константираа дека економските односи меѓу двете држави напредуваат кон посакуваното ниво, а Претседателот Иванов ја поздрави економската иницијатива на компании од Турција во Македонија. Според Претседателот Иванов, блиските културни односи меѓу двете земји и контактите меѓу етничките заедници во двете држави значително придонесуваат кон традиционалното пријателство и соработка.

Честитка по повод Денот на настава на турски јазик
Вторник, 21 Декември 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод 21 декември, Денот на настава на турски јазик, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Македонија.

Почитувани,

Дозволете ми во мое лично име и во името на македонските граѓани на сите припадници на турската етничка заедница во Република Македонија да им го честитам 21 декември, Денот на настава на турски јазик.

Веќе 66 години, од мугрите на независната македонска држава, турската заедница во Македонија го ужива едно од најзначајните права за заштита и промоција на идентитетот и културата на народите – правото на настава на мајчин јазик. Денес, Република Македонија со гордост го празнува денот на образованието на турски јазик кој им овозможува на нашите сограѓани да ја негуваат својата култура, своите традиции и вредности, чувствувајќи ја притоа Македонија како свој вистински дом.

Нека  е честит празникот.

Со почит,
д-р Ѓорге Иванов

Средба со Претседателот на Комисијата за меѓународна соработка на Државната Дума на Руската Федерација Константин Косачев
Петок, 17 Декември 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска се сретна со Претседателот на Комисијата за меѓународна соработка на Државната Дума на Руската Федерација Константин Косачев.

На срдечната средба Претседателот Иванов изрази задоволство од континуираните средби на државните раководства на двете земји, вклучително и средбите на највисоко ниво со Претседателот на Руската Федерација Дмитри Медведев, кои придонесуваат за конкретни чекори во севкупната соработка, а особено економската соработка. Претседателот Косачев се заблагодари за личната иницијатива на Претседателот Иванов за одржување на високото ниво на односите меѓу двете земји.

Според Претседателот Иванов, особено важен проект за иднината на регионот е изградбата на гасоводот Јужен Поток, кој треба да обезбеди енергетска стабилност и конкурентност за земјите од Југоисточна Европа. Двајцата соговорници изразија задоволство од затворањето на клириншкиот долг, на начин кој ќе биде во функција на натамошниот економски развој.


Двајцата соговорници се согласија околу потребата да се заокружи иницијативата на Претседателите на Македонија и Русија за потпишување на Договор за пријателство и соработка меѓу двете земји. Како мерки кои натаму можат да ги продлабочат односите меѓу Република Македонија и Русијата Федерација беа посочени отворањето на културни центри во Скопје и во Москва, визната либерализација и културната размена.

Прием на претставници на Здружението на граѓани политички прогонувани, затворани и осудувани
Петок, 10 Декември 2010

По повод 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов прими претставници на Здружението на граѓани политички прогонувани, затворани и осудувани за самобитноста на македонскиот народ и неговата државност. На средбата, претставниците на Здружението го информираа Претседателот Иванов за положбата на лицата кои во минатиот систем биле апсени и прогонувани од политички причини, и за положбата на нивните семејства. Според Никола Андонов, координатор на Здружението, семејствата на лицата кои биле прогонувани од политички причини се уште живеат со последиците кои произлегуваат од кршењето на нивните основни човекови права. Претставници на Здружението изнесоа повеќе примери на лица чии животи биле тешко нарушени поради нивните политички ставови, убедувања и активности, како и етничка или верска припадност.

Претседателот Иванов се заложи дека ќе го даде својот придонес за подобро запознавање со последиците од системското кршење на човековите права, како неопходен чекор кон градењето на демократски и слободен политички систем. Претседателот Иванов најави реализирање на веќе предвидените законски решенија за гарантирање на статусот на лицата кои биле прогонувани од политички причини. Според Претседателот, исправувањето на неправдите од минатото е неопходно за процесот на помирување и обединување во општеството.

Честитка по повод христијанскиот празник Св. Климент Охридски
Среда, 08 Декември 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод големиот христијански празник Св. Климент Охридски упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, Вам лично, на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, како и на сите православни верници во земјата и во странство, да Ви упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот христијански празник Св. Климент Охридски.

Чевствувањето на празникот Свети Климент Охридски, основачот на Охридската архиепископија, основоположникот на Охридската Книжевна школа,  и архитектот на кирилското писмо и старословенската култура е настан од огромно значење на само за Република Македонија, туку и за европската култура и цивилизација.

Визијата на Свети Климент Охридски и на неговите учители Светите браќа Кирил и Методиј за приближување на сите народи од нашиот заеднички континент е пример кој и денес не загубил од своето значење и актуелност.

Делата на Свети Климент Охридски преставуваат наша духовна крепост и патоказ кон иднина исполнета со слобода, хуманизам, благодет и просперитет.


Нека ни е честит празникот и за многу години.

Со почит,
д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 146 од 154