Соопштенија
PRMsocustvo
Сочувство од Претседателот Иванов по повод терористичкиот напад во Лондон
Недела, 04 Јуни 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод терористичкиот напад во Лондон упати сочувство до Кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Н.В. Елизабета Втора.

Ваше Величество,

Со шок и огорченост ја примив веста за терористичкиот напад во Лондон, во кој животот го загубија голем број на невини лица и каде има голем број на повредени.

Во овие мигови на длабока тага, дозволете ми во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам искрено сочувство и да Ве охрабрам во истрајноста и решителноста во борбата со насилството и злосторничките акти, без разлика од каде и од што се мотивирани.

Сакам да Ве уверам дека Република Македонија најостро ги осудува секакви терористички напади, кои шират страв и од кои никој и никаде не е безбеден,и силно ја поддржува Обединетото Кралство во решителната борба против тероризмот, како предуслов на патот кон мирот, стабилноста и напредокот.

Ваше Величество, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите.

д-р Ѓорге Иванов

Japonija
Предавање на акредитивни писма од страна на новоименуваните амбасадори на Јапонија и на Монголија
Вторник, 30 Мај 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Јапонија и Монголија за Република Македонија.

На средбата со г-ѓа Кеико Ханеда, прв резидентен амбасадор на Јапонија во Република Македонија, претседателот Иванов изрази големо задоволство од отворањето на амбасадата на Јапонија во Скопје што претставува уште една потврда за пријателството меѓу двете држави. „Сигурен сум дека Вашите активности како резидентен амбасадор на Јапонија во Република Македонија ќе придонесат за натамошно подобрување на нашите односи со внесување нови форми и содржини, пред сè на економски план, што ќе се одрази на зголемувањето на видливоста на Јапонија во Република Македонија и на започнувањето плодна економска соработка од која корист ќе имаат и јапонските компании и македонските граѓани", рече претседателот Иванов. Амбасадорката Кеида истакна дека Јапонија придава големо значење за стабилноста и просперитетот на Југоисточна Европа каде што стабилниот развој на Република Македонија има значајна улога, додавајќи дека Јапонија е голем поддржувач на нашата земја за интеграција во евроатлантските структури.

MongolijaНа предавањето на акредитивните писма од страна на Н.Е. г. Дашјамц Батсаикхан, амбасадор на Монголија за Република Македонија, со седиште во Софија, македонскиот претседател рече дека и покрај географската оддалеченост на двете пријателски земји, постои заедничка желба и голем потенцијал за посѐопфатно унапредување на меѓусебните односи за доброто на двата народи. Амбасадорот Батсаикхан истакна дека во наредниот период ќе сe посвети на промовирање на постоечките пријателски односи и на унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји.

Претседателот Иванов на двајцата амбасадори им посака успешно извршување на одговорната дипломатска функција и им изрази поддршка во вршењето на должноста.

EU_ambasadori
Средба на претседателот Иванов со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Република Македонија
Понеделник, 29 Мај 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска одржа работна средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во Република Македонија, по определувањето на мандат за состав на Владата на Република Македонија.

Претседателот Иванов ја реафирмираше посветеноста на Република Македонија за почеток на пристапни преговори со ЕУ, како еден од највисоките стратешки приоритети.

Според претседателот Иванов, потребно е Европската унија да направи исчекор и да определи датум за почеток на пристапните преговори со Република Македонија, односно да овозможи отворање на поглавјата 23 и 24.

„Отворањето на преговорите во поглавјата 23 и 24 за правосудство, основните права, правда, слобода и безбедност ќе го дадат неопходниот поттик за интензивирање на реформските процеси. Статус квото не смее да продолжи. Нам ни е неопходна трансформирачката моќ на пристапниот процес, како и обединувачката моќ на процесот, за соочување со длабоката политичка поларизација во земјата", рече претседателот Иванов на средбата.

Претседателот Иванов ја повтори потребата лидерите на парламентарните партии да покажат одговорност и да ја обноват посветеноста за европска и за евроатлантска Македонија, а приоритет да се даде на закони и решенија од европската агенда.

Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија ја поздравија одлуката на претседателот Иванов за доделување на мандат за состав на Влада на Република Македонија, со што се отвора можноста за нормализација на состојбите и политичка стабилност во земјата. На средбата беше истакнато взаемното очекување новата влада во своите приоритети да ја има ЕУ агендата, односно реформите кои ќе ја забрзаат интеграцијата на Република Македонија во ЕУ.

На средбата беа разменети мислења и информации за клучните предизвици со кои се соочува Република Македонија и целиот регион, како што се мигрантската и безбедносна криза, екстремниот радикализам, растечката националистичка реторика во регионот.

На нивен интерес, претседателот Иванов ги запозна амбасадорите со клучните аспекти од неговите неодамнешни посети на Кралството Јордан, Руската Федерација и Државата Ватикан, како и за претстојните учества на самитот Брдо-Бриони и на самитот на Процесот за соработка во југоисточна Европа.

Амбасадорите на земјите членки на Европската унија истакнаа дека високо го ценат отворениот пристап од претседателот Иванов и изразија уверување дека Европската унија е подготвена да се ангажира Република Македонија и целиот регион да биде високо на агендата во институциите на ЕУ.

PRMportret2
Честитка од претседателот Иванов по повод почетокот на рамазанските пости
Сабота, 27 Мај 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод почетокот на рамазанските пости, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис-ул-Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.

Почитуван Реис–ул–улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи,

Дозволете ми Вам, лично, и на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија да Ви упатам честитки по повод почетокот на рамазанските пости.

Во исламот, Рамазан е светиот месец кога се слави духовното и телесното прочистување. За муслиманските верници започнува постот преку покајание и молитва за поклонение пред Бога. Учењата велат дека помагајќи ги сиромавите и изнемоштените, верниците се надеваат на милост и простување на гревовите пред портите на рајот, за себе и за своите блиски.

Солидарноста и милосрдието се заеднички вредности на кои нè учат религиите. Но, добрината, милоста и споделувањето се човечки доблести кон кои треба да се стремиме.

Во духот на празникот, Ви посакувам лесни рамазански пости. На сите припадници на исламската вероисповед во земјава им посакувам мир, благосостојба, љубов и простување.

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret2
Честитка од претседателот Иванов по повод 23 Мај, Националниот ден на Власите
Вторник, 23 Мај 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до сите припадници на Влашката заедница по повод одбележувањето на Националниот ден на Власите, 23 Mај.

Почитувани сограѓани,

На 23 мај го празнуваме денот кога во 1905 година Османлиската Империја донесе Ираде со кое Власите конечно беа признаени како посебен народ со свој јазик и со своја култура. Ирадето отвори ново поглавје во долгата и богата историја на Влашкиот народ. Иако империјата исчезна, дел од нејзиното наследство продолжи да опстојува. Република Македонија го наследи и го усоврши моделот на соживот, почитување и прифаќање на различноста. Водејќи се од принцпот на Универзалната декларација на човековите права дека „признавањето на вроденото достоинство и на еднаквите и неотуѓиви права на сите членови на човештвото се темелите на слободата, правдата и мирот во светот", Република Македонија постави исклучително високи стандарди на гарантирање и почитување на правата на заедниците. Една од тие заедници е, секако, Влашката.

Влашката заедница во земјава е уставно признаена и општествено ценета. А има и зошто. Меѓу Власите има бројни преродбеници, борци и револуционери кои сесрдно се вклучија во македонската борба за слобода, државност и независност. Меѓу Власите има бројни политички, културни и општествени дејци кои непосредно учествуваа во градењето на демократска Република Македонија. И за тоа сме многу благодарни. Односот на Власите кон државата Република Македонија и кон своите сограѓани од другите етнички заедници може да послужи како пример за градење и за негување на меѓусебна доверба, која е потреба на секој поединец и врзивно ткиво на целото наше општество.

Честитајќи го празникот, ве уверувам дека и во иднина ќе продолжиме заеднички да деjствуваме и да ја негуваме традицијата, градејќи просперитетна иднина за генерациите што доаѓаат.

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret
Сочувство од претседателот Иванов по повод терористичкиот напад во Манчестер
Вторник, 23 Мај 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод терористичкиот напад во Манчестер, упати сочувство до Кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Н.В. Елизабета Втора.

Ваше Величество, 

Со шок и огорченост ја примив веста за бруталниот напад во Манчестер, во кој животот го загубија голем број на невини лица и каде има голем број на повредени. Во овие тешки мигови на длабока тага, дозволете ми да изразам сочувство на семејствата на жртвите на овој грозоморен и антицивилизациски чин, а на повредените да им посакам брзо закрепнување. 

Република Македонија остро ги осудува и се спротивставува на сите терористички напади и е солидарна со Обединетото Кралство во борбата против тероризмот.

Како никогаш досега, потребно ни е заедништво, максимална соработка и одлучност во борбата против сите оние сили кои преку насилство и терор сакаат да внесат страв и омраза, притоа уништувајќи ги сите цивилизациски придобивки, кои генерациите зад нас истрајно ги создавале.

Ваше Величество, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите.   
   
                                                                        

 д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 2 од 146