Соопштенија
PRMportret
Честитка до г. Александар Вучиќ, по повод изборот за Претседател на Република Србија
Понеделник, 03 Април 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до г. Александар Вучиќ, по повод изборот за Претседател на Република Србија.

Почитуван господине Вучиќ,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име,  да Ви упатам искрени честитки по повод Вашиот избор за Претседател на Република Србија, како и да Ви посакам многу успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да го изразам моето задоволство од континуираниот развој на билатералните односи и уверувањето дека, во време на вашиот мандат како Претседател на Република Србија, заеднички ќе придонесеме за уште поуспешна и поплодна соработка на сите полиња од заеднички интерес.

Градењето на добрососедските односи, регионалната стабилност и соработката, интегрирањето во Европската унија се областите кои претставуваат приоритет за Република Македонија. Верувам во заемната подготвеност за блиска соработка со Вас на овој план, за доброто на двете држави и народи. Традиционалното пријателство, историските и особено меѓучовечките врски се огромен потенцијал што треба со заеднички напори да го ставиме во функција на зајакнување на меѓусебната доверба и  интензивирање на севкупната соработка.

Дозволете ми, господине Вучиќ, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret
Претседателот Иванов именува нов директор на Агенцијата за разузнавање
Понеделник, 27 Март 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска – 27 март 2017 година, по завршувањето на мандатот на г. Наќе Чулев на функцијата директор на Агенцијата за разузнавање, донесе одлука со која го именуваше д-р Зоран Иванов за нов директор на Агенцијата за разузнавање.

Д-р Зоран Иванов досега ја извршуваше функцијата началник на военото разузнавање во рамки на службата за воена безбедност и разузнавање. Тој е професионален кадар на Министерството за одбрана и активен воен персонал со борбено искуство во извршување на операции во земјата и меѓународните одбранбени мисии во странство. По завршување на воената академија во Скопје е поставен на должност во батаљонот за специјални операции и е учесник во конфликтот во 2001 година. Одликуван е со медал бронзена ѕвезда за храброст од департментот за одбрана на САД за извршување на должност командир на воениот контингент и вршење на специјални операции и поддршка во Ирак во 2006 година. Има завршено и магистрирано на колеџот за команда и генералштаб во Форт Левернворт, САД, а докторирано на Институтот за националната историја на Република Македонија. Од 2009 година е началник на военото разузнавање. Покрај борбеното искуство, специјалист е за специјални операции и психолошко војување.

Досегашниот директор, г. Наќе Чулев продолжува да биде дел од професионалниот состав на Агенцијата за разузнавање и во соработка со новоименуваниот директор ќе ги продолжат отпочнатите процеси за трансформација на Агенцијата за разузнавање, чија мисија е собирање на податоци за информирање во одбрана на државата, заштита на националната безбедност и остварување на интересите во странство на Република Македонија.

undp
Средба на претседателот Иванов со г-ѓа Хелен Кларк, Генерален потсекретар на Обединетите нации и Администратор на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП)
Петок, 24 Март 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими г-ѓа Хелен Кларк, Генерален потсекретар на Обединетите нации и Администратор на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

На средбата беше разговарано за севкупната соработка меѓу Република Македонија и УНДП и за реализацијата на тековните и идните проекти и иницијативи.

Претседателот Иванов изрази очекување дека со потпишувањето на новата рамка за развојна соработка на Обединетите нации „Партнерство за одржлив развој: Стратегија на ОН за Република Македонија 2016-2020", ќе се овозможи поголема кохерентност во работата на агенциите на Обединетите нации во земјата и поефикасно користење на нивните екпертизи, искуства и ресурси.

„Очекуваме зголемена транспарентност и отчетност околу планирањето на идните активности на Обединетите нации во Република Македонија, како и јакнење на партнерството со националните институции, истакна на средбата претседателот Иванов, посочувајќи дека е потребен поголем ангажман на нашите претставници во заедничките работни групи за следење и известување за резултатите од имплементација на проектите и активностите поддржани од УНДП и Обединетите Нации.

Г-ѓа Хелен Кларк одаде признание за начинот на кој Република Македонија се справува со бегласката и мигрантската криза и исткана дека поддршката и соработката со Република Македонија ќе продолжи и ќе се продлабочи со нови проекти.
На средбата беше поздравено активното учество на Република Македонија во усвојувањето на Целите за одржлив развој на ООН согласно Агендата 2030, и активностите кои се преземаат за нивна имплементација.

Македонскиот претседател изрази задоволство што приоритетните активности за работата на УНДП во Република Македонија за периодот 2016-2020 произлегуваат од приоритетите на Владата на Република Македонија и претставуваат продолжување на активностите со цел обезбедување поддршка за вработување, јакнење на услугите на локално ниво, социјална инклузија и одржливост на животната средина.

Претседателот Иванов се заблагодари за ангажманот и иницијативите на УНДП во Република Македонија, како и за успешната имплементација на проектот за заштита на Преспанското езеро.

Двајцата соговорници изразија очекување за продолжување на соработката во однос на заедничко дефинирање на стратешките приоритети, тековните активности, како и имплементација на постоечките проекти.

indija_prostalna
Проштална средба со амбасадорот на Република Индија, Н.Е. г. Раџеш Кумар Сачдева
Четврток, 23 Март 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими Н.Е. г. Раџеш Кумар Сачдева, амбасадор на Република Индија за Република Македонија, со седиште во Софија.

На средбата беа разменети мислења за состојбите во двете земји, како и за севкупните билатерални односи меѓу двете земји и соработката во сите сфери од взаемен интерес.

Претседателот Иванов изрази очекување за натамошно унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес и го нагласи интересот на Република Македонија за воспоставување поинтензивна економска соработка.

Амбасадорот Сачдева изрази задоволство од извршувањето на дипломатската должност и изрази уверувањето дека неговата земја ќе продолжи со напорите за унапредување на односите со Република Македонија.

Претседателот Иванов се заблагодари за севкупниот ангажман на амбасадорот Сачдева и му посака успех во натамошната кариера.

PRMportret
Честитка по повод Националниот празник на Република Грција
Четврток, 23 Март 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Република Грција упати честитка до г. Прокопис Павлопулос, Претседател на Република Грција.

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува особена чест и задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод националниот празник на Република Грција.

Ја користам оваа свечена пригода да нагласам дека градењето на добрососедски односи, регионална стабилност и соработка, како и интегрирањето во Европската унија и НАТО се областите кои претставуваат приоритет за Република Македонија.

Дозволете ми повторно да ја истакнам нашата силна посветеност за унапредување на добрососедските односи и дијалогот со Вашата земја, како и да ја пренесам мојата силна порака дека, со заеднички заложби и соработка, можеме да создадеме позитивна клима на заемна доверба и почит, со што ќе осигураме просперитетна иднина за нашите граѓани.

Ве молам, примете ги, Ваша Екселенцијо, изразите на моето високо почитување.

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret
Честитка по повод реизборот на Претседателот на Унгарија
Среда, 15 Март 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод реизборот на Н.Е. г. Јанош Адер на функцијата Претседател на Унгарија:

Почитуван господине Претседателе,

Со особено задоволство Ви упатувам најсрдечни честитки по повод реизборот за Претседател на Републиката.

Во оваа убава пригода, сакам да искажам задоволство од нивото на односите меѓу Македонија и Унгарија, кои се карактеризираат со висок степен на меѓусебно разбирање и почитување, како и од динамиката на политичкиот дијалог и плодната соработка во повеќе области. Воедно сакам да изразам благодарност за гласната поддршка што Вашата земја ѝ ја дава на Република Македонија на патот кон НАТО и Европската Унија.

Посакувајќи Ви добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, почитуван господине Претседател, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 10 од 152