Соопштенија
PRM_-_Mogerini
Средба со г-ѓа Федерика Могерини, Висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската комисија
Четврток, 02 Март 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ја прими г-ѓа Федерика Могерини, Висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската комисија.

На средбата беа разменети мислења за случувањата на политички план во Република Македонија, за европските перспективи на земјата, како и за мигрантската и бегалска криза.

Македонскиот претседател оцени дека со status quo состојбата во европската интеграција, на Република Македонија и е попречено правото на просперитет и се овозможува зголемено влијание на други меѓународни актери.

„ЕУ не смее да дозволи ова да продолжи и треба конечно да го идентификува Балканот за еден од нејзините највисоки приоритети. ЕУ треба да преземе итни чекори и да го зајакне интеграцискиот процес на Македонија, кој е неповратен", рече претседателот Иванов. Дополнително, македонскиот претседател истакна дека отворањето на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија ќе го дадат неопходниот поттик за интензивирање на реформските процеси во овие клучни области и ќе ги заокружи напорите на ЕУ за надминување на политичката криза во Република Македонија.

Во однос на последната негова одлука, Претседателот Иванов рече дека согласно Уставот, како мандатар за состав на Влада нема да го определи секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува Македонија, се загрозува суверенитет, независноста и унитарноста на државата.

„Со пост-изборната платформа се руши Уставот и Охридскиот рамковен договор, а Македонија се доведува во положба на потчинетост и зависност од друга држава. Граѓаните на изборите гласаа за европски реформи, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава", рече Претседателот Иванов.

Македонскиот претседател посочи на отсуството на официјална јавна реакција со која би се осудило ваквото мешање во внатрешните работи на Република Македонија.

„Отсуството на јавна осуда за флангрантното мешање во внатрешните работи на Македонија ги создава проблемите и води кон поширока дестабилизација, а со одредени неконструктивни изјави кризата се продлабочува. Ова е шанса ЕУ јавно и јасно да го осуди мешањето во внатрешната политика на Македонија и да ја повтори поддршката за неповредливоста на границите на Балканот", рече македонскиот претседател. Тој истакна дека ова може да биде негативен преседан што во иднина може да биде употребен и од други држави.

Високиот претставник, г-ѓа Могерини истакна дека има целосно разбирање за комплексноста на состојбата и улогата на Претседателот Иванов во соочувањето со политичките предизвици. Посочи дека ги разбира правниот и политичкиот аспект, релевантни за надминување на политичката состојба и истакна дека е подготвена да помогне моменталната политичка криза да не прерасне во меѓуетничка, па дури и во геополитичка криза. Г-ѓа Могерини рече дека верува дека политичките фактори во Република Македонија можат да најдат излез од состојбата.

Осврнувајќи се на изјавите за почитување на владеењето на правото во Република Македонија, Претседателот Иванов нагласи дека сме уморни од двојните стандарди, истакнувајќи дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата никој не ја почитува. Македонскиот Претседател ја нагласи и потребата од организирање на попис на населението во Република Македонија.

Во однос на мигрантската и бегалска криза, Претседателот Иванов истакна дека е неопходно што побрзо завршување на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија за да може, доколку е тоа потребно, да ја продолжи прогласената кризна состојба поради илегалната миграција.

PRM_Dankan_01
Средба со Сер Алан Данкан, државен министер за Европа и Америка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска
Петок, 24 Февруари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Сер Алан Данкан, државен министер за Европа и Америка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

На средбата беше разговарано за билатералните односи меѓу двете држави, за случувањата во Европа и Европската унија, за актуелната политичка состојба во Република Македонија и мигрантската криза и за состојбите во регионот.

На средбата беа разменети мислења за политичката криза во Република Македонија и можностите за нејзино надминување. Претседателот Иванов изрази незадоволство од отсуството на јавна осуда на мешањето во внатрешните работи на Република Македонија од страна на некои соседни земји.

Во разговорите, претседателот Иванов ги реафирмираше стратешките цели на Република Македонија во однос на европските и евроатлатските интеграции и посветеноста за унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји.

Во однос на НАТО, претседателот Иванов изрази разочараност поради двојните стандарди, непочитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата и владеењето на правото во случајот со Македонија.

Во однос на Европската Унија, македонскиот претседател повика на деблокирање на процесот на проширување кој го мобилизира и реформира општеството. Претседателот Иванов очекува појасна поддршка од Обединетото Кралство во однос на остварувањето на стратегиските цели на Република Македонија.

Британскиот министер истакна дека Обединетото Кралство сака стабилна Република Македонија, и дека не сака да се меша во внатрешните работи на државата. Тој изрази разбирање за оправданиот револт од status quo состојбата во однос на европските и евроатлантските интеграции и укажа дека ќе ја поддржат Република Македонија на овој план.

IOM
Средба на претседателот Иванов со регионалниот директор на Меѓународната организација за миграција (ИОМ)
Среда, 22 Февруари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ja прими г-ѓа Аргентина Шабадос, регионален директор на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) задолжен за Југоисточна Европа, Источна Европа и Централна Азија.

На средбата беше разговарано за актуелната состојба со бегалската и мигрантската криза, стратегиите и активностите на Меѓународната организација за миграција и улогата на Република Македонија во справување со мигрантската криза.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ги спроведува мерките и постапува согласно заклучоците на Европскиот совет, со цел превенирање на заканата од илегална миграција, заштита на границите и зачувување на интегритетот на Шенгенската зона. „Безбедносните служби на Република Македонија се справуваат со мигрантската криза на одговорен и професионален начин, со хуманитарна поддршка во согласност со највисоките европски и меѓународни стандарди", посочи македонскиот претседател.

Г-ѓа Шабадос го информираше претседателот Иванов за стратегиите и приоритетите на ИОМ во однос на натамошната соработка со Република Македонија во сферата на миграциите. Регионалниот директор изрази задоволство од односот и третманот на Република Македонија кон бегалците и мигрантите, согласно сите меѓународните стандарди и ги поздрави начините на кои земјата се справува со мигрантската криза.

Македонскиот претседател се заблагодари за досегашната помош од ИОМ и ја посочи потребата од зајакнување на капацитетите на македонските безбедносни институции, при што беа разгледани можностите за поголема поддршка од страна на Меѓународната организација за миграција во јакнењето на капацитетите на АРМ.

Регионалниот директор на ИОМ изрази благодарност на македонските институции за соработката и уверување дека и во иднина ќе продолжат со поддршката во согласност со потребите на Република Македонија.

Visegrad4
Традиционален работен ручек со амбасадорите на земјите од Вишеградската група
Понеделник, 13 Февруари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го приреди традиционалниот работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија.

На средбата присуствуваа амбасадорот на Република Полска, Н.Е. г. Јацек Мултановски, амбасадорот на Чешката Република, Н.E. г. Мирослав Рамеш, амбасадорот на Словачката Република, Н.Е. д-р Мартин Безак и амбасадорот на Унгарија, Н.Е. г. Ласло Иштван Дукс.

Соговорниците разменија мислења околу можностите за продлабочување на меѓусебната соработка, за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на интеграција во ЕУ и НАТО, како и за предизвиците со кои се соочува Европската Унија и Европа и позициите на земјите од Вишеградската група во однос на клучните предизвици.

Во однос на политичката состојба, на средбата беше истакнато дека од клучно значење за Република Македонија е надминувањето на политичката криза и што поскоро формирање на Влада која ќе биде посветена на европската агенда и економски развој и која ќе има капацитет да се справува со предизвиците од мигрантската и безбедносната криза. Амбасадорите се согласија дека е неопходен исчекор на земјата во однос на европските и евроатланските интеграции.

Претседателот Иванов ја поздрави континуираната поддршка од Вишеградската група за одржување на динамиката на процесот на проширување на ЕУ и силната поддршка за што поскоро започнување на преговорите за членство на Република Македонија.

Македонскиот претседател се заблагодари за личниот ангажман и посветеноста на амбасадорите во унапредување на односите со Република Македонија, како и за доследната помош од овие земји во справување со мигрантската криза.

Амбасадорите ги реафирмираа заложбите за продолжување на меѓусебната соработка во справување со мигрантската криза и со безбедносните предизвици на земјите од Централна и Источна Европа.

На средбата беше разговарано и за претстојните активности и планови за размена на посети на највисоко ниво меѓу Република Македонија и земјите од Вишеградската група.

PRMportret
Честитка до избраниот Претседател на Сојузна Република Германија
Понеделник, 13 Февруари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до г. Франк Валтер Штајнмаер по повод изборот за Претседател на Сојузна Република Германија

Почитуван господине Штајнмаер,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот избор за претседател на Сојузна Република Германија, како и да Ви посакам многу успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Вашиот избор на оваа функција е исклучително значаен. Тој се случува во период на бројни сериозни предизвици со кои се соочува Европа, а единството, довербата и неопходноста од повеќе соработка во рамките на Европската унија се пред големи искушенија. Длабоко сум убеден дека Вашето долгогодишно дипломатско искуство и меѓународен углед ќе резултираат со уште позајакнати односи со нашиот регион, на кој му е неопходна поддршка со цел постигнување на одржлива политичка стабилност, безбедност, економски развој.

Почитуван господине Штајнмаер, сакам да Ве уверам дека Република Македонија ќе го продолжи реформскиот процес со цел достигнување на сите европски стандарди и критериуми, и ќе продолжи да придонесува кон добрососедсвото и регионалната соработка. Искрено се надевам дека Сојузна Република Германија како докажан пријател на Република Македонија, ќе продолжи да ги поддржува нашите заложби и напори за интегрирање во Европската унија и НАТО.

Дозволете ми, во оваа пригода и да искажам особено задоволство од достигнатото ниво и континуираниот позитивен тренд во односите и соработката меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија. Исто така сакам да ја изразам целосната подготвеност да ја продолжиме соработката што ја имавме со Вашитe ценети претходници. На тој начин ќе дадеме придонес за натамошно унапредување на односите во сите сфери од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

Со искрени желби за добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, господине Штајнмаер, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

PRM_Han_4
Средба со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Јоханес Хан
Петок, 10 Февруари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Јоханес Хан.

На средбата, двајцата соговорници разменија мислења за актуелната политичка состојба во Република Македонија и можностите за што поскоро разрешување на политичката криза.

Надминувањето на политичката криза е од клучно значење за Република Македонија да може целосно да се посвети на европските реформи и да продолжи во остварување на евроинтеграциски цели, истакна претседателот Иванов.

На средбата беше потенцирана неопходноста од што поскоро формирање на Влада на Република Македонија, бидејќи единствено со целосно функционални институции државата ќе биде подготвена да се справува со сите предизвици.

Во контекст на актуелната состојба, претседателот Иванов изрази незадоволство од отсуството на јавна осуда на мешањето во внатрешните работи на Република Македонија од страна на некои соседни земји.

Еврокомесарот Хан го запозна претседателот Иванов за средбите со лидерите на политичките партии и изнесените ставови, и истакна дека новата Влада треба да биде доследна на европската перспектива и фокусирана на европската иднина на земјата.

Претседателот Иванов уште еднаш укажа дека нестабилноста во политичкиот живот и тензичноста во меѓуетничките односи се последица на предолгата статус-кво состојба на Република Македонија и побара поактивен ангажман и поддршка од комесарот Хан. Комесарот Хан истакна дека постои зголемена свест меѓу државите членки на ЕУ за неопходноста од деблокада на интеграциите и за таа цел е потребно формирање на Влада посветена на европските интеграции.

Македонскиот претседател на средбата со Хан истакна дека како и досега, така и во иднина, ќе постапува во рамки на Уставот и во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија. Воедно, Претседателот истакна дека очекува од новата Влада да има два клучни приоритета: Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 8 од 148