Соопштенија
PRM-logo
Реакција од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија на тврдењата на политичката партија СДСМ
Петок, 03 Февруари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, отсекогаш постапувал согласно Уставот и законите на Република Македонија и во рамки на своите права, обврски и должности.

Тврдењата на СДСМ дека претседателот Иванов лаже дека постапил како претседателот Глигоров и дека го крши Уставот претставуваат груба лага и груба манипулација со јавноста.

Наводите на СДСМ дека претседателот Глигоров го доделил мандатот на второпласираната партија на тогашните избори, повикувајќи се на објавено соопштение од 14 јули 1992 година, претставуваат груба лага, бидејќи информациите изнесени во соопштението од 14 јули 1992 година се однесуваат на КОНСУЛТАЦИИ кои претседателот Глигоров ги извршил со СДСМ. Во соопштението јасно е укажано дека на овие консултации, претседателот Глигоров му предлага на СДСМ како на втора партија по бројот на пратеници во Собранието, да посочат КАНДИДАТ, кој претседателот на Републиката би го определил за мандатар за состав на Владата на Република Македонија.

G01

Факт е дека во соопштението од 14 јули 1992 година, на кое се повикува СДСМ, претседателот Глигоров НЕ ГО ДОВЕРУВА мандатот на СДСМ за состав на Влада, туку од нив бара да посочат кандидат за мандатар.

Три дена подоцна, на 17 јули 1992 година, СДСМ во присуство на сите партии кои го сочинувале парламентарното мнозинство, го информираат претседателот Глигоров дека успеале да обезбедат парламентарно мнозинство и го определуваат Петар Гошев за мандатар.

G02


Истиот ден, на 17 јули 1992 година, претседателот Глигоров мандатот за состав на Влада го доверува на Петар Гошев.

G03

Во врска со тврдењата на политичката партија СДСМ, според кои, претседателот Иванов наводно поставува дополнителни услови за доделување на мандат за состав на владата, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија оценува дека се работи за небулозен и груб обид за манипулација.

Барањата, што претседателот Иванов ги истакна не претставуваат услови, туку политички ставови на претседателот Иванов за идните приоритети на новата Влада, кои се конзистентни и се однесуваат на сите политички структури во земјата. Претседателот Иванов има целосно легитимно право да изнесува политички ставови и барања поврзани со државните интереси и од тоа нема да отстапи и во иднина.

Претседателот Иванов тие приоритети ги истакна и во неговото годишно обраќање, каде и тогаш јасно порача, прво - заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата, и второ - системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.

Доколку од политичката партија СДСМ сметаат дека овие барања на претседателот Иванов не треба да претставуваат приоритети за државата и граѓаните на Република Македонија, тогаш СДСМ нивните ставови по овие прашања треба транспарентно да ги соопштат на јавноста, а не преку груби лаги и манипулации да го напаѓаат македонскиот претседател дека поставува услови за добивање мандат.



Ustaven
Средба со претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, г. Никола Ивановски
Вторник, 31 Јануари 2017
china_us
Честитка до претседателот на НР Кина, г. Си Џинпинг, по повод кинеската Нова година
Сабота, 28 Јануари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод кинеската Нова година, упати честитка до претседателот на Народна Република Кина, Н.Е. г. Си Џинпинг.

Почитуван господине Претседателе,

По повод кинеската традиционална Нова година, ми претставува особена чест и големо задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, Вам и на пријателскиот кинески народ,  да Ви упатам искрени желби за просперитет, благосостојба, мир и стабилност во Новата 2017 година.

Со задоволство можам да констатирам дека севкупните односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина ги одликува искреното пријателство, заемна доверба и разбирање, изразени преку континуиран плоден политички дијалог.

Истовремено, би сакал да го изразам моето искрено убедување дека и во Новата 2017 година, со заеднички заложби ќе продолжиме да го јакнеме нашето традиционално пријателство и ќе ја унапредуваме нашата добра соработка со поголем интензитет во сите полиња од заемен интерес.

Дозволете ми, почитуван господине Претседателе, уште еднаш да го изразам моето длабоко почитување и да Ви упатам искрени желби за добро здравје, лична среќа  и успех во Новата година.

д-р Ѓорге Иванов

PRM
Честитка до припадниците на српската заедница по повод празникот Свети Сава
Петок, 27 Јануари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Свети Сава упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Дозволете ми, во мое и во името на сите граѓани на Република Македонија, да ви го честитам празникот Свети Сава.

Прославата на Денот на првиот српски архиепископ е можност да се присетиме на делото и на учењето на овој просветител и државник, кој има големо значење за развојот на српската, но и за негувањето и за ширењето на христијанската мисла на овие простори.

Република Македонија е пример на овие простори како се почитуваат и како се прифаќаат етничките заедници, вклучително и српската. Српската заедница во Република Македонија и македонската заедница во Република Србија се гарант за добрите односи меѓу двете пријателски држави. Тие се лојални граѓани на своите држави и посветени родољуби на своите народи кои придонесуваат за развојот и за квалитетот на односите меѓу двете држави.

Република Македонија и Република Србија имаат долга историска и културна традиција која не може да биде нарушена поради различни ставови по некое прашање.

Изминативе години ни покажаа дека онаму каде што постојат различни ставови и мислења, истите треба да ги решиме по пат на дијалог.

Уште еднаш, честитајќи ви го празникот, сакам да ве уверам дека и во иднина ќе продолжиме да ги негуваме меѓусебните односи во духот на добрососедството и блиската соработка меѓу двата народа.

На сите граѓани кои го празнуваат Свети Сава како домашна слава им посакувам добро здравје и бериќетна година.

За многу години празникот.

д-р Ѓорге Иванов

UKR25012017
Проштална средба со амбасадорот на Украина, Н.Е. г. Јуриј Гончарук
Среда, 25 Јануари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Украина во Република Македонија, Н.Е. г. Јуриј Гончарук.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, како и за можностите за нивно унапредување во сите сфери од взаемен интерес, особено во економската сфера, културата, образованието и науката, здравството.

Во таа насока, претседателот Иванов го истакна интересот и подготвеноста на Република Македонија за интензивирање и унапредување на севкупните односи со Украина.

На средбата беа разменети мислења и за актуелните состојби во двете земји, случувањата на регионално и глобално ниво, како и за клучните предизвици со кои земјите се соочуваат во надминувањето на актуелните состојби.

Амбасадорот Гончарук се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат, изразувајќи задоволство од вршењето на дипломатската должност во Република Македонија.

Претседателот Иванов изрази задоволство од соработката со амбасадорот Гончарук и му посака успех во натамошната кариера.

PRMportret
Честитка до г. Доналд Трамп по повод стапувањето на должноста Претседател на САД
Сабота, 21 Јануари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до г. Доналд Трамп по повод стапувањето на должноста Претседател на Соединетите Американски Држави. 

Почитуван Претседател Трамп,
 

Ми претставува особена чест и задоволство да Ви го честитам стапувањето на должноста 45-ти Претседател на Соединетите Американски Држави и да Ви упатам најискрени желби за успешно извршување на високата и одговорна функција. Воедно, преземањето на должноста Ви го честитам и во името на сите граѓани на Република Македонија.
 

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да искажам надеж дека со заемен ангажман ќе дадеме личен придонес за интензивирање, продлабочување и зацврстување на стратегиското партнерство и пријателство меѓу Република Македонија и Соединентите Американски Држави, за што потврдувам дека постои особен интерес и подготвеност од Република Македонија. Длабоко сум уверен дека со Вашето лидерство Соединетите Американски Држави ќе продолжат по патот на прогресот. Но верувам дека Вашето лидерство e значајно и на глобален план, посебно сега кога светот се соочува со бројни предизвици и кога повеќе од било кога е неопходно единство, заемно почитување и искрена соработка. Високо ги почитуваме Вашите ставови и надворешно политички цели. Глобалниот поредок има потреба од јакнење на пријателството меѓу државите, без наметнување на интересите и со почитување на правото на избор на нациите во светот. Сакам да знаете дека во Република Македонија и во мене имате искрен пријател и поддржувач.  
 

Почитуван Претседател Трамп, со искрени желби за Ваше добро здравје, лична среќа и многу успеси во извршувањето на значајната и одговорна должност, Вам и на Вашето семејство, Ви упатувам изрази на највисока почит.
 

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 7 од 146