Соопштенија
Zbogar
Амбасадорот Жбогар ја претстави Стратегијата за западен Балкан пред претседателот Иванов
Вторник, 06 Февруари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими шефот на делегацијата на Европската унија во Република Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар.

На средбата амбасадорот Жбогар пред претседателот Иванов ја претстави Стратегијата за западен Балкан и клучните аспекти во документот. Стратегијата претставува јасна порака со која се изразуваат одредени очекувања од земјите од западен Балкан, но и верба, дека истите можат да се исполнат, со што би одговориле на предизвикот за добивање на покана за полноправно членство во ЕУ до 2025 година.

Претседателот Иванов изрази задоволство од објавувањето на Стратегијата за западен Балкан, оценувајќи дека со документот уште еднаш се потврдува европската иднина на регионот.

На средбата претседателот Иванов го повтори очекувањето Република Македонија да добие датум за отпочнување на преговорите за полноправно членство во Европската унија, што ќе даде дополнителен мотив за продолжување на реформскиот процес во земјата.

Muinieks-web
Средба на претседателот Иванов со Комесарот за човекови права на Советот на Европа, г. Нилс Муижниекс
Четврток, 01 Февруари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Комесарот за човекови права на Советот на Европа, г. Нилс Муижниекс.

На средбата беа разменети мислења за тековните реформски процеси во Република Македонија, владеењето на правото и состојбите од аспект на почитување на човековите права.

Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија негува највисоки стандарди во заштитата на човековите права и правата на заедниците, оценувајќи дека како унитарна држава со мултиетничко општетство, таа е најпозитивниот пример во регионот со својот модел на почитување на различностите.

Исто така, на средбата беа разменети мислења и за новиот Закон за употреба на јазиците, при што македонскиот претседател ги повтори аргументите поврзани со неговата одлука да не го потпише указот за негово прогласување.

Претседателот Иванов на средбата истакна дека Република Македонија има активна улога и дава суштински придонес во работата на Советот на Европа во насока на промовирање на свеста и почитување на човековите права и е целосно посветена на исполнување на стандардите содржани во Европската конвенција за човекови права.

„Република Македонија останува цврсто определена за натамошна промоција на дефинираните стандарди за човековите права на меѓународно ниво и ќе соработува со земјите-членки на Советот на Европа во отворена и конструктивна атмосфера, со цел исполнување на целите и приоритетите", порача македонскиот претседател.

Претседателот Иванов ја изрази подготвеноста на Република Македонија да ja продолжи блиската соработка со Канцеларијата на новиот комесар за човекови права на Советот на Европа.

Nimic-web
Средба на претседателот Иванов со амбасадорот Метју Нимиц
Четврток, 01 Февруари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за името.

На средбата беше разгледана актуелната состојба на процесот кој се води под покровителство на ОН и беа разменети информации и мислења поврзани со идеите и размислувањата на специјалниот пратеник Нимиц, како и со исходот од неговата посета на Атина.

Претседателот Иванов потенцираше дека решението за разликата околу името може да се бара само во рамките на Обединетите нации, и го реафирмираше ставот дека е потребно стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – Повелбата на Обединетите нации, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија ќе продолжи и натаму конструктивно да учествува во процесот, со цел изнаоѓање на решение на наметнатиот спор од страна на Грција, кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ и нема да го наруши достоинството на македонските граѓани.

Претседателот Иванов го поздрави интензивирањето на дијалогот и потенцираше дека надминувањето на разликата околу името мора да биде во согласност со меѓународното право и меѓународно преземените обврски.

CZ
Претседателот Иванов упати честитка до Милош Земан по повод реизборот за Претседател на Република Чешка
Понеделник, 29 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до г. Милош Земан, по повод неговиот повторен избор на функцијата Претседател на Република Чешка.

Почитуван господине Претседател,

Ми причинува големо задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот повторен избор на функцијата Претседател на Република Чешка. Ви посакувам многу успех во продолжувањето на извршувањето на важните и одговорни должности на оваа позиција.

Сигурен сум дека за време на Вашиот втор претседателски мандат, пријателските односи и соработка меѓу Македонија и Чешка ќе продолжат успешно да се развиваат во духот на заедничките заложби за стабилна, обединета и просперитетна Европа.

Почитуван господине Претседател, длабоко ги ценам многубројните средби и разговори со Вас за сите прашања од заемен интерес. Би сакал во оваа пригода да ја искажам мојата, и подготвеноста на Република Македонија, за продолжување на нашиот конструктивен дијалог со цел натамошно зајакнување на билатералната соработка во областите на безбедноста и економијата. Република Македонија е цврсто решена да продолжи на патот кон целосна интеграција во Европската Унија и НАТО, и на тој план очекуваме пријателска Чешка да помогне во соодветното вреднување на нашиот напредок и придонес кон заедничките вредности, за што сакам да Ви ја искажам нашата голема благодарност.

Повторувајќи ги моите желби за Ваша натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


PRM
Честитка до припадниците на српската заедница по повод празникот Свети Сава
Сабота, 27 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија, по повод празникот Свети Сава.

Почитувани сограѓани,

Ми претставува задоволство на сите припадници на српската заедница во Република Македонија да им го честитам големиот празник Свети Сава и да им посакам здравје, радост, мир и благосостојба.

Преку празнувањето на денешниот ден, 27 јануари – Денот на првиот српски архиепископ, просветител и духовник св. Сава, ние ги потврдуваме нашите заложби за меѓусебно зближување и почитување.

Српската заедница била и ќе биде неотуѓив дел од Република Македонија. Со својот јазик, култура и традиција, припадниците на српската заедница ја збогатуваат различноста на македонското мултиетничко општество. Со своите индивидуални успеси и ангажмани, пак, припадниците на српската заедница придонесуваат за унапредување на културниот, економскиот и политичкиот живот во земјава. Одговорност на нашата заедничка држава, Република Македонија, е да го почитува и негува единството на оваа различност бидејќи тоа е изворот на нашата сила и тајната на нашето опстојување.

Српската заедница во Република Македонија, како и македонската заедница во Република Србија, имаат и незаменлива улога на мост на поврзување меѓу двете соседни пријателски држави. Како одговорни граѓани на своите држави, но и доследни припадници на своите народи, двете заедници даваат пример како треба да се гради доверба меѓу балканските држави. Затоа сите ние треба активно да учествуваме во зајакнувањето на општествената кохезија и во градењето на просперитетна иднина за сегашните и идните генерации.

Нека е честит големиот празник!

д-р Ѓорге Иванов

potpretsedatel_na_sobranie_na_srbija_4
Средба со потпретседателот на Народното собрание на Република Србија, г. Верољуб Арсиќ
Сабота, 27 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Свети Сава, денеска го прими потпретседателот на Народното собрание на Република Србија, г. Верољуб Арсиќ.

На средбата, претседателот Иванов упати честитки по повод празникот Свети Сава и подвлече дека српската заедница во Република Македонија има значајна улога во градењето на соживот во македонското мултиетничко општество.

Двајцата соговорници разговараа и за билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Србија и за унапредувањето и продлабочувањето на севкупната соработка.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија своите односи со Република Србија ги развива во духот на добрососедството и во насока на натамошен развој на пријателството, додавајќи дека двете земји и двата народа ги поврзува долга историска и културна традиција, како и идентична визија за заедничка иднина во Европската Унија.

На средбата беа разменети мислења за случувањата во регионот, при што беше нагласена потребата од поголема регионална соработка и забрзување на евроинтегративните процеси за земјите-кандидати, како најсоодветен одговор за намалување на тензиите и за стабилен, безбеден и економски просперитетен Балкан.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 6 од 161