Соопштенија
PRM
Честитка од претседателот Иванов по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден
Сабота, 07 Април 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до сите православни христијани во Република Македонија, како и до сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија:

Дозволете ми на сите верници од православна вероисповед и на сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово - Велигден.

Денот на Воскресението Христово - Велигден е најголемиот христијански празник. Овој светол ден е темелот на нашата вера.

Се вели дека преку Христос, Бог се стави на наше место. Благодарение на Божјата саможртва на крстот, Божјата љубов кон човештвото победи над Божјиот гнев. Свесни дека таа цена е платена за секој човек независно од разликите што со себе ги носи, наша должност е да се однесуваме кон секој човек во согласност со неотуѓивото човечко достоинство. Како што големото помирување меѓу Бог и човештвото е основа за надежта во победата на животот над смртта, така и помирувањето во македонското општество треба да биде обновување на посветеноста кон нашата заедничка иднина. И со таква увереност да ја градиме нашата единствена заедничка татковина Република Македонија.

Честитајќи Ви го најголемиот празник, Велигден, Ви посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје, мир и спокој.

Христос Восресна!
Навистина Воскресна!

д-р Ѓорге Иванов

cerar
Средба со Претседателот на Владата на Република Словенија, д-р Миро Церар
Среда, 04 Април 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Владата на Република Словенија, д-р Миро Церар, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата се разговараше за унапредувањето на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Словенија, за политичките актуелности во двете земји и беа разменети мислења за предизвиците со кои се соочува регионот на Балканот.

Претседателот Иванов и премиерот Церар ги потврдија одличните односи меѓу Република Македонија и Република Словенија кои ги карактеризираат трајно пријателство, доверба и цврсто партнерство.

Заедничка констатација на двајцата соговорници беше дека во иднина напорите треба да бидат насочени кон интензивирање на економската соработка и трговската размена, преку поблиска соработка на бизнис заедниците и поттикнување на инвестициите од двете држави.

Во однос на македонските евроатлантски интеграции, претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната континуирана помош и поддршка од Република Словенија и изрази очекување за уште поизразена поддршка, со цел деблокирање на евроатлантската перспектива на Република Македонија.

Претседателот Иванов ја истакна и важноста на заедничката иницијатива на Република Словенија и на Република Хрватска, процесот Брдо-Бриони, чијшто домаќин овој месец ќе биде Република Македонија, како можност за отворен дијалог по сите прашања кои се важни за земјите од регионот и за јакнење на регионалната соработка.

Претседателот Иванов и премиерот Церар разменија мислења и за предизвиците од илегалната миграција и притоа ја потенцираа неопходноста досегашната успешна соработка меѓу надлежните институции да продолжи и во иднина, со цел поголема регионална стабилност и безбедност.

KabinetPRM
Средба на претседателот Иванов со министерот за надворешни работи, г. Никола Димитров
Понеделник, 02 Април 2018
PRMportret2
Честитка до христијанските верници кои гo прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар
Недела, 01 Април 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до Бискупот скопски и апостолски егзарх, д-р Киро Стојанов и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

Почитуван д-р Стојанов,

Ми претставува особено задоволство, Вам и на сите верници на Католичката црква во Република Македонија, да Ви го честитам христијанскиот празник - Велигден.

За Христијаните, денот на Христовото воскресение е најголемиот и најзначајниот ден во историјата на човештвото. Празнувајќи ја победата на Исус Христос над смртта, ние со благодарност ја прифаќаме единствената жртва што може да нѐ откупи и ослободи од силата на гревот. Овој празник е и потсетување дека секој човек има непроценлива вредност и неотуѓиво човечко достоинство, што е вродено право и заемна обврска да ги почитуваме и прифаќаме нашите ближни и соседи со сите нивни разлики.

Честитајќи Ви го големиот празник, Ви посакувам Вам и на сите верници, овие велигденски празници да ги минете во духовен мир, хармонија, споделувајќи љубов во Вашите семејства.

Христос воскресна!

Честит празник и за многу години.

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret2
Честитка од претседателот Иванов по повод еврејскиот празник Пaсха
Петок, 30 Март 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Пaсха, упати честитка до г-ѓа Берта Романо-Николиќ, претседател на Еврејската заедница во Република Македонија, како и до сите припадници на Eврејската заедница во Република Македонија.

Почитувана г-ѓо Романо-Николиќ,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија, да Ви го честитам еден од најголемите еврејски празници, празникот Пасха.

Пасха го прославува ослободувањето на Евреите од египетското ропство и токму одбележувањето на овој голем празник во себе ја содржи пораката за слобода, правда и достоинство и симболизира ново раѓање и надеж.

Еврејската заедница во земјава има особен придонес во градењето и во почитувањето на општествените вредности и верските различности. Таа е нераскинлив дел од македонскиот модел на соживот кој се базира на почит и заедништво и негување на различните традиции. Нека и оваа Пасха ни биде потсетник да не дозволиме никој да посегне по нашето заедништво, достоинство и слобода.

Честитајќи Ви го, уште еднаш, празникот на слободата и на поклонението, Ви ги испраќам моите најискрени желби за мир, духовен спокој, меѓусебна доверба и пријателство.

д-р Ѓорге Иванов


priem_sisi_4
Претседателот Иванов телефонски му честита на египетскиот претседател Ал-Сиси за победата на претседателските избори
Четврток, 29 Март 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во телефонски разговор со претседателот на Арапска Република Египет, г. Абдел Фатах Ал–Сиси, му ја честиташе победата на претседателските избори, посакувајќи му многу успех во извршувањето на одговорната функција.

Претседателот Иванов изрази уверување дека односите меѓу Република Македонија и Арапска Република Египет, ќе продолжат да се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и почитување.

Во телефонскиот разговор македонскиот претседател изрази задоволство од одличниот политички дијалог со претседателот Ал-Сиси, порачувајќи дека под негово водство се реализираше новиот период на взаемно партнерство, доверба и пријателство меѓу двете држави.

Двајцата претседатели се заложија за натамошно унапредување на севкупните билатерални односи преку интензивирање на соработката во сите сфери од взаемен интерес, особено во областа на економијата и трговската размена, како и во сферата на безбедноста и разузнавањето.

Претседателот Иванов изрази надеж дека Египет под раководство на претседателот Ал-Сиси, и во иднина ќе биде земја-лидер и гарант на безбедноста, сигурноста и мирот во регионот на Северна Африка.

За време на телефонскиот разговор двајцата претседатели договорија реализација на возвратна официјална посета на претседателот Ал-Сиси на Република Македонија.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 5 од 163