Средба со делегација на Евангелско Протестантската Иницијатива
Сабота, 28 Октомври 2017   

PRM_protestanti_01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими делегација на Евангелско Протестантската Иницијатива по повод 500 години од Протестантската Реформација.

Делегацијата беше предводена од Генералниот секретар на Светската Евангелска Асоцијација, епископот Ефраим Тендеро и Претседателот на Меѓународниот совет на Меѓународната асоцијација за човековите права, Проф. Томас Ширмахер.

За време на средбата, Претседателот Иванов изрази задоволство што ќе биде покровител на свечената академија по повод 500 години од Реформацијата. Тој ја истакна улогата на Република Македонија во промовирањето на меѓурелигиски дијалог преку Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации и Светските конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. „Имаме уникатен македонски модел на соживот и почитување на различноста. За нас, почитта е фундаментално различна од толеранцијата. Разликата меѓу двата концепта е суштинска бидејќи се толерира она што се мора, а се почитува она што се сака. Резултат на тој модел се Мајка Тереза и Борис Трајковски," истакна македонскиот претседател.

Во однос на мигрантската криза, Претседателот Иванов потсети дека низ Македонија минаа околу милион бегалци и мигранти. Изрази благодарност на црквите кои, заедно со другите сегменти на цивилното општество им пружија целосна хумана помош на бегалците, во согланост со врвните глобални хуманитарни стандарди.

Во името на Светската Евангелска Асоцијација, епископот Тендеро се заблагодари за лидерството на македонскиот претседател и ги пофали неговите заложби за промовирањето на почитта во македонското општество. Се заблагодари за активниот придонес на Република Македонија на полето на меѓурелигискиот дијалог. Истакна дека, поаѓајќи од основните христијански принципи, целта на Светската Асоцијација е преку промовирање на човековиот развој да му се овозможи за секој човек да го достигне целосниот потенцијал.

Присутните соговорници го информираа претседателот Иванов за настаните и активностите во рамки на одбележувањето на овој значаен јубилеј, притоа изразија задоволство од неговата поддршка и ангажман на теми поврзани со почитувањето на верските слободи.

Централната прослава по повод 500 години Реформација ќе се одржи со богослужба и свечена Академија, под покровителство на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.
PRM_protestanti_02

  Back<<Назад