Иванов-Пахор: Потребно е намалување на тензиите и промена на реториката која постои на Балканот
Сабота, 03 Јуни 2017   

pahor_1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со словенечкиот колега Борут Пахор во рамки на учеството на состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони" процесот кој се одржува во Брдо кај Крањ.

Двајцата претседатели разговараа за продолжување на регионалната соработка, за активностите во рамките на учеството на Брдо-Бриони и улогата на Словенија во овој процес.

Македонскиот претседател ја поздрави иницијативноста и ангажманот на претседателот Пахор во насока на зголемување на регионалната соработка и искажа благодарност за поддршката која Република Словенија и ја дава на Република Македонија на евроинтеграцискиот пат.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации и за актуелните состојби и евроатлантските перспективи на регионот.

Претседателот Иванов истакна дека реториката која во последно време се повеќе е присутна во нашиот регион, не води кон зголемување на мирот и стабилноста, туку е својствена за некои минати времиња и ретроградно влијае на евроатлантските процеси и регионалната соработка.

„ Потребно е намалување на тензиите и зголемување на дијалогот и меѓусебната доверба, бидејќи само на тој начин ќе можеме да ги решаваме предизвиците и проблемите кои се заеднички за целиот регион", нагласи претседателот Иванов на средбата со својот словенечки колега.

Во однос на македонските евроатлантски интеграции, претседателот Иванов нагласи дека отворањето на поглавјата 23 и 24 во преговорите ќе го дадат неопходниот поттик за интензивирање на реформските процеси во Македонија и позитивно ќе влијаат врз целокупната општествена атмосфера.

„Затоа потребно е час поскоро ЕУ да го промени својот однос кон проширувањето и евроинтегративниот процес на Република Македонија", рече претседателот Иванов.

На средбата беа констатирани одличните билатерални односи меѓу Македонија и Словенија кои се развиваат во духот на пријателството, взаемното разбирање и доверба, и се нагласи потребата од натамошна блиска соработка во однос на мигрантската и бегалската криза преку соработка во областа на безбедноста и разузнавањето.

  Back<<Назад