Новости
PRM_Ivanov__Guteres_01
Средба со Генералниот секретар на Обединетите Нации, г. Антонио Гутереш
Четврток, 27 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на учеството на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации, во Њујорк оствари средба со Генералниот секретар на Обединетите Нации, г. Антонио Гутереш.

На средбата се разговараше за активностите на Република Македонија во рамките на Обединетите Нации.

Претседателот Иванов ја реафирмираше силната посветеност на Република Македонија за зајакнување на улогата на Обединетите Нации во справувањето со глобалните предизвици.

Глобалните предизвици бараат глобален, координиран и унифициран одговор, за што ни требаат силна и ефективна Организација на Обединетите Нации, потенцираше претседателот Иванов на средбата.

На средбата беа разменети мислења за актуелната внатреполитичка состојба на Република Македонија. Во однос на Договорот од Преспа, претседателот Иванов го повтори својот став дека ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор со кој се отвораат многу повеќе прашања, одошто се затвораат.

Генералниот секретар на ОН, Гутереш, во однос на претстојниот референдум рече дека македонскиот народ треба сам да ја донесе одлуката и дека таа одлука ние ќе ја почитуваме.

jordan1
Билатерални средби на претседателот Иванов во рамки на 73. Генерално Собрание на ОН
Среда, 26 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера во Њујорк присуствуваше на отворањето на генералната дебата на 73. Генерално собрание на Обединетите Нации, кое годинава е на тема: „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите луѓе: Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества".

Во рамки на учеството на Генералното Собрание на ОН, македонскиот претседател одржа и билатерални средби со јорданскиот крал Абдула Втори, со Владимир Воронков, заменик-генерален секретар на ОН задолжен за контра-тероризам и со надбискуп Пол Ричард Галагер, секретар за надворешни работи на Ватикан.

На средбата со јорданскиот крал Абдула Втори беа разменети мислења за севкупните билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Јордан, при што беше заемно констатирано дека двете земји негуваат пријателски и партнерски односи, без отворени прашања.

Претседателот Иванов посочи на интересот на Република Македонија за натамошно унапредување на билатералните контакти со средби на повисоко ниво, како и потребата од реализирање почести контакти и размена на делегации од двете земји на различни нивоа.

На средбата претседателот Иванов истакна дека Република Македонија со внимание ги следи настаните во регионот и ги поддржува напорите за постигнување на траен мир на Блискиот Исток.

Двајцата соговорници разменија мислења и за внатрешно-политичките состојби и регионалните состојби и приоритети на двете земји.

Претседателот Иванов го истакна интересот на Република Македонија за унапредување на економската соработка и проширување на обемот на трговската размена во сите полиња, за што, како што беше посочено на средбата, е потребна институционална поддршка од двете страни за воспоставување контакти и размена на информации меѓу бизнис секторот.

На средбата двајцата соговорници изразија подготвеност за натамошна соработка и поддршка на мултилатерален план.

vornokov1На средбата со потсекретарот Воронков беа разменети мислења и информации за улогата на Македонија во борбата против меѓународниот тероризам, постојаните и директни закани од терористичките мрежи.

Претседателот Иванов на средбата го пренесе интересот на Република Македонија за учество на цивилен и воен персонал во телата на Обединетите Нации кои креираат политики за справување со глобалните закани.

Потсекретарот Воронков се заблагодари за учеството на Република Македонија за придонесот во сеопфатната стратегија за борба против тероризам и борба против насилен екстремизам потенцирајќи дека во нареден период ќе предложи соодветен пакет за институционално зајакнување на државите од Балканот и учество во проекти за поголема безбедност.

vatikan2На средбата со надбискупот Галагер беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Светиот Престол и беше изразено задоволството од зголемената динамика на средби и посети на високо ниво.

Двајцата соговорници разменија мислења за тековните иницијативи во насока на продлабочување на меѓусебната соработка.

Надбискупот Галагер го поздрави фактот дека, иако католичката заедница во Република Македонија е бројно мала, сепак е високо почитувана, оценувајќи го како потврда за македонскиот модел на меѓурелигиски соживот.

Истакнувајќи дека Република Македонија има длабока традиција на почитување на различните верски чувства, претседателот Иванов ја истакна конструктивната улога на Католичката црква како важен столб на меѓуетнички и меѓурелигиски соживот.

Претседателот Иванов изрази надеж дека Папата Франциск ќе ја прифати отворената поканата за посета на Република Македонија, што би било од огромно значење за унапредувањето на билатералните односи, за католичката заедница во Република Македонија и воопшто за сите христијански верници.

Претседателот Иванов е предвидено да се обрати на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации во четврток.

PRM_Mandela_summit_1
Претседателот Иванов на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации
Вторник, 25 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од вчера учествува на 73. Генерално Собрание на Обедиенетите Нации во Њујорк.

Претседателот Иванов присуствуваше на настанот на високо ниво – Глобален повик за акција за светскиот проблем со дрогата, со кој претседаваa Претседателот на САД, Доналд Трамп и Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Македонскиот претседател присуствуваше на свеченото отворање на Мировниот самит Нелсон Мандела 2018, што се одржува по повод 100-годишнината од раѓањето на поранешниот јужноафрикански лидер.

Доцна вечерта по македонско време, претседателот Иванов присуствуваше на свечениот прием организиран од Претседателот на САД, Доналд Трамп за учесниците на 73. Генерално Собрание на ОН.

Предвидено е претседателот Иванов да се обрати пред Генералното Собрание на ОН на 27 септември. Исто така, предвидено е претседателот Иванов да оствари средба со Генералниот секретар на ОН, г. Антонио Гутереш, како и повеќе билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.

New_Jersey_1
Претседателот Иванов во Њу Џерси: Од нас зависи дали ќе ја сочуваме одлуката од референдумот од ’91 година или ќе се укинеме како народ
Понеделник, 24 Септември 2018

Од нас зависи дали ќе ја сочуваме одлуката од првиот референдум за Република Македонија во која ќе бидеме свои на своето или правно ќе се укинеме како народ и ќе дозволиме некој друг да ни го толкува минатото и да ни ја одзема иднината, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за време на посетата на македонската заедница во Њу Џерси.

„Сакам да бидам јасен. Конечната одговорност е на македонските граѓани. Бидејќи, каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме. Од нас зависи дали ќе ја сочуваме одлуката од првиот референдум за Република Македонија во која ќе бидеме свои на своето, во која нема да се воздржуваме да кажеме дека сме Македонци, дека нашите предци биле Македонци. Или, ќе се одлучи да се поништи одлуката од претходниот референдум од 8 септември 1991 година. Дали правно ќе се укинеме како народ и ќе дозволиме некој друг да ни го толкува минатото и да ни ја одзема иднината", рече претседателот Иванов, кој во Сидер Гроув, Њу Џерси, ја посети Македонската православна црква „Св. Кирил и Методиј".

Македонскиот претседател го повтори својот став дека нема да гласа на закажаниот референдум на 30 септември.

Претседателот Иванов од денеска во Њујорк го започнува учеството на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации. Предвидено е претседателот Иванов да се обрати пред Генералното Собрание на ОН на 27 септември.
New_Jersey_2

Detroit
Претседателот Иванов во Детроит: Да се каже Република Македонија не е ни срам ни страв
Понеделник, 24 Септември 2018

Ниеден политичар нема мандат да преговара за идентитетот на еден народ. Мнозинството македонски граѓани не гласале за програма во која е предвидена промена на Уставот на Република Македонија заради промена на уставното име на државата. Па така, ниту актуелната влада не добила мандат од народот ниту од гласачите за промена на идентитетот, за откажување од дијаспората, за губење на историјата и паметењето, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за време на посетата на Македонската Православна Црква „Рождество на Пресвета Богородица" во Детроит.

„Република Македонија е трајна придобивка. Но, со спогодбата со Грција и претстојниот референдум, таа трајна придобивка сега се релативизира. Како да не се сфаќа дека со релативизирање на трајното, ние се релативизираме и како народ. Со оваа спогодба се обидуваат да нѐ понижат, како што ниту еден народ никогаш не бил понижен. Сакаат да нѐ направат недоветни сметајќи дека не знаеме како се викаме", рече претседателот Иванов, кој го повтори ставот дека нема да гласа на референдумот на 30 септември.
detroit_1
„Преродбениците се бореа за слобода од духовното ропство. Револуционерите се бореа за слобода од политичкото ропство. Зарем сега ние, по сите тие жртви ќе влегуваме во ново ропство? Зарем ќе се одрекуваме од слободата да се наречеме според нашето сопствено име. Зарем ќе се стеснуваме да кажеме дека постои Република Македонија, плашејќи ако спомнеме Република Македонија да не навредиме некој. Да се каже Република Македонија не е ни срам ни страв", рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател присуствуваше на литургија и осветување на фрескоживописот во црквата, и ги посети децата од македонско потекло што изучуваат веронаука.

„Кога пишувате, зборувате и творите на македонски јазик, вие активно учествувате во изградбата на нашата идеална татковина. Македонија е татковина на старословенскиот црковен јазик. Наш долг како Македонци е да го чуваме и постојано да го унапредуваме нашиот македонски јазик. Затоа, мој апел до вас денеска е да не го оставите и заборавите македонскиот јазик. Да ги учите вашите деца, да ги поттикнувате вашите блиски, да бидете пример и охрабрување за Македонците во дијаспората, но и во Република Македонија", рече претседателот Иванов пред претставниците на црковната заедница во Детроит.
detroit2

PRM_Predavanje_Detroit_1
Претседателот Иванов одржа предавање на Државниот универзитет Вејн во Детроит
Сабота, 22 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на почетокот на работната посета на САД, одржа предавање на престижниот Државен универзитет Вејн во Детроит.

Најавен како поддржувач на принципите на пазарната економија и политичкиот плурализам, македонскиот претседател говореше на тема: „Раѓањето на нов свет: Предизвици и можности за генерациите Y, Z и Алфа".

Зборувајќи за хиперповрзаноста, за предизвиците и можностите на новите генерации низ призмата на познатите филозофи, претседателот Иванов ги објаснуваше промените во светот, предизвикани од брзиот напредок на технологијата, миграцијата, демогафијата, климатските промени.
a
„Настапува период на пост-демократија. Тоа не е недемократија, туку демократијата ќе влезе во поинаква фаза кога ќе се види дека на неа не делуваат толку тие што ги избираат политичарите, туку спин докторите. Спин доктори се креатори на политиките, програмите и активностите на политичарите", рече претседателот Иванов.

Говорејќи за големата криза од 2008-та година и за причините поради која се случија промени, и во реалноста и во размислувањата, тој посочи дека се загубила етиката и ги охрабри младите да го искористат својот потенцијал, во ова време на хиперповрзаност во дигитално трансформиран свет. Според македонскиот претседател таквиот нов свет на sharing philosophy, block-chain технологии и старт ап бизниси, го создаваат младите дигитални генерации, преку социјалните мрежи.

„Знаењето нема смисла ако не се користи, тоа треба да има апликативна функција, да го примените тоа знаење, да ви користи во животот. Се претпоставува дека едно од тие најтајни учења е дека се што е човекова креација, се што е создадено од човек, без разлика дали е политика, спорт, војна, медицина, култура, сè подлежи на исти четири правила. Ако ги почитувате, секој пат ќе најдете решение за сè. Тие четири златни правила се состојат од четири мудрости: бидете трпелив, учете од другиот, искористете го моментот и четврто, ако сакате да успеете бидете подготвени за жртва", изјави претседателот Иванов.

Пред студентите, македонскиот претседател истакна дека е восхитен од нивната самодоверба, храброст и подготвеност, да бидат социјално активни за бројни прашања, но истовремено им порача да го канализираат уникатниот потенцијал на нивната генерација за достигнување на трајни вредности.

Државниот универзитет Вејн, основан во 1868 година, е меѓу топ 50-те американски државни универзитети за истражувачка дејност. Во рамките на овој универзитет е Мајк Илич Бизнис Школата, која го носи името во чест американскиот бизнисмен со македонско потекло г. Мајк Илич.

За време на престојот во Детроит, на претседателот Иванов ќе му биде врачена наградата Глобален државник, највисоко признание што го доделува Обединетата Македонска Дијаспора. Посетата на македонскиот претседател на САД е по повод учеството на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, каде е предвидено да се обрати на 27 септември.

PRM_Predavanje_Detroit_3

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 2 од 191