Новости
Tribina_Migrantska_Kriza_1
Трибина на тема Мигрантската криза и почитувањето на различноста во Кабинетот на претседателот Иванов
Вторник, 11 Април 2017

Целиот наш живот ќе се соочуваме со миграции. Поради тоа, треба да ги збогатуваме нашите знаења за другите религии, за другите култури, не да се плашиме од нив, туку да комуницираме со нив. Да не веруваме на сето она што продуцира страв, рече Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на денешната трибина „Мигрантската криза и почитувањето на различноста: суштината на пристојната јавна дебата", во организација на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија во соработка со Балканскиот институт за вера и култура.

Оваа трибина се организира во рамките на иницијативата „Духовни дијалози" започната од страна на Претседателот на Република Македонија, а со цел да се даде придонес за реализирањето на целите на Националната стратегија на Република Македонија за Алијансата на цивилизациите, особено во областите на интеркултурниот и меѓурелигискиот дијалог и образованието.

Во своето обраќање, во кое се осврна на хуманитарниот и безбедносниот аспект на мигрантската криза, претседателот Иванов истакна дека „Луѓето ќе треба да се соочат со тоа дека ќе треба да разговараат, да комуницираат и со другиот, различниот, а не само со своите. Тоа значи дека ќе треба да ги збогатуваме нашите знаења за другите религии и култури, да не се плашиме од нив, туку да комуницираме со нив".

Во своето обраќање, претседателот Иванов посочи на традицијата на почит кон различностите, што постои во Република Македонија. „Ние не сме имале традиција да толерираме, туку ја имаме изворно традицијата на почит. Почитувам за да ме почитуваш. Тоа е многу повозвишена филозофија од толеранцијата. Ние не се толерираме, туку се почитуваме. Во текот на историјата тука луѓето се почитувале. Затоа успеале да се одржат сите различни идентитети. Почитувајќи го другиот, се почитуваш и себе. Ако себе не се почитуваш, како ќе го почитуваш другиот? Тие траги останале во нашиот живот и до денес", рече претседателот Иванов.
Tribina_Migrantska_Kriza_2

На трибината како главен говорник се обрати д-р Оз Гинис, еден од најбараните социјални коментатори во САД, кој говорејќи за актуелната мигрантска и бегалска криза, посочи на потребата од вистинска интеграција на различностите.

Тој се осврна на три прашања поврзани со мигрантската криза: човековото достоинство, државната безбедност и националниот идентитет. „Многу земји денес зборуваат за термини како мултикултурализам, политичка коректност итн. Сите зборуваат за различноста, но немаат вистинска различност. Имаат слободи за одредени групи, но немаат постигнато вистинска интеграција. Тоа е една мечкина услуга за разноликоста, бидејќи доведува само до тензии. Поради тоа, ни треба лидерство, храброст и способност да се комуницира, ни треба национално разбирање за тоа што се правата, што се обврските и што е почитта"., рече д-р Гинис, кој е чест говорник и водач на семинари на политички и деловни конференции во Европа и во САД, а се има обраќано пред Британскиот парламент, Конгресот на САД и Кинеската академија за општествени науки.

На трибината учествуваа претставници од надлежните државни, образовни, академски институции но и невладини организации кои активно работат на полето на меѓурелигискиот дијалог, како и претставници на верските заедници.
Tribina_Migrantska_Kriza_3 

romi_4
Република Македонија ќе продолжи да се залага за унапредување на правата на ромската заедница - средба на претседателот Иванов со претставници на политичките партии на Ромите во Република Македонија
Петок, 07 Април 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на Меѓународниот ден на Ромите - 8 април, денеска прими претставници на политичките партии на Ромите во Република Македонија.

Претседателот Иванов честитајќи го 8 април - Меѓународниот ден на Ромите, истакна дека овој ден ја афирмира потребата од поголема поддршка за ромската популација која активно работи на предизвиците со кои се соочува. Во тој контекст, порача претседателот Иванов, Република Македонија ќе продолжи да се залага за унапредување на правата на ромската заедница во македонското општество.

Претставниците на ромските политички партии истакнаа дека голема чест за нив претставува значењето кое претседателот Иванов го придава за правата на ромската заедница во Македонија и порачаа дека Ромите како интегрален дел од македонското општество ќе продолжат активно да партиципираат преку своите партии во политичкиот живот за натамошно унапредување на позицијата на Ромите на централно и на локално ниво.

На средбата беше истакнато дека Република Македонија во европски рамки е лидер во почитување на правата на Ромите, како рамноправна заедница со сите други заедници во Македонија, согласно нивните уставно загарантирани права. Заеднички заклучок е потребата од интензивирање на активностите од приоритетните области кои се дел од Националните акциони планови 2016 - 2020, со цел поефикасно имплементирање на заложбите за рамноправност, развој, интеграција и просперитет на ромската заедница во земјава.

forum_istanbul
Иванов на Евроазиски економски форум во Истанбул: Кризата во Европа е и можност за нови решенија
Среда, 05 Април 2017

Ова е време кога целиот свет се трансформира. Европа и Азија никогаш не биле подобро инфраструктурно, економски, енергетски поврзани. Но, истовремено, Европа и Азија никогаш не биле толку културно и цивилизациски отуѓени, со пораст на ксенофобијата и стравот од различноста, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на свеченото отворање на јубилејниот 20. Евроазискиот економски форум, што се одржува денеска и утре во Истанбул.

На Евроазискиот економски форум кој традиционално се одржува секоја година во Истанбул учествуваат актуелни и поранешни државници, претседатели, премиери, министри, истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедниците од 40-тина држави.

Последните неколку самити беа посветени на темите како мигрантската криза и тероризмот. Годинава Евроазискиот економски форум се одржува на тема „Човештвото на крстосница", а меѓу темите на дискусија ќе бидат и предизвиците со кои се соочува Европската Унија.

Во овој контекст, на свеченото отворање на форумот, претседателот Иванов порача дека Европа останува да биде суперсила на животниот стил. - И, иако оваа суперсила сега е во криза, не смее да се заборави дека кризата е и можност за нови решенија, рече Иванов во обраќањето.

Иванов во поздравниот говор го потенцираше значењето на овој форум. - Со своите теми, дебати и идеи, форумот влијае на политиките на државите бидејќи ги отвора перспективите и ги трасира патиштата за соработка меѓу државите и економиите од Европа и од Азија, порача македонскиот претседател.

Претседателот Иванов утре ќе има свое обраќање на претседателската сесија на форумот. Организатор на Евроазискиот економски форум е Мармара фондацијата, група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток.

forum_istanbul2

Kover
Средба на претседателот Иванов со претседателот на Парламентот на Унгарија, Ласло Ковер
Понеделник, 20 Март 2017

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Будимпешта се сретна со претседателот на унгарскиот Парламент, г. Ласло Ковер. На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Унгарија, особено во контекст на соработката на парламентарно ниво.

Македонскиот претседател оцени дека Унгарија е важен и потврден партнер на Република Македонија и нејзината интеграција во Европската унија и во НАТО.
Тој ја поздрави досегашната соработка меѓу парламентите на двете земји, истакнувајќи дека е во согласност со квалитетот на билатералните односи, и изрази очекување за натамошно унапредување во иднина.

На средбата двајцата соговорници разменија мислења за можностите за продлабочување на соработката и во други сфери од заеднички интерес.

Претседателот Иванов го информираше претседателот на унгарскиот Парламент за причините за политичката криза во Македонија и за можните решенија.

Orban
Неприфатливо е други држави да се мешаат во внатрешните работи на Македонија – средба со унгарскиот премиер Орбан
Понеделник, 20 Март 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Унгарија, оствари средба со премиерот на Унгарија, г. Виктор Орбан.

На средбата претседателот Иванов изрази благодарност за севкупната поддршка што Република Македонија ја добива од Унгарија во однос на нашето уставно име, за предизвиците од илегалната миграција, како и за унгарската иницијатива за осуда на Тиранската платформа на последниот состанок на Европскиот совет.

Воедно, македонскиот претседател го запозна својот соговорник со актуелните состојби во Република Македонија и за можните решенија за излез од кризата и ги повтори добро познатите ставови - или да се отстранат пречките за мандат или да се одржат нови избори.

За Унгарија неприфатливо е други држави да се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија. Нови предвремени избори се единствено исправно решение за излез од политичката криза во Република Македонија, порача унгарскиот премиер Орбан на средбата со претседателот Иванов во Будимпешта.

Премиерот Орбан нагласи дека Унгарија има цврст став против Тиранската платформа и додаде дека стабилноста на ЕУ е невозможна без стабилноста на Република Македонија.

- Македонија ја има и ќе продолжи да ја има поддршката од Унгарија, рече унгарскиот премиер, запознавајќи го претседателот Иванов за неговиот став на Европскиот совет и немањето консензус во однос на прашањето за предизвиците со кои се соочува нашата држава.
Премиерот Орбан нагласи дека ЕУ имаше погрешен пристап кон Република Македонија и додаде дека нашата држава одамна требаше да биде членка на ЕУ и НАТО.

На средбата беше договорено да продолжи соработката и комуникацијата на сите нивоа и по сите прашања од заемен интерес. Се разговараше и за мигрантската криза и беше договорено одличната соработка да продолжи и во наредниот период.

PRM_Ader_01
Иванов-Адер: Благодарност до Унгарија за иницијативата да се отфрли и осуди платформата од Тирана
Понеделник, 20 Март 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Унгарија, оствари средба со претседателот на Унгарија г. Јанош Адер.

Македонскиот претседател на прес-конференцијата со неговиот унгарски колега г. Адер, во Будимпешта, искажа јавна благодарност до Унгарија која покрена иницијатива со барање до Советот на ЕУ да се отфрли и осуди тиранската платформа

На средбата претседателот Иванов и претседателот Адер разговараа за политичката состојба во Република Македонија, како и за можните излези од оваа криза која земјата со години ја држи во заложништво.

Македонскиот претседател, му укажа на неговиот унгарски колега на тоа што досега тој има преземено како претседател на Република Македонија и она што му го овозможува Уставот на Република Македонија.

Во контекст на тоа додаде дека за разлика од уставите на другите држави, нашиот Устав е недоречен и имаме голема уставна празнина за вакви состојби кога не може во првиот обид да се избере влада.

„Особено се усложнува состојбата што сега имаме влијание од друга држава во внатрешните работи во Македонија со изготвување платформа, која е постизборна и која опфаќа прашања што ние сметаме дека досега се затворени со Охридскиот рамковен договор и со Уставот", истакна македонскиот претседател.

Иако, како што рече претседателот Иванов, очекувавме досега да биде осудена и отфрлена таа платформа на туѓа држава која отвора прашања во Македонија досега тоа не е случај и се плашиме дека ова може да биде преседан кој ќе го користат други дражави да вршат притисок, како што се случува во последно време и во некои други земји.

Претседателот Иванов одговарајќи на новинарско прашање посочи дека ургентно е потребно конститутивната седница на Собранието на Република Македонија да биде завршена, да се избере претседател и да  можат активностите кои ги имаме како држава, нормално да се спроведуваат.

Во контекст на тоа порача дека мнозинството треба да се откаже од тиранската платформа за да може да го добие мандатот за да се формира влада која ќе почне да се справи со сите овие предизвици. „Има правни пречки кои би се совладале, доколку заврши конститутивната седница, и има политичка пречка, а тоа е да се отфрли и осуди платформата од Тирана", рече македонскиот претседател.

Унгарскиот претседател г. Адер, пак, рече дека не е во негова наделжност да одговори на прашањето  во врска со решавањето на политичката криза во Македонија, туку  тоа е надлежност на македонскиот Уставен суд.

Тој додаде дека од разговорот заклучил оти македонскиот претседател се стреми за изнаоѓање решение во согласност со неговата заклетва како претседател на Република Македонија и со одредбите на македонскиот Устав и дека само едно такво решение би било прифатливо.
PRM_Ader_001

Двајцата претседатели на средбата разменија мислења и за состојбите во регионот, односите меѓу двете земји, како и за унапредување на соработката во повеќе области меѓу Македонија и Унгарија.

„Досегашната поддршка, пријателството и солидарноста помеѓу Унгарија и Македонија треба да биде пример како една земја членка на ЕУ треба да се однесува со земја која е кандидат за член во Унијата", рече претседателот Иванов.

Унгарскиот претседател истакна дека скоро 10 години на Македонија и се нудат позитивни, но лажни забелешки и ветувања во поглед на евроинтеграцијата. „По лажните и празни ветувања сега е дојдено времето за започнување вистински преговори помеѓу ЕУ и РМ, рече претседателот Адер.

Унгарија, како што посочи, е една од државите кои на Македонија и дадоа безрезервна поддршка и помош за справување со илегалната миграција.

На средбата стана збор и за најавите за втор мигранстки бран и за продолжување на соработката во насока на разрешување со сите предизвици кои можат да се случат во овој период кога се чувствува раздвиженост не само од Блискиот Исток, туку и од Африка кон Европа.

Претседателот Иванов рече дека очекува ЕУ и НАТО внимателно да ја разгледаат реалноста со која се соочува Македонија и нашиот регион и во овие тешки моменти да испратат силна порака за нашата европска и евроатлантска перспектива, а не да ја блокираат Македонија и оваа статус кво состојба со евроинтеграциите во Македонија да предизвикува огромна фрустрираност кај нашето население.
PRM_Ader_02 

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 10 од 173