Новости
Sredba_srpska_zaednica
Средба со потпретседателот на српскиот парламент, амбасадорот на Република Србија и припадници на српската заедница во Македонија по повод Свети Сава
Петок, 27 Јануари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Свети Сава, денеска ги прими потпретседателот на Собранието на Република Србија г. Верољуб Арсиќ, амбасадорот на Република Србија во Република Македонија, г-а Душанка Дивјак – Томиќ и припадници на српската заедница во Република Македонија.

Честитајќи го празникот Свети Сава, македонскиот претседател истакна дека Република Македонија е пример на овие простори како се почитуваат и како се прифаќаат етничките заедници, вклучително и српската. Тој подвлече дека Македонија и Србија имаат долга историска и културна традиција која не може да биде нарушена поради различни ставови по некое прашање и дека онаму каде што постојат различни ставови и мислења треба да се решаваат преку дијалог.

Припадниците на српската заедница во Република Македонија се заблагодарија за приемот како и за континуираната поддршка и соработка со државните институциите во Република Македонија.

На средбата беше заклучено дека и во иднина ќе продолжат да се негуваат меѓусебните односи на Македонија и Србија, во духот на добрососедството и блиската соработка меѓу двата народа.

Veles_Vodici
Претседателот Иванов на одбележување на големиот христијански празник Богојавление - Водици во Велес
Четврток, 19 Јануари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов со сопругата г-ѓа Маја Иванова денеска присуствуваа на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление - Водици во Велес.

Меѓу 49-те православни верници кои денеска влегоа во водите на реката Вардар во Велес, крстот го фати 21-годишниот Влатко Стојанов.

Светиот чин го изврши митрополитот повардарски г. Агатангел во присуство на бројното свештенство и бројните православни верници и граѓани на Велес.

Влатко Стојанов, кој изјави дека прв пат учествува во фаќање на светиот крст, од претседателот Иванов доби подарок македонски крст со охридски рубин. Од митрополитот повардарски г. Агатангел, пак, доби златен крст.

Претседателот Иванов со сопругата г-ѓа Маја Иванова, утрово присуствуваа на богослужбата во црквата „Успение на Пресвета Богородица", со која чиноначалствуваше митрополитот повардарски г. Агатангел, по што се приклучија на литијата од црквата „Успение на Пресвета Богородица" до пешачкиот мост на реката Вардар, каде присуствуваа на чинот на осветување на водите на реката Вардар и на церемонијата на положување на светиот крст.

PRM__izjava_Egipet
Иванов: Неопходна е соработка на нашите безбедносни сили со Египет
Понеделник, 16 Јануари 2017

Неопходна е соработка на нашите безбедносни сили со Египет,  и нашите армиски сили, која досега е извонредна, оцени претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој во Египет учествува на меѓународниот форум посветен на безбедноста во време на екстремизам и насилство.

„Досега имаме навистина исклучителна соработка во сферата на безбедноста, затоа што разменуваме информации и искуства во врска со заканите што ги имаме и Египет и ние. Египет, во неговото опкружување има закани од илегална миграција, нивната армија е на нивната јужна граница, каде ја чува долината на Нил од Рогот на Африка каде милиони луѓе се поттикнати да одат кон Европа", изјави претседателот Иванов,  додавајќи дека армиите на двете земји ја имаат една од клучните улоги.

„Нивната Армија има улога каква што има и нашата Армија. Како што нашата Армија е на нашата јужна граница и го чува коридорот низ долината на реката Вардар, така и нивната армија е во слична позиција", посочи македонскиот претседател во изјавата.

Претседателот Иванов изјави дека според извештаите на ОН, бројот на жители во Африка постојано ќе се зголемува и дека со овие закани ќе се соочуваме и идните години и децении.

„Состојбите во Африка се уште не се стабилизираат, и тоа ќе доведе многу млади луѓе да одат по потрага по среќа, односно ќе се упатуваат кон Европа", изјави претседателот Иванов.

„Македонија како земја ќе продолжи да учествува на вакви форуми и да дава свој придонес, со тоа што ние го имаме како искуство, во справувањето со илегалната миграција и со заканите од екстремни и терористички групи", порача македонскиот претседател.

„Тоа им е неопходно на многу земји, затоа што многу се затекнати од оваа состојба и се уште немаат решение како да се справуваат со сиве овие предизвици", изјави претседателот Иванов, истакнувајќи дека Република Македонија и Египет ја интензивираа соработката во повеќе области од заеднички интерес и дека на средбата со претседателот Ал Сиси, разговарале за унапредување на првната рамка со цел продлабочување на соработката и во областа на туризмот, земјоделието и образованието.

Оваа работна посета, што следи по официјалната посета на македонскиот Претседател на Египет, македонскиот претседател ја оцени како исклучително успешна.

Претседателот Иванов истакна дека целта на ваквите форуми е да се изнаоѓаат заеднички решенија и начини за надминување  за предизвиците и спротивставување на заканите на 21 век со кои се соочуваат сите земји во светот.

bozik_soboren_hram_4
Божикна литургија во Соборниот храм во Скопје
Сабота, 07 Јануари 2017

Претседателот Иванов заедно со сопругата, г-ѓа Маја Иванова, денеска присуствуваа на централното одбележување на Рождеството Христово - Божик во Соборниот храм „Св. Климент Охридски", во Скопје, каде поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, г. г.Стефан чиноначалствуваше Архиерејска Златоустова литургија.

"Сакам да им го честитам овој голем празник на сите граѓани на Република Македонија кои го слават Христовото раѓање - Божик и да им посакам многу здравје, радост и среќа. Посакувам сето она што го имаме овие денови, сета радост, сета добрина и убавина да не следи во текот на целата година. Посакувам да ја споделуваме радоста и да се чувствуваме добри и да го славиме животот. Христос се роди, навистина се роди", истакна претседателот Иванов.

Во семејството Иванови на бадниковата вечер паричката се паднала кај синот Иван.

Badnik_1
Златните славејчиња на Бадник кај семејството Иванови
Петок, 06 Јануари 2017

На Бадник, во пресрет на големиот христијански празник Божик, денеска семејството на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов го посетија децата од хорот „Златно славејче" кои со песната „Вечниот Бог" го најавија Христовото раѓање.

Сопругата на претседателот, г-ѓа Маја Иванова изјави дека како семејство ја даваат нивната целосна поддршка на иницијативата за возобновување на Божикната литија, која, како што истакна на најдостоинствен начин го најавува Христовото раѓање.

- Денес нашиот дом е исполнет со детски џагор, смеа и позитивна енергија и на најдостоинствен начин го одбележуваме Христовото раѓање. Ова се моменти кога секој на секого посакува здравје, среќа, многу љубов, радости, кога сме со нашите семсјтава, со блиските, пријателите. Но, не смееме да заборавиме да бидеме солидарни со оние на кои што им е потребна нашата помош - на изнемоштените и на болните. Сакам на сите православни верници да им посакам преубава Бадникова вечер и да им го честитам големиот христијански празник - Божик. Нека Христовата светлина внесе многу радост, здравје, среќа и успеси во секој дом, порача г-ѓа Иванова.

На децата семејството Иванови им подарија пригодни пакетчиња.

Иницијативата за возобновувањето на старата православна традиција да се слави Бадник со пеење на „Вечниот Бог" потекна од свештенството на МПЦ-ОА. Според Црквата, радува будењето на оваа стара православна традиција, која од година во година зафаќа се поголем број градови и повторно навлегува во нашето секојдневие.

Во Скопје и во уште неколку градови во Македонија денеска се организираат детски бадникарски поворки како предвесник на утрешниот христијански празник Рождеството Христово – Божик. Децата учесници во бадникарските поворки ја пејат песната „Вечниот Бог" и носат пригодно изработени пештери на кои е претставено Рождеството Христово и ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата која ги водела тројцата мудреци до местото каде што бил роден Исус.

Со божикната каланда (песна) „Вечниот Бог", им се објавува доаѓањето на Спасителот во тело. Песната е многу древна, води корени уште од некогашнто Римско царство, што културолошки продолжи да живее кај православните народи кои се негово духовно и цивилизациско наследство. Сведоштво за универзалниот карактер на оваа каланда се бројните нејзини напеви кои се среќаваат од Европа, преку Азија, па сѐ до Африка.

Badnik_2

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 9 од 170