Новости
prm_aliev_4
Иванов - Алијев: Подготвеност за поголема економска соработка меѓу Македонија и Азербејџан
Четврток, 16 Март 2017

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Баку, оствари средба со претседателот на Република Азербејџан г. Илхам Алијев.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Азербејџан. Заедничка констатација на претседателот Иванов и на претседателот Алијев, беше дека односите меѓу двете држави кои ги карактеризира пријателство, континуиран дијалог и разбирање е потребно да се прошират во конкретни области од заеднички интерес.

Во тој контекст македонскиот претседател изрази очекување за унапредување на економската соработка и зголемување на обемот на трговската размена меѓу двете земји, преку потенцијалните можности кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции. Нашата држава, истакна македонскиот претседател стои на располагање за иницирање на директни азербејџански инвестиции во македонското стопанство, преку гасоводни и енергетски проекти, проекти од областа на земјоделството и туризмот. За таа цел, нагласи претседателот Иванов, е  потребно и интензивирање на контактите меѓу бизнис заедниците од двете држави.

Претседателот на Република Азербејџан г. Илхам Алијев  ја прифати поканата од претседателот Иванов за посета на Република Македонија, веднаш по надминувањето на политичката криза во земјава. Притоа го истакна интересот за инвестирање во Република Македонија во проекти за гасификација на земјата и упати покана за приклучување на Македонија кон азербејџанските гасоводни проекти кон кои веќе се приклучени балканските држави.

На средбата беа разменети информации и за состојбите во регионот на Југоисточна Европа и во Каспискиот регион, како и за актуелностите во врска со мигрантската и бегалската криза, и беше нагласена неопходноста за продолжување и интензивирање на соработката на безбедносен план, и за продолжување на соработката и меѓусебната поддршка на мултилатерален план.

Претседателот Иванов го запозна претседателот Алијев и за предизвиците со кои се соочуваат македонските компании од фармацевтскиот сектор во соработката со Азербејџан, и апелираше да се разгледаат можностите за надминување на истите.

Претседателот Иванов во Азербејџан учествува на 5.Глобален Баку Форум каде се обрати на претседателската сесија на тема „Иднината на меѓународните односи: моќ и интереси". На глобалниот форум учествуваат над 100 актуелни и поранешни претседатели, премиери и министри, дипломати, голем број истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, универзитетски професори, како и претставници на Програмата за млади лидери на Глобалниот форум.

Baku_8
Иванов: Македонија е пример за двојните стандарди и лицемерието на сегашниот меѓународен поредок
Четврток, 16 Март 2017

Двојните стандарди на либералниот поредок нам ни го оспориja правото на идентитет, но и правото на просперитет, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во своето обраќање на 5. Глобален Баку форум кој се одржува денеска и утре во Баку, Азербејџан.

Говорејќи за иднината на меѓународните односи, низ призма на геополитиката и географијата, претседателот Иванов го посочи парадоксот со кој се соочува Македонија во однос на либералниот поредок и поривот за слобода. Претседателот Иванов истакна дека Македонската независност пред 26 години започна со славење на политичкиот либерализам и на либералниот поредок, а идејата за слобода имаше моќ да го трансформира нашето општество. Македонија стана предводник на европската и на евроатлантската интеграција на регионот, но сепак се соочи со голем парадокс, рече претседателот Иванов,.

„Македонија е случај на колапс на либералниот поредок по Втората светска војна. Македонија е единствена земја, што во ООН нема право на сопствен идентитет. И се оспорува правото на самоидентификација, основното право на секој поединец и на секоја држава во меѓународниот поредок. На Македонија и е скратено правото на просперитет. И се блокираат нејзините НАТО и евро интеграции. Тоа го покажува лицермерието на овој меѓународен поредок со двојните стандарди. Затоа на случајот Македонија колабира светскиот поредок и меѓународниот поредок", порача претседателот Иванов.

Сепак, дополни  претседателот Иванов, поредокот е во криза, а не самата идеја на слободата, прашувајќи дали оваа нестабилност е само епизода што ќе помине или дефинирачки момент во историјата на светот.

„ Во услови на криза, има само две идеи кои можат да ги мобилизираат луѓето – надеж и страв. Денес, надежта е сè поретка. А колку помалку надеж, толку повеќе страв, посочи македонскиот претседател во обраќањето.

Говорејќи за Европа, претседателот Иванов посочи дека нејзината иднината треба да се гледа како период на трансформација и подготовка за предизвиците во третиот милениум.

„ Денес, кога на европската политичка сцена повторно се јавува левиот и десниот популизам, ксенофобијата, исламофобијата, исклучивоста, границите,  треба повторно да се понуди нова идеја. Ова е време за пресоздавање на Европа – метаморфоза на Европа", истакна македонскиот претседател.

На Глобалниот Баку форум, во организација на  меѓународниот центар „Низами Ганџави" учествуваат над 100 актуелни и поранешни претседатели, премиери и министри, голем број истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, како и претставници на Програмата за млади лидери на Глобалниот форум. Иднината на Европа, улогата на Кина во меѓународните односи, односите меѓу Русија и Западот, предизвиците во справување со модерниот тероризам, се дел од темите на кои дискутираат светските лидери во Баку.
Baku_1 

PRM_Panihida_1
Претседателот Иванов на панихида за загинатите македонски бранители: Нивната жртва и дело нема да бидат заборавени
Сабота, 25 Февруари 2017

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили на АРМ, д-р Ѓорге Иванов, денеска во манастирот „ Св. Јоаким Осоговски„ кај Крива Паланка, присуствуваше на панихида за сите загинати бранители на Република Македонија од воениот конфликт во 2001 година и од настаните од мај 2015 во Куманово.

Во својот говор претседателот Иванов, истакна дека настанот се одржува пред големиот христијански празник, Прочка, кој во духот на христијанството и на нашите предци не учи да простуваме. Мора да простуваме, рече претседателот Иванов, но не и да заборавиме за што ги положија своите животи овие млади луѓе.

„Тука сме да им оддадеме почит на бранителите, но и на нивните најблиски,зашто тагата треба да се сподели, но и да им кажеме дека нивната жртва и дело нема да бидат заборавени. Овде има и инвалиди, повредени, велам, раните на телото зараснуваат, но раните на душата, никогаш. Затоа овој настан ќе прерасне во традиција за да сите идни млади поколенија  знаат дека за ова што денес го имаме некој го дал животот“, рече македонскиот претседател.

Јохан Тарчуловски рече дека денешниот собир е оддавање почит на сите бранители, но и порака до цела Македонија дека тие жртви не биле залудни.

„Има кој мисли на татковината, има Македонци патриоти чесни, кои до последна капка крв ќе се борат оваа држава да остане таква каква што е, зашто нашите предци ни ја оставиле во аманет и наша чест и одговорност е да ја браниме таа татковина. Оав не е никаква политика, не е ниту ВМРО, ниту СДСМ, ова е чиста одбрана на  татковината. Никој не може да ја погази вољата на народот, а народот сака унитарна држава, со еден и единствен јазик, Македонски“, рече Тарчлуловски.

На панихидата со која чиноначалствуваше намесникoт на Кривопаланечкото архиерејско намесништво, Александар Смиљков, присуствуваа и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, Слаѓана Митовска, пратеник во Собранието на РМ, градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски, претставници на МВР, политички партии, воени инвалиди од конфликтот во 2001, членови на семејствата на бранителите и бројни граѓани.

Настанот е во организација на Здружението на воените инвалиди „Бранител 2001", но присуствуваа членови на сите здруженија  на бранители до државата.

Во конфликтот од 2001 година загинаа 135 бранители, а во настаните од мај 2015 во Куманово осуммина ги положија животите за татковината.
PRM_Panihida_2 

Sveti_trifun1
Претседателот Иванов на закројување винова лоза во Демир Капија
Вторник, 14 Февруари 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р  Ѓорге Иванов денеска ја посети Демир Капија каде што по повод одбележувањето на православниот празник Свети Трифун присуствуваше на традиционалната прослава и симболичното закројување на винова лоза.

Обраќајќи се пред присутните и честитајќи го верскиот празник Свети Трифун, претседателот Иванов на лозарите и винарите им посака бериќетна година.

„ Во духот на нашата традиција, Свети Трифун е денот кога лозарите ги закројуваат лозјата и посакуваат годината да биде родна и благородна, а целиот труд и целата мака да бидат наградени наесен, кога ќе се собере грозјето. Затоа, на сите лозари им посакувам голем берикет, а на винарите квалитет. Посакувам нашето грозје и нашето вино да биде што поприсутно, како на домашните, така и на странските трпези. Посакувам многу повеќе туристи да доаѓаат и да ги посетуваат нашите винарии, а винскиот туризам да се развива во Македонија", рече претседателот Иванов.

Градоначалникот на општина Демир Капија, Трајче Димитриев истакна дека интересот за манифестацијата со која се одбележува празникот Свети Трифун континуирано расте.

Sveti_Trifun_2„ Демир Капија е мало, но убаво место кое од сите страни е заобиколено со прекрасна природа и претставува вистинска атракција, како за домашните, така и за странските туристи. Во последниве години бројот на туристи и посетители на нашиот град е евидентно зголемен. Во таа насока општина Демир Капија неуморно и континуирано работи на проекти за подобрување на инфраструктурата на градот и проекти коишто ќе придонесат за локалниот и економскиот развој на нашата општина. Реализацијата на вакви големи проекти не би била возможна без поддршка од нашите донатори, меѓу кои особено е значајна поддршката што ја добиваме од Владата на Република Македонија и од европските фондови", рече градоначалникот Димитриев.

Пред присутните на прославата по повод празникот Свети Трифун се обрати и евроамбасадорот Самуел Жбогар.

„ Градоначалникот спомена за неколку проекти што ги правиме заедно, Европската унија и општината. Само што ја посетив делницата од автопатот што ќе биде отворена оваа година. Исто така работиме на реконструкција на општинската зграда. Значи, има многу проекти на кои работиме заедно. Многу ја цениме соработката со општината и со нетрпение ја очекуваме реализацијата на сите идни заеднички проекти. ЕУ е тука за вас", рече амбасадорот Жбогар.

На прославата во Демир Капија присуствуваше и амбасадорката на Кина во Македонија, Јин Ликсијан.

zname_1
Свечено менување на државното знаме во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија
Петок, 10 Февруари 2017
vevcani_diplomati_01
Претседателот Иванов и дипломатскиот кор во посета на Вевчани
Сабота, 28 Јануари 2017

Претставниците на дипломатскиот кор, воените аташеа, претставници на меѓународни организации и почесните конзули во Република Македонија во рамки на традиционалниот прием што по повод новогодишните празници го организира Претседателот на Република Македонија д-р Горѓе Иванов, денеска ја посетија општина Вевчани.

Во рамки на посетата на општината дипломатите ги посетија вевчанските извори и црквата „Свети Никола", како дел од богатото културно-историско наследство на Дримколскиот крај.

„Ова е мошне добра и плодотворна иницијатива на претседателот да организира вакви годишни средби и тоа надвор од главниот град. Тоа за нас е можност да посетиме други места, градови во земјата. Две години сум тука како амбасадор и првпат доаѓам во Вевчани, што само е потврда дека на овој начин не само што имам можност да запознаам нешто повеќе за убавините на Македонија, туку и дека ваквите активности се во насока на дополнителна промоција на туристичките потенцијали на Македонија", изјави г. Јацек Мултановски, амбасадорот на Република Полска во Македонија.

Според Шефот на Мисијата на ЕУ во Скопје, г. Самуел Жбогар, шеф, ова е одлична иницијатива на претседателот Иванов за вакви средби надвор од Скопје.

„На некој начин не тера да излеземе од главниот град и да ја видиме земјата, да ја запознаеме и да ја засакаме. Не само што имаме можност да прошетаме и да ги видиме убавините на Вевчани, културно-историското наследство, но и да се сретнеме да разговараме со нашите колеги во малку порелаксирана амосфера, што секако ни помага во подобрување на нашите односи во контекст на нашите работни обврски тука", рече Жбогар.

Градоначалникот на општината г. Цветомир Угриновски изрази задоволство што оваа година претседателот Иванов и дипломатскиот кор се во посета на Вевчани. Тој истакна дека ова е одлична можност гостите да се запознаат со перспективите за развој на општината во областа на туризмот.

Изминатите години, покрај Струга, дипломатскиот прием беше приреден и во Крушево, Гевгелија,  Берово и во Битола.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 8 од 170