Новости
iftar_vodno_11
Претседателот Иванов приреди ифтарска вечера по повод светиот муслимански месец Рамазан
Среда, 21 Јуни 2017

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов вечерва приреди ифтарска вечера по повод светиот муслимански месец Рамазан.

Македонскиот претседател обраќајќи се пред присутните гости – поглаварот на Исламската верска заедница, Реис–ул–улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, муфтии, претставници на јавниот и на политичкиот живот, како и претставници на бизнис заедницата и граѓанскиот сектор, истакна дека во Република Македонија отсекогаш се почитувале и се споделувале  верските традиции и обичаи.

„Рамазан е посебен период не само за муслиманите туку и за сите останати припадници на другите религии кои живеат во нашата Република Македонија. Отсекогаш на овие простори се почитувале и се споделувале верските традиции и обичаи. Ние не живееме едни покрај други, туку едни со други постојано соочувајќи се со различните верски идентитети и прифаќајќи ги како такви", рече во обраќањето македонскиот претседател.

Претседателот Иванов порача дека во време на постојани предизвици, закани, на геостратешки промени и процеси нашата традиција на соживот не смееме да ја заборавиме. „Тоа е традиција на почитување и прифаќање на различноста. Оваа традиција е наша сегашност и иднина", истакна македонскиот претседател,

Честитајќи го светиот муслимански месец, претседателот Иванов посочи дека Рамазан е месец посветен на благородни дела, на мисла ослободена од себе и нашите потреби и насочена на нашите соседи, роднини и пријатели.

„Во овие мигови на празнување посакувам кај сите верници од исламската вероисповед да преовладува чувството на мир, љубов, и меѓусебно разбирање. Да преовладуваат вредностите кои ги зближуваат и поврзуваат, а не ги разделуваат и отуѓуваат луѓето и народите", порача македонскиот претседател на ифтарската вечера,  посакувајќи преостанатите рамазански денови да им бидат исполнети со среќа, бериќет и радост.

Поглаварот на Исламската верска заедница, Реис–ул–улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи му се заблагодари на претседателот Иванов за приредената ифтарска вечера поздравувајќи го овој потег на Претседателот како чин кој придонесува кон зголемување на меѓусебната почит, толеранција и разбирање помеѓу граѓаните на Република Македонија.

iftar_vodno_10

prm_penzioneri_01
Прием на претставници од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија
Среда, 21 Јуни 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска прими претставници од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.

Претставниците на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија го информираа претседателот Иванов за предизвиците со коишто се соочуваат, како и за постигнатите резултати во однос на подобрување на животниот стандард на пензионерите во Република Македонија.

Македонскиот претседател изрази поддршка за активностите на пензионерите како во рамките на домот и семејството, така и во пошироката заедница, и нагласи дека преку нивното учество во голем број иницијативи, со своето знаење, искуство и интелектуален капацитет, даваат значаен придонес во општествените текови.

На средбата, претседателот на Сојузот, г. Драги Аргировски, му додели плакета на претседателот Иванов, во знак на благодарност за поддршката во активностите и афирмирањето на статусот на пензионерите во Република Македонија, како и монографија подготвена по повод 70 години од основањето на Сојузот како самостојна и автономна организација.

inzinerski_prsten
Доделено признанието „Инженерски прстен 2017“ на најдобрите дипломирани студенти на техничките факултети
Вторник, 06 Јуни 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на свеченост одржана во манастирскиот комплекс „Свети Наум" го додели признанието „Инженерски прстен 2017" на најуспешните дипломирани студенти на техничките факултети во Република Македонија.

Во обраќањето пред присутните претседателот Иванов истакна дека му претставува чест што е тука со лауреатите, на брегот на Охридското Езеро каде по 14-ти пат се доделуваат инженерските прстени, на местото каде нашите претци оставиле творби, градби и учења на кои се восхитувале многу генерации.

- Доделувањето на прстенот не е признание само за постигнатото, не е тоа признание за се што од што сте се откажале за сиот вложен труд, за сета мака да бидете најдобри. Прстенот е и обврска, Ве обврзува да нудите решенија, да проектирате, градите, творите создавате и за разлика од професорите кои постојано прашуваа зошто, сега Вие треба да одговорите како, дали како да се изгради мост, пруга или дело што ќе го олесни животот на сите нас кои живееме на овој простор, рече претседателот Иванов.

Тој им посака на најдобрите дипломци по примерот на ракометарите на „Вардар" да бидат шампиони во своите области, со своите дела, креации, иновации.

- Посакувам да се шири успехот што го постигнувате, вашите блиски да се радуваат, посакувам како што имаме успешни поединци да имаме и се повеќе успеси на кои ќе се радуваме и обединуваме. На Макединија и требаат успеси, затоа бидете уште поуспешни, гледајте нагоре, достигнете ги врвовите во вашите знаења, да ја градиме Македонија во височина, со највисоки стандарди, принципи, критериуми. Вие како најдобри бидете позитивен пример за вашата генерација, бидете мотивација и инспирација за другите, рече претседателот Иванов.

Во име на наградените дипломци благодарност упати Моника Стојанова, првенец на Факултетот за земјоделство, која истакна дека престижната награда претставува голема чест, задоволство но и лична и општествена одговорност.

- Нам како најдобро дипломирани студенти ни доаѓа времето кога наученото треба да го примениме и имплементираме во сопствената татковина. Сигурни сме дека во себе го имаме почетокот на вистинскиот потенцијал кој ќе ги развиваме и надградуваме при секоја понудена можност, притоа не дозоволувајќи општествените прилики да ни ја разнишаат мотивацијата и да го засенат напиот потенцијал, бидејќи амбицијата и упорноста се нашето оружје за остварување нови цели и преминување преку трнливите патеки низ науката, рече Стојанова.

Таа додаде дека наградите „Инженерски прстен" се потврда за нешто веќе остварено, постигнат резултат, за ефективен труд или за освојување на замисленото.

- Токму затоа наградата е причина повеќе за уште повеќе самодоверба, енергија за освојување нов пиедестал и поттик за разгорување на искрата на секој од нас, за создавање нови и иновативни инженерски дела, истакна Стојанова.

Традиционалната манифестација „Инженерски прстен" која е во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, а под покровителство на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, претставува поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји.

izjava_1
Претседателот Иванов: Да се врати моќта на ЕУ да ги трансформира општествата на доброволен начин
Сабота, 03 Јуни 2017

Балканскиот регион мора да се врати на европската агенда и да се врати моќта на ЕУ да ги трансформира општествата на доброволен начин, изјави претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по состанокот со лидерите на „Брдо- Бриони процесот" што се одржува во Брдо кај Крањ во Словенија.

„Таа енергија мора да се врати и во целиот регион да профункционира амбиент во кој ќе се гледа во иднината, а не постојано да се навраќаме кон минатото", рече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов посочи дека Брдо-Бриони процесот е исклучително важен собир на претседателите од регионот кој се одржува веќе петта година. Оваа година во септември домаќин требаше да биде Македонија, но како што рече претседателот Иванов, поради нашите внатрешни околности самитот се одржува во Словенија.

„Македонија ќе биде домаќин идната 2018 година за да се совпадне кога Бугарија ќе биде претседавач со ЕУ и да можеме сите регионални прашања да ги разгледуваме со претседавач од регионот", изјави претседателот Иванов.

Гостин на годинешниот Самит беше германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер кој, како што рече претседателот Иванов, можел одблизу да се запознае со состојбите во регионот и да ја види реалноста.

„Имаше навистина отворена дебата за сите предизвици во регионот. Не само што Европа е загрижена за регионот, туку и регионот е загрижен за иднината на Европската унија, бидејќи и самата таа е со големи предизвици во овој период", рече македонскиот претседател.

Претседателот Иванов нагласи дека посетата на Штајнмаер е сигнал до регионот дека останува високо на агендата на ЕУ, но дека и ние самите мора да ги затвораме отворените прашања и да наоѓаме самите решенија.

„отворање на многу прашања од минатото. Затоа поттикот и неговата искрена намера ЕУ повторно да се посвети на регионот и ги отвори европските перспективи е силна порака", изјави претседателот Иванов.

Според македонскиот претседател, добро е тоа што германскиот претседател ги слушнал од самите претседатели од целиот регион нивните видувања и концепти како да се затвораат сите отворени прашања.

„Бев отворен и искрен за сето тоа што го доживеавме откако сме кандидат. Веќе имаме девет препораки и извештаи, а се уште не сме добиле датум за почеток на преговорите. Македонија не бара ништо како подарок, туку бара тоа што и припаѓа и ЕУ мора да разговара со нејзината земја членка. Како земја се соочуваме перманентно со кризи затоа што ни се одзема европската перспектива, наместо да се трошиме на исполнување на европски стандарди ние се бавиме со самите себе", изјави претседателотИванов.

vucik_2
Иванов - Вучиќ: ЕУ да направи јасен исчекор во европерспективата на регионот
Сабота, 03 Јуни 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со новоизбраниот претседател на Република Србија Александар Вучиќ, во рамки на учеството на „Брдо-Бриони" процесот во Брдо кај Крањ.

На средбата, двајцата претседатели разговараа за градењето на добрососедските односи, за регионалната стабилност и соработка, како и за интегрирањето во Европската унија, констатирајќи дека овие области се надворешно политички цели и приоритети и за Република Македонија и за Република Србија.

Претседателот Иванов му упати честитки на српскиот претседател и му посака успех во извршувањето на претседателската функција, изразувајќи надеж дека во иднина заеднички ќе придонесат за уште поуспешна и поплодна соработка на сите полиња од взаемен интерес на двете земји.

Македонскиот претседател истакна дека е неопходно Европската унија да го промени својот пристап кон регионот, и да направи јасен и конкретен исчекор во европерспективата и интегративните процеси кон државите од Балканот, бидејќи само на тој начин може да се зголеми регионалната стабилност и да се намалат предизвиците и тензиите кои моментално постојат.

Понекогаш се појавуваат одредени прашања, недоразбирања во односите меѓу двете земји, кои на ниеден начин не можат и нема да влијаат на апсолутно приоритетната цел, негување и градење на најдобри можни добрососедски односи и соработка во сите сфери. Такво едно прашање се појави неодамна поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија, за што двајцата претседатели се согласија дека „решението е во надлежност на службите".

Двајцата соговорници се заложија за натамошен развој на пријателството и соработката меѓу двете држави кои споделуваат идентична визија за заедничка иднина во ЕУ, за стабилност и просперитет на регионот, што ќе се оствари со интегративните процеси и со зајакната регионална соработка.

pahor_1
Иванов-Пахор: Потребно е намалување на тензиите и промена на реториката која постои на Балканот
Сабота, 03 Јуни 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со словенечкиот колега Борут Пахор во рамки на учеството на состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони" процесот кој се одржува во Брдо кај Крањ.

Двајцата претседатели разговараа за продолжување на регионалната соработка, за активностите во рамките на учеството на Брдо-Бриони и улогата на Словенија во овој процес.

Македонскиот претседател ја поздрави иницијативноста и ангажманот на претседателот Пахор во насока на зголемување на регионалната соработка и искажа благодарност за поддршката која Република Словенија и ја дава на Република Македонија на евроинтеграцискиот пат.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации и за актуелните состојби и евроатлантските перспективи на регионот.

Претседателот Иванов истакна дека реториката која во последно време се повеќе е присутна во нашиот регион, не води кон зголемување на мирот и стабилноста, туку е својствена за некои минати времиња и ретроградно влијае на евроатлантските процеси и регионалната соработка.

„ Потребно е намалување на тензиите и зголемување на дијалогот и меѓусебната доверба, бидејќи само на тој начин ќе можеме да ги решаваме предизвиците и проблемите кои се заеднички за целиот регион", нагласи претседателот Иванов на средбата со својот словенечки колега.

Во однос на македонските евроатлантски интеграции, претседателот Иванов нагласи дека отворањето на поглавјата 23 и 24 во преговорите ќе го дадат неопходниот поттик за интензивирање на реформските процеси во Македонија и позитивно ќе влијаат врз целокупната општествена атмосфера.

„Затоа потребно е час поскоро ЕУ да го промени својот однос кон проширувањето и евроинтегративниот процес на Република Македонија", рече претседателот Иванов.

На средбата беа констатирани одличните билатерални односи меѓу Македонија и Словенија кои се развиваат во духот на пријателството, взаемното разбирање и доверба, и се нагласи потребата од натамошна блиска соработка во однос на мигрантската и бегалската криза преку соработка во областа на безбедноста и разузнавањето.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 6 од 173