Новости
ZeniVoEnergetikata
Прием на претставници од организациониот одбор на конференцијата „Жени во енергетиката"
Среда, 06 Јуни 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими организаторите и дел од учесниците на конференцијата „Жени во енергетиката", која е во организација на Асоцијацијата на здруженија на инженери-Инженерска институција на Македонија и „ЕВН Македонија".

На средбата беше разговарано за целите на конференцијата, за подигањето на свеста за важноста на рамноправната застапеност на жените во енергетскиот сектор, идентикувањето стратегии и програми кои ќе придонесат кон родов баланс.

Претседателот Иванов го поздрави одржувањето на конференцијата истакнувајќи дека ваквите настани ќе ги охрабрат жените, особено младите девојки кои се на почеток на своите кариери, преку својот личен успех во областа на енергетиката, да придонесат во унапредувањето на оваа област во земјава.

Присутните организатори и учесници на средбата го информираа претседателот Иванов за значењето на конференцијата која што претставува плафторма за размена на знаења и искуства меѓу лидерите и професионалците од енергетиката, образованието и државните институции, а преку успешни приказни на жени-инженери се мотивираат младите да постигнат успех и напредок во кариерата.

На конференцијата учествуваа претставници од универзитети, бизнис заедницата, меѓународни и регионални организации, државни институции и професионални организации од 12 земји членки на Централно Европската Иницијатива кои што работат во енергетскиот сектор.

Ucenici_OOU_Koco_Racin
Претседателот Иванов ги прими учениците од ООУ „Кочо Рацин“ од Скопје коишто спасија човечки живот
Петок, 01 Јуни 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими учениците од основното училиште „Кочо Рацин“ од Скопје, коишто неодамна укажувајќи прва помош, спасија човечки живот.

Учениците ја раскажаа својата спасувачка приказна за немилиот настан, кој благодарение на нивната обука од часовите за прва помош, не заврши со фатални последици. Седмоодделенците Ведран Лауренчиќ, Петар Тодоровски и осмооделенката Мила Кочевска, возејќи се во автобус забележале дека еден од патниците што седел во нивна близина се соочува со сериозни здравствени потешкотии. Учениците веднаш реагирале и укажувајќи му прва помош, успеале да му го спасат животот.

Претседателот Иванов ги пофали учениците за нивниот хуман и несебичен гест и рече дека тоа е позитивен пример коишто треба да го следиме сите. На приемот во претседателскиот Кабинет во Вила Водно, присуствуваа и осмооделенките Софија Стојменова, Нена Гиевска и Марија Гавриловиќ, коишто исто така се дел од екипата на ООУ „Кочо Рацин“ - учесници на натпреварите по прва помош на Црвениот крст.

PRM-FR
Средба со г-ѓа Женевиев Дариесек, Државен секретар во Министерството за вооружени сили на Француската Република
Четврток, 31 Мај 2018
NBRM
Средба со г-ѓа Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на НБРМ и г. Димитар Богов, досегашен гувернер на НБРМ
Среда, 23 Мај 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими г-ѓа Анита Ангеловска-Бежоска, Гувернер на Народната банка на Република Македонија и г. Димитар Богов, досегашен гувернер на НБРМ.

Претседателот Иванов на г-ѓа Ангеловска-Бежоска и го честиташе нејзиното именување за гувернер на Народната банка на Република Македонија, посакувајќи и успех во работата.

„Водењето на монетарната политика и севкупното централнобанкарско работење во нашата држава, во континуитет е позитивно оценувано во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија. Имајќи ја во предвид вашата професионална биографија и досегашно работно искуство, уверен сум дека ќе продолжи континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика на Република Македонија", рече претседателот Иванов на средбата.

Во оваа прилика, претседателот Иванов му се заблагодари на г. Богов за успешното водење на НБРМ во изминатите седум години, оценувајќи дека со неговиот ангажман даде значаен придонес во исполнувањето на предвидените цели и задачи на Народната банка.

„Со вашата работа, дадовте значаен придонес во водењето на монетарната политика, постигнувањето и одржувањето на ценовната стабилност, во одржувањето на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем и во поддршката на општата економска политика, во согласност со принципот на отворена пазарна економија. Верувам дека со вашето професионално искуство ќе продолжите да давате натамошен значаен придонес во интерес на Република Македонија", рече претседателот Иванов на средбата.

Гувернерот Ангеловска-Бежоска се заблагодари на претседателот Иванов за дадената доверба и изрази очекување дека по превземањето на функцијата од г. Богов ќе продолжи континуитетот на успешно управување и функционирање на Народната банка.

На средбата г. Богов му се заблагодари на претседателот Иванов за дадената доверба, поддршката и успешната соработка во изминатите седум години.

izlozba_1
Иванов: Наша должност е да го негуваме наследството на светите Кирил и Методиј
Вторник, 22 Мај 2018

Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација и денес се основни универзални и европски човечки вредности. Јас денес го говорам македонскиот јазик, исто како што нашите словачки пријатели го говорат словачкиот јазик, благодарение на светите Кирил и Методиј, истакна претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на отворањето на изложбата „По трагите на светите Кирил и Методиј" на словачкиот автор Павол Демеш, а во организација на Амбасадата на Република Словачка.

- Битката на светите Кирил и Методиј беше да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и пренесуваат својата култура, традиција, сами да ја пишуваат својата историја, порача во обраќањето претседателот Иванов.

Духовното стебло на светите Кирил и Методиј, додаде македонскиот претседател, е богатството на Европа кое денес го именуваме како единство во различноста.

izlozba_2- Без тоа словенско стебло денес ќе имавме една интелектуално и духовно посиромашна Европа. Затоа, должност на нашата генерација е да го негуваме и афирмираме тоа наследство, благодарение на кое ние денес имаме наш светоглед, наша посебност и идентитет, рече во обраќањето претседателот Иванов.

Изложбата е по повод 1155-годишнината од доаѓањето на солунските браќа на територијата на Велика Моравија, предците на Словаците и Чесите, и 25-годишнината од осамостојувањето на Република Словачка. Изложбата претставува фотографска биографија на солунските браќа, заштитниците на Европа, на која авторот работел три години. Станува збор за избор фотографии, којшто треба да покаже кои биле Кирил и Методиј, и воедно, зошто се толку важни за словенските народи. Изложбата опфаќа и споменици од најразлични земји, зачувани од времето на светите Кирил и Методиј или кои им се посветени ним.

Павол Демеш е експерт за надворешна политика и граѓанско општество. Живее во Братислава. Активно фотографира, а неговите фотографии повеќе пати беа изложени и презентирани во Словачка, како и во странство

izlozba_3

grupna_2
Претседателот Иванов прими учесници на Меѓународната научна манифестација „Македонистички денови во МАНУ“
Четврток, 17 Мај 2018


Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска прими дел од учесниците на Меѓународната научна манифестација „Македонистички денови во МАНУ", што се одржува во Македонската академија на науките и уметностите.

На средбата присуствуваа проф. д-р Марјан Марковиќ, организатор на конференцијата и член на МАНУ, истакнат лингвист, македонист, славист и балканист, проф. д-р Мотоки Номачи, славист од Јапонија, проф. д-р Кристина Крамер, македонист од Универзитетот во Торонто, проф. д-р Јан Соколовски, од Универзитетот Вроцлав од Полска, и проф.д-р Татјана Вендина, која го води престижниот проект Општословенски лингвистички атлас при Меѓународниот комитет за славистика.

Професорот Марковиќ информираше за проектот на МАНУ „Дигитални ресурси на македонскиот јазик" (http://drmj.manu.edu.mk/). Професорите Крамер и Соколовски информираа за зголемениот интерес за учење на македонскиот јазик во Канада и Полска. Јапонскиот професор Мотоки Номачи, на средбата со претседателот Иванов ги сподели неговите погледи и досегашната научна работа за македонскиот книжевен јазик, како и патешествието за изгубената граматика, за која професорот говореше на денешната научната манифестација во МАНУ. Јапонскиот професор Номачи во Градскиот архив на Москва ја пронашол Граматиката на македонскиот јазик, напишана во 1946-47 година од рускиот професор Самуил Борисович Бернштејн, а нарачана од Президиумот на АСНОМ, дело кое никогаш не било објавено и се сметало за исчезнато 70 години.

На средбата со славистите, претседателот Иванов ја истакна важноста на работата на македонистите и им се заблагодари за нивниот голем придонес во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик.

„Научниот пристап и систематско проучување на македонскиот јазик се од непроценлива важност за севкупната негова афирмација, особено во време на непринципиелни обиди за негово преименување", рече претседателот Иванов на средбата.

Македонскиот претседател истакна дека јазикот е темел на идентитетот на секој народ и неговото негирање претставува удар за основните човекови права и достоинството. Во тој контекст, претседателот Иванов истакна дека македонскиот јазик како официјален јазик на државата претставува lingua franga, израз на единството на нашата држава, и основен комуникациски код што ги поврзува и обединува сите сегменти на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 5 од 189