Новости
Slovacka1
Претседателот Иванов на манифестацијата „Денови на Св. Кирил и Методиј“ во Словачка
Четврток, 05 Јули 2018

Народите без писменост неповратно исчезнале во историјата. Благодарение на светите Кирил и Методиј, Македонскиот и Словачкиот народ не само што опстанаа, туку, со својот светоглед, посебност и идентитет го збогатуваат Европскиот културен простор. Јас денес го говорам мојот мајчин македонски јазик исто како што вие го говорите вашиот милозвучен словачки јазик благодарение на светите Кирил и Методиј, порача Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на традиционалната манифестацијата „Денови на Св. Кирил и Методиј" што се одржува во Терхова, Република Словачка.

Денот на Сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј - 5 Јули, Словачката Република го прославува како државен празник.

Годинешната манифестација „Денови на Св. Кирил и Методиј", во чии рамки се организираат повеќе културно-историски и духовни настани, е посветена на десетгодишнината од основањето на Епархијата на Жилина, чии заштитници се Св. Кирил и Методиј.

Говорејќи за светите браќа, македонскиот претседател посочи дека тие не се само словенски апостоли, туку и копокровители и патрони на цела Европа, без кои Европа ќе беше духовно, културно и цивилизациски сиромашна.

- Пред 12 века, врз основа на старословенскиот говор од Македонија, тие ја составиле азбуката наречена глаголица. Со глаголицата, тие го трансформирале старословенскиот јазик во првиот пишан јазик на словенските земји. А потоа, со тој пишан јазик успеале да го ослободат огромниот духовен, интелектуален, културен и креативен потенцијал на словенските народи, рече претседателот Иванов во обраќањето.

Претседателот Иванов истакна дека светите браќа Кирил и Методиј оставија комуникациски код што поврзува не само генерации, туку и цели народи и држави.

- Код низ кој продолжуваме да ги градиме и унапредуваме одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Словачка, онака, како што им доликува на пријателски држави и народи, порача македонскиот претседател.

Во рамки на одбелжувањето, претседателот Иванов присуствуваше и на свечена литургија во катедралата Св. Кирил и Методиј – Брдо Оравцове, што претставува најголем храм во Словачката Република посветен на Сесловенските просветители. Во рамки на манифестацијата на претседателот Иванов му беше врачено признание од општината Терхова. Терхова во Жилина, е местото каде што во древната Велика Моравија, Светите Кирил и Методиј ја извршиле својата четврта просветителска мисија.

За време на престојот во Словачката Република, претседателот Иванов оствари средби со градоначалникот на Општина Терхова, г. Јозеф Давидик, со претседателката на Жилинскиот самоуправен регион, г-ѓа Ерика Јуринова и со Бискупот на Нитра, Мон. Вилјам Јудак.

Slovacka2

zdruzenie_egejci
Прием на делегација од Сојузот на здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија - „Македон"
Четврток, 28 Јуни 2018
inzinjerski_prsten_13
Претседателот Иванов го додели признанието „Инженерски прстен 2018“ на најдобрите дипломирани студенти од техничките факултети
Петок, 22 Јуни 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на свеченост одржана во Вилата Билјана во Охрид, го додели признанието „Инженерски прстен 2018" на најуспешните дипломирани студенти од техничките факултети.

По повод 15 годишниот јубилеј, Инженерска институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, на претседателот Иванов, му додели признание за континуирана поддршка на манифестацијата „Инженерски прстен", како значаен сегмент во промовирање на инженерството и инженерските струки во Република Македонија.

Во своето обраќање пред присутните македонскиот претседател истакна дека овие млади научници и инженери се идните градители на напредокот и на благосостојбата на Република Македонија.

- Мора да направиме се, младите научници и инженери да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите. Тие се столбот на развојот на секое стопанството, бидејќи економскиот раст на државите се темели токму на развојот на високите технологии. И многу повеќе од тоа, бидејќи инженерите од техничките факултети се тие што ја имаат моќта да го менуваат светот и реалноста, рече претседателот Иванов.

Тој нагласи дека му претставува чест што како Претседател на Република Македонија, на јубилејната десетта генерација и оддава признание доделувајќи ги овие инженерски прстени.

- Инженерскиот прстен не е само признаниe, туку е и обврска за вас да му останете верни на вашиот професионален повик. Тоа е повик да нудите решенија, да проектирате, да градите и создавате, да бидете креативни и иновативни, рече претседателот Иванов, охрабрувајќи ги младите да продолжат да ги усовршуваат своите вештини и да ги надградуваат своите знаења.

Според македонскиот претседател, најуспешни држави се оние кои продуцираат вакви високовалитетни кадри и затоа треба да продолжиме да инвестираме во образованието, но и да работиме на подготвеноста на институциите и бизнис секторот да ги препознаат и прифатат младите теленти и да им овозможат натамошен напредок и развој, во Република Македонија.inzinjerski_prsten_27

Проф. д-р Христина Спасевска, претседател на Асоцијацијата на здруженија на инженери – Инженерска институција на Македонија, зборувајќи за значењето и за историјата на манифестацијата, рече дека покровителството од страна на претседателот на државата уште од самиот почеток, го потврдува значењето на оваа иницијатива.

-Сѐ започна пред 15 години, кога група универзитетски професори и професионалци, ентузијасти и членови на Инженерската институција на Македонија си поставија за цел промовирање на инжерските дисциплини кај младите, истакнување на најдобрите и укажување дека само со квалитетни инженери, може да се следат трендовите во науката и новите технологии, што единствено ќе овозможи развој на сопствената земја, рече г-а Спасевска.

Претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, проф. д-р Миле Димитровски, изјави дека добитниците на инжинерскиот прстен доаѓаат од првите пет најдобро рангирани универзитети и од факултети со високи оценки за акредидатцијата и дека истите се пример дека треба да се вложува во себе за што е важно и знаењето и оценките и навременото завршување на започнатото.

Во име на наградените дипломци благодарност упати Александар Ѓерасимовски, потенцирајќи дека Инженерскиот прстен е најпрестижната награда за еден млад и квалитетен инженер, кој е движечката сила во технолошкиот развој во нашето општество.

- Привилегија за нас е членството во Клубот на носители на инженерскиот прстен кој ги обединува добитниците на ова престижно признание и ни овозможува остварување контакти со најдобрите од секоја сфера на инженерството, рече Ѓерасимовски.

Тој додаде дека масивниот развој во сите сфери од техниката бара квалитетен кадар и упати апел до соодветните институции во државата, да создадат услови младите луѓе да останат и да го дадат својот придонес во развојот на нашата татковина.

Традиционалната манифестација „Инженерски прстен" која е во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, а под покровителство на претседателот на Република Македонија, претставува поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји. Во изминативе петнаесет години ова признание го добиле најдобрите 150 дипломирани студенти кои што ги негуваат инжeнерските дисциплини.

inzinjerski_prsten_30

KARAJANCEVA
Претседателот Иванов оствари средба со претседателот на бугарското Собрание, г-а Карајанчева
Четврток, 14 Јуни 2018

Претседателот Ѓорге Иванов и претседателот на бугарското Собрание Цвета Карајанчева на денешната средба во Софија разменија информации за процесот на имплементација на Договорот за добрососедство и беше поздравена динамиката на соработка и преземените и иницијативи и активности од страна на двете држави.

Македонскиот претседател изрази надеж дека двете земји ќе продолжат да соработуваат на промоција на заедничките интереси во регионот и дополнително ќе ја унапредат билатералната соработка.

На средбите беа разменети мислења за актуелните случувања во двете земји и за европските и евроатлантските перспективи на Република Македонија во пресрет на состанокот на Советот на ЕУ и Самитот на НАТО.

Претседателот Иванов го поздрави успешното претседавање на Република Бугарија со Советот на ЕУ, истакнувајќи дека Република Македонија високо ја цени поддршката од Бугарија за интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, додавајќи дека политиката на проширување на ЕУ, останува најефикасниот инструмент за гарантирање на мирот, стабилноста и просперитетот во Западен Балкан.

Претседателот Иванов ја реафирмираше определбата на Република Македонија за најдобри можни односи и соработка со сите соседи и се заблагодари за поддршката од Бугарија во овој исклучително важен период за нашата земја.

PRM_Bugraija_oficijalna_12
Иванов-Радев:Бугарија ќе продолжи да ги подржува евроатлантските перспективи на Република Македонија
Четврток, 14 Јуни 2018

Со потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, внесовме еден нов дух и нов амбиент меѓу нашите две земји. Покажавме, како треба две соседни земји да ги регулираат своите односи и да ги затвараат прашањата за кои што постои различно сфаќање. Тоа е позитивен пример и за другите земји на Балканот, како треба да се однесуваат меѓу себе и да се поддржуваат и да се помагаат, порача македонскиот претседател, д-р Ѓорге Иванов, кој денеска престојува во официјална посета на Република Бугарија.

На заедничката прес-конференција со бугарскиот претседател Румен Радев, претседателот Иванов се заблагодари на Бугарија што како претседавач со Советот на ЕУ, го врати регионот на агендата на Европската Унија. Претседавањето на Бугарија со Европската унија е исто така позитивен сигнал за идните претседавачи со Европската унија како треба да се посветуваат на нашиот регион, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија прави се за да ги оствари своите стратешки цели, но дека на тој пат е попречувана од еден свој сосед.

- Се надевам дека и одговорните во Брисел, ќе ја сфатат сериозноста на состојбата и правилно ќе реагираат, како што реагирале во минатото, кога сме имале од регионот билатерални спорови и наоѓале начин како тие да се решаваат. Позитивните искуства мора да бидат применети и за Македонија, истакна претседателот Иванов по средбата со бугарскиот претседател Румен Радев.

Македонскиот претседател изрази надеж дека ќе надвладее разумот, дека преку дијалог ќе се дојде до взаемно прифатливо решение, а не до решение кое е ултиматум за Македонија. Остварувањето на нашите стратешки цели не смее да биде алиби за лоши и штетни договори по Македонија, порача Иванов одговарајќи на новинарско прашање.

За постигнатиот договор меѓу владите на Македонија и Грција, претседателот Иванов го повтори ставот дека не може да прифати акт кој е спротивен на Уставот и законите.

- Сум се заколнал и сум дал свечена изјава дека ќе го почитувам Уставот на Република Македонија. Не можам да прифатам акт кој е спротивен на Уставот и законите на Република Македонија и кој е спротивен на консензусот изграден од државниот врв, порача македонскиот претседател, додавајќи дека иако е надлежноста на Претседателот да склучува меѓународни договори, тој беше исклучен од целиот процес.
PRM_Bugraija_oficijalna_23

Бугарскиот претседател истакна дека Бугарија внимателно го следи процесот на преговорите меѓу Македонија и Грција и дека и натаму силно ќе ги подржува европските и евроатланските интеграции на Република Македонија.

Запрашан за коментар за договорот меѓу Македонија и Грција, бугарскиот претседател Румен Радев истакна дека со евентуалниот договор меѓу Република Македонија и Република Грција, Република Бугарија нема цврсти гаранции дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Бугарија ќе биде во сила кога ќе имаме Република Северна Македонија. Според него евентуалниот ваков договор ја става Бугарија во ситуација да бара дополнителни гаранции.

- Јас очекувам бугарската Влада и Министерството за надворешни работи како дополнителна гаранција за исполнување на клаузите од нашиот договор меѓу Република Македонија и Бугарија да ги запише договорните одредби во Поглавјето 35 од идната договорна рамка за преговори на Република Македонија за членство во ЕУ. А тоа ќе значи јасни процедури на мониторинг и следење на исполнување, изјави претседателот Радев.

Радев посочи дека Договорот за добрососедство внесе нов дух на пријателство и соработка во односите меѓу двете земји, за што сведочи и динамиката на нивните средби, и истакна дека институциите на двете земји треба да се заложат за поттикнување на соработката во економијата, трговијата, образованието, науката и туризмот.

Претседателот Иванов кој престојува во официјална посета на Република Бугарија на покана на бугарскиот претседател Румен Радев, денеска положи венец пред Споменикот на Непознатиот војник во Софија и оствари средба со претседателот на Народното Собрание на Република Бугарија, г-ѓа Цвета Карајанчева.

Македонскиот претседател ќе го посети Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, каде е предвидена средба со македонски граѓани, стопанственици и културни дејци кои живеат и работат во Република Бугарија

PRM_Bugraija_oficijalna_5


Iftar
Претседателот Иванов приреди ифтарска вечера
Среда, 06 Јуни 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера вечер приреди ифтарска вечера по повод светиот муслимански месец Рамазан.

Претседателот Иванов на присутните гости и на сите припадници на исламската вероисповед им ги честита рамазанските пости и светиот месец Рамазан кои ги негуваат вредностите кои ги зближуваат и ги поврзуваат луѓето меѓу себе.

„Ова се денови кога треба да се укаже чест и внимание, кога треба да се негуваат обичаите на нашата специфична македонска култура на традиција и соживот", рече претседателот Иванов во своето обраќање.

Македонскиот претседател истакна дека постот не е само откажување од храна, туку дека е и момент на почит на својата религија, на своето семејство, на своите ближни, воедно посакувајќи им на присутните многу радост, здравје, среќа и бериќет.

„Ви посакувам вам и на вашите семејства, на вашите ближни да ги пренесете сите пораки на љубов, на солидарност и почит. Да се почитуваме затоа што од почитта извира сето она што нè држи заедно", порача претседателот Иванов.

На ифтарската вечера присуствуваа претставници на јавниот живот, дипломати, бизнисмени, како и претставници на граѓански асоцијации и здруженија од Република Македонија.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 4 од 189