Новости
Честитка по повод 24 мај, Денот на Светите браќа Кирил и Методиј
Понеделник, 24 Мај 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на сите православни верници и на сите граѓани на Република Македонија им го честита денешниот државен празник, 24 мај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители Светите браќа Кирил и Методиј:

Почитувани граѓани. Дозволете ми да ви го честитам 24 Мај, Денот на Светите Браќа Кирил и Методиј. Овој празник е особено важен за Македонија, но и целиот словенски свет. Делото на светите браќа Кирил и Методиј, прогласени за заштитници на Европа од страна на Неговата Светост, Папата Јован Павле Втори, се трајно и неизбришливо сведоштво за силата на човековиот дух и за неговата бескрајна добродетел. Светите браќа се спротиставија на затвореното и тесно сфаќање на нивните соперници, кои сакаа да го ограничат знаењето и науката на само неколку тогашни јазици. Нивната голема победа за рамноправноста на народите, за човечката слобода и за ширењето на писменоста и науката, овозможи европското знаење да се прошири до најдалечните краишта на светот.
Ви посакувам благословени празнични денови

Честитка по повод Националниот ден на Власите
Сабота, 22 Мај 2010

По повод 23 мај, Националниот ден на Власите, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја испрати следната честитка до сите припадници на влашката заедница во Република Македонија.

Почитувани,
Дозволете во мое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија да ви го честитам националниот ден на Власите, 23 Мај.
Празнувањето на денот кога пред 105 години турскиот султан Абдул Хамид Втори донесе посебен документ со кој го призна постоење на влашкиот народ како посебен етнички, јазичен и културен субјект  е од особено значење за Влашката заедница, но и за целата македонска држава.
Како нераскинлив дел од македонскиот мултиетнички мозаик вие сте посветени граѓани на својата држава и на својата заедница, успешни во сите полиња на општествениот живот. Благосостојбата и просперитетот на  Република Македонија, како наш заеднички дом, зависи од сите нас и Власите секако имаат пособен придонес кон таа цел.
Со искрени желби за натамошни успеси во негувањето и ширењето на влашката традиција и култура во државава и во светот, уште еднаш од се срце  ви го честитам 23 Мај.

Проштална средба со Клер Биргин, амбасадор на Австралија
Понеделник, 17 Мај 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ја прими Клер Биргин нерезидентен Амбасадор на Комонвелтот Австралија. На срдечната средба Претседателот Иванов и се заблагодараи на Н.Е. Биргин за нејзиниот придонес кон градењето на блиски и пријателски односи меѓу двете земји. Претседателот Иванов оцени дека големата и бројна македонска заедница која живее и е интегрирана во Австралија е голема предност за развивањето на односи и за продлабочувањето на пријателството. Претседателот воедно оцени дека одлука на Австралија да пристапи кон употреба на уставното име на Република Македонија во билатералните односи дополнително би ги зацврснала односите на двете земји.
На средбата, од двете страни беше истакнато задоволството од интензивните средби и контакти, имено посетата на Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски на Австралија, и посетата на Спикерот на Претставничкиот Дом на Парламентот на Австралија Хари Џенкинс на Македонија. Како следен чекор во развојот на односите на двете земји, Претседателот Иванов изрази надеж дека ќе дојде до отворање на амбасада на Комонвелтот Австралија во Македонија.

Претставници на турската заедница кај Претседателот
Понеделник, 17 Мај 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ги прими Министерот во Владата на Република Македонија г-дин Хади Незир, Претседателот на Демократската Партија на Турците во Македонија и пратеник во македонскотот Собрание г-дин Кенан Хасипи и Кадир Сали, генерален секретар на партијата.
На срдечната средба беше разгледана положбата на значајната труска заедница во Република Македонија, и придонесот кој го дава во развојот на македонското општество. Беше истакнато задоволство од извонредните односи меѓу Република Македонија и Република Турција, за што несомнено свој придонес го дава и турската заедница во Македонија, како и поединците, етнички Турци, на истакнати позиции во македонската држава. Претседателот Иванов изрази очекување дека одличните односи на политички план проследени со голем број на посети меѓу Македонија и Турција ќе се преточат во еднакво добри економски односи, за што веќе се во тек поголем број на значајни, конкретни иницијативи.

Меѓу станарите од социјалните згради во населбата Јурија
Недела, 16 Мај 2010

На одделни средби со најстариот и најмладиот брачен пар кои растеле во дом без родителска грижа и потоа основале семејство, Претседателот Иванов денес се запозна со проблемите со кои се соочуваат овие семејства, како и со нивното барање да ги откупат становите  во кои живеат. Никола Богоески, кој со сопругата добил социјален стан 25 години по заминувањето од Домот, го информираше Претседателот Иванов за  неговиот досегашен опстанок под кирија и за очекувањата за иднината.
- Работам во Центарот за рециклажа, а со примањата можеме да ги платиме сметките за струја за вода и другите давачки. Станот сакаме да го откупиме. Го запознаваме претседателот Иванов со ова барање за кое има некои регулативи со оглед дека изградбата е и со пари од донации - изјави Богоески.
Тој наскоро треба да го добие имотниот лист за станот кој му беше доделен пред два месеци преку распределбата на 102-та таканаречени социјални станови во населбата Јурија, што ја организираше Министерството за транспорт и врски.
Според Илија Јовановиќ, Претседател на Здружението на деца и младинци без родители од детските домови и дом семејства на Македонија - Градиме иднина - Скопје, Иванов е првиот македонски Претседател кој се заинтересирал за проблемите на децата без родителска грижа.

Неформална средба на претседателот Иванов со лидерите на поголемите политички партии
Сабота, 15 Мај 2010

Во Катланово денес се одржа неформалната средба на претседателот Ѓорге Иванов со лидерите на поголемите политички партии во Македонија. На средбата со шефот на државата присуствуваа претседателите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДУИ Али Ахмети. Лидерите на ДПА Мендух Тачи и на Нова Демократија Имер Селмани, иако поканети, не дојдоа на средбата.

Безбедносните структури во Македонија добро си ја работат работата и затоа нема потреба од свикување на Советот за безбедност на државата - изјави претседателот Ѓорге Иванов по средбата во Катланово. Иванов, коментирајќи ги последните заплени на поголемо количество оружје кај Блаце и Радуша, рече дека некои структури упорно се обидуваат да го прекршат законот и за нив ќе следат соодветни санкции.

Освен за безбедносната ситуација во земјата, на неформалната средба станало збор и за состојбата во регионот, прашањето за човековите права, малцинските права, како и за интересите на политичките партии. Иванов истакна дека ваквите средби се корисни за продолжување на политичкиот дијалог во земјата.

 
Почеток < Пред 181 182 183 184 185 186 187 188 189 190 Следно > Крај
Страница 187 од 192