Новости
Иванов: Геноцидот во Сребреница опомена до идните генерации
Недела, 11 Јули 2010

Сите проблеми мора да се решаваат со дијалог, да не се користи насилство и злосторства за да се остварат суетите на одредени политичари, порачаа претседателите од регионот кои присуствуваа на комеморацијата по повод 15-годишнината од воените злосторства во Сребреница.
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов од меморијалниот центар Поточари изјави дека геноцидот во Сребреница е потресно сведоштво и опомена до сите идни поколенија дека конфликтите што завршуваат со вакви масакри никогаш не даваат резултати.
- Мора да се дојде до решение кое ќе го смислат луѓе што размислуваат со отворен ум. До вакви геноциди на нашиот простор и до злосторства кои неможат никогаш да се простат довеле затворени умови - рече меѓу другото денеска во Сребреница Претседателот Иванов.
На 15-годишната од масакрот што српските сили го извршија врз повеќе од осум илјади Бошњаци беа погребани 775 новоидентификувани тела. На овој чин меѓу другите почит оддаде и претседателот на Република Србија, Борис Тадиќ, кој оцени дека оваа страница од историјата не може да се затвори се додека не бидат осудени сите оние кои се виновни за злосторствата. На комеморацијата присуствуваа Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина Харис Силајџич, членот на претседателството Жељко Комшиќ, турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, претседателите на Словенија и Црна Гора Данило Тирк и Филип Вујановиќ, Премиерот на Белгија Ив Летерм, Генералниот Секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд, министерот за надворешни работи на Франција Бернард Кушнер и голем број други политичари.
Во Меморијалниот споменик во Поточари близу Сребреница досега се идентификувани околу 3.500 тела.

Претседателот Иванов ги посети македонските мировници во мисијата АЛТЕА во Босна
Сабота, 10 Јули 2010

Република Македонија секогаш била насочена кон промовирање и извезување на мирот, изјави  денеска претседателот и врховен командант на воoружените сили на АРМ, Ѓорге Иванов при посетата на македонските мировници во мисијата на Европската унија АЛТЕА во базата Бутмир во Сараево. 
- Македонија учествува во мировните мисии и мировните операции и секогаш настојува да даде придонес во рамки на можностите каде што има потреба од тоа. Редовно сме присутни со наши војници во мисијата АЛТЕА, присутни сме во Авганистан, бевме во Ирак, а имаме и наш  војник во Либан. Секаде каде што имаме можност да учествуваме, Македонија дава свој придонес, рече Иванов.
Тој додаде дека иако еден период целиот регион имал потреба од дополнителни меѓународни сили, сега треба да го извезуваме мирот.
Командирот на ЕУФОР, Бернард Баир, изрази благодарност за придонесот што македонските мировници го даваат во мисијата АЛТЕА.
- Македонските војници како бројка не се многу, но се медицинско-санитетска поддршка на целокупните сили на ЕУФОР преку медицинската ќелија и се високо квалификувани и спремни, рече Баир.
Претседателот Иванов им оддаде почит на единаесетмината припадници на АРМ што трагично загинаа во 2008 година, враќајки се од успешно завршената мисија АЛТЕА.
Република Македонија во моментот партиципира со десет член медицински тим и два офицери во командата на ЕУФОР, а во мисијата во БиХ учествува од 2006 година.

Честитка до новоизбраниот Претседател на Република Полска Бронислав Коморовски
Вторник, 06 Јули 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ја упати следната честитка до новоизбраниот Претседател на Република Полска Бронислав Коморовски. Почитуван господине Коморовски, Дозволете ми, од свое лично име, и од името на граѓаните на Република Македонија да Ви упатам најсрдечни честитки за изборот на функцијата Претседател на Република Полска. Воедно, ја користам можноста, да Ви посакам успех во извршувањето на оваа одговорна функција, натамошен просперитет на Вашата земја и благосостојба на пријателскиот полски народ. 
Во оваа свечена пригода, сакам да го изразам задоволството од досегашниот развој на традиционално пријателските односи меѓу нашите две земји, како и своето длабоко уверување дека соработката и натаму ќе се развива и продлабочува во сите сфери од заемен интерес. На тој план, сакам да го повторам мојот, и на Република Македонија интерес за одржување на континуиран политички дијалог и на соработката на сите нивоа, како на билатерален, така и на мултилатерален план.
За мојата земја од исклучителна важност е отворената поддршка што Република Полска и ја дава на патот кон целосно интегрирање во европските и евроатлантските структури. Граѓаните на Република Македонија и јас лично, посебно ја цениме поддршката од Република Полска за нашето уставно име. За таквата поддршка и во оваа прилика ја повторувам мојата, и на граѓаните на Република Македонија, голема и искрена благодарност.
Со надеж дека ќе ја имам честа наскоро лично да Ви го честитам изборот, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорѓе Иванов

Писмо на сочувство до Претседателот на Романија
Вторник, 06 Јули 2010
Претседателот Иванов му го честиташе изборот на Претседателот на Германија Кристијан Вулф
Понеделник, 05 Јули 2010

По повод изборот на Кристијан Вулф за Претседател на Сојузна Република Германија, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов го испрати следното писмо со честитки -
Почитуван господине Претседател,
Ми претставува особено задоволство да Ви упатам честитки од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име за изборот на функцијата Претседател на Сојузна Република Германија. Со честитањето на овој свечен чин, би сакал да Ви посакам успеси при извршувањето на оваа висока и одговорна должност.
Ја користам оваа свечена пригода да изразам задоволство од досегашната соработка меѓу нашите две земји и да ја нагласам мојата и на Република Македонија благодарност за континуираната поддршка што Сојузна Република Германија и ја дава на Република Македонија, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Најискрено се надевам дека во периодот што ни претстои, со заеднички ангажмани, ќе го негуваме и унапредуваме традиционалното пријателство меѓу нашите две земји и народи.
Почитуван господине Претседател, во оваа прилика сакам да ја истакнам активната и конструктивна посветеност на Република Македонија на процесите за интеграција во Европската унија и Северно-Атлантската алијанса, кои мојата земја ги има како стратешка и цврста определба. На тој план, верувам дека Сојузна Република Германија ќе остане силен поддржувач на евроатлантските интеграции на Република Македонија.
Со такво уверување и со надеж дека ќе ја имам честа наскоро лично да Ви го честитам изборот, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорѓе Иванов

Честитка до Претседателот на САД Барак Обама по повод Денот на независноста 4 јули
Недела, 04 Јули 2010

По повод 4 јули, националниот празник на Соединетите Американски Држави, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо до Претседателот на Соединетите Држави Барак Обама. Следи текстот на писмото -
По повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, ми претставува особена чест и задоволство, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата пријателска држава и за благосостојба на Американскиот народ.
Оваа свечена пригода ја користам за уште еднаш да ја потврдам доследната посветеност на Република Македонија кон негувањето на традиционалното пријателство со Соединетите Американски Држави, како и заложбите за полноправно членство на Република Македонија во НАТО, каде ќе продолжиме со успех да го градиме нашето досега повеќе пати докажано партнерство.
Би сакал да упатам искрени честитки за ангажираноста на Вашата држава за достигнување на целите и вредностите кон кои заеднички се стремиме, како заложбите за воздигнување и воспоставување на мирот и безбедноста, економскиот просперитет и демократијата во светски размери. Заедничките ангажмани на нашите одбранбени сили во меѓународните мировни мисии ја потврдуваат силната, посветеност на двете земји на борбата против меѓународниот тероризам.
Дозволете ми, господине Претседател, да ја истакнам искрената благодарност за силната и континуирана поддршка што Вие и Вашата држава ја укажувате за Евроатлантските интегративни процеси на Република Македонија, за нашето што поскоро членство во НАТО. Сакам да знаете, дека Република Македонија посветено, активно и конструктивно учествува во процесот со цел постигнување на заемно прифатливо решение за прашањето за името со нашиот сосед, Грција. Впрочем, тоа е и единствената пречка на патот на нашата евроатлантска интеграција. Очекуваме дека Вашата цврста поддршка ќе продолжи и во претстојниот период, со цел Република Македонија што поскоро да го завземе своето заслужено место во Северно-атлантската Алијанса. Тоа е во интерес на сите.
Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам, господине Претседател, изразите на моето највисоко почитување.
Нека Господ ја благослови Вашата голема нација.
д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 181 182 183 184 185 186 187 188 189 190 Следно > Крај
Страница 183 од 193