Новости
Амбасадорот на Република Турција Ѓурол Сокменсуер ги предаде акредитивните писма
Петок, 27 Август 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Турција, Н.Е. г-дин Ѓурол Сокменсуер.
Претседателот Иванов истакна дека односите на двете држави се на ниво на стратегиско пријателство, за исполнување на заедничките цели кои предвидуваат мир и стабилност во регионот, економски напредок, и промоција на демократијата и слободата. Претседателот Иванов и Амбасадорот Сокменсуер на средбата ја истакнаа длабоката соработка на двете држави во голем број на области и подвлекоа дека односите меѓу Република Македонија и Република Турција можат да послужат како пример за позитивна соработка меѓу земјите од регионот.
Претседателот воедно изрази благодарност за поддршката што Република Македнија ја добива од Република Турција во Северноатланскиот Сојуз. Претседателот подвлече дека Македонија, која ги исполни условите за членство во НАТО, високо ја цени турската активност по ова прашање.
На средбата, Претседателот истакна дека како две држави – кандидатки за членство во Европската Унија, Македонија и Турција стојат цврсто во промовирањето на европските принципи и вредности во регионот. Двајцата соговорници го истакнаа значењето на проектот за создавање на обединета Европа, како уникатен проект за ширење на стабилноста, економскиот развој и демократијата во светот.
Претседателот Иванов, на средбата со Амбасадорот Сокменсуер, истакна дека е охрабрен  од нивото на турски инвестиции во Македонија и во регионот, како и од најавите за натамошно ширење на економската соработка. Според Претседателот Иванов, растечката динамичност на турската економија отвора сериозни можности за нашата држава.

Амбасадорот на Исланд Стефан Скјалдарсон ги предаде акредитивните писма
Петок, 27 Август 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Исланд, Н.Е. г-дин Стефан Скјалдарсон. Претседателот Иванов му посака добредојде на Амбасадорот Скјалдарсон, оценувајќи дека на двете земји им претстои период на интензивирање на односите и подинамична соработа.
Претседателот, на средбата со Амбасадорот Скјалдарсон, истакна дека Македонија и Исланд се две далечни земји кои се обединети од заедничките европски вредности и принципи. Според Претседателот Иванов, мировниот и развоен проект на обединување на Европа нема алтернатива за сите држави кои припаѓаат на поширокиот европски цивилизациски и вредносен простор. Тема на разговор беше соработката и размената на искуства меѓу двете земји во процесот на интеграциите во Европската Унија, со цел побрзо исполнување на оваа висока цел.
На средбата, соговорниците разгледуваа можности за подобрување на размената и соработката во областа на економијата. Претседателот Иванов ги истакна можностите на Македонија како растечко стопанство и земја посветена на економските реформи.

Средба со советници на американски конгресмени
Понеделник, 16 Август 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во Охрид прими поголема делегација на советници на американски конгресмени, која во Македонија допатува во организација на Обединетата Македонска Дијаспора и Турската Коалиција во Соединетите Американски Држави.
На срдечната средба Претседателот Иванов истакна дека Соединетите Американски Држави се партнер на Македонија во најважните стратегиски цели и приоритети на нашата земја. Претседателот ја истакна поврзаноста на двете држави, која значително придонесува кон обезбедувањето на мир, стабилност и напредок на Балканот преку промоцијата на демократијата и човековите права. Осврнувајќи се на политичкиот модел на Македонија, кој на прво место го става целосното почитување и унапредување на човековите права и македонскиот систем на мултиетничка демократија, Претседателот Иванов посочи дека Македонија развива модел кој треба да послужи како пример за голем број други држави, во регионот и пошироко.
На средбата со делегацијата од САД беше истакнат и македонскиот придонес кон мировните мисии во најзначајните светски кризни жаришта, каде Соединетите Држави ги предводат напорите за обезбедување на мир и опстојување на слободата и демократијата. Повеќе членови на делегацијата, на средбата со Претседателот Иванов, изразија искрена благодарност за македонскиот придонес во мировните мисии во Ирак, во Авганистан и во Босна.
Претседателот Иванов укажа дека во спорот кој Република Грција го наметнува во врска со уставното име на Република Македонија, ние остануваме посветени кон изнаоѓање на решение кое ќе биде прифатливо за двете страни. Според Претседателот Иванов, таквата разврска ќе биде од полза за Македонија, но и за Грција, и за стабилноста и просперитетот во регионот.
Претседателот ја претстави основната стратегиска цел на нашата земја – Македонија како дел од обединета Европа без граници, во рамките на евро-атланските системи на безбедност и соработка. Членовите на делегацијата изразија силна поддршка на македонските реформи и активности кои водат кон интегрирање во обединета Европа и кон полноправно членство во НАТО.

Одржан Охридскиот пливачки маратон
Сабота, 14 Август 2010

Петар Стојчев од Бугарија во машка и Карла Ситиќ од Хрватска во женска конкуренција се овогодинешните победници на Охридскиот пливачки маратон, кој се одржа под покровителство на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.
На 30-километарската патека „Климе Савин“, од Свети Наум до Охрид, Стојчев ја остави конкуренцијата зад себе, забележувајќи ја вкупно деветтата победа во своето сеумнаесетто учество на маратонот. На целта тој пристигна со време од 5 часа, 37 минути и 39 секунди, оставајќи ги зад себе Германецот Александар Стуѕински и Аргентинецот Дамиен Блаум.
- Мене не ми одговара пливање во група, некаде кај Пештани успеав да се одлепам и до крај да ја задржам предноста. Се решив да пливам ваква трка за да нема никаков сомнеж во мојата победа, како што тоа беше во изминатите две години. Сепак секоја победа е подеднакво важна без разлика дали е остварена со секунда предност или со предност од педесет метри - изјави веднаш по пристигнувањето на целта Петар Стојчев.
И додека победата на Стојчев беше очекувана, изненадувањето се случи кај дамите. Сосема неочекувано до победата стигна Крла Ситиќ од Хрватска. Нејзиното време на целта изнесуваше 5 часа, 47 минути и 18 секунди. Хрватската маратонка до победата стигна пред фаворизираните Естер Нуњез од Шпанија и Гиељо Пилар од Аргентина.
- Немам зборови со кои би можела да го искажам чувството по оваа победа. Условите за пливање беа одлични, се надевам дека ќе дојдам и следната година да ја бранам титулата -  изјави Карла Ситиќ.
На целта прв на победниците им честиташе претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов.
На 24-то издание на пливачкиот маратон, Македонија беше претставена од петмина пливачи. Најдобро пласиран од нив, на шестата позиција беше Евгениј Поп Ацев кој на целта стигна со време од 5 часа, 45 минути и 15 секунди. Од македонските натпреварувачи, Илиевски беше седумнаесетти, Младеновски позиција зад него, а Панчевски финишираше на дваесеттото место.

Претседателот Иванов на трибина посветена на Охридскиот рамковен договор
Петок, 13 Август 2010

На денешната трибината насловена „Охридскиот рамковен договор денес и во иднина“ македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов нагласи дека во нормативниот дел моделот е отворен проект во кој се вградуваат барањата на секоја генерација што го прави овој договор динамичен.
- Охридскиот рамковен договор е создаден за надминување на непријателствата во Македонија и е специфичен македонски модел на мултиетничко општество заснован на интеграција без асимилација. Тој се темели на нашата традиција на заемно почитување меѓу етничките заедници. Постигнувањата во однос на имплементацијата во изминатите девет години се мерливи, но неговата целосна имплементација чини многу и за да биде целосно функционален неопходен е бруто домашен производ од 8 илјади долари по глава на жител, а Македонија во овој момент остварува само половина, рече претседателот Иванов на трибината во хотелот Холидеј Ин во Скопје, на која учествуваа и заменик Претседателот на Владата на Република Македонија Абдулаќим Адеми и професорите Зоран Илиевски и Имер Исмаили, под модерација на Ризван Сулејмани.
Целосната имплементација на Рамковниот договор, како што нагласи претседателот Иванов, е услов за евроатлантските интеграции на Република Македонија.
Адеми, вицепремиерот задолжен за спроведување на Охридскиот договор, во своето обраќање рече дека благодарение на имплементирањето на договорот, Македонија во 2005 година доби статус на земја кандидат за членство во Европската Унија.
- Охридскиот рамковен договор го гарантира унитарниот карактер на државата, и го исклучува насилството за остварување на политички цели – изјави Адеми.
Според професор Илиевски, законскиот дел од Рамковниот договор е заокружен, но потребна е работа на терен.
- Така на пример правичната застапеност бара образовни кадри…мора да се работи и во сверата на образованието за да имаме добра јавна администрација и квалитетни услуги за граѓаните - рече професор Зоран Илиевски.

Писмо на сочувство по лизгањето на земјиштето во Кина
Четврток, 12 Август 2010

По повод големиот број жртви во Народна Република Кина, предизвикани од лизгање на земјиштето, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо со изрази на сочувство до кинескиот Претседател Ху Џинтао. Следи текст на писмото -
Почитуван господине Претседател. Со длабоко жалење ја примив веста за обилните врнежи кои предизвикаа огромни лавини и лизгање на земјиште. Искрено жалам за изгубените животи, за големите штети предизвикани од оваа природна временска непогода.
Во овие мигови на длабока тага за Вас, Вашата држава и пријателскиот кинески народ, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија упатувам изрази на најдлабоко сочувство.
Ве молам, господине Претседател, изразите на најдлабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на настраданите и воедно сакам да Ве уверам дека граѓаните на Република Македонија искрено жалат за овој трагичен настан.
д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 171 172 173 174 175 176 177 178 179 180 Следно > Крај
Страница 173 од 187