Новости
Претседателот Иванов се сретна со Помошникот државен секретар Гордон
Четврток, 13 Мај 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави д-р Филип Гордон.

На средбата, Претседателот Иванов подвлече дека Македонија високо го цени ангажманот на Соединетите Американски Држави за надминување на единствената пречка за интеграцијата на Република Македонија во евро-атлантските структури.

Претседателот Иванов ги искажа македонските ставови во врска со разликата околу името со нашиот јужен сосед и потенцираше дека Република Македонија е подготвена за взаемно прифатливо решение во рамките на Повелбата, резолуциите на Обединетите Нации и на меѓународното право.

Имајќи ги предвид ефектите од опстојувањето на Република Македонија надвор од овие структури, кои се одразуваат и на економскиот и на вкупниот политички и општествен живот, Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија е таа што е најзаинтересирана за решение до кое може да се дојде само со почитување на рамката во која се водат разговорите и со искрена политичка волја меѓу двете страни.

Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави д-р Филип Гордон изрази надеж дека со искрена политичка волја од двете страни може да се дојде до взаемно прифатливо решение. Гордон нагласи дека САД и понатаму сметаат на партнерството и пријателството на Република Македонија и дека ќе продолжат да ја поддржуваат Република Македонија во нејзините евро-атлантски аспирации. 

На средбата стана збор и за состојбите во регионот и учеството на македонските војници во мисијата ИСАФ во Авганистан.

 

Отворен ден за граѓаните кај претседателот Иванов
Среда, 12 Мај 2010

Граѓаните на Република Македонија денеска имаа можност директно да се запознаат со Претседателот д-р Ѓорѓе Иванов и во неговиот Кабинет непосредно да поразговараат со него за прашањата за кои се интересираат или да достават некои предлози до него. Групите граѓани беа пречекувани од членовите на Кабинетот на Претседателот и водени низ дворот на вилата „Водно“. Притоа им беше појаснет начинот на кој Претседателот Иванов ги пречекува неговите гости.

На кусата средба во претседателскиот кабинет граѓаните најмногу се интересираа за проблемот со името, за економската состојба во Македонија, а некои изнесуваа и свои предлози.

Граѓанин од Велес на претседателот Иванов му посочи дека во близина на Велес непосредно до фабриката за вештачко ѓубриво постои големо наоѓалиште на минералот лапорец и му предложи на Претседателот да се заинтересира да се спроведе испитување на квалитетот на минералот. Тоа, како што кажа, ќе придонесе за отворање на дури три фабрики за цемент во кои ќе може да се вработат околу 2,000 луѓе.

Граѓанин на Скопје го праша Претседателот Иванов што прави за решавање на проблемот со името и до каде може Македонија да оди со отстапките. Претседателот Иванов му одговори дека Македонија направила се што е во нејзина моќ за да ги исполни критериумите за НАТО и ЕУ, а тоа, како што рече, било потврдено во Букурешт кога Македонија само заради името не доби покана за НАТО, како и со последниот Извештај на Европската Комисија каде беше оценето дека Македонија ги исполнила сите услови за почеток на преговори. Претседателот посочи дека доколку Грција не беше во економската состојба во каква што е, новиот грчкиот Премиер Папандреу ќе направел нешто за да се помести позицијата на Грција на подобро.

- Аргументите за името, идентитетот и јазикот се на наша страна, но моќта е на грчка страна. Правото не познава оспорување на име на држава како што е случајот со Грција поради што ние не можеме да се повикаме на друг сличен случај. Референцата поранешна југословенска Република Македонија под која бевме примени во Обединетите нации првично беше само за употреба во ОН, а со Времената спогодба се прошири и на сите меѓународни институции. Нелогично е тоа што го бара Грција од нас и мислам дека ниту еден политичар во Македонија нема да се согласи да се менува името на државата, Уставот, јазикот и нацијата за внатрешна употреба. Сметам дека треба да се преговара само за промена на срамната референца под која Македонија е примена во ОН. Доколку економската ситуација во Грција беше подобра, Премиерот Папандреу мислам дека ќе направеше нешто за да се помести позицијата на Грција на подобро, рече Претседателот Иванов во одговорот и додаде дека останати детали за неговиот став не може да каже бидејќи станува збор за прашање од особен интерес за државата.

Друг граѓанин се интересираше за економската состојба во Македонија и за тоа дали постои можност грчката криза да се прелее кај нас. На тоа Претседателот Иванов му одговори дека Македонија е многу помалку погодена од кризата од останатите бидејќи е мала држава и може лесно да се менаџира со нејзе. Тој ја пофали Владата за чекорите кои ги презема за заштита од економската криза и додаде дека при престојот во Москва на одбележувањето на 65-годишнината од победата над фашизмот сите претседатели искажале вознемиреност од економската криза и падот на еврото, но нагласи дека се надева оти таа нема да се прелее во Македонија иако, како што кажа, не е добро ако е лошо кај комшијата.

- Со Грција можеби имаме проблем со името, но Грција е наш економски партнер и затоа не е добро доколку има проблеми, рече Иванов.

Средба на Претседателот Иванов со поддржувачите на неговата кандидатура за претседател
Вторник, 11 Мај 2010

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов ја посвети првата година од мандатот на изградбата на позитивен амбиент за Македонија, на исполнување на ветеното пред изборите. Политиката што ја води е исправна. Како и секој човек и тој може да згреши, но своите грешки ги признава и се обидува да ги исправи, сметаат поддржувачите на неговата кандидатира за Претседател, со кои тој денеска имаше средба по повод едногодишнината од неговата инаугурација.

- Првата година од неговиот мандат ќе ја паметам по неговата активност на неколку полиња, пред се она што е во негова надлежност меѓународната политика, практично во креирањето амбиент за градење на позитивна слика за Македонија. Она што мене лично најмногу ми се допладна е што тој има две работи кои ги поседува, а се значајни за човек на така висока позиција. Од една страна цврсто стои на иденетитетот македонски, не заборава, кои сме ние и тука има многу информации и е едуциран, а од друга страна се залага за отвореност и за позитивна слика за Македонија, истакна по средбата Златко Жоглев, ректор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“.

Драматургот Братислав Димитров смета дека и покрај функцијата што ја извршува претседателот Иванов воопшто не се променил, дека работи чесно и напрно, што како што вели, ќе даде резултати.

- Во кампањата му предложив да биде тоа што е, дека заради тоа го поддржуваме и оти поради тоа ќе ги добие изборите. Познатата теза дека власта расипува, не држи, туку важи онаа дека таа ги демаскира луѓето. А јас со задоволство може да кажам дека и покрај високата фукција, претседателот Иванов ги задржа своите човечки вредности и ставови. Тој можеби не делува атрактивно и ефектно во правата година, но е вреден и многу работи. Тој начин на работа кога тогаш ќе донесе добри резултати во неговиот мандат, рече Димитров.

Ставовите за чесноста, работливоста и посветеноста на претседателот Иванов ги дели и оперската пејачка Славица Галиќ Петровска, која како што рече, е задоволна од она што го работи претседателот и смета дека она што го ветувал пред изборите го исполнува. - Претседателот Иванов може и да погреши, но забелешките за тоа ги прифаќа и се труди грешките да ги поправи, рече Галиќ Петровска.

На денешната средба, меѓудругите, присуствуваа академиците Цветан Грозданов, Ѓорги Ефремов, Томе Башевски, оперските пејачки Славица Галиќ Петровска, Весна Димовска Илиќ, Раде Силјан И Веле Смислевски од Друштвото на писателите на Македонија, ректорите Саша Митрев од штипскиот и Златко Жоглев од битолскиот универзитет, Мане Јаковлески и други.

Претседателот Иванов во Москва на 65 годишнината од победата над фашизмот
Недела, 09 Мај 2010

Македонскиот Претседател д-р Ѓорге Иванов денеска во Москва присуствуваше на воената парада по повод 65-годишнината од Победата над фашизмот, и притоа оствари кратка средба со рускиот колега Дмитриј Медведев.

- Парадата во Москва беше можност повторно да ја видиме антифашистичката коалиција заедно и Македонија, која е дел од таа коалиција. Македонија учествувајќи во тоа успеа по толку векови во тој период да ја создаде својата држава, изјави Претседателот Иванов.

На средбата со Претседателот Медведев било разговарано за односите меѓу Македонија и Русија, за економските односи меѓу двете држави, за Договорот за пријателство и соработка, кој треба наскоро да биде потпишан, како и за дополнителна либерализација на визната политика за руските граѓани за нивно влегување и транзитирање низ Македонија. Претседателот Иванов истакна дека на средбата му се заблагодарил на Медведев за поканата на економскиот самит во Санкт Петерсбург, кој треба да се одрзи од 16 до 18 јуни годинава.

Освен со Медведев, Претседателот Иванов во Москва се сретна и со претседателите на Чешка Вацлав Клаус, на Словачка Иван Гаспаровиќ, на Србија Борис Тадиќ, на Хрватска Иво Јосиповиќ и на Црна Гора Филип Вујановиќ.

- Со сите нив разговаравме за економската криза, која на некој начин го стеснува просторот за политичко дејствување, истакна Иванов.

Македонскиот претседател за време на престојот во Москва имаше можност да се сретне и со рускиот патријарх Кирил. Патријархот Кирил, кој е добро запознат со состојбите во Македонската православна црква, изразил подготвеност, во рамки на неговите можности, да придонесе прашањето кое ги оптоварува односите на МПЦ со другите православни цркви да најде своја завршница.

На грандиозната парадa, која се одржа денеска на Црвениот плоштад, учествуваа повеќе од 12.000 војници, 100 авиони, над 150 оклопни возила со различни видови ракети, а тоа што ја издвојува оваа манифестација од сите досегашни е што првпат во руската историја четири НАТО батаљони се најдоа меѓу учесниците на парадата.

Претседателот Иванов на Евроазискиот економски форум во Истанбул
Среда, 05 Мај 2010


Македонија ги следи сите моментални односи на моќ што постојат и во политиката и во економијата, особено во енергетиката. Владата на секој начин е вклучена во овие глобални процеси и особено она што доаѓа по кризата дека постои подготвеност кај нас да знаеме каде да се ориентираме, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов на маргините на 13. Евроазиски економски самит кој почна денеска во Истанбул.

Иванов, јави известувачот на МИА од Истанбул, посочи дека ова не е само економски Самит, туку се обработуваат теми од геополитиката, геокултурата односно селењето на моќта. 

- Моето присуство на овој Форум ги потврдува извонредните односи што ги имаме со Република Турција. Меѓутоа присуството на членови на македонската Влада, бизнис и академската заедница покажува дека вообичаената фраза дека економските не ги следат политичките односи што ги имаме со Турција треба конечно да се промени, рече Иванов. Тој нагласи дека сето она што досега го имало на политички план сега се пренесува на економски план со цел бизнис заедницата од Турција почесто да биде присутна во Македонија.

Присуството на Самитот, истакна Иванов, е извонредна можност да се споделат сознанија, искуства и вештини кои земјите во регионот ги практикуваат, а во Македонија не биле присутни. Според него, сите овие сознанија и искуства од регионот се добродојдени за Македонија и на некој начин се поттикнување на економската соработка меѓу Македонија и Турција.

Учесниците на Самитот во претпладневниот дел од расправата се фокусираа на потенцијалите на евроазиските држави кои се недоволно искористени. Учесниците прогнозираа дека по завршувањето на светската економска криза тежиштето на светската економија и моќта да се преместат кон помоќните евроазиските земји – Турција, Кина, Русија, Азербејџан и Индија.

Во рамки на сесијата за енергијата попладнево учесниците на Самитот ќе расправаат за инвестициите во алтернативните енергетски проекти односно за значењето на изградбата, организацијата и маркетингот на далноводите. Меѓу темите е и проектот за гасоводот Набуко и интегрирањето на цевководите на природен гас од Египет, Катар и Ирак со линијата на Набуко, како и изворите на енергија во Евроазија.

Претседателот Иванов, кој е придружуван од вицепремиерот Владимир Пешевски и од министерот без ресор Хади Незир, попладнево ќе ја посети општината Шишли каде градоначалникот ќе му додели златен клуч.

Иванов утре ќе има обраќање на Самитот на  кој учесниците ќе дискутираат за глобалната финансиска криза, кординација и регионалната соработка, а ќе стане збор за економијата и туризмот.

На Самитот покрај Иванов учествуваат и албанскиот претседател Бамир Топи, поранешните претседатели на Бугарија, Жељу Желев и Петар Стојанов, на Романија, Јон Илиеску и Емил Константинеску, на Турција, Сулејман Демирел, на Естонија, Арнолд Рутел и на Монголија,  Настагиин Багабанди, заменици премиери и министри од земјите на Централна Азија, Европа, Блискиот Исток, Далечниот Исток, Америка и Африка, како и претставници на 32 меѓународни организации.

 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај
Страница 170 од 173