Обраќање на свечената академија по повод јубилејот „1000 години Охридска архиепископија“
Недела, 27 Мај 2018   

OA1Почитувани присутни,

Годинава одбележуваме еден милениум од новелата на византискиот император Василиј II посветена на славната Охридска Архиепископија. Но, славејќи го овој голем јубилеј, треба да бидеме свесни за едно нешто. А тоа е дека одлуката на Василиј е констатирање на реалноста дека во Македонија веќе постоела организирана Црква со црковна ерархија. Црква која произлегувала од верниците христијани. Црква произлена од народот и која постоела заради народот.

Охридската архиепископија во 11 век не била нова садница на македонската почва, туку само една гранка на постарата народна црква на Самоиловата држава. А таа народна црква ја сочинувале учениците на првиот словенски епископ, свети Климент Охридски. Тој најголем ученик на светите Кирил и Методиј го заокружил неколкувековното ширење на христијанството во Македонските склавинии.

Но, и тоа не е почетокот на Црквата во Македонија. И тоа е само една гранка од разгранетото христијанско стебло.

Во 535 година, , тука, во Македонија, императорот Јустинијан I ја воспоставил архиепископијата Јустинијана Прима, и и го доделил третото место меѓу црквите во светот, веднаш по Рим и Цариград.

Но, ниту Јустинијана Прима не е стеблото што ја држи Охридската архиепископија. Бидејќи и Јустинијана Прима била создадена за потребите на христијаните во Македонија. Христијани кои биле дел македонските епископии чии епископи учествувале на Вселенските собори на кои го бранеле Христијанството од разните ереси.

Но, ниту тие епископии кои постоеле во времето на симфонијата меѓу црквата и империјата не се стеблото од кое никнала Охридската архиепископија. Бидејќи ним им претходела прогонуваната Црква, онаа пред Миланскиот едикт од 313 година. Црква која во тајност се собирала во катакомбите и пештерите.

И во тоа време на најжестоки прогони од страна на Римската империја, тука, во Охрид, во Македонија, дејствувал Св. Еразмо Лихнидски дојден од Антиохија. Во време кога да се биде христијанин било еднакво на смртна пресуда, тој го проповедал покајанието засновано врз воскресението на Исус Христос и кон црквата придобил 20.000 верници христијани. Потомците на тие христијани се покрстувале во крштелницата и заедничареле во монументалната базилика на Плаошник.

Но, и маченичката генерација на Св. Еразмо е само една гранка од разгранетото христијанско стебло.

Бидејќи историјата многу јасно сведочи за следново. А тоа е дека Христијанството во Македонија не го донесе ниту Василиј, ниту Самоил, ниту Климент и Наум Охридски, ниту Кирил и Методиј, ниту Јустинијан, ниту Еразмо Охридски... Христијанството во Македонија го донесе апостолот Павле.

И сето тоа не враќа на стеблото што ги држи сите гранки, од апостолите во првиот век, па се до нас во 21 век. А тоа стебло, таа вистинска лоза е Исус Христос.

И токму поврзаноста и зависноста на гранките од лозата ја објаснува издржливоста, жилавоста и истрајноста на Христовата Црква во Македонија до ден денес.

OA2
Низ вековите, Црквата во Македонија се соочувала и со прогони и со просперитет. Носела различни имиња. Нејзиниот статус бил унапредуван и смалуван. Епархиите и биле придодавани и одземани. Нејзината диецеза била проширувана и стеснувана. Разни владетели ја потврдувале и ја забранувале. Опстојувала и во време на императори-пагани, цареви-христијани и султани-муслимани. Но, без разлика на сето тоа, таа била и останала плодоносна гранка на вистинската лоза, на Исус Христос. Гранка која низ вековите ја пренесувала надежта за вечност со Бог.

И токму поради таа надеж, луѓето, независно од нивната етничка, социјална, јазична припадност биле толку многу приврзани кон својата црква. Толку приврзани што ниту најмоќниот човек на најмоќната империја на 11 век, византискиот император Василиј II, не се осмелувал да ја укине. Туку ја потврдил, ја проширил и ја заштитил. И тоа е чинот што ние денес го празнуваме. Денес ја празнуваме потврдата на постоењето на црквата во Македонија во ликот на народната Охридска архиепископија.

Таа црква била засолниште за верните, но и замена за изгубената Самоилова држава. Во нејзините епархии имало народни кујни, сиропиталишта, старечки домови, болници за телото и за душата, или, она што ние денес го нарекуваме социјална и здравствена заштита. Нејзините манастири биле и просветни центри.

Многу од нејзините архиепископи се грижеле и за духовните, но и за световните потреби на луѓето. Јован Дебарски грижливо го чувал народниот карактер на црквата. Како еден од најголемите мислители на своето време, Теофилакт Охридски придонел архиепископијата да биде надалеку почитувана. Димитриј Хоматијан, еден од најпознатите црковни и световни правници, им делел правда на луѓе од целата православна екумена. Константин Кавасила бил голем поборник за мир во време на војни. Наспроти притисоците за ромеизација, Прохор храбро ја поттикнувал словенската книжевност. Во времето на Николај II црквата ги достигнала своите врвни архитектонски и уметнички дострели. Атанасиј I бил голем дипломат и борец за слобода, кој ја крстосувал цела Европа, од Шпанија до Русија, од Неапол до Прага. Се среќавал со европските цареви и кралеви и барал поддршка за ослободување на Балканот од Отоманската империја.

Во време кога вирусот на етнофилетизмот полека почнал да се шири во православниот свет и да ги зафаќа помесните цркви, Охридската архиепископија одолеала и останала верна на својата улога на народна црква. Црква на сите нејзини верници, независно од нивната етничка и јазична припадност. Таа останала верна на мандатот да им помага на луѓето да го запознаат Бога на најавтентичен начин – а тоа е преку нивниот мајчин јазик.

И токму во тоа се состоел нејзиниот грев - што дозволувајќи служба на разбирлив народен македонски јазик, таа не дозволила однародување на верниците. Со секоја одмината деценија, притисокот врз архиепископијата се зголемувал, се до 1767-та, кога таа жива гранка на христовата црква во Македонија била поткршена. Тоа е време кога дошле "владици Грци, лицем светци, срцем волци", како што ќе ги опише Григор Прличев.

Со тоа започна можеби најмрачниот период од историјата на македонскиот народ. Период на асимилација, присилно однародување и преименување. Со распадот на Османлиската империја, православните милети станаа девлети, диецезите на помесните Балкански цркви станаа граници на новите Балкански држави. Крстот, наместо симбол на безусловна љубов и пожртвуваност, стана симбол на надмоќност и сила.

Стотици словенски натписи беа избришани, илјадници словенски ракописи беа уништени, стотици илјади верници беа принудно преименувани а нивните идентитети насилно менувани. Она што опстана беше однесено во странските архиви, библиотеки и музеи. Но и во тие мрачни периоди, живата црква изнедри бројни духовници и преродбеници како Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, Теодосиј Синаитски, Партениј Зографски...

И сето тоа се промени со формирањето на современата македонска држава. Од поткршената гранка на Охридската архиепископија никна нова фиданка, која даде богат плод.

Минатата 2017 година прославивме 50 години од возобновувањето на Охридската Архиепископија во ликот на Македонската Православна Црква. Со тоа започна нова епоха. Конечно ја добивме првата Библија на современ македонски јазик. Се возобновија старите и се изградија многу нови храмови. Македонските цркви се исполнија со верници а македонските манастири со монаси и монахињи.

Но, паралелно со тој нов процут, црквата се соочуваше со предизвици. За време на животот во поранешната заедничка држава, власта ја ограничуваше црквата само како религиска заедница.

Од денот на независноста, Македонската православа црква го преживуваше сето она низ што минуваше и низ што се уште минува Република Македонија. Тоа се години исполнети со блокади, изолации и непризнавње кои создаваат кризи. Тие кризи предизвикуваат поделби, наместо сплотеност, цинизам наместо добронамерност, сеирџиство наместо солидарност и омраза наместо љубов. Се изгуби умереноста, трпеливоста, чесноста, добрината, човечноста.

Во вакви сложени услови Македонската православна црква се соочува со двоен предизвик.

Првиот е да остане верна на изворната христова порака. За жал, сведоци сме на горчливите плодови на етнофилетизмот во соседството. Затоа, Црквата во Македонија треба да се грижи пред се и над се за духовниот идентитет на луѓето што извира од верата во Исус Христос. Бидејќи само духовно променети луѓе можат да го променат духот на нашето општество.

Вториот предизвик е црквата да биде општествено релевантна. Живееме во време кога некои велат дека црквата е анахрона институција која не соодветствува со духот на времето во кое живееме. Време на секуларизација, глобализација, дигитална трансформација, флуидност на идентитетите.

Република Македонија е секуларна држава. И како секуларна држава ние ја гарантираме фундаменталната човекова слобода на мисла, совест и вера. Но, има еден загрижувачки тренд. Се повеќе секуларни држави во Европа и светот стануваат секуларизирани држави кои се обидуваат да ја истиснат верата од јавниот простор и да ја ограничат на најмалиот можен простор. А тоа е просторот меѓу нашите две уши, држејќи ги притоа нашите усти затворени.

Фундаменталните човекови права и слободи и вроденото човечко достоинство се повеќе се девалвираат.
Бракот како заедница на еден биолошки маж и една биолошка жена и семејството како заедница на родителите и нивните деца се дезинтегрираат.
Во длабоката морална криза исчезнува граничната линија меѓу вистината и лагата, меѓу исправното и погрешното, меѓу убавото и грдото.
Новиот релативизам очекува од нас да го прифатиме како апсолутна вистина тврдењето дека нема апсолутна вистина. А без вистината нема ниту доверба ниту одговорност врз кои се темели секое слободно општество.

Во вакви услови црквата е исправена пред огромна задача. Таа треба да биде гласна совест на општеството и конструктивен критичар на државата. Да биде промотор на социјална правда, квалитетно здравство и воспитание и образование кои се мерило на успешноста на една држава.
Црквата треба да биде втемелувач на добрите навики на срцето, да ја брани светоста на бракот и уникатноста на семејството.
Во ера на пост-вистина, Црквата треба да биде столб и тврдина на евангелската вистина.
Во време на морален релативизам, Црквата треба бескомпромисно да опстојува на моралните и етичките апсолути.
Во период кога се обезвреднува човекот, Црквата треба се стави во заштита на непроценливата вредност и неотуѓивото достоинство на секој човек.

Но, црквата ќе биде општествено релевантна само ако е општествено контра-културна. Таа контра-културност не се состои само во чувањето на старите добри црковни традиции. Црквата треба да биде контра-културна, онака како што впрочем биле сите нејзини маченици, светители и просветители кои не се плашеле да застанат наспроти доминантните деструктивни струи на своето време.

За да ја исполни оваа голема задача, Македонската православна црква треба да црпи од богатата традиција на Охридската архиепископија, да се инспирира од големите архереи, од посветените монаси, од пожртвуваните маченици, од црковните отци, од светите апостоли, и пред се и над се, од вистинската лоза - Исус Христос.

Бидејќи само така, независно дали е признавана или не, Македонската Православна црква – Охридска Архиепископија ќе продолжи да биде дел од едната света, соборна и апостолска Црква.

Ви благодарам.

OA3

  Back<<Назад