Обраќање по повод 50-годишниот јубилеј од основањето на МАНУ
Понеделник, 09 Октомври 2017   

MANU_akademija1Почитувани,

Денес славиме педесет години од основањето на Македонската академија на науките и уметностите.

Долго време размислував дали моето обраќање да го започнам со делото на светите Кирил и Методиј или со св. Климент и Наум Охридски. Можев да се осврнам на нашите преродбеници Зографски, Димитар и Константин Миладинов, Жинзифов, Прличев, Пулевски, Цепенков, Шапкарев, Чуповски. Но, наместо тоа, решив да започнам со човекот за кој малкумина знаат дека е визионерот на Македонската академија на науките и уметностите. А тоа е кодификаторот на реалноста на македонскиот литературен јазик – Крсте Петков Мисирков.

Во 1903-та година, Македонците го подигнале своето славно, но неуспешно Илинденско востание. Рефлектирајќи за причините, Крсте Петков Мисирков ја обвинил македонската интелигенција за три нешта: неединство, дистанцираност од народот и избрзани одлуки за кои цената ја платил народот. Мисирков со огорченост констатирал дека народот бил изневерен од своите интелектуалци и дека македонската интелигенција сноси голема одговорност за неуспехот на востанието.

Во тој период на превирање и на катарза бил потребен нов почеток и нова доверба меѓу народот и неговата народна интелигенција.

И токму Мисирков ги исцртал контурите на новиот завет меѓу македонската интелигенција и македонскиот народ.

Тој напишал дека „науката и литературата се најважниот фактор за развивањето на еден народ како народ. По степенот на развивањето на науката и литературата кај еден народ се мери неговата култура." Интелектуалците, според Мисирков, треба да бидат жива народна енциклопедија во која ќе има точни и проверени информации од сите научни области и уметнички дисциплини. Работата на интелектуалците е да ги разјаснуваат најважните прашања за народот, особено оние поврзани со самоидентификацијата и самоостварувањето. Единствениот мотив што треба да ги води во тој потфат е исполнување на нивниот морален долг. А моралниот долг не е ништо друго освен морална одговорност кон народот и кон татковината од кои произлегуваат.

Големиот Блаже Конески, кој во очите на македонските граѓани беше вториот Мисирков, ќе ја препознае историската важност на овој повик и ќе се надоврзе на својот претходник. Како прв претседател на МАНУ, свечено отворајќи ја првата седница на Академијата на 10 октомври 1967 година, Конески го рече следново:

„Чувството на одговорност е основното чувство што сега нè исполнува. Македонската академија на науките и уметностите излегува пред вас и пред целокупната јавност готова да се заложи за тоа што се очекува од неа".

Преку Конески, заветот на Мисирков е вграден во темелите на МАНУ. Тоа е завет меѓу Македонската академија, македонските граѓани и македонската држава.

Основањето на МАНУ е момент на заокружување на една етапа на развојот на македонската наука и култура, и почеток на нова фаза. Македонската академија на науките и уметностите е основана со големи очекувања дека ќе придонесе кон научниот и културниот развој на Македонија и дека ќе биде главен канал за учество на Македонија на полето за културен натпревар меѓу народите.

Ценети присутни,

Од тогаш до денес минаа точно педесет години. Во овие педесет години, Македонската академија на науките и уметностите остана верна на заветот.

Како врвна самостојна научна и уметничка установа, МАНУ даде голем придонес во изградбата на современата македонска држава. Континуирано ја поттикнува и ја развива научната мисла и работи на негувањето и на унапредувањето на уметностите. МАНУ има врвни достигнувања на полето на лингвистиката, литературата и уметноста, општествените науки, медицината, техничките, природно-математичките и биотехничките науки. Опусот на Академијата е повеќе од импресивен и претставува македонски придонес кон светската наука и уметност.

Многу често, академиите се плод на независноста. Но, во нашиот случај, Академијата не само што ѝ претходеше, туку и создаде услови за независноста на Република Македонија. Академијата поттикнува и врши проучувања на прашања од битно значење за македонската национална култура и за општиот развој на нашата држава.

Но, денес, заветот меѓу МАНУ и македонските граѓани е повторно актуелен. Нашата држава и нашето општество се исправени пред два големи предизвика.

Првиот предизвик е трката со времето. Ние веќе ја ситниме втората деценија на третиот милениум. Ако од академскиот граѓанин на минатото се очекувало да знае по нешто за секоја област и сè за една област, денес тоа е речиси невозможно. Од стеблото на знаењето никнуваат нови научни дисциплини за кои нашите претходници не можеле ниту да сонуваат – нанотехнологија, биотехнологија, квантни компјутери... Соочени со ваквата забрзана специјализација, универзитетите сè повеќе наликуваат на мултиверзитети, а професорите кои секојдневно треба да учат нови работи наликуваат на студенти.

Како човештво се наоѓаме на прагот на четвртата индустриска револуција која прави симбиоза на физичкиот, дигиталниот и биолошкиот свет. Ова е револуција на паметни фабрики кои носејќи самостојни одлуки ги доведуваат производните процеси до совршенство. Додека технологијата сè повеќе комуницира без посредство на човекот, човекот сè помалку комуницира без посредство на технологијата. Додека зборуваме се води сериозна глобална дебата за границите на вештачката интелигенција. Некои се уверени дека од исходот на таа дебата ќе зависи и иднината на човештвото. Има потенцијал за зголемување на квалитетот на животот, но и опасност од сè поголема нееднаквост и социјални тензии.

Паралелно со технолошката еволуција од паметни телефони, преку паметни фабрики до паметни градови, ќе бидеме сведоци на темелна трансформација на цели системи на производство, менаџмент и управување. Талентот и знаењето ќе бидат новиот капитал неопходен за производството. Но, прашањето што денес се наметнува е дали ќе бидеме активни учесници или само пасивни набљудувачи на овие неминовни процеси.

Едно е јасно, неопходен е интегриран одговор што ќе ги вклучува сите чинители – и науката и државата и општеството.

Задачата на МАНУ е да биде двигател на овој процес во Македонија за да нè бидеме затечени од промените што неминовно доаѓаат.
Задачата на МАНУ е да подготви млади генерации кои ќе ја подготват Македонија за овие нови текови.
Во МАНУ треба да биде центарот на интердисциплинарноста во Македонија.
Во МАНУ треба да биде нашата порта кон четвртата индустриска револуција.

Но, во сиот овој процес на трансформација не смееме да го изгубиме она што фундаментално нè прави луѓе – слободата на совест, комуникацијата со луѓето и креативноста. Да не заборавиме дека уметноста е душата на македонското општество. Македонската уметност, пак, е нераздвоен дел од културната ДНК на целото човештво. Затоа, неопходно е да се грижиме за богатото културно наследство.

Верувам дека ова не е невозможна мисија за МАНУ. Знам со каков човечки капитал располага оваа врвна академска институција и уверен сум дека Македонската академија на науките и уметностите е дорасната за оваа голема задача.

Но, свесни сме дека Македонската академија тоа не може да го прави сама. Одржливиот развој на нашето општество е возможен само со инвестирање во истражувањето и развојот од страна на нашата држава.

Дами и господа,

Вториот предизвик е поврзан со првиот. Човекот никогаш немал толку многу знаење, а толку малку мудрост. Поради итноста на моментот, сè почесто одлуките се носат со секавична брзина, честопати без доволно промислување и анализа.

Во нашето општество во кое политичарите честопати размислуваат само до следните избори, на академиците е да промислуваат за наредните генерации. Затоа, неопходно е функционално партнерство меѓу државата и науката, меѓу носителите на одлуки и експертите, со цел носење мудри одлуки и креирање политики втемелени врз научна основа. Или, како што тоа МАНУ го дефинира: „зголемување на влијанието на мудрите и мудроста на влијателните".

Пред точно десет години, академик Цветан Грозданов рече дека МАНУ не смее да биде само декоративен украс на државноста на Република Македонија. Како Претседател на Република Македонија целосно се согласувам со неговиот став. Затоа, во изминативе неколку години, кога Република Македонија се соочуваше со мигрантската и политичката криза, честопати имав средби со претседателството на МАНУ. Тие средби беа важен дел од процесот на формирање и носење политики и одлуки што ги спроведовме како држава. Како Претседател и врховен командант црпев мудрост од луѓето присутни во оваа сала и за тоа сум им многу благодарен.

Одговорност на МАНУ е да настојува преку научната мисла да придонесува за унапредување на севкупниот развој на Република Македонија и за процут на целото македонско општество.

Но, истовремено, одговорност на државата е да ја консултира Македонската академија на науките и уметностите за суштинските прашања поврзани со социоекономскиот, политичкиот и културниот развој. Бидејќи, тоа е целата смисла на постоењето на оваа и на секоја друга академија: да биде совет на мудреци, жива енциклопедија што непристрасно ќе ги разјаснува најважните прашања за општеството и за државата. И тоа веќе го прави.

Неодамна, Академијата ги издаде Приоритетите на идниот развој на Република Македонија. Првиот чекор кон решавањето на некој проблем е соочувањето со реалноста дека постои проблем. Но, наместо само да констатира, МАНУ оди чекор понатаму и предлага конкретни решенија. Овие решенија треба да помогнат во разививањето на демократската политичка култура, владеењето на правото, враќањето на јавната пристојност во јавниот простор, почитувањето на етничката, верската, јазичната и идеолошката различност, промовирањето на јавна употреба на умот. Решенијата можат да ни помогнат за да ја надминеме поларизацијата и длабоката поделеност на македонското општество.

Драги пријатели,

Додека го празнуваме овој ден, македонската држава и македонските граѓани се исправени пред големи предизвици за кои мора да бараме решенија. Но тие решенија не смеат да отстапуваат од принципите на нашето постоење и опстојување. Еден од тие принципи најдобро го изрази и големиот Блаже Конески, кој уште во 1986 година рече:

„За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој е заправо единствена наша комплетна татковина".

Не треба да изумиме дека преку Конески зборува и Мисирков, и сите просветители и преродбеници, градители и учители, научници и уметници, кои се вградиле во МАНУ.

Во овој период на предизвици, очите на македонското општество се свртени кон МАНУ. Очекувањата, Академијата да биде глас на разумот и на мудроста, се поголеми отколку кога било порано. Од МАНУ се очекува да го даде својот придонес кон изградбата на општество засновано на мудрост дефинирана како збир на знаења, морал и емпатија.

Длабоко верувам дека во годините и децениите што се пред нас, Македонската академија на науките и уметностите ќе остане верна на заветот на Мисирков. А тоа е да покаже единство во однос на суштинските прашања за државата, блискост и отвореност кон граѓаните, и мудри решенија и одлуки за важните прашања од кои зависи иднината на нашите потомци.

Ви благодарам.

MANU_akademija2

  Back<<Назад