Обраќање на Свечената академија по повод 70 години од формирањето на Црвениот крст на Република Македонија
Вторник, 17 Март 2015   

crvenkrst01Почитувани присутни,
Драги пријатели,

Денес сме тука благодарение на визијата на еден човек. Тој беше сведок на крвавото боиште кај Солферино каде на 24 јуни 1859 година се судрија големите европски сили. Цената на таа битка ја платија речиси 30.000 луѓе. Оставени без основна медицинска помош, огромен дел од ранетите војници подлегнале на повредите. Оние кои преживеале ги носеле лузните од крвавото поле до крајот на своите животи.

Соочен со ужасот кај Солферино, Анри Динан го организирал локалното население да им помогне на ранетите. По враќањето во Швајцарија, тој упатил повик да се формира армија обучени волонтери кои ќе имаат за цел да го спречат и да го ублажат човековото страдање каде и да е. Со тоа настана Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Драги сограѓани,

Како и Анри Динан, секој еден од нас има свое Солферино. За едни тоа можеби е природна непогода, за други, пак, повредени во сообраќајна несреќа, за трети, семејство од соседството што останало без покрив над главата, бездомник што проси...

Соочени со нашето Солферино, сите ние сме ставени пред големиот тест: Дали ќе помогнеме или ќе побегнеме, дали ќе подариме или ќе земеме, дали ќе гледаме или ќе го одвратиме погледот. И, ако одлучиме да гледаме, тогаш, дали во човекот што страда ќе видиме цел на која треба хумано да се одговори или средство за постигнување на некоја друга, себична цел.

Во тој миг се тестира нашата храброст, нашата љубов, нашата човечност. Во тој миг дознаваме дали достојно сме ја исполниле нашата улога, тука, на земјата.

crvenkrst02Дами и господа,

Денес со нас се луѓе кои веќе седум децении успешно го минуваат овој тест на човечноста во Република Македонија.

Пред 70 години, Македонија од Втората светска војна излезе слободна, но разрушена. Населението беше конечно ослободено од окупаторот, но не и од трауматичните последици на ужасната војна. Илјадници беа повредени, болни, изнемоштени, раселени, осамени, изгубени...

Во тие критични мигови се роди Црвениот крст на Македонија што им донесе нова надеж на безнадежните и сила на исцрпените.

Кога во 1963 година, за само неколку секунди, Скопје од град на куќи стана град на шатори, кога исчезнаа цели семејства, кога беа збришани цели квартови, Црвениот крст прв им помогна на повредените и им даде засолниште на бездомните.

Дури и денес, додека нашите сограѓани ги трпат последиците од поплавите низ нашата татковина, повторно, Црвениот крст на Република Македонија е на терен, неуморно помагајќи им со сите неопходни намирници. Црвениот крст е потпора без која институциите на државата тешко можат да ја исполнат должноста кон граѓаните.

Оваа организација е секаде и секому достапна, изразена низ основните принципи на хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволност, единство и универзалност.

Црвениот крст е секогаш подготвен да помогне реактивно, но и да соработува со другите општествени и институционални чинители кои треба да се подготвени да дејствуваат превентивно.

Положувајќи го тестот на хуманоста и пожртвуваноста, Црвениот крст на Република Македонија се стекна со довербата на македонските граѓани, и стана нивна продолжена рака на солидарност кон човекот.

Драги пријатели,

Човечкиот живот е бесценет, а неговото човечко достоинство е непроценливо. Затоа, на овој свет нема награда доволно голема за да го изрази вистинското значење на секој поединечен чин на хуманост.

Колку и да се престижни, трите Нобелови награди за мир, многубројните национални и меѓународни признанија се само огледала што ја рефлектираат неискажливата благодарност на луѓето кон Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Затоа, благодарни сме му на Црвениот крст на Република Македонија за секој хуман гест, за секоја подарена капка крв, за секој споделен оброк, за секој спасен човечки живот. Благодарни сме му на Црвениот крст на Република Македонија бидејќи нè потсетува на должноста да бидеме хумани.

Хуманоста не започнува тогаш кога за тоа ќе се создадат соодветни услови или кога приликите ќе ни го дозволат тоа. Хуманоста започнува веднаш штом ќе чуеме дека некој има потреба од помош, независно од етничката, религиската, јазичната, социјалната или која било друга припадност. Хуманоста не се учи. Тоа е привилегија којашто Бог ни ја дарил, а од нас се бара да ја негуваме и да ја пренесуваме.

Хуманоста не започнува со декларации, изјави и конвенции, туку со самопрегорот на мажите и жените подготвени да му помогнат на повредениот, на болниот, на гладниот, насекаде и во секое време.

Драги сограѓани,

Со сите свои дела, генерациите членови и волонтери на Црвениот крст на Република Македонија ја исполнуваат благородната визија на Динан. Но, чинат и нешто многу повеќе од тоа.

Тие нè охрабруваат да се престигнуваме во правење добри дела.
Тие нè предизвикуваат да се престигнуваме во добрина, бидејќи добрината денес ни е потребна повеќе од кога и да е порано.

Вистинската добрина ги надминува сите поделби, ги брише сите разлики, ги замолкнува сите пакосни и лицемерни јазици. Вистинската добрина сплотува.

Затоа, ве повикувам да ги поздравиме и да им се заблагодариме со аплауз.

Како Претседател на Република Македонија, но пред сè како човек, ги повикувам оние кои можат да волонтираат – да влезат во редовите на Црвениот крст на Република Македонија. Оние кои можат да издвојат парични или други материјални средства, тоа да го направат. Од сите досегашни човечки страдања конечно да научиме дека е неопходно да дејствуваме превентивно. Сите заедно да му помогнеме на Црвениот крст на Република Македонија да продолжи да биде наша надеж во хуманоста.

Со тие зборови, во име на сите граѓани на Република Македонија, го честитам јубилејот на Црвениот крст. Посакувам со секој нареден предизвик да бидеме уште посилни и посплотени.

Ви благодарам.

crvenkrst03

  Back<<Назад