Говори и обраќања
BAN_predavanje1
Предавање во Бугарската Академија на Науките на тема: „Миграциите и мигрантите: предизвици за третиот милениум“
Понеделник, 21 Ноември 2016

Почитуван претседател на Бугарската академија на науките, Академик Воденичаров,
Ценети екселенции,

Дами и господа,
Драги пријатели,


Ми претставува чест како Претседател на Република Македонија, но и како универзитетски професор да се обратам во почитуваната Бугарска Академија на Науките. Размислувајќи за темите за кои би можел да зборувам, на крајот одлучив да ги споделам со вас моите согледувања за еден заеднички предизвик за нашите држави во 3. милениум: миграциите и мигрантите.

Патувањето, преселувањето, миграцијата се дел од големиот наратив на човечката историја. Целата планета и човештво се во постојано движење. Миграциите придонесувале кон создавањето на цивилизациите, но и кон рушењето на империите. Римската Империја пропадна поради преселбата на народите. Америка се создаде преку потрагата по среќа. Со луѓето патувале зборовите, идеите, пронајдоците и верувањата. Сите ние сме резултат на нечии миграции. Нема човек чии поблиски или подалечни предци не дошле од некаде. Речиси е извесно дека нема човек чии потомци нема да појдат некаде. Независно дали тоа некаде е друг град, друга држава, друг континент.

Сепак, нашите релативно кратки животи не ни дозволуваат да го согледаме и да го искусиме овој феномен во неговата севкупност. Како луѓе, сосема природно, се врзуваме за „овде" и „сега", честопати занемарувајќи го „таму" и „вчера" или „утре". Со други зборови, некритички се врзуваме за привремената сегашност, која имаме тенденција да ја прифаќаме како трајна состојба.

А сепак, историјата сведочи за една поинаква реалност. Политичките граници се порозни, но природните граници се постојани. Тоа најдобро го сумирал големиот американски стратег Николас Џ. Спајкман кој уште во 1942 година напишал дека: „географијата не подлежи на убедување. Таа е најфундаменталниот фактор во надворешната политика на државите, бидејќи е најтрајна. Министрите доаѓаат и заминуваат, дури и диктаторите умираат, но планинските венци остануваат непроменети".

Со други зборови, географијата влијае на преселбата на народите, судбината на државите и иднината на светот. Географијата е клучот за разбирање на миграцијата. Но, токму 20 век беше време на бунт против географијата. Ние во Европа и на Балканот како да заборавивме дека најтрајни не се границите на државите, туку границите на природата.

Европската бегалска и мигрантска криза не потсети на оваа важна лекција. Како се појави оваа криза?

Се сеќавате дека во 2011 година започна Арапската пролет. Меѓу горчливите плодови на Арапската пролет беа и пропаднатите држави и разорените општества на Блискиот Исток и во Северна Африка кои заедно чинат огнен појас на нестабилност, конфликти, бегалци и мигранти. Сè до Арапската пролет се вознемирувавме кога низ нашите територии нелегално минуваа по неколку илјади мигранти годишно. Во првите неколку години од конфликтот во Сирија бевме загрижени поради десетици илјади бегалци годишно. Во 2012 година, имало 4.320 мигранти. Во 2013 година ‒ 11.831. Во 2014 година, низ оваа рута минале 44.057 мигранти. Зенитот се достигна во 2015 година. Симболот на кризата стана грчкиот остров Лезбос, каде се истовараа илјадници мигранти кои потоа доаѓаа кон Македонија.

Во октомври 2015 година, само во текот на неколку часа имавме над 14.000 мигранти и бегалци на грчко-македонската граница кај Гевгелија. Населението на Гевгелија преку ноќ се удвои. Многу добро се сеќавам на тие драматични моменти. Тогаш како претседател и како врховен командант ја посетив нашата јужна граница. Состојбата изгледаше очајно. Границата на Европската Унија кон Македонија беше порозна. Не можејќи да го издржи притисокот од илегалната миграција, Грција, земјата членка на НАТО и на ЕУ и на дел од Шенген зоната ги распоредуваше бегалците и мигрантите на граничната линија со Македонија. Бевме во парадоксална ситуација. Македонија се соочуваше со закана што доаѓаше од територија на Европската Унија и НАТО.

Сево ова беше потсетување дека Македонија и Балканот се дел од Источно-медитеранската и балканската мигрантска рута. Според Фронтекс, во таа 2015 година низ Македонија и, воопшто, низ Балканската рута минале над 885.000 регистрирани мигранти и бегалци.

Што придонесе за наглиот пораст на мигранти?

Кон крајот на 2014 и почетокот на 2015 година, илјадници илегални мигранти од Косово масовно со автобуси тргнаа да бараат подобар живот во Европа. Масовното мигрирање на косовските граѓани најверојатно го привлече вниманието и на светските медиуми кои во живо го пренесуваа овој феномен. Вестите стигнаа и до Блискиот Исток и до Африка. Рутата што ја отворија косовските мигранти подоцна ја искористија и бегалците и мигрантите од Сирија.

Соочени со заканата од илегалната миграција, Советот за безбедност на Република Македонија донесе заклучоци за заштита на националната безбедност. На 19 август 2015 година, Владата на Република Македонија донесе одлука за прогласување кризна состојба на јужната и на северната граница. Веќе на 20 август донесовме одлука за ангажирање на Армијата на Република Македонија од делокруг на помош и поддршка на Министерството за внатрешни работи во справувањето со кризната состојба прогласена поради мигрантската криза.

Додека на Брисел му беа потребни шест месеци за да постигне консензус во однос на мигрантската криза, ние решивме да ги земеме работите во свои раце. Тогаш, Република Македонија беше една од ретките суверени држави во Европа, која сама донесе одлука и сама си ја спроведе одлуката.

Во октомври 2015 година, на наше инсистирање и на иницијатива на земјите долж балканската рута се свика проширен состав на Европската комисија со земјите членки на рутата каде што се движат бегалците и мигрантите.8 За првпат на заедничка маса се најдоа сите земји кои се засегнати од мигрантската криза. За првпат почнаа да се носат одлуки за нас, но и со нас.

На 13 ноември 2015 се случи терористичкиот напад во Париз. Веќе на 15 ноември го свикав Советот за безбедност на Република Македонија. За само два дена Армијата успеа да постави 20 км заштитна ограда. Со поставување на оградата ние успеавме да го регулираме протокот на една влезна точка, познатиот камен 59.

Замислете го парадоксот со кој се соочуваме. Македонија која не е членка на Европската Унија ја чува Европа од Европската Унија.10 На 2 март 2016 година, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск дојде во Македонија. Му го презентиравме нашиот план за регулирање на мигрантскиот бран. А, тоа е регулирање со еден влез и еден излез. Нашиот став беше дека тој т.н.
„принцип на цевка" треба да се спроведе на целата балканска рута за да може да се регулира. Брисел се надоврза на нашиот план што подразбираше влез на Идомени кај граничниот камен 59, а излез на австриско-германската граница. Кога се воспостави таа рута, тогаш можеше да се „стави вентил" и да се затвори балканскиот коридор.

Со договорот меѓу Европската Унија и Турција од 18 март 2016 година, оваа рута беше затворена.

Дипломатите и бирократите во Брисел здивнаа. Но, не за долго. Само што се затвори балканската рута, се виде дека организациите и лицата ангажирани во транзитот на илегални мигранти и бегалци се многу креативни и иновативни.

За тоа сведочи летокот што нашите служби го најдоа кај бегалците, напишан на арапски јазик и ја кажува новата, алтернативна рута: Од Грција, преку Бугарија, Романија, Украина и Полска до Германија. Тоа им беше пренесено на бугарскиот премиер и претседател кои беа благодарни што навремено ги предупредивме дека мигрантскиот бран наскоро ќе ја заплисне и Република Бугарија. Македонските и бугарските безбедносни служби дури организираа и заеднички вежби и маневри на македонско-бугарската граница за да се подготват за овој предизвик. Но, мигрантите не мируваа. Многумина се обидоа по воден пат, од Турција, преку Бугарија и Романија, да навлезат во Европа. Границата со Турција ја патролираат 4500 добро опремени лица. Воедно, поради неповолните временски услови и големите морски бранови мигрантите се откажаа од таа рута.

Но, нашата балканска мигрантска рута не е единствената. Ќе се сетите дека пред Лезбос, европските и светските насловни страници беа полни со написи за Лампедуза. Сè до 2015 година, Лампедуза беше трагичниот симбол за централно-медитеранската мигрантска рута.

По Арапската пролет се сруши поредокот на Либија, која престана да биде функционална држава. Мигранти од Рогот на Африка, од Џибути, Еритреја, Етиопија и Сомалија ја користеа територијата на Либија за да дојдат во Италија, каде денес има околу 170.000 бегалци. Во изминативе 20 години Италија веќе примила 4 милиони мигранти. Неколку години ова беше доминантната рута за доаѓање на бегалците во Европа. Со активирањето на оваа рута, за жал, Медитеранот стана познат како гробница на мигранти. Според Извештајот на Меѓународната организација за миграција (IOM) од јуни 2016 година, во периодот од 1 јануари 2014 до 31 мај 2016 година, 9.492 лица ги загубиле животите или се водат за исчезнати. Притоа, 17 од 20 смртни случаи на мигранти се случиле токму на централно-медитеранската рута.

Но, и пред централно-медитеранската беше активна западно-медитеранската мигрантска рута. Преку оваа рута, од 2000 година до сега во Шпанија влегле околу 5 милиони мигранти, претежно од Мароко, Западна Сахара и Алжир.

И покрај нивните разлики, овие три мигрантски рути имаат нешто заедничко. Прво, меѓу нив постои динамичка поврзаност. Штом една рута ќе се затвори, мигрантите и бегалците веднаш ја активираат следната рута.

Второто нешто што е заедничко за овие три рути е изворот на мигрантите. Сите три рути се напојуваат од Африка и Азија. Со други зборови, овие три рути се дел од големите миграциски движења низ Азија и низ Африка насочени кон Европа.

Трето, овие рути се повеќенаменски. Копнените рути на мигрантите се совпаѓаат со природните воздушни рути. Но, рутите на природните миграции не ги користат само мигрантите и природниот свет, туку и криминалните структури.

Имајќи предвид дека за да се стигне од Сирија до Германија мигрантите се подготвени да платат од 5 до 15 илјади долари, може да се замисли големината на тој бизнис. Според Европол, минатата година, заработката од мигрантите е меѓу 3 и 6 милијарди долари. 18 Мигрантските коридори не се само геополитички и геостратегиски, туку дека се и коридори на илегален геопрофит. На почетокот на оваа 2016 година, во рамките на Минхенската безбедносна конференција се сретнав со авганистанскиот претседател Ашраф Гани. Тој истакна дека најголем дел од криминалните структури кои во изминатите децении ги обезбедуваа рутите за шверц на дрога, сега се занимаваат со шверц на мигранти.

Според UNODC, балканската рута на дрогата кон Централна и Западна Европа започнува во јужните и западните провинции на Авганистан. Годишно, 1.000 метрички тони опиум и 140 метрички тони хероин се шверцуваат од Авганистан во Иран. Од нив, 80-85 метрички тони хероин се шверцуваат низ балканската рута кон Западна Европа. Се проценува дека организираните криминални групи што го шверцуваат хероинот до Балканот годишно заработуваат меѓу 600-700 милиони долари.

Како што бројот на бегалци ќе се зголемува, така волјата и подготвеноста на Европската Унија да ги прифаќа и да ги интегрира, ќе се намалува. Истовремено, мигрантската криза придонесе кон дополнително затегнување на односите меѓу државите. Но, цената што ќе ја платиме за несоработката е прескапа. Бидјеќи, колку е послаба соработката меѓу државите, толку е посилна соработката меѓу криминалците. За разлика од политичките елити и безбедносните служби, шверцерите на Балканот немаат никакви етнички, јазични или религиски предрасуди.

Ова е само почеток. Во март 2016 година бев во официјална посета на Египет. Во моментов во Египет има околу 5 милиони економски мигранти. На јужната граница со Судан чекаат уште милиони. Сè на сè, во непосредна близина на надворешните граници на Европа се наоѓаат меѓу 20 и 30 милиони потенцијални мигранти. Затоа, може да се каже дека мигрантската криза допрва почнува. Целите наши животи ќе бидеме сведоци на бегалци и мигранти кои ќе се обидуваат да дојдат во Европа. Но, тоа е дел од поголем процес.

Целиот 21 век се одликува со големо раздвижување. Според Обединетите нации, во светот има околу 232 милиони меѓународни мигранти и 740 милиони внатрешни мигранти. Над 65 милиони од нив се насилно раселени лица, од кои 21 милион се бегалци, а 10 милиони се апатриди.

Во 2014 година, 54% односно повеќе од половината на човештвото веќе живее во урбани центри. Се очекува дека до 2050 година, дури 66% од светската популација ќе живее во градовите. UN Habitat проценува дека секоја недела околу 3 милиони луѓе се преселуваат во градовите. Секојдневно, над 200.000 лица се приклучуваат кон светската урбана популација, што значи дека популацијата на градовите низ светот се зголемува за над 2 лица секоја секунда. Трендот на окрупнување и поврзување на градовите е незапирлив. Сето ова придонесува градовите особено мегалополисите да бидат центри на различност.

Можеме да забележиме една правилност. Со својот стандард, животен стил и можности, урбаните центри во најразвиените земји во светот како магнети привлекуваат најголем дел од мигрантите. Сосема природно, раздвиженоста е секогаш од посиромашните кон побогатите региони. Од селата кон градовите. Од градовите кон мегалополисите.

На пример, најголемиот урбан раст во светот е во Африка, која се урбанизира 11 пати побргу од Европа.26 Слично е и со Азија. Секој ден, 120.000 луѓе мигрираат во југоисточните и во источните градови на Азија. Од 1990 до 2014 година, за само 24 години, повеќе од една милијарда луѓе мигрирале од руралната внатрешност кон урбаните азиски центри на Пацификот.

Но, оваа динамика е позната уште од најраните времиња. Библискиот наратив за човештвото започнува во Еденската градина, но завршува во Новиот Ерусалим. Со други зборови, наративот на човековата историја започнува во руралната, но завршува во урбаната средина. Затоа, наспроти романтичарските соништа за враќање кон природата стои реалноста дека живееме во урбан век.

BAN_predavanje2Од мугрите на историјата, урбанизацијата е правило, додека рурализацијата е исклучок од правилото или како што напиша уште Аристотел, оној што не живее во градот односно населеното место е самодоволен и може да биде или ѕвер или бог.

На почетокот реков дека географијата влијае на миграциите, утврдувајќи ги правците, но не и причините за миграциите. Миграцијата е последица на повеќе меѓусебно поврзани фактори – економски, еколошки, политичко- безбедносни, но и техничко-технолошки. Овие четири фактори се продлабочени и забрзани поради глобализацијата.

Први се економските фактори кои подразбираат бегство од сиромаштијата кон подобар живот. Јазот меѓу глобалниот Север и глобалниот Југ се продлабочува. Од седум милијарди жители само една милијарда живее удобно. 62 од најбогатите луѓе на планетата се богати колку половина од човештвото. Не е ни чудно што милиони економски мигранти, кои немаат надеж за социјална мобилност во нивните родни држави, сакаат да дојдат во Европа.

Втори се еколошките фактори. Малкумина знаат дека сириската бегалска криза започна како еколошка миграција. Од 2006 година, во Сирија владее суша поради која 1.5 милиони луѓе од руралните и аграрни средини мигрираа во градовите.30 Според IOM, не само што во светот веќе има неколку милиони еколошки мигранти, туку и бројот ќе се зголемува на десетици, па дури и стотици милиони во наредните 50 години.

Трети се безбедносните фактори и насилниот екстремизам и тероризам во пропаднатите држави. Очигледна е разликата на Блискиот Исток и во Северна Африка од 2001 година до денес.

Настаните што се случуваа минатите години создаваат нова карта на Блискиот Исток и во Северна Африка. Либија веќе не постои како единствена држава. Од војната меѓу шиитите и сунитите, Јемен е поделен на четири територии. Состојбата на Блискиот Исток е хаотична. Ирак веќе не може да функционира како држава и е поделен на суниски и шиитски. ИСИС се обидува да освои дел од територијата каде што некогаш бил калифатот. Границите исцртани во пустинскиот песок што ги поделиле етничките, религиските и културните идентитети, сега се бришат и регионот повторно ги враќа своите природни граници.

Политичката карта на Сирија изгледа како леопардова кожа. Се води војната на сите против сите околу контролирањето на гасоводите. Во моментов, територијата на ИСИС се намалува. Тоа значи дека мигрантската рута ја користат оние кои губат на фронт, како и странските терористички борци кои се враќаат од боиштата во Сирија. Само од Балканот има преку 1.000 странски терористички борици кои биле или сè уште се на боиштата во Сирија. 60% од нив се веќе вратени. Ние од Македонија имаме околу 140-тина, од кои 30-тина се веќе убиени таму. Летово 86 беа веќе вратени. 20-тина се затворени со акцијата „Ќелија". Состојбата е многу покритична во Босна, каде по војната останаа многу странски борци.

Според последниот попис во Сирија во 2004 година имало 17 милиони жители.34 Сега се претпоставува дека се повеќе од 20 милиони, од кои половина се надвор од Сирија. Но, само 6% од 65-те милиони раселени лица се згрижени во Европа. Најголемиот товар од мигрантската и бегалска криза го чувствуваат државите на Блискиот Исток и во Северна Африка. Според УНХЦР, 39% од раселените лица се привремено сместени во државите на Блискиот Исток и во Северна Африка. Во Турција има 2.5 милиони бегалци од Сирија. Во Либан 1.3 милиони (една четвртина од популацијата на земјата). Во Иран се 979.000, во Јордан 1.4 милиони бегалци.

Четвртиот фактор што ја поттикнува миграцијата е развојот на технологијата. Она што во 19 век беше железницата за Европа, тоа денес е смартфонот за Африка – двигател на општествената и економската, но би додал и демографската трансформација.36 На Блискиот Исток и во Африка се користат околу 123 милиони смартфони.37 Зошто е ова важно? Бидејќи милиони потенцијални мигранти, азиланти имаат пристап кон технологија што може да им овозможи полесно да стигнат до посакуваната дестинација.

Овие, а и многу други секундарни фактори придонесоа кон она што стана познато како европска бегалска и мигрантска криза.

Европската Унија е во континуирана криза. Во седмата година од политичката и економската криза, Европската Унија се соочи и со мигрантската криза. Се повтори неуспехот на институциите за ефективно управување, солидарност и лидерство, односно, активности што треба да се спроведуваат на наднационално ниво.

И додека Европа се соочува со постојани политички, економски и безбедносни кризи, Унијата се најде во стапицата на сопствената бирократија. Наместо situation room во која на дневна основа би се менаџирале заканите, Европската дипломатија и бирократија се состанува во panic room во која се држат бирократски говори и се носат политички декларации. Она што мора да се направи е исклучително непопуларно, поради што е демократски невозможно да се спроведе. Сево ова потврдува дека Европа се соочува со недостаток од лидерство, одговорност и солидарност во самата Унија.

Познатиот аналитичар Клаус Офе дури зборува за криза на кризниот менаџмент на Европската Унија. Сè додека не може да се посочи актерот што може да помогне за излез од кризата, Европа не е само во криза, туку и во стапица. Кризата ги парализира или замолкна токму оние конструктивни актери кои би биле способни на дело да ги спроведат неопходните стратегии и промени со кои може да се надмине кризата и да се спречи нејзино повторно појавување. Прашањето што се наметнува е: Kако Европската Унија сака да ги реши кризите без кризен менаџмент?

А кризи има на секој чекор. Се проценува дека шансите Грција да излезе од Еврозоната во наредните 5 години (Grexit) се 60-40%. Истовремено, Brexit е дел од процесот на прегрупирање на силите на границите на Римланд. Зад ова прегрупирање лежи Англо-aмериканската поморска стратегија и Француско- германската континентална стратегија против растот на кинеската економија и руската воена машинерија на границите на Европа. Ова се условите во кои во наредните 5 години ќе се обликува идната европска безбедносна и одбранбена архитектура.

Во однос на мигрантската криза, во наредните 5 години ќе се соочиме со два предизвика. Додека првиот предизвик е да се обезбеди контрола на коридорите преку кои се префрлаат мигрантите, вториот предизвик е да се обезбеди контрола врз слободното движење на мигрантите кои веќе се наоѓаат на Шенген територија. Доколку Брисел продолжи со примена на бирократски мерки, тогаш ќе се зголеми ризикот за опстанок на Шенген зоната.

Во однос на безбедносната криза што е последица на надворешни закани, предвидувањата се дека Европа ќе се подели на 2 зони. Источниот блок и Балканот кој ќе се најде под постојана воена закана од Истокот и закана од илегална миграција низ транзитен коридор. Западна Европа која ќе се најде под постојани терористички закани и закана од илегална миграција кон крајните дестинации. Додека првата зона ќе биде под постојан кризен менаџмент, втората зона ќе биде под постојана вонредна состојба. Воените сили ќе треба да се прегрупираат за да дадат поддршка на цивилните служби во справување со заканите од тероризам, странски борци, заштита на границите и кризниот менаџмент. Разузнавањето ќе треба да даде поддршка на органите за спроведување на законите за да се справи со надворешните закани и со внатрешните опасности.

Третиот предизвик е поларизацијата на европските општества. Националистичките движења ќе јакнат и ќе применуваат насилни методи и средства за заштита на идентитетот и карактерот на националните држави. Повторно ќе се врати суверенитетот на државите за да се заштитат сопствените национални територии.

Четвртиот голем предизвик се политичките кризи. Тие имаат за цел внесување на државите во состојби на тензии. Во вакви тензии ќе се стават во off balance состојба. Тоа подразбира малцински влади, широки коалиции со мандат до 18 месеци и неможност за носење одлуки. Државите ќе бидат во состојба на потчинетост на центри на моќ кои ќе остваруваат свои сопствени интереси.

Петтиот предизвик се последици од пропаднати држави и држави во пропаѓање што се наоѓаат на границите на јужното крило на НАТО. До сега ЕУ и НАТО не можат да обезбедат заштита на државите од невоени закани. Затоа, очекувано е државите билатерално да соработуваат во рамките на своите региони со цел да се справуваат со опасностите.

Како да ја решиме оваа квадратура на кругот?

Факт е дека опстанокот на Европската Унија ќе зависи од кризниот менаџмент на третите земји кои се на коридорите и во оперативното опкружување. Земјите кои со години ги игнорираше, сега ќе станат клучни за нејзната безбедност. Тоа се пред се Египет, Јордан, Турција, Македонија, Србија...

Непосредната соработка за прашања од заеднички интерес ќе придонесе за надминување на недовербата меѓу безбедносните служби. За да даде резузлтати на среден и долг рок, таа соработка мора да прерасне во вистинско партнерство меѓу безбедносните служби на државите во рамката за партнерство.

Но, за да биде успешна, Европската Унија мора да направи две нешта.

Прво, мора да се дебирократизира. Panic room во која се состануваат дипломатите и бирократите треба да се замени со situation room во која ќе се состануваат субјектите на кризниот менаџмент.

Второ, Европската Унија и другите меѓународни организации мора да излезат од бирократскиот лавиринт и да се прилагодат на реалноста на 21 век.

За успешно да одговорат на овие предизвици, носителите на одлуки мора да се потпрат врз науката. Науката е таа што треба да нè запознае со сложената и динамична реалност на 21 век. Од демографската експлозија на Африка и Азија, преку константната миграција кон урбаните центри, па сè до растечката различност на градовите и мегалополисите. Само науката и нејзините институции, како што се универзитетите и академиите може да ги подготви европските институции за 3 милениум.

Ви благодарам.

Marakesh
Република Македонија е посветена на принципите и целите на Парискиот договор за климатски промени - обраќање на конференцијата за климатски промени – COP22
Вторник, 15 Ноември 2016


govor_2Ценети екселенции,

Дами и господа,

Ми претставува чест да ги споделам со вас ставовите на Република Македонија.

Арогантно прогласувајќи се за мерка на сите нешта, ние, како човештво го отфрливме моралниот и етички компас што го водеше нашиот однос кон природата. Без компас скршнавме од патот. Некритички дозволивме технологијата, како наша креација, да ги креира нашите потреби. Вештачките индустриски системи ги развивме и ги проширивме на сметка на природните екосистеми. Го уништуваме светот што ни беше доверен на чување. Со нашата култура на фрлање, го претворивме нашиот заеднички дом во ѓубриште и ја компромитиравме иднината на нашите потомци.

Веќе ги чувствуваме последиците од неодговорниот однос. Покрај милионите политички и економски, сè побројни се и климатски и еколошки мигранти кои се во потрага по живот со достоинство.

За да го решиме проблемот, не можеме да се ограничиме само на третирање на последиците. Мора да ги адресираме причините.

Минатата година се собравме во Париз, каде речиси едногласно го усвоивме Договорот за климатски промени. На 4 ноември, пред само 10 дена, овој историски договор стапи на сила. Ова е потврда дека како човештво ние конечно престанавме да го негираме проблемот и дека имаме доволно политичка волја за да се соочиме со реалноста на климатските промени.

Како земја потписник, Република Македонија е посветена на принципите и целите на Парискиот договор за климатски промени. Нашата посветеност ја покажавме и како 23. земја во светот која го утврди сопствениот национален придонес за намалување на емисиите на јаглероден диоксид. Иако е земја во развој во рамките на Обединетите нации, Република Македонија во исполнување на своите обврски оди чекор понатаму, особено во делот на известувањето, со кое се приближува кон обврските кои ги имаат развиените држави, вклучително и Европската Унија. Но, товарот е голем, а нашите ресурси се ограничени.  Република Македонија заслужува фер и рамноправен третман. За успешно да го спроведеме договорот од Париз, потребен ни е пристап кон меѓународни финансиски механизми за климатските промени, како Зелениот климатски фонд, и трансфер на технологии.

Дами и господа,

Денеска сме тука во Маракеш да го продолжиме она што го започнавме во Париз бидејќи веруваме дека Парискиот договор е мапата што ќе нè врати на вистинскиот пат.

Но, за да се ориентираме, мора одново да го земеме компасот в раце.

Потребни се долгорочни, темелни промени во начинот на производство и потрошувачка.

Тргувајќи со јаглеродните емисии без да ги промениме животните навики нема да биде профитабилно ниту за оваа, а ниту за идните генерации.

Мора да го редефинираме и концептот на развојот кој треба да биде во согласност со природата, а не на сметка на природата.

Можеби не можеме да постигнеме сè, но не смееме да не направиме ништо. Климатските промени се глобален феномен што има потреба од глобален одговор на глобалната заедница што верува во оваа мисија. Само така ќе им овозможиме на идните генерации да живеат со помалку страдање и со поголемо достоинство.

Ви благодарам.
femili_foto_maroko 

inzineri
Обраќање на церемонија за доделување на признанието „Повелба на Република Македонија" на Асоцијацијата на здруженија на инженери – Инженерска институција на Македонија
Четврток, 10 Ноември 2016

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги гости,

Како и речиси секоја човекова творба и креација, и науката е вредносно неутрална. Но, целите за кои се користи науката, најчесто не се вредносно неутрални. Сведоци сме дека науката и технологијата можат да се користат за градење мир, развој и благосостојба, но и да се злоупотребат за разградување на општествените и на еколошките системи. За унапредување на квалитетот на животот, но и за уништување на животната средина.

Денес, кога светот го одбележува Меѓународниот ден на науката посветена на мирот и развојот, ние во Република Македонија имаме можност да се потсетиме на македонскиот придонес кон овие универзални благородни цели.

Оваа 2016 година во која славиме четврт век од независноста на Република Македонија е збогатена со многу јубилеи. Еден од нив е и 70-годишнината од воспоставувањето на Инженерската институција на Македонија.

Дозволете да ја искористам оваа пригода да им се заблагодарам на сите поранешни и сегашни генерации членови на Инженерската институција. Сите тие со својот ангажман во своите професионални средини имаат придонесено за наш подобар живот. Сите се заслужни за подобрување на благосостојбата на нашата заедница, за досегашниот просперитет на нашата држава. Затоа, како претседател на Република Македонија, ми претставува чест, во името на македонските граѓани симболично да ѝ се заблагодарам на Инженерската институција на Македонија со Повелбата на Република Македонија.

Но, истовремено, оваа повелба претставува и обврска. Во изминатиот четврт век, светот постигна досега незабележан технолошки напредок и развој.

Нема ден, а да не дознаеме за некое ново научно откритие. Колку подлабоко навлегуваме во новата епоха на нови пронајдоци, но и на нови предизвици, толку повеќе се зголемува и потребата за компетентен и компетитивен научен кадар.Не е доволно Македонија да биде само корисник на научните пронајдоци и техничките решенија од светот. За да можеме да обезбедиме раст на нашата економија и напредок на нашето општество, потребно е и ние да сме дел од тие решенија.

Олеснителна околност е што не започнуваме од нула. Во изминатите седум децении, Инженерската институција на Македонија заедно со другите научно-образовни и истражувачки институции ги постави темелите врз кои денес ја градиме оваа визија. И веќе ги гледаме првите плодови. Ќе ви дадам само два примера.

Како претседател на Република Македонија, секоја година ја имам честа да им врачам инженерски прстени на најдобрите студенти од техничките факултети.
Со тој чин симболично ги внесувам и поврзувам со нивниот научен и инженерски повик. Воедно, веќе шест години по ред, ја доделувам наградата „Најдобар млад научник" на млади луѓе кои се занимаваат со наука и со научни истражувања. Млади луѓе кои веќе постигнале конкретен резултат во нивната област.

Овие млади научници и инженери не се само идни членови на Инженерската институција на Македонија. Тие се и идните градители на напредокот и на благосостојбата на Македонија.

Но, не смееме да се задоволиме само со ова. Доколку сакаме да држиме чекор со светските развојни трендови и да станеме генератор на образовна и креативна научна и инженерска сила, ние мора уште повеќе да ги поттикнуваме и да ги охрабруваме студентите и младите научници од различни научни сфери. Мора да направиме сè, младите научници и инженери да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите.
Мора да им помогнеме да се вклучат во највозбудливата епоха на развој, иновативни пронајдоци и креативни решенија.

Верувам дека Повелбата на Република Македонија ќе биде мотив повеќе за натамошно успешно творење во своите области на сите членови на Асоцијацијата. Верувам дека ќе биде и импулс за натамошен развој и афирмација на македонското инженерство и, воопшто, македонската наука.
inzineri_2


megureligiski_dijalog_bitola_3
Обраќање на отворањето на 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог
Четврток, 03 Ноември 2016

Почитувани присутни,

Ценети екселенции,

Дами и господа,

Драги пријатели,

Денеска сме собрани во Битола, градот со две традиции - „a la turka" што доаѓа од Истокот и „a la franga" што доаѓа од Западот. Иако навидум спротивставени, „a la turka" и „a la franga" кај нас се преплетени преку соживотот, почитувањето и прифаќањето на различноста. Не случајно, Република Македонија токму тука ја организира четвртата Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Оваа конференција е посветена на две исклучително важни и актуелни теми – миграцијата и интеграцијата. Но, за да одговориме на овој двоен предизвик, неопходно е да одиме подлабоко. Да размислуваме за улогата на миграцијата во развојот на религијата, од една страна и влијанието на религијата врз миграцијата, од друга страна. За да го расветлиме овој комплекс на прашања, не е доволна само академска расправа. Треба да ги отвориме светите книги.

Читајќи ја Тората ќе забележиме еден наратив што постојано се повторува. Со протерувањето на паднатиот човек од еденската градина, започнува сагата на човештвото кое е осудено на постојано движење, селење и преселување.

Во тој постојан циклус можеби највпечатлива е приказната за Аврам кој бил повикан од Бог да ја напушти својата безбожничка земја Харам и да се упати кон непозната ветена земја. Прифаќајќи го повикот, 75-годишниот Аврам станал најпознатиот мигрант во стариот век. Од тогаш, па натаму наративот на миграцијата станал нераздвоен дел од Божјиот план за човештвото и човековата потрага за Бога.

Понатаму, читаме дека во времето на Аврамовиот внук Јаков настанал голем глад на Блискиот Исток. Египет бил единственото место каде имало доволно храна. За да преживее, старецот Јаков со својот род мигрирал кон плодната долина на реката Нил. Ова е еден од првите документирани случаи на она што денес го нарекуваме економска миграција.

Но, приказната не запира тука. Во наредните четири века Египет станал место во кое Евреите биле поробени, експлоатирани и дискриминирани, а нивните првородени машки деца убивани. Соочен со ваквата репресија, законодавецот Мојсеј го извел еврејскиот народ од тиранијата на фараонот. Но, патот кон слободата се покажал подолг од очекуваното. Евреите како апатриди лутале низ пустината цели 40 години пред конечно да се населат во ветената земја.

12 века подоцна, кога со ветената земја владеел Рим, императорот Октавијан Август решил да го спроведе првиот попис на населението. Тоа значело дека секој треба да се попише во местото на своето потекло. Во Новиот завет читаме за дрводелецот Јосиф и неговата бремена вереница Марија кои морале да го напуштат Назарет и да заминат за Витлеем. Таму, во една пештера, Марија го родила Исус. Ова семејство на патници набргу се соочило со неизбежниот наратив на прогонството. Стравувајќи дека новородениот Месија ќе му ја загрози власта, параноичниот четворовласник Ирод наредил сите машки новороденчиња во Витлеем да бидат убиени.

Но, Јосиф предупреден во сон ја зел Марија и со Исус побегнале во Египет, каде останале цели 12 години, сè до смртта Иродова. Па така, не само што Исус Христос на земјата дошол како дете во семејство на бегалци, туку и самиот тој израснал во она што денес би го нарекле бегалски камп.

Јудаизмот и христијанството не се исклучок. Истото важи и за третата Аврамска религија – исламот. Се смета дека еден од далечните потомци на Исмаил е и пророкот Мухамед, основоположникот на исламот. Во јуни 622 година од новата ера, соочен со смртна опасност, Мухамед пребегнал од Мека во Медина, каде што ја изградил и првата џамија. Важноста на ова бегство познато како Хиџра е толку голема, што во исламот ова се зема за почетна година во сметањето на времето.

Нешто слично наоѓаме и кај источните религии. Знаеме дека во 5 век пред новата ера, на истокот на Индија живеел принцот Сидарта Гаутама. Тој го напуштил раскошниот живот во палатата на својот татко за да се посвети на потрагата по вистината. Соочен со страдањето, минливоста и пропадливоста на животот, тој се откажал од задоволствата за да најде мир, односно нирвана. Со тоа, Сидарта станал Буда.

megureligiski_dijalog_bitola_5Ценети присутни,

Што е заедничко за сите овие стории? Колку и да се меѓусебно различни, светските религии имаат барем едно нешто заедничко. А тоа е дека секоја од нив настанала со повик да се напушти домот, со прогонство, бегство или миграција. Основачите на светските религии биле мигранти, бегалци, прогонети, изгонети...

Аврам излегол од својата идолопоклоничка татковина.

Мојсеј бегал од репресивниот режим.

Исус се родил во семејство на бегалци.

Мухамед бил прогонет поради неговите верувања.

Буда го напуштил домот во потрага по смислата за животот.

Не треба да нè изненадува што во секоја од религиите централно место зазема повикот до луѓето да тргнат на патешествие. Повик да мигрираат од скептицизам кон вера, од бунтовништво кон помирување, од возгордеаност кон понизност, од омраза кон љубов. Бидејќи, да се верува значи да се патува.

Со тоа, од мугрите на историјата и цивилизацијата, патувањето станало најсилната метафора за човековиот живот. А целта на тоа патување е потрага по смисла, значење, дестинација и дом.

Но, истовремено, сведоци сме и на една повратна спрега. Како што миграцијата влијае на религијата, така и религијата или идеологијата влијае на миграцијата.

Тоа влијание може да биде позитивно. Пример за тоа се мисионерите кои со својата пожртвуваност и со силата на аргументите ги освојуваат срцата и мислите на луѓето низ светот. Низ Хераклеа минувал античкиот римски пат Via Egnatia по кој апостолот Павле одел кон Западот, но и аџиите оделе кон Истокот. Од овие простори се и св. Константин ‒ Кирил и Методиј кои биле мисионери кај Сарацените, Хазарите и Словените. Тука се вратиле и нивните ученици, св. Климент и Наум Охридски.

Но, има и темна страна на приказната.  Низ историјата имало многу обиди за ширење на религијата со помош на аргументот на силата. Доведена до крајност, оваа појава раѓа исклучивост, радикализам и екстремизам обединети во намерата да ја уништат различноста. Џихадот, крстоносните војни, погромите се историски примери за насилство во име на религијата, насилство кое е против самата религија.

Дами и господа,

Причини за современиот радикализам и екстремизам има многу.

Познато е дека мигрантската и бегалска криза со која се соочува Европа е последица на конфликтите на Блискиот Исток, кои, пак се последица на непочитувањето на старата поговорка која вели: Да не се отвораат старите рани. А дел од тие стари рани се Ирак, Авганистан, Сирија...

Праволиниските граници исцртани во пустинскиот песок што ги поделиле етничките и религиските идентитети, сега исчезнуваат од новата карта на Блискиот Исток и на Северна Африка. Либија речиси не постои како единствена држава. Политичката карта на Сирија изгледа како леопардова кожа. Ирак и Јемен се поделени на сунитски и шиитски делови. Овој хаос го користат монструозните движења како ИСИС, Боко Харам, Џабл ал Нусра... за да спроведуваат систематско уништување на цели заедници, на нивните домови и храмови. За само неколку години е уништен мозаикот на етничка, религиска и јазична различност што бил создаван и чуван со векови и милениуми.

Но, прогонувањето на луѓе со различна вера и уверување е сè поизразено, не само во несекуларни, туку и во развиени и секуларни општества.

Во изминатите две години, најголем дел од бегалците што дојдоа во Европа потекнуваа од Блискиот Исток. Тоа е простор каде со векови и со милениуми гостопримството кон туѓинецот се смета за светост. Доаѓајќи во Европа, тие сосема природно очекуваа дека со нив ќе се однесуваме онака како што и тие би се однесувале кон нас – со почитување на вроденото и неотуѓиво човечко достоинство. Наместо тоа, во многу случаи наидоа на затворени врати, на страв, предрасуди, недоверба и ксенофобија.

Со ваквиот однос кон мигрантите, некои европски земји создадоа гета без ѕидови, во кое различните се толерираат без вистински да се почитуваат, во кое се трпат, без да се прифаќаат. Моленбек, Сен Дени и други острови на сиромаштија и исклучивост во богатите европски метрополи станаа гнезда за радикализам, насилен екстремизам и тероризам.

megureligiski_dijalog_bitola_6Освен политичките, постојат и економски и еколошки фактори кои придонесуваат кон сè поголемата раздвиженост во светот. Милиони луѓе ги напуштаат своите домови поради уништувањето на животната средина, екстремните климатски појави, ширењето на пустините и подигнувањето на нивото на океаните. Ќе ве потсетам дека пред само две години го имавме првиот климатски азилант од Кирибати.

Како последица на сево ова, повеќе од кога и да е порано, живееме во време на бегалци и мигранти, раселени и прогонети кои го искусиле чувството на загуба на домот, семејството, татковината...

Според УНХЦР во светот денес има над 65 милиони присилно раселени лица, од кои 21 милион се бегалци, а 10 милиони се апатриди. Тие со себе ја носат сета своја етничка, религиска, јазична и културна различност. Затоа се вели дека сите се наоѓаат секаде и дека секоја религија и верување е присутно или барем достапно во секое општество и во секоја држава во светот.

Почитувани присутни,

Слободата во пропаднатите држави на Блискиот Исток и во Северна Африка, во сиромашните општества на третиот свет е само мисловна именка. Во такви услови, развиениот свет треба да им помогне на бегалците и на мигрантите да го остварат овој идеал.

Различноста од Блискиот Исток и од Северна Африка не исчезнува. Таа мигрира кон Европа. Бегалците и мигрантите кои тргнаа во потрага по среќа и  по слобода, се надеваат дека овие идеали ќе ги остварат на нашиот континент.

Соочени со реалноста на растечката различност на Европа, ние сме исправени пред неколку големи предизвици:

Како да научиме да живееме во мир со нашите најдлабоки религиски, идеолошки и идентитетски разлики?

Како да научиме да се почитуваме, наместо само да се толерираме?

Како ќе го постигнеме кревкиот, но важен баланс меѓу човековите права и слободи и човековите обврски и должности кон другите луѓе?

Како да ја гарантираме основната човекова слобода на мисла, совест и вера?

Од одговорот на овие прашања зависи дали ќе успееме да ги поставиме основите за вистинско мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично меѓународно општество, кое истовремено е и слободно и праведно и стабилно и безбедно. Притоа, најмалку што треба да правиме е да се плашиме, бидејќи стравот е филтер низ кој ги перципираме само заканите, но не и можностите што се пред нас.

Уверен сум дека оваа четврта светска конференција ќе даде дел од одговорот на овие дилеми и ќе помогне да го завршиме овој 21 век помирно отколку што го почнавме.

Ви благодарам.

panchevo30102016
Обраќање на Свечената академија по повод 70 годишниот јубилеј од доселувањето на Македонците во Војводина
Недела, 30 Октомври 2016


Obrakjanje_Pancevo_1Почитуван претседателе Николиќ,

Почитувани претставници на покраинската и локалната власт,
Почитувани сонародници,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест ми е како Претседател на Република Македонија да бидам со своите сонародници во соседната и пријателска Република Србија.

Ова 2016-та е година на јубилеи. 70 години од доселувањето на Македонците во Војводина. 25 години од независноста на Република Македонија. 20 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Србија.

Зошто прославуваме толку јубилеи? Затоа што јубилеите ни помагаат да ја согледаме големата слика. А тоа е дека нашите два народи имаат врски кои се постари и од нашите држави и од официјалните дипломатски односи.

Дами и господа,

Се вели дека потрагата по среќа може да не однесе на некое далечно, а сепак блиско место. Блиско по јазикот, менталитетот, културата. Така е и со Македонците. Во 1946-та, само две години по првото заседание на АСНОМ на кое се удрија темелите на македонската држава, вашите предци заминаа од својата татковина Македонија.

Причините за преселбата биле различни. Некои си заминале поради повоената економска состојба. Други затоа што останале без покрив над главата. Трети, поради пренаселеност во родните места. Но, сите до еден биле водени од потрагата по среќа. Сите, до еден имале голема желба да започнат нов живот.

Од планинските венци на Македонија, дојдоа во панонската низина на Војводина. Во Србија, во Војводина, вашите предци со себе го донесоа највредното што го имаа. Јазикот, културата и традициите што ги наследиле од своите предци. Обичаите, отвореноста и срдечноста. Со себе го донесоа и македонскиот модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. Го донесоа само за да откријат дека тој модел на свој уникатен начин веќе се применувал и во мултиетничка, мултијазична и мултирелигиска Војводина.

Пристигнувајќи со возови без возен ред, тие најдоа на отворени врати од староседелците. Им беше дадена можност да напредуваат и да придонесуваат кон благосостојбата на државата која стана нивна втора татковина. Тука ве родија и ве одгледаа вас, нивните деца и внуци. Ве образуваа да бидете одговорни граѓани на вашата втора татковина – Србија, но и да останете верни на вашата прва татковина – Македонија.
Со оваа двојна, но неподелена и непротивречна лојалност, вие им давате квалитет на односите меѓу двете држави. А тоа е вистинска реткост на Балканот.

Ценети присутни,

На Балканот не постојат етнички, религиски и јазични монолитни држави и општества. Никогаш и не постоеле. Соочени со оваа вистина, балканските држави имаат само две опции. Да ја признаат и прифатат, или, да ја негираат и отфлат оваа реалност. Од изборот меѓу овие две опции зависи дали статусот на малцинските заедници ќе биде мост на поврзување или, пак камен на сопнување во односите меѓу балканските држави. А со тоа, влијае на судбината на илјадници припадници на малцинствата.

Република Македонија е позната по својот демократски модел на интеграција без асимилација и почитување и прифаќање на секоја заедница, вклучително и српската. Не радува што наоѓаме на сличен однос на Република Србија кон македонската заедница.

Република Србија е единствениот непосреден сосед на Република Македонија кој доследно се грижи за македонската заедница. Тоа е позитивен пример што треба да го следат и другите наши соседи. И искрено се надевам дека со вакво позитивно темпо ќе продолжиме во иднина.

Македонската заедница во Србија и српската заедница во Македонија се гарант на добрите односи меѓу двете пријателски држави. Македонците во Србија и Србите во Македонија се истовремено лојални граѓани на своите држави и посветени родољуби на своите народи. Но, да се биде родољуб значи да се биде верен на јазикот.
Obrakjanje_Pancevo_02

Почитувани присутни,

Во далечната 1986-та година, пред точно 30 години, Блаже Конески напиша дека „за нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој е заправо единствена наша комплетна татковина." Тоа го знаел и Ѓорѓија Пулевски кој во 1875-та во Белград го издал познатиот Тријазичник. На тоа, денеска ќе додадам дека македонскиот јазик остана основната и најсилната жива врска што нè врзува и обединува.

Кога пишувате, зборувате и творите на македонски јазик, вие активно учествувате во изградбата на таа наша идеална татковина. Македонија е татковина на старословенскиот црковен јазик. Наш долг како Македонци е да го чуваме и постојано да го унапредуваме јазикот. Затоа, мојот апел до вас денеска е да не го оставите и заборавите македонскиот јазик. Да ги учите вашите деца, да ги поттикнувате вашите блиски, да бидете пример и охрабрување за Македонците на Балканот, во Европа и светот.

За тоа веќе се создадени услови. Новите комуникациски технологии ни овозможија да бидеме првата генерација Македонци која во реално време може да комуницира со сите наши сонародници во светот на нашиот македонски јазик.

Нема средба со државните претставници на Република Србија на која не зборуваме и за вас, Македонците во Србија. Македонскиот јазик стана службен јазик во Општина Пландиште и во Јабука. Ги поздравувам ваквите демократски чекори. Но, не треба да се запре тука.

Македонскиот јазик треба да биде изучуван и во другите основни училишта каде што Македонците живеат во значителен број. Неопходно е реализирање емисија на македонски јазик на програмите на државната радио и телевизија. И сите оние права кои ги имаат Србите во Република Македонија, согласно билатералната Спогодба за заштита на Македонците во Србија и Србите во Македонија и согласно меѓународните стандарди.
Со мојот пријател, Претседателот Николиќ отворено разговаравме и ги пренесов реалните потреби и легитимните очекувања на Македонците во Србија кои се однесуваат на изучувањето на македонскиот јазик, поголемата застапеност во јавниот, политичкиот и општествениот живот. Очекувам државните, покраинските и локалните органи на Република Србија да излезат во пресрет на овие барања, бидејќи, тоа е влог во трајното пријателство меѓу двата народи и двете држави.

Но, за да го остварите сето тоа, неопходно е едно нешто. А тоа е вие, Македонците во Србија да бидете сложни за да ги исползувате можностите што ви се даваат. Нашиот народ вели: сложни браќа куќа градат. Вашата куќа, тука во Србија се вашите човекови права и слободи и правото на човечко достоинство. Право да бидете почитувани и прифатени со сета ваша различност. Тоа ќе го постигнете само ако ги надминете внатрешните разлики, ако се помирите и сплотите околу Мајка Македонија.

Чувајќи го македонскиот идентитет, вие и давате на Србија дел од она што значи Македонија – а тоа е нашиот модел на соживот, почитување и прифаќање на различноста. Но, истовремено, и давате и на Република Македонија причина повеќе да ги гради и унапредува односите со Република Србија. А верувајте, има и зошто.

Ценети присутни,

Живееме во време кога на Балканот има се повеќе ретроградни процеси и кога се заострува реториката меѓу државите, со неколку позитивни исклучоци. Иако со Република Србија имаме некои различни позиции по некои отворени прашања, сепак, тоа не не спречува да остваруваме максимална соработка во сите области од заемен интерес.

Пред само два дена со Претседателот Николиќ се согласивме дека нашите две држави треба да се посветат на активностите и проектите кои се од големо значање за целиот регион. Еден од нив е и проектот за каналот Дунав-Морава-Вардар-Егејско Море. Тоа е проект на поврзување на водите и народите. Со Претседателот Николиќ се согласивме дека на следниот состанок на лидерите на Брдо Бриони процесот ќе го отвориме ова прашање што е од капитално значење. Пред се за Македонија, Србија и Грција, но истовремено ќе биде од корист и за земјите од Централна и Западна Европа. Верувам дека со овој проект, многу навидум нерешливи проблеми преку ноќ ќе станат решливи и многу отворени прашања ќе бидат затворени и оставени онаму каде што им е местото – во историјата.

Драги пријатели,

Со овој проект ќе се расчисти патот за градење на пријателските односи меѓу државите и народите. Замислете што ова ќе значи за сите нас, и особено за вас. Со овој проект, Скопје, Ниш, Белград, Панчево, Нови Сад ќе бидат поврзани со Егејското море. Овие градови ќе бидат дел од значаен коридор што ќе отвори многу можности за економски раст и развој.

Тоа е причина повеќе да им се биде благодарен на вашите предци кои пред 70 години се охрабриле, зачекориле во непознатото и се населиле во место кое наскоро може да се најде на крстосницата на еден од најзначајните европски водни коридори.

Затоа, за крај, да се запрашаме: Што би рекле вашите предци кога би им се кажало дека еден ден, нивната Јабука, нивниот Глогоњ, нивното Панчево преку Дунав и Морава ќе бидат поврзани со Вардар, со Македонија, со нивните родни краишта. Верувам дека некои од нив би признале дека со тоа, на некој начин, би им се остварила нивната последна желба. А тоа е вие, нивните деца, внуци и правнуци, да бидете што поблиску до татковината Македонија. Помогнете ни да ја оствариме таа желба.

Ви благодарам.
Poseta_pancevo_03 

orden_dramski
Обраќање на претседателот Иванов по повод одликувањето на Драмски театар – Скопје со „Орден за заслуги за Македонија“
Среда, 26 Октомври 2016

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги гости,

„Театарот е најголемата од сите уметнички форми во која најбрзо човек со човека може да сподели што значи да си човек", рече драматургот Тортон Вилдер. Се чини, иако во зенитот на својата технолошка и воопшто материјална моќ, човекот има огромна потреба од хуманост.

Живееме во свет во кој сè повеќе луѓе се присутни на интернет-мрежата, а помалку во домот, семејството, заедницата. Интеракцијата со светот за која се потребни сите сетила се заменува со притискање на екранот од смартфонот. Иако постојано поврзани онлајн, сè повеќе луѓе се чувствуваат осамени и отуѓени.

Платон вели дека уметноста е сенка на сенките. Но, денес изгледа дека уметноста е сè помалку сенка, а повеќе вистина и ја има димензијата да нè очовечи, да нè врати во светот на убавото, етичното, да нè насмее и да нè расположи, да ни вдахне живот. Од тие причини кога сè повеќе животите ни наликуваат на виртуелна реалност и холограм, засолниште наоѓаме во театарот. Театарот е простор каде што можеме да ги вклучиме нашите сетила. Место каде живи луѓе, во живо, непосредно пред нас оживуваат ликови, настани, собитија. Нè оживуваат нас самите. Како ниту еден друг уметнички медиум, театарот нуди топлина, блискост и очовечување.

Пред неколку дена и нашиот Венко Андоновски рече дека театарот е врв на реалистичната уметност. За тоа се потребни театри со голем уметнички, професионален и човечки потенцијал.

Ценети пријатели,

Денес имам особена чест да ви се обратам по повод доделувањето Орден за заслуги за Македонија на една од нашите најреномирани театарски, но и, воопшто, културни институции ‒ Драмски театар Скопје.

Во годината кога славиме 25-годишен јубилеј од независноста на Република Македонија, прославуваме и 70-годишен уметнички јубилеј од основањето на Драмскиот театар Скопје. Во изминатите седум децении, на сцената на Драмскиот театар Скопје израснаа генерации и генерации кои учеа за етичкото и за естетското, кои се спознаваа себеси и светот, го осознаваа и го почитуваа животот. Тој процес не смее да запре.

Ова е извонредна можност да им се заблагодариме на сите генерации членови на Драмскиот театар Скопје, кои во изминатите седум децении на сцената и зад сцената создаваа театарска магија која ги облагородуваше и ги исполнуваше посетителите на нивните претстави. Актерите, драматурзите, режисерите, техничкиот персонал, административните работници... се дел од екипата која ревносно и верно ѝ служи на публиката.

Екипата наречена Драмски театар Скопје навистина има причина да биде горда на својата богата историја и на уметничките достигнувања. За ова најдобар свидетел е токму публиката не само на матичната сцена во Скопје, туку низ цела Македонија и пошироко во регионот и во Европа.

Оттука, верувам дека Орденот што денес го доделувам ќе биде уште еден поттик за нови сценски подвизи, нови естетики, освојување нова публика.

Ви посакувам уште многу години театарско волшепство.

Ви благодарам.

orden_dramski1

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 7 од 58