Говори и обраќања
Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Десеттиот Доха Форум, во Катар
Понеделник, 31 Мај 2010

Екселенции, дами и господа,

Дозволете ми најпрво да ја искажам мојата благодарност до Неговото Височество, Емирот Хамад Бин Калифа Ал Тани, за поканата да учествувам на овој значаен форум. Развивањето на отворен дијалог за сите прашања поврзани со човековите права, еднакви можности, владеење на правото и слободен проток на информации, ни овозможува да го почувствуваме пулсот на меѓународната заедница за значајни и актуелни теми и во отворена дебата да ги искажеме и нашите ставови. Би сакал во оваа прилика да се задржам на безбедноста и стабилноста - клучната тема која е предуслов за сите останати прашања,

Почитувани,

Светот денес, подеднакво ги споделува и придобивкит и предизвиците на новото време. Во услови на растечка глобална меѓузависност, не можеме, и не сакаме веќе да функционираме како засебни, издвоени светови. Регионалната и глобалната безбедност како и стабилноста, несомнено се засноваат на зголемена комуникација и но и споделена одговорност.

Имајќи ја предвид ваквата меѓузависност, ќе се осврнам на состојбата со безбедноста во регионот на Југоисточна Европа, поширокиот европски регион и во светот, како и придонесот на Република Македонија кон градењето на општинот мировен процес.

Безбедноста на европскиот континент е незамислива ако нема безбедна Југоисточна Европа. За тоа историјата многупати посведочила. Без да навлегувам подлабоко во историјата, ќе посочам само еден факт преку кој може да се долови целата слика. Последните вистински војни на европско тло кои силно ја потресоа меѓународната јавност, на крајот од минатиот век, се водеа во Југоисточна Европа, на Балканот  можеби најпознатата и најкрвавата онаа во Босна и Херцеговина.

Сега имаме нови околности. За прв пат во историјата, на преминот од 20-от во 21-от век, во сите земји од нашиот имаме демократски избрани власти. И покрај тоа, не се целосно искоренети ризиците по безбедноста и стабилноста во регионот. Се уште има прашања кои се сложени, кои ги оптоваруваат односите и создаваат загриженост. Сето ова бара будност, внимание и посветеност кај сите. А излезот, решението, верувајте не е толку сложено, само бара визија и одлучност. Наместо статус кво состојба, потребна е брза интеграција на сите балкански држави во европските и евроатлантските структури. Европската и Евроатлантската идеја се тие кои ни ги движат општествата во посакуваниот правец кон просперитет и благосостојба. Тие не упатуваат на тесна билатерална и регионална соработка и тоа во области кои до пред само 10 години беа незамисливи. Тоа е концепт на Пакс Еуропана, концепт на отворен простор. Тоа е мојата визија за Република Македонија и за целиот регион. Впрочем, тоа е и визијата на градителите на Европското обединување. Ние сме на иста линија.

Само така, Југоисточна Европа ќе го најде своето вистинско место во системите на колективната безбедност и одбрана. Само така Европа ќе биде вистински стабилна.

Почитувани,

Република Македонија има што да каже на оваа тема. Ние посветено  превземаме низа конкретни активности за унапредување на безбедноста и стабилноста во регионот. Во таа наша определба, се водиме од сфаќањето дека безбедноста започнува со средување на сопствениот двор. Свесни сме дека стабилноста започнува дома. А без македонската безбедност и стабилност, безбедноста и стабилноста на Балканот, во Југоисточна Европа, е тешко замислива.

Република Македонија како мултиетничка, мултиконфесионална, мултијазична средина, со текот на времето создаде еден специфичен модел на соживот. Посветуваме огромно внимание, време и енергија во градење на македонскиот модел на интеграција.

Инклузивниот модел на интеграција без асимилација, кој денес претставува вистински предизвик за многу држави, во Република Македонија е реалност. Тоа е  еден од темелите на нашата безбедност, стабилност и економски просперитет, бидејќи создава поволни услови за градење на внатрешен мир, но и доверба со соседите. Тоа е нашиот придонес кон регионалната и европската стабилност.

Во Македонија 20-тина етнички и национални заедници ги уживаат сите права и слободи познати на денешницата. И ние секојдневно го надградуваме и го усовршуваме овој свој модел. Со ова Република Македонија, во еден невралгичен регион, создава безбедност. Тоа е најголемата сила на Република Македонија. Впрочем, убеден сум дека македонскиот модел е моделот на иднината. Сигурен сум дека помладите генерации ќе можат да бидат сведоци на мојата теза.

Затоа, подготвени сме да ги споделиме, со сите, македонските искуства и придобивки.

Почитувани,

Негувањето и градењето на добрите односи со соседите, е уште еден наш придонес кон мирот во регионот. Ние ја признавме соседната држава, Република Косово, и воспоставивме дипломатски односи, со што направивме чекор во градењето блиски, коректни и функционални меѓусоседски односи. Со демаркацијата на северната граница со Косово решивме едно крупно безбедносно прашање. Колку е суштествено тоа покажува и фактот што ние сме единствената држава од поранешната Југославија со целосно затворени прашања на границите. Ваквите прашања се уште ги оптоваруваат односите меѓу државите, не само во нашиот регион. Овие три позитивни чекори се конкретен македонски придонес кон безбедноста и стабилноста на регионот. Но, оваа слика нема да биде комплетна ако не дополнам дека со иста посветеност и внимание ги градиме односите со Србија. И не само со овие соседи, туку со сите.

Градењето на безбедноста на Југоисточна Европа ќе биде поуспешно со проширување на зоната на мирот во Европа преку проширувањето на НАТО и Европската унија. За постоење на соработка во безбедноста неопходно е да постои стремеж за заедничка иднина. Таков стремеж постои меѓу балканските држави. Таков стремеж постои во мојата земја и меѓу моите сограѓани.

Свесни сме дека денес, за да се грижиме за сопствената безбедност, неопходно е да ја земеме предвид безбедноста на другите. Затоа, учествуваме во мировната мисија на Европската унија во Босна и Херцеговина, Алтеа. Со тоа, придонесуваме кон Европската безбедносна и одбранбена политика и кон регионалниот мир и стабилност.

Почитувани,

За да биде одржлива, безбедноста треба да биде сеопфатна. Треба да ја гарантира добробитта и на поединецот и на општеството. И на државата, но и на меѓународната заедница.

Светот се менува, и ние треба да се менуваме со него. Порано, просторот ни го одземаше времето, а денес веќе не. Територијата го губи значењето бидејќи светот станува равен. Тоа отвара нови можности но и нови предизвици. Предизвиците на новото време – глобалниот тероризам, пролиферацијата на оружја за масовно уништување, меѓународниот организиран криминал, нелегалната трговија со дрога и луѓе, претставуваат закана за сите нас.

Мирот и безбедноста секојдневно се нарушуваат во одредени региони во светот. Се соочуваме со стари, замрзнати конфликти, но и со серија на нови настани и тензии во неколку региони во светот. И сето тоа се одразува на глобалната безбедност.

Денешните глобални закани бараат глобален одговор. Свесни сме дека не-поредокот во Авганистан шири реални ризици и вон границите на таа земја. Свесни сме дека ризиците од тој регион се реални и за Европа и за Балканот. Затоа, ние инвестираме во нашата и во европската безбедност. Затоа, Република Македонија ги стави на располагање своите мировници за одбрана на вредностите на слободата и демократијата. Со активното учество во мировната мисијата, Македонија се однесува како де факто член на НАТО алијансата.


Почитувани,

Придонесот на Македонија е повеќеслоен. Македонија придонесува кон безбедноста и стабилноста на суб-регионално, регионално и глобално ниво. Тоа го прави преку градење и промовирање на својот модел на мултиетнички соживот. Тоа го чини со афирмирање на дијалогот меѓу луѓето, културите и религиите, како најсигурниот ненасилен пат до мирот. Дијалог кој го поттикнавме преку организирање на конференцијата Дијалог меѓу цивилизациите токму во Охрид, во Македонија, за што сме и благодарни на Државата Катар за сесрдната поддршка. Тоа е доказ дека во овие наши напори ние не сме сами. Напротив, имаме силна поддршка.

На крај, дозволете ми да завршам со констатацијата дека развивајќи ги своите општества во духот на мирот и разбирањето, ние праќаме јасна порака. Светскиот мир зависи од сите нас. Светот денес по повеќе критериуми и по кој знае кој пат е повторно во вонредна состојба. Светската економска криза, климатските промени, глобалните и регионалните безбедносни предизвици, нетолеранцијата, отсуството на дијалог, се работи кои треба да ја обноват визијата за зголемена одговорност и соработка.

Ви благодарам.

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на доделувањето на наградата "Борис Трајковски" на пратеникот во Европскиот Парламент Бернд Поселт
Сабота, 29 Мај 2010

Дами и господа, драги пријатели. Дозволете ми најпрво срдечно да ве поздравам и да изразам задоволство од одржувањето на конференцијата на Паневропската унија. Се надевам дека имавте плодни дискусии и дека можевте барем малку да поуживате во убавините и гостопримството на Македонија, нешто по што сме надалеку познати.

Почитувани,

Паневропската унија континуирано го поддржува развојот, продлабочувањето и проширувањето на својата идејна ќерка, Европската унија. Во таа смисла, Паневропската унија придонесе за постигнување и на последниот договор, Лисабонскиот договор, што е уште еден чекор во насока на географското и политичкото обединување на цела Европа во рамките на Европската унија. По Лисабонскиот договор, ЕУ претендира да биде релевантен фактор и актер во меѓународните односи. Тоа нема да биде ниту лесно, ниту реално остварливо, без отвореност кон она што претставува природен дел од поширокиот и заеднички европски простор.

Денес Европа, закрепнува од големата економска криза. Во време на предизвици, кога постои несигурност, кога се преиспитуваат сопствените капацитети и потенцијали, кога повторно Европа е упатена во заедничка акција за соочување со проблемите, потребно е да се истрае на вистинскиот пат. Затоа, економското закрепнување на Европа не треба да биде на штета на визијата за обединета Европа. Не треба да се дозволи факелот на Калерги за европското обединување да згасне, факел кој му беше предаден на Ото фон Хабзбург. Економското закрепнување мора да води сметка за визијата на Паневропската унија. Визија на градителите на Европа.

Со Лисабонскиот договор, Европската унија се стекна со ново кормило кое ќе му овозможи на европскиот брод посигурно да маневрира во светските води. Паневропската унија ја има улогата на компас, кој што без разлика на предизвиците и невремињата, секогаш ја покажува вистинската насока во која треба да оди ЕУ, кон која треба да се стреми Европа. Денес, овој компас упорно покажува кон југоистокот на Европа.


Почитувани,

Преку ширењето на идејата за обединета Европа, ние најдобро се бориме за европските вредности и идеали, слободата, демократијата, владеењето на правото, но и забраната за кршење на индивидуалното право на идентитет и достоинството. Тоа е рецептот на европското помирување, обединување и единство врз здрави основи.

Европа, која се темели на тие вредности, треба да остане достојна на големата визија за обединет и отворен континент. Затоа, ги охрабруваме нашите европски партнери, во нивниот пристап кон Македонија да останат доследни и принципиелни. Ги охрабруваме што почесто да го користат компасот на обединувањето и единството. Лисабонскиот договор ни ја нуди шансата. Во име на заедничката иднина, во име на аманетот на оние кои го градеа обединувањето, денешното лидерство во Европа треба да покаже визија и да ја искористи можноста.

На крајот, радосен сум што денес еден докажан пријател на Македонија ја добива наградата “Борис Трајковски“, пријател кој, повеќе од две децении силно ја поддржува Македонската независност и правото на национален идентитет и просперитет на нејзиниот народ. Господинот Бернт Поселт ги следи своите политички идеи, принципи и идеали доследно, а не под влијание на дневната политика. Тој е силен глас во Европскиот парламент за правата на сите помали европски држави на сопствен идентитет и интегритет. Симболиката е дотолку поголема што токму господинот Бернт Поселт е мој личен пријател но беше и личен пријател на покојниот претседател Трајковски. Претседател кој со своето животно дело може да се вброи меѓу градителите на новата и обединета Европа. Визија која ја дели и господинот Поселт и Паневропската унија.

Ви благодарам.

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на приемот за претставниците на Парламентарното собрание на Советот на Европа
Петок, 21 Мај 2010

Почитуван претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г-н Чавушоглу,
Почитувани претставници на Парламентарното собрание,
Eкселенции,
Дами и господа,

Дозволете ми да ви се заблагодарам што со вашето присуство го збогатувате одбележувањето на почетокот на Македонското претседавање со Советот на Европа.

Најстарата европска организација е позната по тоа што многупати била предвесник на напредокот, предвесник кој го трасирал патот по кој треба да одат другите европски организации. Ја користам оваа прилика за да ја поздравам принципиелната одлука на Комитетот на министри на Советот на Европа, претседавањето на Република Македонија да биде под логото “Македонско претседателство 2010“. На овој начин, Советот на Европа укажа на својата доследност и на почитувањето на своите принципи. Со почитувањето на различноста на сите идентитети и правото на достоинство на секој поединечен народ, Советот на Европа придонесува за создавање на заедничкиот европски идентитет.

Почитувани,

Голема е симболиката во тоа што првото Македонско претседавање со Советот на Европа се случува на 60 годишнината од усвојувањето на Европската конвенција за човекови права и основни слободи. Човековите права се една од трите фундаментални вредности на Советот на Европа, заедно со демократијата и владеењето на правото. Македонија може да придонесе за остварувањето на овие три фундаментални вредности преку спроведување на трите цели кои си ги зададовме за време на претседавањето.

Јакнењето на заштитата на човековите права е наш прв приоритет. Неопходно е да го унапредиме и консолидираме системот на човековите права на национално и европско ниво. Кон тоа секако ќе придонесе и пристапувањето на Европската унија кон Конвенцијата. Македонското претседателство, надоврзувајќи се на процесот од Интерлакен, ќе работи и на реформата која треба да обезбеди почитување и спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права од сите земји потписнички.
Во Македонија постои функционален мултиетнички соживот. Сосема природно, вториот приоритет на Македонското претседавање е да се промовира и унапреди интеграцијата на националните малцинства во европските општества.
Интеграција без асимилација.
Мојата порака кон сите е правилно да се разбираат световите на различните, да се почитуваат различностите.
Интеграција со почитување на постоечките културни, етнички, јазични, религиски и други различности. Во таа насока, посебен акцент ќе се стави на интеграцијата на периферните групи, емигрантите и Ромите. Само така Европа ќе биде заеднички дом за сите нас.

Почитувани,

Иднината останува на младите. Не можеме да ја градиме таа иднина без нивната согласност, без нивната визија и енергија. Затоа, третата цел на Македонското претседателство е да го иницира “Охридскиот процес“ кој ќе има за цел да овозможи размена на мислења и искуства на младите од Југуосточна Европа и пошироко. На тој начин ќе го поттикнеме нивното учество во политичките процеси и демократските реформи во нивните општества, а согласно принципите, вредностите и стандардите на Советот на Европа.

На крај, би сакал да нагласам дека, во блиска соработка со Швајцарија и Турција, досегашниот и идниот претседавач со Советот, како и со Шпанија и Белгија кои претседаваат со Европската унија оваа година, можеме да придонесеме за унапредување на човековите права, демократија и владеење на правото во европскиот отворен простор.

Верувам дека европскиот успех зависи од сите нас.

Ви благодарам.

Обраќање по повод патрониот празник на Универзитетот Свети Кирил и Методиј
Среда, 19 Мај 2010

Ми претставува особено задоволство да ви го честитам патрониот празник, денот на големите сесловенски просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Тие, со своето дело, не задолжија сите нас. Кирил и Методиј веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик. Тие ја рушеа догмата воспоставена од другите. Догмата дека насобраното знаење на Европа, треба да се предава само на три избрани јазици. Дека е тоа е некакво ексклузивно право на таканаречените стари народи и дека не е за другите земји и луѓе.

Сесловенските просветители ја напуштија удобноста на царската палата во Константинопол, и заминаа во просветителска мисија. Мисија за ослободување на словенските народи од незнаењето. Мисија за градење на заедништво на сите европски народи под исти услови и еднаков пристап до словото.

Светите браќа биле подготвени да ја жртвуваат својата слобода и својот живот, за да го одбранат правото сите народи да зборуваат на својот јазик, и тоа да не биде пречка за размена на мисли и идеи.

Кирил и Методиј биле прогонувани. Кирил починал во Рим, а Методиј го завршил својот овоземен живот во зандана. Историјата постојано не става пред вакви предизвици. Но тоа не треба да не обесхрабрува. Предизвици имало, има и секогаш ќе има.

Тогаш тоа била одбрана на правото на сите народи на знаење и верување. Денес е одбрана од оние кои сакаат да живеат и профитираат од затвореноста, недовербата и непријателство.

Делото на Кирил и Методиј не згасна. Нивните ученици го одбранија и го вратија на изворот, во Климентовиот универзитет. И повторно, знаењето се ширеше од овие простори, но сега преку кирилицата. Денес, тоа е одбрана од оние кои сакаат да ја пресечат комуникацијата и разбирањето меѓу народите.

Како што тогаш победија оние кои се залагаа за да се подигне нивото на знаење на народите, така, денес ќе победат оние кои се залагаат за вистинско и искрено помирување и разбирање меѓу народите.

За нивното дело, признанието дојде дури во дваесеттиот век, кога папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година, во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS ги прогласи за ко-покровители на Европа, заедно со Свети Бенедикт. Кирил и Методиј го дадоа својот влог во Европа, европската култура и цивилизација. Знаењето кое го проширија во Европа денес ни се враќа, и ние тоа треба да го искористиме.

Почитувани,

Образованието треба да развие целосна креативност и повисока состојба на свеста и да создаде граѓани способни да ги исполнат своите највисоки аспирации, а истовремено да придонесат максимално за напредокот на општеството.

Со користењето на најголемото национално богатство на Македонија – бесконечната креативност на нејзините граѓани – ефикасното образование може да обезбеди национален просперитет и меѓународна компетентност.

Ако некогаш борбата била образованието да биде на мајчин јазик, денес борбата е образованието да биде и подостапно за сите. Преку високото образование, Македонија е веќе дел од Европскиот отворен образовен простор. Простор во кој полесно патуваме и поради визната либерализација.

Со реформите кои се спроведуваат, европските вредности стануваат наши вредности. Вклучувањето на Македонија кон болоњскиот процес значи потврда на започнатите реформи. Значи и примена на европските добри практики и стекнати искуства. Студентот повторно е централен субјект на образовниот процес.

Знаењето на македонските студенти се третира еднакво како и знаењето на нивните колеги од западноевропските земји. Со тоа, студентите од Македонија застанаа на истата почетна линија како и студентите од другите европски земји. За сите нив важат истите образовни стандарди и правила во овој голем, сеевропски академски натпревар.

Но, болоњските образовни принципи потребно е да се применат не само кон надвор, туку и дома, во Македонија. Потребна е мобилност. Мобилност не само кон Европскиот образовен простор, туку и во Македонија. Мобилност во рамките на нашите универзитети и нашите факултети. Мобилност која ја зацврсти здравата конкуренцијата која создава нов и подобар квалитет.

Сето ова не исправа пред прашањето – Што е суштината на образованието?
За што се едуцираат нашите млади?
Што е целта на прифаќањето на европските вредности?
Дали само да бидат потрошувачи на европската култура, или да бидат и нејзини креатори?

Почитувани,

Не е доволно да се знае. Знаењето мора да се примени. Неопходно е поврзување на знаењето со потребите на секојдневниот живот.

Знаењето е во функција на индивидуалниот успех кој ќе донесе колективен успех. Развојот на земјата зависи од придонесот на образованието. Денес сме сведоци на големото селење на моќта. Денес, моќни се оние држави и општества кои продуцираат или привлекуваат високо образовани, квалификувани поединци, иноватори и лидери во своите стручни области.

Затоа, треба да се прифати сфаќањето на образованието како континуирано, доживотно учење.
 
За колку време застарува знаењето?

Познато е дека денес, насекаде, знаењето кое студентите на техничките, информатичките или медицинските науки го стекнуваат во текот на студиите, е веќе застарено штом ќе дипломираат. Оттука произлегува насушната потреба за постојано надградување и усовршување. Само така може да се биде конкурентен на глобалниот пазар на знаењето.

Знаењето денес е достапно, но треба да се научи да се размислува со своја глава. Имагинацијата е поважна од знаењето, бидејќи знаењето ни кажува што во моментов знаеме и разбираме. Имагинацијата ни укажува на се она што можеме да го откриеме и создадеме.

Ајнштајн рекол: Умот функционира како падобран, имаме корист од него само кога е отворен. Со отворениот ум, студентите стануваат сосема блиски со изворите на сето знаење и изворите на севкупните академски дисциплини. Со отворениот ум, студентите се чуствуваат блиски со сето знаење и со секое подрачје од студиите. Стекнуваат образование засновано на свеста.

Затворениот ум создава ксенофобичност, стравови и предрасуди. Образованието кое го отвара умот придонесува за интеграција на поединецот во општеството и во глобалниот свет. Целта на образованието е празниот ум да го замени со отворен ум. Зошто? Затоа што окото го гледа само она што умот е подготвен да го сфати.

Почитувани,

Македонија и македонскиот високообразовен систем продуцира квалитетни кадри кои често се пробиваат до најпознатите европски и светски академски и истражувачки центри. Затоа, и покрај сите предизвици со кои се соочува нашиот образовен систем, не треба да се потценуваме.

Како што кажува една стара мудрост – кругот на сознанието се затвора на крајот од вечноста. Секоја генерација го темели својот напредок врз претходните, наследените знаења. Македонија и македонското образование имаат цврсти и здрави темели. Темели кои ги поставија токму светите браќа Кирил и Методиј. Темели на кои се надоврзаа македонските преродбеници. На нас е да продолжиме да чекориме по тој пат.

Ви благодарам.

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов се обрати на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог во Охрид
Сабота, 08 Мај 2010

Екселенции, Еминенции,

Дами и господа,

Вистинска привилегија за мене претставува можноста да се обратам на оваа конференција, пред ваква еминентна публика, во која практично е претставена целокупната глобална меѓурелигиска различност, меѓукултурното богатство. Сите ние овде во Охрид, во европската, па и светска духовна и културна престолнина, сакаме да ја афирмираме практичната вредност на дијалогот меѓу луѓето, кој е, бил и ќе остане, единствениот ненасилен излез од падовите на човековото постоење. Дијалогот, кој е најсигурниот пат до мирот.

Почитувани пријатели,

 

Неповторлива е можноста, две децении по падот на берлинскиот ѕид, да ги евалуираме вистинските придобивки на дијалогот како инструмент за надминување и решавање на недоразбирањата и разликите. Почнав со падот на Берлинскиот ѕид како значаен чекор во изградбата на она што јас го нарекувам Pax Europana. Станува збор за концепт на отворен простор во кој доминира дијалогот и почитувањето меѓу луѓето, заедниците, религиите. Отворен простор во кој секој ќе биде почитуван за тоа што е, без оглед каде живее и каде работи. Отворен простор во кој правилно ќе се сфатат световите на различностите и моќта на гео-културата.

 

Идејата за отворен простор, е изворот на европската сила и темелот на европскиот успех.

 

Мирот е темелот на благосостојбата на човековото постоење. Токму затоа, конференциите како оваа се одговор на горливото прашање за вистинските модалитети на живеење на дијалогот, во време кога нетолерантноста и ксенофобијата се закануваат да го уништат неговото постоење. Во време кога на сцена повторно се враќаат застарените и назадни политики кои го проблематизираат човековиот идентитет и достоинство и кои ја злоупотребуваат верата. Во тој контекст особено е значајно да ги одредиме модалитетите на дијалогот меѓу религиите, бидејќи секоја политика без духовност е неодржлива. Религијата, во помала или поголема мерка, е еден од клучните елементи на идентитетот на поединецот и заедниците. Одржливиот мир е возможен доколку плурализмот во општеството го инкорпорира во себе и религиозниот плурализам.

 

Почитувани,

 

Денес, светската јавност, барем декларативно го поддржува дијалогот. Колку реалноста ја прати декларативноста, па ако сакате и желбата за благосостојба која извира од сите наши визии за сегашноста и иднината, зависи од  спроведувањето на дело на заклучоците на ваквите, за жал, сеуште недоволно чести конференции. Тоа зависи од напорите на сите нас да ја поттикнеме употребата на дијалогот како инструмент за најуспешно градење на иднината.

 

Затоа, за поздравање се напорите на УНЕСКО и другите меѓународни организации во охрабрувањето и поддржувањето на меѓуцивилизацискиот дијалог, посебно интензивно и практично во чувствителните гео-стратегиски  делови  од светот, каде е неоходно да се разберат маргинизираните групи, малцинствата и се разбира младите, како идни градители на цивилизацискиот поредок. Впрочем, ако погледнеме далеку во историјата на човековата цивилизација постојат несоборливи и практично издржани  докази за моќта на дијалогот.

 

Државата живее во благосостојба ако во неа се почитуваат принципите на плурализмот, демократијата, обезбедувањето на човековите права и слободи, почитувањето на граѓанските права на сите, еднаквите можности за мажите и жените, создавање на соодветни и добри односи помеѓу верските заедници. Секое поместување на овој баланс, создава проблеми кои во рамките на едно демократско општество, можат да се решат единствено со дијалог.

 

 

Почитувани,

 

Република Македонија се гордее со својот единствен инклузивен модел на демократија. Модел кој подразбира интеграција без асимилација. Во Македонија, дваесеттина етнички, религиски, јазични и национални заедници ги уживаат сите универзални права и слободи кои ни се познати денес. Мултиетничкиот и мултиконфесионалниот соживот, кој е реалност во Република Македонија, е граден со векови. Македонскиот модел е модел на иднината, модел кој во својата суштина содржи универзални вредности, а поаѓа од почитувањето на различните културни матрици. Овој модел е  најсилната  легитимација на Република Македонија во меѓународната заедница. Тоа е и една од причините за одржувањето на оваа конференција токму тука, во Охрид, во Македонија.

 

Сите ќе се согласите дека мирот е претпоставка за економски развој, секаде, особено на Балканот. Но и обратно, економскиот развој е најсилниот темел на кој се потпира мирот, секаде, а посебно на Балканот. Нам ни е потребна поддршка на нашиот општествен и социјален модел, за да можеме да зачекориме во сферата на слободен и одржлив развој. Исто како што на западниот модел на економски развој му треба Западниот Балкан, отворениот економски простор, и нам ни треба поддршка да го изградиме нашиот економски просперитет кој е најодржлив мировен концепт, воопшто во светот.

 

Дами и господа,

 

Со организирањето на оваа конференција, кое прераснува во добра традиција, Македонија ја потврдува својата посветеност кон градењето на Глобална платформа за мир и дијалог меѓу религиите. Со својот пример, Македонија ги охрабрува верските и религиозните чинители ширум светот да се приклучат кон овој заеднички потфат.

 

Подготвени сме да ги споделиме искуствата и придобивките на македонскиот модел, а кои, ако доследно се применат, можат да придонесат за јакнење на меѓукултурната и меѓурелигиската соработка и разбирање и спречување на појавата на конфликти.

 

Природата и сесоздавателот ги создаваат различностите. Во шумата сите дрва и растенија се различни. Во воздухот сите птици се различни. Во водата сите риби се различни. На земјата луѓето се различни. Некои сакаат да летаат и да се движат во јато. Само себедоволните, не живеат во јато во група. Затоа бог го создал зборот, за да се комуницира. Дијалогот е можен само ако се комуницира. Кој не комуницира самиот го бира патот кон изолација, кон гетоизација.

 

Македонија живее во светот на различноста. Животот не научи на соживот и толеранција. Во Македонија правилно се сфаќаат световите на различните, и ние ги почитуваме. Ваквата вековна традиција и реалност не само што ја почитуваме, туку и ја рефлектираме во севкупниот општествено политички живот во Македонија.

 

Со тоа ја почитуваме креацијата на сесоздавателот, на природата. На ова се темели соживотот на овој простор, на оваа крстосница на цивилизациите, во оваа преубава Македонија.

 

Ви благодарам на вниманието.

Научна конференција „Науката и уметноста“ во организација на МАНУ и Друштвото на науките од Берлин „Лајбниц“
Петок, 23 Април 2010

Почитувани академици,
Почитувани гости,

Ми претставува огромна привилегија и чест да го имам поздравното обраќање до вас на вашата научна конференција „Науката и уметноста“, токму тука  во храмот на науките и уметностите. Честа е уште поголема кога оваа конференција е во заедничка организација и реализација со вашите колеги академици од Германија.
Денешниов настан е само уште една потврда и продолжување на македонско-германското пријателство кое обострано го негуваме. Имаме извонредна политичка, економска и севкупна соработка меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија. Македонија гледа силен партнер во Германија за надминување на пречките исправени пред нас, во реализацијата на нашите интереси.
Одличните билатерални односи и соработка, придонесуваат за плоден политички дијалог во кој и самиот се уверив при мојата официјална посета на Германија, во септември минатата година, кога со претседателот Хорст Келер имавме навистина импресивна средба, на која не ја одбегнавме ни науката.
Оваа конференција го потврдува фактот дека нашите две академски заедници ја препознаваат потребата за взаемна соработка и се подготвени за да ги здружат знаењето и искуството за доброто на сегашните генерации и идните поколенија. Науката и уметноста се области кои во целиот свет се говорат и толкуваат на единствен јазик.

Кога веќе зедов збор, не можам а да не се произнесам и по темата на денешнава конференција.
Меѓутоа прво морам да ја искажам мојата почит кон продолжувачите на делото на големиот Лајбниц. Последниот човек со енциклопедиско знаење од западната цивилизација, оснивачот и првиот претседател на вашата академија на науките. Кога бев професор уживав во неговото претставување и се одушевував на неговото сестрано знаење, но пред се на неговиот оптимизам.
Сега сакам да се навратам на темата за науката и уметноста преку потсетување за едно движење што се пројавило точно пред 100 години во Германија. Имено, во 1910 година одредени појави во германската ликовна уметност и во германската книжевност се обединуваат во едно ново движење наречено „експресионизам“. Движењето предизвикало своевидна „вулканска ерупција“. Речиси една деценија се вриело и оставило силен печат врз германскиот духовен живот. По 1920 година движењето слабее и остава простор за други стремежи во германското општество.
Во ова, пред се книжевно и уметничко движење, содржан е протестот кон естетизираниот и индивидуалистички импресионизам. Протест кон општествените и политички неправди, односно протест против неправдите на своето време.
Наспроти импресионизмот, кој впрочем на сликарското платно го пренесува надворешниот изглед на природата и на светот, експресионизмот го изразува  внатрешниот дух стимулиран од религиозни, општествени, психолошки нагони. Меѓутоа во експресионизмот присутна е и оптимистичката визија за иднината.
Младите уметници, книжевници инспирацијата за своето движење ја црпат од данскиот егзистенцијалист Серен Кјеркегор.
Што е тогаш суштината на Кјеркегоровата филозофија?
Наједноставно кажано, таа претставува природен продолжувач на новиот ирационализам, кој кај Германците може да се следи од Шелинг преку Шопенхауер.
Кјеркегоровиот ирационализам е роден од непријателството кон Хегеловиот систем. На подрачјето на книжевноста тоа се сведувало во жесток напад на Гете. Како приврзаник на субјективизмот, Кјеркегор се спротивставува на објективното мислење. За него објективноста не води само до откривање на безначајните вистини, или најмногу до некоја математичка формула. Меѓутоа, до вистински заклучоци човек доаѓа само преку субјективноста.
Кјеркегор тврди дека субјективноста е единствена вистина и токму тоа учење го прифаќаат експресионистите. Според Кјеркегор човекот се доближува до осознавање на својата егзистенција во таканаречените гранични состојби, на пример преку она чувство на немоќ и незаштитеност што предизвикува страв кај човекот. Стравот за него е чувството што го обзема човекот кога се соочува со празнината на својата егзистенција. Затоа стравот истовремено е израз на совршенството на човековата природа. Колку што е подлабоко и поинтензивно ова чувство на страв, толку е и самиот човек повозвишен. А токму стравот, во најразлични облици, претставува доминантно преокупирање на експресионистичката душа.
Кјеркегороровото сфаќање на животот, меѓутоа, во крајна линија не води во песимизам. Наспроти Шопенхауеровиот песимистички ирационализам кој кулминира во аскетското откажување од секоја практика, Кјеркегор решително ја нагласува улогата на човековата активност и токму поради тоа експресионистите кај него ја наоѓаат својата инспирација.
Е сега, зошто е сета оваа приказна за германскиот експресионизам.  Едноставно, ова беше потребно за да дојдеме до нивниот главен филозоф. Доколку Ернст Мах се смета за филозоф на импресионизмот, тогаш некогашниот фрајбуршки професор Едмунд Хусерл е филозофот на експресионизмот.
Денес Хусерл речиси е целосно запоставен во западната филозофија. Ирационалистички тенденции на неговиот филозофски метод станаа експлицитни дури преку Хајдегеровата филозофија. Хусерл си поставил задача да создаде систем кој ќе се обиде да продре до суштината на феноменот  без оглед на физичката или психичката реалност. Затоа методот на оваа доктрина наречена „осознавање на суштината“ („Wesensschau“), е интуитивно и апсолутно сознание на нештата за разлика од логичниот и психолошки метод. Токму тоа е и целта на експресионистите, сликата на светот да ја доловат феноменолошки, преку уметноста.
Хусерл во тој период, значи токму пред 100 години, неговите предавања ќе ги обедини во, за жал недовршено, дело кое денес е познато како Криза на европските науки и трансцендентална феноменологија.
Целиот овој вовед е токму за ова дело и пораките кои ни се оставени преку него за науките и уметностите.
Хусерл вели дека нововековната европска култура започнала со просветителската верба во семоќта на знаењето. Но таа верба се претворила во сегашната криза на науката, криза која се состои во фактот дека научното знаење го зароби човековиот дух. Наместо на човекот да му ги отвори перспективите на слободата, да ги даде своите моќни услуги во градењето на човековата слобода, науките го претвориле човекот во машина, во дел на процесот на создавање на техничката моќ која го заробува човекот.
При ваквата состојба на отуѓеност на науката од човекот, основната задача на филозофијата е да е во потрага за изворното значење на човековата рационалност. Да е во потрага на онаа рационалност која е израз на човековата самосвест и слобода, но и врз таа основа да го обедини сето научно знаење во една целина.
Затоа, основната цел на феноменологијата е самоосвестувањето на науката преку осознавање на изворните можности на човековиот дух, преку сфаќање на изворната смисла на рационалноста на човековата свест.
Наспроти технолошката рационализација на современата наука, односно онаа рационализација која има за цел што поефикасно манипулирање со природните појави, феноменологијата треба да ја открие онаа изворна рационалност на човековиот дух која е израз на човековата слобода на самосвест и вистинските можности на човекот.
Феноменологијата од страна на Хусерл е замислена како теорија која има за цел да ги одреди изворите на научните сознанија за на тој начин да и помогне на науката да ги осознае своите вистински цели, да се хуманизира, да изгради критички бариери за онаа објективизација на научните знаења кои водат кон затворање на патиштата до нивната човечка смисла.
Хусерловата феноменологија веќе цел век предизвикува жестоки полемики. Неговите следбеници се пред се егзистенцијалистите Хајдегер, Јасперс, Сартр, но и Мерло Понти, Макс Шелер, Роман Ингарден и многу други.

Хусерл едноставно укажа пред еден век на она што го имаме и денес, вулгаризација на науката и нејзино претварање во слугинка на технологијата.
Во последно време се поголем е интересот на науката за проучување на германскиот експресионизам, како во Германија, така и во САД. Да се надеваме дека од тоа ќе произлезе некој нов Хусерл кој ќе ја долови претставата за денешната состојба на науките и уметностите.

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 59 од 61