Говори и обраќања
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов се обрати на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог во Охрид
Сабота, 08 Мај 2010

Екселенции, Еминенции,

Дами и господа,

Вистинска привилегија за мене претставува можноста да се обратам на оваа конференција, пред ваква еминентна публика, во која практично е претставена целокупната глобална меѓурелигиска различност, меѓукултурното богатство. Сите ние овде во Охрид, во европската, па и светска духовна и културна престолнина, сакаме да ја афирмираме практичната вредност на дијалогот меѓу луѓето, кој е, бил и ќе остане, единствениот ненасилен излез од падовите на човековото постоење. Дијалогот, кој е најсигурниот пат до мирот.

Почитувани пријатели,

 

Неповторлива е можноста, две децении по падот на берлинскиот ѕид, да ги евалуираме вистинските придобивки на дијалогот како инструмент за надминување и решавање на недоразбирањата и разликите. Почнав со падот на Берлинскиот ѕид како значаен чекор во изградбата на она што јас го нарекувам Pax Europana. Станува збор за концепт на отворен простор во кој доминира дијалогот и почитувањето меѓу луѓето, заедниците, религиите. Отворен простор во кој секој ќе биде почитуван за тоа што е, без оглед каде живее и каде работи. Отворен простор во кој правилно ќе се сфатат световите на различностите и моќта на гео-културата.

 

Идејата за отворен простор, е изворот на европската сила и темелот на европскиот успех.

 

Мирот е темелот на благосостојбата на човековото постоење. Токму затоа, конференциите како оваа се одговор на горливото прашање за вистинските модалитети на живеење на дијалогот, во време кога нетолерантноста и ксенофобијата се закануваат да го уништат неговото постоење. Во време кога на сцена повторно се враќаат застарените и назадни политики кои го проблематизираат човековиот идентитет и достоинство и кои ја злоупотребуваат верата. Во тој контекст особено е значајно да ги одредиме модалитетите на дијалогот меѓу религиите, бидејќи секоја политика без духовност е неодржлива. Религијата, во помала или поголема мерка, е еден од клучните елементи на идентитетот на поединецот и заедниците. Одржливиот мир е возможен доколку плурализмот во општеството го инкорпорира во себе и религиозниот плурализам.

 

Почитувани,

 

Денес, светската јавност, барем декларативно го поддржува дијалогот. Колку реалноста ја прати декларативноста, па ако сакате и желбата за благосостојба која извира од сите наши визии за сегашноста и иднината, зависи од  спроведувањето на дело на заклучоците на ваквите, за жал, сеуште недоволно чести конференции. Тоа зависи од напорите на сите нас да ја поттикнеме употребата на дијалогот како инструмент за најуспешно градење на иднината.

 

Затоа, за поздравање се напорите на УНЕСКО и другите меѓународни организации во охрабрувањето и поддржувањето на меѓуцивилизацискиот дијалог, посебно интензивно и практично во чувствителните гео-стратегиски  делови  од светот, каде е неоходно да се разберат маргинизираните групи, малцинствата и се разбира младите, како идни градители на цивилизацискиот поредок. Впрочем, ако погледнеме далеку во историјата на човековата цивилизација постојат несоборливи и практично издржани  докази за моќта на дијалогот.

 

Државата живее во благосостојба ако во неа се почитуваат принципите на плурализмот, демократијата, обезбедувањето на човековите права и слободи, почитувањето на граѓанските права на сите, еднаквите можности за мажите и жените, создавање на соодветни и добри односи помеѓу верските заедници. Секое поместување на овој баланс, создава проблеми кои во рамките на едно демократско општество, можат да се решат единствено со дијалог.

 

 

Почитувани,

 

Република Македонија се гордее со својот единствен инклузивен модел на демократија. Модел кој подразбира интеграција без асимилација. Во Македонија, дваесеттина етнички, религиски, јазични и национални заедници ги уживаат сите универзални права и слободи кои ни се познати денес. Мултиетничкиот и мултиконфесионалниот соживот, кој е реалност во Република Македонија, е граден со векови. Македонскиот модел е модел на иднината, модел кој во својата суштина содржи универзални вредности, а поаѓа од почитувањето на различните културни матрици. Овој модел е  најсилната  легитимација на Република Македонија во меѓународната заедница. Тоа е и една од причините за одржувањето на оваа конференција токму тука, во Охрид, во Македонија.

 

Сите ќе се согласите дека мирот е претпоставка за економски развој, секаде, особено на Балканот. Но и обратно, економскиот развој е најсилниот темел на кој се потпира мирот, секаде, а посебно на Балканот. Нам ни е потребна поддршка на нашиот општествен и социјален модел, за да можеме да зачекориме во сферата на слободен и одржлив развој. Исто како што на западниот модел на економски развој му треба Западниот Балкан, отворениот економски простор, и нам ни треба поддршка да го изградиме нашиот економски просперитет кој е најодржлив мировен концепт, воопшто во светот.

 

Дами и господа,

 

Со организирањето на оваа конференција, кое прераснува во добра традиција, Македонија ја потврдува својата посветеност кон градењето на Глобална платформа за мир и дијалог меѓу религиите. Со својот пример, Македонија ги охрабрува верските и религиозните чинители ширум светот да се приклучат кон овој заеднички потфат.

 

Подготвени сме да ги споделиме искуствата и придобивките на македонскиот модел, а кои, ако доследно се применат, можат да придонесат за јакнење на меѓукултурната и меѓурелигиската соработка и разбирање и спречување на појавата на конфликти.

 

Природата и сесоздавателот ги создаваат различностите. Во шумата сите дрва и растенија се различни. Во воздухот сите птици се различни. Во водата сите риби се различни. На земјата луѓето се различни. Некои сакаат да летаат и да се движат во јато. Само себедоволните, не живеат во јато во група. Затоа бог го создал зборот, за да се комуницира. Дијалогот е можен само ако се комуницира. Кој не комуницира самиот го бира патот кон изолација, кон гетоизација.

 

Македонија живее во светот на различноста. Животот не научи на соживот и толеранција. Во Македонија правилно се сфаќаат световите на различните, и ние ги почитуваме. Ваквата вековна традиција и реалност не само што ја почитуваме, туку и ја рефлектираме во севкупниот општествено политички живот во Македонија.

 

Со тоа ја почитуваме креацијата на сесоздавателот, на природата. На ова се темели соживотот на овој простор, на оваа крстосница на цивилизациите, во оваа преубава Македонија.

 

Ви благодарам на вниманието.

Научна конференција „Науката и уметноста“ во организација на МАНУ и Друштвото на науките од Берлин „Лајбниц“
Петок, 23 Април 2010

Почитувани академици,
Почитувани гости,

Ми претставува огромна привилегија и чест да го имам поздравното обраќање до вас на вашата научна конференција „Науката и уметноста“, токму тука  во храмот на науките и уметностите. Честа е уште поголема кога оваа конференција е во заедничка организација и реализација со вашите колеги академици од Германија.
Денешниов настан е само уште една потврда и продолжување на македонско-германското пријателство кое обострано го негуваме. Имаме извонредна политичка, економска и севкупна соработка меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија. Македонија гледа силен партнер во Германија за надминување на пречките исправени пред нас, во реализацијата на нашите интереси.
Одличните билатерални односи и соработка, придонесуваат за плоден политички дијалог во кој и самиот се уверив при мојата официјална посета на Германија, во септември минатата година, кога со претседателот Хорст Келер имавме навистина импресивна средба, на која не ја одбегнавме ни науката.
Оваа конференција го потврдува фактот дека нашите две академски заедници ја препознаваат потребата за взаемна соработка и се подготвени за да ги здружат знаењето и искуството за доброто на сегашните генерации и идните поколенија. Науката и уметноста се области кои во целиот свет се говорат и толкуваат на единствен јазик.

Кога веќе зедов збор, не можам а да не се произнесам и по темата на денешнава конференција.
Меѓутоа прво морам да ја искажам мојата почит кон продолжувачите на делото на големиот Лајбниц. Последниот човек со енциклопедиско знаење од западната цивилизација, оснивачот и првиот претседател на вашата академија на науките. Кога бев професор уживав во неговото претставување и се одушевував на неговото сестрано знаење, но пред се на неговиот оптимизам.
Сега сакам да се навратам на темата за науката и уметноста преку потсетување за едно движење што се пројавило точно пред 100 години во Германија. Имено, во 1910 година одредени појави во германската ликовна уметност и во германската книжевност се обединуваат во едно ново движење наречено „експресионизам“. Движењето предизвикало своевидна „вулканска ерупција“. Речиси една деценија се вриело и оставило силен печат врз германскиот духовен живот. По 1920 година движењето слабее и остава простор за други стремежи во германското општество.
Во ова, пред се книжевно и уметничко движење, содржан е протестот кон естетизираниот и индивидуалистички импресионизам. Протест кон општествените и политички неправди, односно протест против неправдите на своето време.
Наспроти импресионизмот, кој впрочем на сликарското платно го пренесува надворешниот изглед на природата и на светот, експресионизмот го изразува  внатрешниот дух стимулиран од религиозни, општествени, психолошки нагони. Меѓутоа во експресионизмот присутна е и оптимистичката визија за иднината.
Младите уметници, книжевници инспирацијата за своето движење ја црпат од данскиот егзистенцијалист Серен Кјеркегор.
Што е тогаш суштината на Кјеркегоровата филозофија?
Наједноставно кажано, таа претставува природен продолжувач на новиот ирационализам, кој кај Германците може да се следи од Шелинг преку Шопенхауер.
Кјеркегоровиот ирационализам е роден од непријателството кон Хегеловиот систем. На подрачјето на книжевноста тоа се сведувало во жесток напад на Гете. Како приврзаник на субјективизмот, Кјеркегор се спротивставува на објективното мислење. За него објективноста не води само до откривање на безначајните вистини, или најмногу до некоја математичка формула. Меѓутоа, до вистински заклучоци човек доаѓа само преку субјективноста.
Кјеркегор тврди дека субјективноста е единствена вистина и токму тоа учење го прифаќаат експресионистите. Според Кјеркегор човекот се доближува до осознавање на својата егзистенција во таканаречените гранични состојби, на пример преку она чувство на немоќ и незаштитеност што предизвикува страв кај човекот. Стравот за него е чувството што го обзема човекот кога се соочува со празнината на својата егзистенција. Затоа стравот истовремено е израз на совршенството на човековата природа. Колку што е подлабоко и поинтензивно ова чувство на страв, толку е и самиот човек повозвишен. А токму стравот, во најразлични облици, претставува доминантно преокупирање на експресионистичката душа.
Кјеркегороровото сфаќање на животот, меѓутоа, во крајна линија не води во песимизам. Наспроти Шопенхауеровиот песимистички ирационализам кој кулминира во аскетското откажување од секоја практика, Кјеркегор решително ја нагласува улогата на човековата активност и токму поради тоа експресионистите кај него ја наоѓаат својата инспирација.
Е сега, зошто е сета оваа приказна за германскиот експресионизам.  Едноставно, ова беше потребно за да дојдеме до нивниот главен филозоф. Доколку Ернст Мах се смета за филозоф на импресионизмот, тогаш некогашниот фрајбуршки професор Едмунд Хусерл е филозофот на експресионизмот.
Денес Хусерл речиси е целосно запоставен во западната филозофија. Ирационалистички тенденции на неговиот филозофски метод станаа експлицитни дури преку Хајдегеровата филозофија. Хусерл си поставил задача да создаде систем кој ќе се обиде да продре до суштината на феноменот  без оглед на физичката или психичката реалност. Затоа методот на оваа доктрина наречена „осознавање на суштината“ („Wesensschau“), е интуитивно и апсолутно сознание на нештата за разлика од логичниот и психолошки метод. Токму тоа е и целта на експресионистите, сликата на светот да ја доловат феноменолошки, преку уметноста.
Хусерл во тој период, значи токму пред 100 години, неговите предавања ќе ги обедини во, за жал недовршено, дело кое денес е познато како Криза на европските науки и трансцендентална феноменологија.
Целиот овој вовед е токму за ова дело и пораките кои ни се оставени преку него за науките и уметностите.
Хусерл вели дека нововековната европска култура започнала со просветителската верба во семоќта на знаењето. Но таа верба се претворила во сегашната криза на науката, криза која се состои во фактот дека научното знаење го зароби човековиот дух. Наместо на човекот да му ги отвори перспективите на слободата, да ги даде своите моќни услуги во градењето на човековата слобода, науките го претвориле човекот во машина, во дел на процесот на создавање на техничката моќ која го заробува човекот.
При ваквата состојба на отуѓеност на науката од човекот, основната задача на филозофијата е да е во потрага за изворното значење на човековата рационалност. Да е во потрага на онаа рационалност која е израз на човековата самосвест и слобода, но и врз таа основа да го обедини сето научно знаење во една целина.
Затоа, основната цел на феноменологијата е самоосвестувањето на науката преку осознавање на изворните можности на човековиот дух, преку сфаќање на изворната смисла на рационалноста на човековата свест.
Наспроти технолошката рационализација на современата наука, односно онаа рационализација која има за цел што поефикасно манипулирање со природните појави, феноменологијата треба да ја открие онаа изворна рационалност на човековиот дух која е израз на човековата слобода на самосвест и вистинските можности на човекот.
Феноменологијата од страна на Хусерл е замислена како теорија која има за цел да ги одреди изворите на научните сознанија за на тој начин да и помогне на науката да ги осознае своите вистински цели, да се хуманизира, да изгради критички бариери за онаа објективизација на научните знаења кои водат кон затворање на патиштата до нивната човечка смисла.
Хусерловата феноменологија веќе цел век предизвикува жестоки полемики. Неговите следбеници се пред се егзистенцијалистите Хајдегер, Јасперс, Сартр, но и Мерло Понти, Макс Шелер, Роман Ингарден и многу други.

Хусерл едноставно укажа пред еден век на она што го имаме и денес, вулгаризација на науката и нејзино претварање во слугинка на технологијата.
Во последно време се поголем е интересот на науката за проучување на германскиот експресионизам, како во Германија, така и во САД. Да се надеваме дека од тоа ќе произлезе некој нов Хусерл кој ќе ја долови претставата за денешната состојба на науките и уметностите.

Македонско-албански бизнис форум
Четврток, 15 Април 2010

Почитуван Претседателе Топи,
Почитувани стопанственици,

Дозволете ми да го поздравам овој состанок на бизнис заедниците од двете земји, и да го изразам моето уверување, дека ќе имате продуктивна работа, дека ќе го пронајдете интересот за соработка.

Вчера на средбите со мојот пријател, Претседателот Топи, заемно констатиравме дека економската соработка е оној исклучитено значаен и редок сегмент во нашите односи, од кој не можеме да бидеме задоволни. Оваа соработка воопшто не кореспондира со нивото во политичките односи, со можностите на двете економии, со фактот дека сме соседи.

Секако, ние како Претседатели, нашите две држави, можеме и мораме да  ја олесниме и поттикнеме оваа соработка, можеме да создаваме амбиент и особено важно, да создаваме клучни претпоставки од типот на инфраструктурно, енергетско поврзување. Тука сме за да ве информираме дека, да, тоа ќе биде нашиот приоритет за периодот што следи.

Почитувани,

Улогата на државата е да ги унапредува билатералните односи, трасирајќи го патот за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Во услови кога светската економија, нашите економии сеуште закрепнуваат од последиците на кризата, ваквата улога на државата се повеќе доаѓа до израз. Упатени една кон друга, државата и бизнисот развиваат партнерски однос со цел одржување на економската стабилност.

Добрите и стабилни политички односи меѓу нашите две земји претставуваат најголем капитал од кој ќе профитираат двете општества и бизнис заедници. Во таа смисла, Спогодбата за трговија и стопанска соработка, како и Договорот за слободна трговија укажуваат на взаемната посветеност кон продлабочувањето на економските односи преку целосна либерализација на трговската размена.

Централноевропскиот договор за слободна трговија од 2006 година, ЦЕФТА, дополнително ја проширува рамката за соработка на полето на надворешната трговија, отварајќи простор за полиберален режим во однос на повеќе производи, како што се земјоделските производи или производите на прехранбената индустрија.

Свесни сме за постоењето на голем потенцијал за економска размена меѓу нашите две стопанства. Затоа го охрабруваме организираниот пристап и пласман на македонските производи на албанскиот пазар и ги поттикнуваме директните инвестиции на македонските претпријатија во Албанија, и обратно, но и основањето на мешовити компании. Таквиот поттик не е само вербален, туку се темели на реалните заложби за создавање на поволна инвестициона клима и отвеност на нашите економии.

Во таа насока, ја препознаваме и потребата за заедничките инфраструктурни проекти и поврзувања, кои треба позитивно да влијаат на зголемувањето на протокот на патници, стоки и услуги меѓу двете земји. Забрзаното поврзување на нашите земји преку Коридорот 8 е од заеднички интерес. Посебен предизвик претставува интензивирањето на соработката за доизградба на неопходните железнички линии, како иден економски крвоток меѓу двете земји. Исто така, еден од приоритетните проекти за Република Македонија е и дополнителното развивање на делниците кои би го унапредиле патниот сообраќај.

Енергетиката претставува клучен економски двигател. Затоа, во наредниот период потребно е поголемо заедничко ангажирање на надлежните институции од двете страни за дефинирање на можните решенија за интерконективно поврзување на двете земји во делот на електроенергетскиот и гасоводниот систем.

Почитувани стопанственици,

Вложувањето во инфраструктурната поврзаност ќе му даде нов импулс и на процесот на спроведување на Договорот за соработка во областа на туризмот и ќе го олесни организирањето на туристички патувања во двете земји, кои, од година во година се се побројни и за кои постои се поголем интерес кај граѓаните на нашите две земји.

Постои голем интерес за интензивна економска соработка, за што најдобро сведочи и овој македонско-албански економски форум. Го поддржуваме почестото организирање на бизнис форуми и Ве охрабруваме да учествувате на саемите во Македонија и Албанија, кои претствуваат одлична можност за зајакнување на постоечките и воспоставување на нови деловни врски со партнерите.

Во насока на унапредување на редовна соработка, ја препознаваме потребата за отворање на деловни центри во Скопје и во Тирана, дополнително олеснувајќи ги контактите и размената.

Како соседи, упатени сме едни кон други, и посветени сме на понатамошно развивање на соработката, како на политичко, така и на економско поле, а за што сведочат оваа значајна посета на Претседателот на Република Албанија, Н.Е. Бамир Топи, како и овој Македонско-албански економски форум.

Ви посакувам успешна работа и ви благодарам на вниманието.

Обраќање при доделувањето на „Орден за заслуги за Македонија“ на Есма Реџепова Теодосиевска
Вторник, 06 Април 2010

Дами и господа,

Имам голема чест и задоволство да ви се обратам по повод доделувањето Орден за заслуги за Македонија на нашата музичка дива Есма Реџепова - Теодосиевска. Македонија е земја со богата историја, култура, уметност. Земја која раѓа уметнички виртуози, хуманисти и човекољупци. Токму во Есма се синтетизирани сите врвни човечки и уметнички квалитети. Задоволство е да се биде современик и сограѓанин на Есма. Ѕвездата од париска Олимпија, чии концерти ширум светот се однапред распродадени. Есма која живее во нашето соседство, скромна и достоинствена, постојано подготвена да им помогне на сите на кои им е потребна поткрепа и подршка. Со својата автентичност, оригиналност и перфектна вокална изведба, Есма ја афирмираше македонската и ромската музика во светот, израснувајќи во маркантно интернационално музичко име.

Денес имаме можност во името на сите граѓани на Република Македонија, врачувајќи и го Орденот за заслуги за Македонија, да и се заблагодариме од се срце за се што има постигнато во афирмирањето на нашата земја. Да и оддадеме уште едно заслужено признание на нејзината музичка големина и на нејзината хуманитарна дејност. Големина на која и се восхитува целиот свет и за која сведочат бројните признанија и успеси, но пред се задоволството и насмевките на оние што уживале во гласот на Есма, или ја почуствувале нејзината мајчинска прегратка.

Почитувани,

Денешната свеченост се одвива на само два дена пред 8-ми април - меѓународниот ден на Ромите. Тоа е ден што со особена гордост се прославува во Република Македонија. Впрочем, ромската заедница е нераскинлив дел од македонското општество и не случајно токму во нашата земја постои општина каде што ромскиот јазик е во службена употреба.

Покрај останатите свои активности, Есма е бездруго една од водечките личности во ангажманите за подобрување на социјалната и економска состојба на Ромите. Секако нејзината грижа за заедницата, нејзината филантропска и хуманитарна мисија нè разликува националност, религија, пол...  Љубовта е потребна подеднакво секому и секаде и треба безрезервно да се дарува, како што тоа своевремено го правеше најпознатата скопјанка - Мајка Тереза.

Есма е апсолутен пример дека не постојат бариери кога е во прашање талентот, волјата и истрајноста.  Повеќе од педесет години Есма ги освојува сцените и срцата на посетителите на нејзините концерти ширум светот, носејќи ги пораките од една мала земја по простор, но голема по дух.

Дозволете ми на крајот на Есма да и посакам уште многу лични и професионални успеси и, секако, да продолжи со енергијата на својата музика и топлината на својот глас да го облагородува светот, дарувајќи и ширејќи безусловна љубов.

Испраќање на контингент на АРМ во Авганистан
Петок, 26 Март 2010

Почитувани припадници на Армијата,

Дозволете ми најпрвин да ви пожелам добро здравје, среќа и успех во мисијата која ја преземате во Авганистан. Во името на сите граѓани на Македонија можам да ви пренесам дека чувствуваме гордост и длабока благодарност кон вас. Како Врховен командант сум свесен за личната жртва која секој од вас се решил да ја поднесе и за ризикот кој со себе го носи оваа мисија, за семејните одрекувања и тешкотиите кои ве очекуваат во следните месеци.

Почитувани,

Република Македонија донесе одлука за зголемување на контингентот во Авганистан во коалиција со Соединетите Американски држави, поточно со националната гарда на американската сојузна држава Вермонт. Очекувам дека оваа мисија ќе претставува продолжување на успехот од претходните заеднички мисии на нашите две земји во Ирак.

Македонија своето пријателство и својата припадност кон коалицијата на демократски и слободни држави ја потврдува не само на зборови, туку и на дела и има сили и решителност да ја спроведе својата цел. Тоа е мир и стабилност во светот, промоција на слободата и демократијата, и заштита на недолжните од насилство. Ние сме дел од сојуз на држави обединети меѓу себе од нашите заеднички вредности. Токму затоа, поради високите цели и идеали, оваа мисија оправдано ја има широката поддршка на македонските граѓани, на политичарите и на јавноста.

Нашите сили се во Авганистан со задача да придонесат кон стабилноста и мирот. Да им помогнат на граѓаните на Авганистан полесно да изградат своја просперитетна, мирна, демократска и слободна иднина. Земјите кои учествуваат во мисијата не бараат ништо за себе. Нашата награда е сознанието дека сме сториле се што е во наша моќ да помогнеме кога било најтешко.

Почитувани,

Знам дека Вие во оваа мисија патувате со должна и длабока почит кон авганистанскиот народ. Авганистан е земја со исклучително минато и богата културна и верска традиција. И Македонија има длабока и долготрајна традиција на почитување и вреднување на различните религии, нации и култури. Таа традиција особено може да се види во Армијата на Република Македонија. Затоа знам дека ќе бидете исклучително добри и достојни амбасадори на нашата земја.

Македонија, со учеството во мировните мисии во Ирак, Босна и Херцеговина, Либан и во Авганистан, покажа дека е рамноправна со другите земји од евро-атлантското семејство на народи. Нашата армија не заостанува, по подготвеноста, по храброста и по решителноста, зад армиите на нашите партнери и пријатели. Македонија е полноправен член во понесувањето на одговорностите. И во најтешките мигови, Македонија останува посветена на преземените обврски и задачи, како што доликува на вистински сојузник и пријател.

Ние со нашата посветеност инвестираме и во цврстината на ова глобално сојузништво, кое е замислено да трае, и кое е надеж на многу луѓе од целиот свет. Цврсто сум уверен дека пред нас е период во кој врвните стандарди и постигања на Македонската армија, Македонското општество и Македонската држава ќе бидат крунисани со полноправно членство на Република Македонија во НАТО и Европската Унија.

Почитувани родители, роднини, пријатели,

Сите ние сме горди на нашите војници. Тие се тука, построени пред знамето на Република Македонија, затоа што се најдобрите. Тие се најподготвените. Најуспешните.

Почитувани војници и старешини,

Вие сте најдобрите претставници на нашата држава, на нашите вредности и на нашата посветеност на мисијата.

Да живее Република Македонија!

Обраќање на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на годишнината од основањето на Меѓународната организација на Франкофонија
Петок, 19 Март 2010

Обраќање на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на годишнината од основањето на Меѓународната организација на Франкофонија


Почитувани претставници на дипломатскиот кор, франкофони,

Ви благодарам што во толку голем број се одзвавте на поканата да го одбележиме Денот и четири децениското опстојување на Меѓународната организција на Франкофонијата.

Братството на франкофонските земји денес е една од најголемите меѓународни организации во светот. Нејзината долговечност е најдобра потврда за истрајноста и оправданоста на франкофонската идеја. Тоа е идеја која ги пленува и придобива своите приврзаници, со нејзината сила, вредности и традиција. Големата разновидност на државите кои членуваат во Организацијата, само дополнително го истакнува заедничкиот културен елемент на припадноста.

Драги гости,

Франкофонската традиција во Македонија е многу постара од самата организација. Македонија отсекогаш била место низ кое се прелевале цивилизациите и културите, на крстопатот меѓу Европа и Азија. Франкофонската култура оставила трајна и длабока трага во овој регион, и ние со задоволство ја негуваме и чуваме. Во Македонија француската традиција се поврзува со една граѓанска култура, која низ вековите претставувала водилка за далеку-мислечките наши сограѓани. Сите наши предци во Македонија, се што било европско го идентификувале со - a la franka.

Не случајно се вели дека францускиот јазик е еден од првите јазици на кои се објаснуваат правата на човекот, на човечкото достоинство. За мала држава, која честопати била во позиција да мора да се бори за своите права и своето достоинство, природно е да се насочи кон јазикот, кон културата и традицијатата со кои се негуваат и чуваат човековите права. Оттаму, нескротливиот и бунтовен дух на македонските писатели, македонските уметници, научници, спортисти и политички реформатори секогаш имал свое прибежиште во културната и духовната татковина на францускиот јазик, кој од големиот Волтер бил наречен - јазик на светот. Да се присетиме на примерот на апостолот на македонската борба, Гоце Делчев, кој францускиот јазик го учел од реформаторот на нашата литература Глигор Прличев.

Подрачјето на Франкофонијата, да искористам малку од модерниот жаргон, е место во кое секогаш владеела целосна визна либерализација за напредните и слободарските идеи.

Франкофонијата црпи од сите свои одделни членки, но успева сите нив да ги облагороди и да ги направи подобри и поуспешни. Нејзиниот акцент на демократијата, на образованието, економскиот развој, значи исполнување на  врвната обврска на државите и народите, за меѓусебно помагање и заедничко чекорење во иднината. Франкофонските земји ги поврзува чувството на солидарност. Очекувам тие принципи на соработка и солидарност повторно да бидат потврдени и во октомври, на самитот во Монтре, во Швајцарија, каде Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво за првпат по полноправното членство во организацијата на франкофонските држави.

Почитувани гости,

Република Македонија е земја во која традицијата на отвореност и прифаќање на различностите како благослов е реалност. Ние се гордееме со тоа што можеме да се повикаме на акумулираното богатство на култури кои го оставиле својот неизбришлив траг врз нашата земја. Со тоа богатство, со толеранцијата и почитувањето на различностите, со моделот на успешна мултиетничка демократија, ние ја облагодаруваме и ја зголемуваме вредноста и почитта кон Франкофонијата.

Со таа мисла би сакал да Ви се заблагодарам и да Ви посакам пријатна вечер, со уживање во уметноста. Но, прво да наздравиме за Република Македонија и за Организацијата на Франкофонските држави.
Вив ла Маседоан, Вив ла Франкофони.

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 Следно > Крај
Страница 56 од 58