Говори и обраќања
Годишно обраќање на Претседателот Иванов во Собранието
Понеделник, 21 Декември 2009

Годишно обраќање на Претседателот д-р Ѓорге Иванов во Собранието на РМ

Почитуван Претседателе на Собранието,
Почитувани пратеници,
Почитуван Претседателе на Владата,
Почитувани членови на Владата,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор, претставници на верските заедници на Република Македонија,

Со особена чест и задоволство, денес, за прв пат, ја исполнувам својата уставна должност пред македонскиот законодавен дом. Освен како мој отчет за тоа што го сработив, сакам ова обраќање да биде посветено на сработеното во Македонија воопшто, како и да дадам некои оценки за тоа што не очекува во иднината.
Сакам и да ги кажам моите јасни ставови по низа прашања кои не оптеретуваа на политички план и понекогаш создаваа конфузија кај граѓаните на Република Македонија. Она што е важно е дека 2009 година ќе остане запаметена по повеќе големи и важни успеси. Сепак, годината ја оставаме и со отворени прашања, со сериозни проблеми. Одговорите на истите, соочувањето со нив во годината што е пред нас, најлесно ќе ги пронајдеме со сплотеност и единство. Тоа се впрочем и очекувањата на граѓаните.

Почитувани,

Република Македонија на политички план докажа дека е функционална демократија. Како изборна година, 2009 ни почна со кампањи. Со можност уште еднаш да ја видиме македонската демократија на дело. И граѓаните и учесниците во изборниот процес дадоа свој придонес во успешно одржаните избори, кои подоцна ги поставија темелите за другите важни политички настани во текот на годината. Овие избори отстранија една негативна појава која ги следеше изборните циклуси, а тоа е оспорувањето на легалноста и легитимноста на изборните резултати.
Во Македонија во континуитет имаме јасно изразена волја на граѓаните, кои се определија за продолжување на економските и политичките реформи. За интеграција на Македонија во НАТО и во Европската Унија, на достоинствен начин. Имаме и многу интензивна понуда на разни политички решенија и модели во реализацијата на нашите зацртани цели. Големиот жар со кој се пристапува во политичката дебата е богатството на македонскиот политички живот. Особено кога решаваме за теми кои будат многу емоции. Такви се прашањата на идентитетот и припадноста. Односот кон традицијата во општеството. Економските успеси и падови. Граѓаните и демократијата не губат од ваквите дебати и граѓаните се доволно зрели да знаат да изберат. Јас верувам во дијалогот, како единствен начин да се решат отворените прашања, и внатре во земјата, и во односите меѓу државите.
Покрај понудата на политичките партии, во нудење на предлози и решенија активно се вклучија и медиумите и граѓанскиот сектор. Како активист за поддршка на слободата на медиумите и на цивилното општество, мене ме радува слободата на јавно искажување на својот став, дури и кога лично со него не се согласувам. И порано и денес сум подготвен да застанам во поддршка на плурализмот, со сите сили и авторитет да ја бранам слободата во изразувањето на мислата, на сопствените ставови, да го поддржувам граѓанскиот ангажман во општеството.
На внатрешен план, 2009 година беше година на стабилна мултиетничка коалиција способна да спроведува реформи. Нешто што во Македонија се смета за сосем нормално, а што во други земји може да биде вистински предизвик. Годината ја карактеризираше дух на почитување и соработка, кој е олицетворен во Уставот на Република Македонија. И покрај силната економска криза која бараше значителни намалувања на расходите на јавната администрација, изминатата година продолжи исполнувањето на принципот на правична застапеност на припадниците на сите етнички заедници.
Еден трауматичен момент, кој сметам дека ја покажа нашата сила како општество и вредностите според кои живееме беше реакцијата и солидарноста по големата трагедија која се случи во манастирот Свети Јован Бигорски. Уште еднаш на дело се виде дека луѓето во криза се покажуваат кои се и какви се. Додека гореа конаците, додека животите и бесценетите свети реликвии беа доведени во опасност, бевме сведоци дека луѓето од целиот околен крај, без оглед на верската и етничката припадност, дојдоа да им помогнат на своите соседи. Тоа е вистинскиот дух на Македонија, нашиот вистински карактер граден низ вековите на соживот и взаемно помагање.
Пристапувајќи кон оваа функција си поставив задача македонскиот модел на интегрирање на заедниците да стане подобро познат во светот. Македонија заслужува, како вистински микро-космос на толеранцијата, меѓусебната почит и соработка, да биде прифатена како пример за другите земји од регионот. Нашиот модел на интеграција без асимилација, со почитување на културните, јазичните и верските различности, е голем придонес и кон европската ризница на народи и култури. Останува уште самите себе да си се почитуваме, да си го почитуваме тоа што го правиме, тоа што сме, тоа што го имаме.

Дами и господа,

Годинава одбележавме две децении од падот на Берлинскиот Ѕид, од големото ослободување на Европа од тоталитаризмот, од освојувањето на слободата. Ова е година и кога конечно почна да се спроведува лустрацијата, како извонредно важен процес за идниот политички и демократски развој на Република Македонија. Очекувам едно темелно спроведување на истата, да придонесе кон намалувањето на деформациите во нашата демократија, во нашите институции. Граѓаните имаат право да знаат кој им се обраќа, кој нуди политички решенија и кој се нуди да зборува во нивно име.
Македонија продолжи да се справува со корупцијата и криминалот, кои, исто така, се предизвик за стабилноста и демократичноста на политичкиот систем. Имаме конкретни резултати на овој план и сметам дека веќе нема носители на функции во оваа држава, кои чувствуваат дека можат да прават што сакаат и кога сакаат. Мојата визија за Македонија е земја во која владее законот. Никој не е над законот, и законот никого не обесправува. Освен што владеењето на правото е гаранција за развивање на демократијата, тоа е и главна гаранција за економски развој и просперитет на сите граѓани.
Годината која измина ќе ја паметиме по ефектите од драматичната економска криза која го погоди целиот свет, но и по реалното сфаќање на кризата со сета нејзина сериозност. Навремената и соодветната реакција, заснована врз проверените економски принципи придонесе Македонија да го избегне најтешкиот удар на кризата. Успешните мерки ги заштитија граѓаните од сериозни економски тешкотии. Владата во голема мера излезе во пресрет на очекувањата на граѓаните и стопанството. Тука, секако, мораме да ги имаме предвид условите и тешкотиите во кои се работеше, надвор од формалното членство во евро-атланските структури кои се дополнителен мотив за инвеститорите и особено ефектите на глобалната економска криза. Ја поздравувам искрената и силна посветеност на Владата за уште поинтензивно продолжување на реформите, за ова круцијално прашање за нашите граѓани.

Почитувани,

Секако дека Претседателот има најголеми овластувања во областа на надворешната политика. Преземајќи ја оваа функција, мој избор и цел, беше да имаме динамична и активна надворешна политика. Посетата на тринаесет држави во овие седум месеци го покажаа токму тоа. Во водењето на надворешната политика да поаѓаме од принципот на отвореност. Со таков принцип во надворешната политика, со силна, ефикасна и продуктивна дипломатска активност, Република Македонија може да ги реализира своите надворешно-политички цели, да создава нови и да ги јакне и унапредува постојните партнерства. Само така може да биде подобро разбрана, признаена и прифатена во меѓународната заедница. Во изминатиов период остварив одлична соработка со Владата во оваа област каде имаме заеднички ингеренции. Успеавме да пополниме голем број на празни места во нашата дипломатска мрежа. Ги хармонизиравме плановите за настап на земјата на надворешно-политички план. Докажавме дека резултатите доаѓаат кога институциите функционираат со полн капацитет. Особено е важно што нашата дипломатија како висок приоритет ја имаше и промоцијата на економската соработка. Нашите дипломати и економски промотори помогнаа во организираното претставување на Македонија на сите континенти.
Како Претседател, јас си поставив задача да се ставам на располагање на нашите стопанственици, да бидам промотор на нашите економски можности и потенцијали. При секоја моја посета надвор од Македонија, без разлика дали ме придружува стопанска делегација, или не, економската соработка е највисоко на агендата, на сите мои средби.

Дами и господа,

Приоритетите ни се одамна поставени и се многу јасни. На првиот мој работен ден го посетив Брисел, за да ја потврдам посветеноста на Република Македонија на евро-атлантските интеграции. Во 2009 година Република Македонија постигна големи надворешно-политички успеси. Ја остваривме визната либерализација. Добивме позитивно мислење од Европската Комисија за постигнатите реформи во сите области. Го затворивме прашањето на демаркацијата на границата на север и воспоставивме дипломатски односи со Република Косово.
На полето на одбраната, донесовме одлука за зголемување на нашата мировна мисија во Авганистан, во тесна соработка и координација со Соединетите Американски Држави и другите наши сојузници од НАТО. При мојата посета на Њујорк и сојузната држава Вермонт уште еднаш се потврди стратегиското партнерство кое Македонија го има со Соединетите Држави, и се виде колку многу можеме да постигнеме со ова пријателство. Република Македонија во овие рамки го дава својот придонес за ширење на стабилноста и демократијата во едно од најкритичните места на светот. Ние ќе останеме посветени на мисијата во Авганистан, ние ја демонстрираме компатибилноста со НАТО стандардите и се однесуваме како нејзин де факто член. Тоа е нешто за кое добиваме признанија, тоа е нешто кое никој не може да го оспори. Македонија ги брани вредностите на демократијата и слободата, на различни начини и во различни организации.
Во изминатите месеци темелно се подготвувавме за превземање на Претседателството со Комитетот на министри на Советот на Европа идната година, што ќе биде уште една сериозна можност за Македонија да покаже што знае и што умее на меѓународната сцена. Како земја – промотор на човековите права, нашата држава ќе даде непроценлив придонес во мисијата на оваа организација, која треба да ја претставува совеста на европските држави.
Во Копенхаген покренав иницијатива за регионален самит за климатски промени кој би се одржал идната година во Република Македонија. Климатските промени и нивните последици, се нешто што нема да ја одмине ниту Македонија, ниту регионот. Треба да се подготвуваме за таквите предизвици.

Почитувани,

Во изминатиов период особено внимание посветив на негувањето и развивањето на добрососедските односи.
При посетата на Република Бугарија заедно со Претседателот Прванов со симболично кревање на рампата на заедничката граница практично ја одбележавме визната либерализација за македонските граѓани. При оваа посета ставивме до знаење дека, погледите на сите нас треба да се насочени кон иднината, кон нештата кои не поврзуваат со соседите и пријателите, кон заедничката сегашност и иднина. Ја почитуваме историјата, историските настани, но има кој да се занимава со тоа. Ние сме избрани да ја подобруваме сегашноста, да ја антиципираме и да се подготвуваме за иднината.
Во односите со Република Србија, успеавме со интензивна комуникација да го зачуваме високото ниво на разбирање и соработка. Признавањето на Македонската православна црква, секако не е отворено прашање меѓу државите, но е прашање кое во голема мерка влијае врз односите на нашите граѓани, на меѓусебната доверба и почит. Во честите средби со српскиот државен врв постигнуваме согласност дека ова прашање треба што поскоро да се затвори. Со тоа даваме уште еден пример до нашите соседи, и до светот, дека тешките, и емотивните прашања на Балканот може да се затворат и да се надминат.
Би сакал да го поздравам брзиот подем и развој на односите со Република Албанија.
Македонија, многупати сум кажал, има сериозен интерес сите нејзини соседи да бидат економски и политички развиени, и да напредуваат. Сите земји од Балканот можат да одат напред заедно, меѓусебно помагајќи се на тој пат. Јас цврсто се определив за одржување на редовни контакти со водачите на сите држави од соседството и од регионот, и за активно барање на начини за соработка, но и за отстранување на утврдените пречки во соработката. Градењето на еден нов, демократски Балкан е витална определба на Република Македонија. Поставуваме основа за Балкан без граници. Обединети, без притоа некој да доминира, туку обединети врз основа на меѓусебно уважување и почитување. Македонија долго време работеше за целосно да ги обележи своите граници и тоа е голем придонес кон стабилноста на регионот. Тука повторно сета комплексност на односите на Балканот, сите историски и геополитички нијанси дојдоа до израз, но Република Македонија умешно го одработи ова прашање.
Денес можеме да се пофалиме со нов квалитет во односите со нашиот најно сосед. Знам, дека и граѓаните на Република Македонија и меѓународната заедница, високо го вреднуваат овој дипломатски успех на нашата земја. Јас сум задоволен од растечкото ниво на економските односи. Косово е наш значаен трговски партнер, и постојат големи можности за соработка во многу области.

Почитувани,

Во текот на 2009 година Македонија забележа извонреден успех на планот на евроинтеграциите. Македонија успеа за првпат да добие целосно позитивен извештај на Европската Комисија и препорака за почнување на преговорите. Повеќегодишниот процес кој го обедини македонското општество, доби своја позитивна и конкретна завршница на една значајна фаза. Покрај сето ова не добивањето на датум за отпочнување на преговорите за членство успеа да го сведе проблемот на тоа што вистина и е. На ирационалното противење на политичката елита на нашиот јужен сосед на влезот на Македонија во Европската Унија и НАТО. Се надевавме дека со тоа што сме држава каде се вреднуваат реформите, се вреднува богатството на јазиците и правата на заедниците, нашиот пат ќе биде поедноставен и полесен. Се покажа дека политиката заснована врз сила може да опстои во вакви околности, дури и да ги злоупотребува правилата поставени со цел да ги заштитат оние кои ги исполнуваат условите да бидат дел од таа заедница.

Дами и господа, од форумот на демократијата на граѓаните на Република Македонија, од домот на македонската сувереност, сакам јасно да порачам.

Македонија е во 21виот век по почитувањето на правата на човекот и правата на заедниците! Македонија е во 21виот век бидејќи секој може да го оствари својот хуман, политички и економски потенцијал, без оглед кој е, од каде потекнува и како се изјаснува! Македонија е во 21виот век бидејќи сака отворен простор, нуди слобода и натпревар на културни и цивилизациски вредности! Македонија е во 21виот век бидејќи за неа идентитетот на другиот е еднакво свет како и сопствениот идентитет! Република Македонија со сите оние кои вака го живеат 21виот век ќе најде решение за отворените прашања! Со оние кои се надвор од цивилизациските и демократските придобивки на нашето време, нема каде да се сретнеме!
Премногу дебатираме за нашите црвени линии во разговорите со нашиот сосед околу разликите за името. Од оваа говорница ги повикувам сите политички актери, да не создаваат конфузија и недоумици кај нашите граѓани. Има ли некој во оваа држава кој не ги знае сопствените црвени линии во однос на прашањата за идентитетот, јазикот, културата, традицијата. Тие индивидуални црвени линии се и нашите државни црвени линии.
Местото на Република Македонија е во НАТО и ЕУ, со заеднички придонес на сите за остварување на стратешката цел. Голем дел што сме присутни тука сме се соочиле со прашањето на овој спор. Многумина од собраните тука ја носеле и одговорноста за неговото решавање. Знам дека и вам црвените линии ви се добро познати и многу јасни, како што им се јасни и на македонските граѓани. Тоа е неотстапување од македонскиот идентитет. Неменување на уставот. Решение кое нема да го повреди нашиот национален, културен и јазичен идентитет. Република Македонија својата конструктивност во овој апсурден и наметнат спор, одамна ја докажа со конкретни чекори на добра волја. Вон сите досега познати стандарди во уставната практика, го промени својот Устав, констатирајќи го општо познатото, дека Република Македонија нема територијални претензии кон никого. Република Македонија направи и чекор повеќе, го направи непоимливото, го смени своето знаме. Република Македонија е подготвена за решение кое ќе значи компромис, ние сме подготвени да разговараме само за нештата кои се предвидени во резолуциите на Обединетите нации.

Почитувани,

Како општество нас не ни е потребна политичка злоупотреба на спорот. Македонските граѓани ја дадоа својата доверба на политичари кои треба да работат на решенија на спорот за името. Македонскиот државен врв има јасен став, посветеност на процесот во Обединетите нации, и трагање по прифатливо решение. Крајната цел на македонските интеграции е апсолутно прифатена од страна на сите. Но, има разлики во тактиката, во начинот како да се дојде до неа.
Ние сме сведоци дека Грција, своите постапки во Унијата ги води исклучиво од своите внатрешни, ситни политички интереси. Таа има формално право да се однесува на тој начин, но нема право во целост да ги занемари заедничките европски интереси. Да го блокира проширувањето и остварувањето на големиот европски сон. Да блокира земја во која јавноста, буквално до последниот човек, многупати јасно го кажала својот став за припадноста во Европската Унија и во НАТО. Македонија ќе биде поинаква членка на НАТО и на Унијата. Македонија секогаш ќе води сметка за своите интереси, и за тоа нема да се правда. Но, ќе води сметка и за заедничките интереси на Европа.
Знам дека, поради трауматичното минато на Македонија, постои длабоко вкоренето сфаќање дека ние за ништо не решаваме, ние за ништо не се прашуваме. Дека Македонија е само примач на политички одлуки, дури и кога тие се однесуваат на неа.
Дами и господа, тоа е стариот начин на размислување. Тој начин на размислување не не носи поблиску до Европа. Не ни носи пријатели. Не може да ни донесе почит, ако самите не се почитуваме. Македонија треба да биде прашана за многу работи. Македонија самата ќе каже многу работи. И ќе биде слушната!
Дами и господа, сите преземени активности, сите воспоставени контакти и иницијативи укажуваат на нашата посветеност на Европската Унија. Сите граѓани на Република Македонија покажаа дека се евроентузијасти. Република Македонија не бара повеќе од ниту една друга држава, но нема да прифати ништо помалку.

Знаеме кој сме, знаеме што сме, знаеме каде одиме!
Да живее РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!
Да живее ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА!
Ви благодарам.

Обраќање на Претседателот Иванов на Конференцијата на ОН за климатски промени
Среда, 16 Декември 2009

 

 

 

 

 

Почитуванa госпоѓа Претседател
господине Извршен Секретар
Екселенции,
Почитувани делегати,
Дами и господа,


Дозволете ми да изразам благодарност до земјата-домаќин Данска за организирање на Конференцијата на Страните (СОР15), што претставува продолжение на двегодишниот Бали Акциски план. Исто така би сакал да ја поздравам Рамковната Конвенција на Обединетите Нации за климатски промени (UNFCCC) за спроведување на овој огромен потфат. Но, сепак, процесот не застанува тука.

Донесувачите на политики и одлуки се одговорни за сегашните генерации, но и за генерациите кои следат. Да не заборавиме дека сегашноста е нешто кое го позајмуваме од идните генерации.

Веќе сме сведоци на негативните ефекти од климатските промени и, оттука, мораме да делуваме итно со цел да го спречиме процесот и да го избегнеме негативното неповратно влијание. Токму поради тоа нам ни е потребен правно обврзувачки договор на глобално ниво кој предвидува создавање на најдобри можни услови кои ќе овозможат да се одржи глобалното затоплување за помалку од 2 степена.

Во овој контекст, силно ја поддржуваме Европската Унија во нејзините напори за намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 20 проценти до 2020 година и нејзината заложба за намалување на емисиите на глобално ниво за најмалку 50 проценти до 2050 година во споредба со нивоата на емисии од 1990 година. Исто така овде треба да се присоединат и напорите на развиените земји за намалување на емисиите за околу 80-95 проценти.

Придржувајќи се кон интегрираните стратегии за одговор на енергетските и климатски промени, Македонија донесе одлука да го зголеми својот удел на обновливи енергии во својата севкупна потрошувачка на енергија, од моменталните 15.3% до 21% до 2020 година. Очекувам ваквиот тек на активности да биде прифатен и спроведен исто така од страна на другите нации.

 

Екселенции,
Почитувани делегати,
Дами и господа,

Би ја искористил оваа прилика да го искажам моето очекување за соработка со нашите европски партнери за ефективно усогласување на идентификуваните приоритети со соодветните технички и финансиски потреби и капацитети на земјите, како на Македонија така и на другите.

Уверен сум дека сите правиме исти напори за интегрирање на мерки за намалување на јаглеродните емисии во клучните национални стратегии и документи. Веруваме во моќта на знаењето. Климатските промени наметнуваат потреба од еколошки иновативни пристапи и технологии во поддршка на економскиот развој и пораст. Во целост сме свесни дека одржливите развојни стратегии не се апстрактни концепти или желби. Тие исто така се клуч или патоказ за тоа како да се постапува одговорно на национално ниво и како истата одговорност да се споделува со другите нации.

Ваквата заедничка визија исто така зависи од развојот на јавната свест и индивидуалното разбирање на проблемот – суштински чекор за подобрување на потрошувачката на енергија и зајакнување на енергетската ефикасност.

Климатските промени се неспорни, а нивното влијание е несомнено, не само при екстремни временски услови, како на пример, се почеститe и поинтензивни поплави, топлотни бранови и суши, но исто така и деградирањето на екосистемите и влијанието врз животната средина, со што се зголемува ранливоста на заедниците, посебно преку здравствените ризици.

Препознавајќи ја директната поврзаност меѓу климатските промени и природните катастрофи, во согласност со Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) создаваме, национално засновани и меѓународно интегрирани механизми со учество на многу чинители за намалување и ублажување на ризиците и последиците од катастрофите.

При поекстремни временски услови кои се наѕираат на хоризонтот, потребна ни е координирана акција со цел да се справиме со предизвиците кои претстојат. Во оваа насока, Македонија ги прифаќа, со огромен ентузијазам приоритетите од Рамката за акција од Хјого (HFA) како и одговорностите кои произлегуваат од ко-претседателството со Европскиот регионален форум за намалување на ризиците од катастрофи, воспоставен од страна на Меѓународната Стратегија за намалување на катастрофи (UNISDR) и Советот на Европа.

 

Екселенции,
Дами и господа,

Нашите напори и политичка волја не застануваат само на намалување на јаглеродните емисии. Со развиени и врз основа на темелна експертиза и анализа засновани стратегии, предводници сме во процесот на систематска кампања за пошумување која досега резултираше со засадени 20 милиони садници.

Во наредната деценија, македонските шумски површини ќе се зголемат за дополнителни 100.000 хектари од севкупното сегашно неплодно земјиште. Кога ќе го постигнат посакуваниот раст, овие шуми, на годишно ниво ќе апсорбираат најмалку 250.000 тони јаглерод диоксид. Замислете си што може да се постигне со пан-европско па дури и светско пошумување во намалувањето на постојното ниво на јаглерод во атмосферата.

Со ова, ние не се залагаме за алтернатива на договорот за глобални климатски промени. Напротив. И двата концепти се надополнуваат и се дел од истата равенка. Поради тоа, Ве повикувам да се сплотиме во оваа заедничка иницијатива и да оставиме на нашето потомство почиста и побезбедна планета Земја.

Екселенции,
Почитувани делегати,

На самиот крај, со цел и на практичен начин да ја демонстрирам посветеноста и одговорноста на Македонија кон ова прашање, сакам да ве информирам дека веднаш по оваа Конференција, за наредната година, ќе иницирам регионална средба на највисоко ниво. Фокусот на оваа средба ќе биде ставен на јакнење на регионалната соработка во овој контекст. Очекувам оваа средба, да придонесе кон јакнење на регионалната свест и одговорност за проблемите и предизвиците кои не познаваат граници, чии импликации не засегаат сите нас. Очекувам истата да даде конкретни резултати во посакуваната насока.

Ви благодарам.

Обраќање на Претседателот Иванов во Фондацијата Конрад Аденауер во Берлин
Вторник, 15 Септември 2009

Почитувани. Добро е повторно да се дојде во Берлин. Особено е добро да се биде во Берлин како гостин на фондацијата Конрад Аденауер, чие име е силно препознатливо насекаде низ Балканот. Пo цел живот минат како професор, драго ми е што повторно, макар на кратко, сум во мојата стара улога, на предавач на политички теми. Ќе се обидам да уживам во оваа улога додека односите не се променат и не дојде времето да почнете да ми поставувате прашања.

Како професор, една од работите кои никогаш не сум можел да ги разберам е феноменот што се јавува кај навистина голем број на студенти, кога ќе дојдат до последната година на студии. Понекогаш се работи и за последните еден или два испити кои им се потребни за дипломирање. И тука едноставно ќе запрат. Не знам дали ова се случува и во Германија, но во моето искуство имав мнозина вакви млади луѓе и секогаш сум чувствувал особена тага поради нив. Не сум можел да разберам, зошто некој би се откажал, кога неговото животно дело е безмалку завршено. Добивав чувство дека се работи за врвна неодговорност кон својот живот, но и кон животите и плановите на сите кои зависат од вас, кои сметаат на вас.

Истото ова чувство го имам кога ќе ги погледнам состојбите со евро-атланските интеграции во регионот од каде што и јас доаѓам. Особено кога се во прашање интеграциите на мојата држава. Ни се случува да имаме се помалку и помалку интерес да ги доведеме нашите преземени обврски до крај, и тоа во време кога обврските ни стануваат се полесни, а условите за нивно завршување - се подобри. Не можам да разберам од каде потребата во ваков миг наоѓаме да зборуваме за замор од проширување. Од каде доаѓа потребата да затвораме очи пред исклучителниот успех кој досега беше постигнат? Место да го славиме постигнатото и да се надеваме на следните достигнувања, ние почнуваме многу повеќе да мислиме на можноста од неуспех. Почнуваме да се концентрираме на негативното, токму кога успехот ни е на дофат на раката. Како може да се чувствуваме заморни кога сме соочени со можноста да направиме нешто големо, заедно? Секогаш сум сметал дека многу поприродни чувства кога станува збор за конечното остварување на идеалот за обединета Европа се радоста, енергијата, возбудата. Овие чувства постојано сум можел да ги видам токму кај луѓето кои го носат овие три букви КАС. Во нивните програми, во дарежливите стипендии за македонските студенти, во можноста од прва рака да се запознаеме со вредностите и идеалите на Конрад Аденауер, кои всушност се вредностите и идеалите на модерна Европа. Тоа е особено важно за мене, имајќи предвид дека доаѓам од единствената земја во Европа во која демо-христијанската опција има апсолутно мнозинство во Парламентот. Тоа е дополнителен поттик и за нас, за натамошен развој и ширење на демохристијанските вредности и идеи меѓу нашите граѓани, по долгите и мачни децении на таканареченото едноумие.

Почитувани. Ваквиот честопати пасивен однос кон нашиот заеднички европски проект ме тера да се прашам дали навистина ни е неопходна криза за да бидеме поттикнати на акција? Зошто сме толку пасивни кога работите почнуваат да одат добро за нас? Балканот, во изминатиот период, произведуваше долга низа на добри вести. Мојата Македонија е земја во која веќе не се зборува за исполнување на стандардите за интеграција. Ние почнуваме веќе да зборуваме за тоа дека Македонија ги поставува стандардите за своите соседи. Сите балкански земји, во поголема или во помала мерка, бележат напредок во својата политичка стабилност и отвореност, во економскиот развој и во почитувањето на културните разновидности. Сепак, во исто време додека ова се случува на теренот, процесот на евро-атланска интеграција како да станува се потежок и побавен, место да биде полесен и побрз.

Дами и Господа. Особено е важно за нас, граѓаните на Република Македонија, интеграцијата на нашата земја во евро-атланските институции да се врши по принципот на заслуги. Ние сме свесни дека интеграцијата подразбира значително менување на начинот на кој се делува во Македонија. Тоа ширење на европските вредности и стандарди се случува секојдневно и е за поздравување. Но, за овој процес да се забрза и засили, Македонија мора да ги почне преговорите за влез во Европската Унија. Тоа е следниот логичен и би рекол природен чекор. Многу е важно интеграцијата да се води постојано, со редовно напредување, низ мерливи и применливи проекти. Ова е начин на интеграција, на асоцијација, низ интеракција. За да го одржиме фокусот и заинтересираноста, на нас ни е потребна крива на напредок по која ќе се искачуваме, а не нашиот прогрес да се мери со рамна линија во која се едни и исти нешта се повторуваат одново и одново.

Од моето досегашно искуство, сметам дека запирање на процесот на интеграција е невозможно. Во време на се поотворени граници, на постојана интеракција меѓу македонските и другите европски компании, меѓу нашите граѓани, меѓу културните, верските и образовните институции, попусто е и да помислуваме да кренеме нов ѕид меѓу земјите од Европската Унија и земјите кои се кандидатки за членство. Вие знаете, еднакво добро како нас, дека затворање на границата, изолација, не е ефикасен начин на интеракција. Предрасудите се раѓаат од недостиг на комуникација. Кога овие предрасуди ќе се вкоренат, честопати е потребно да помине цела една генерација пред тие да се отстранат.

Нашите граѓани бараат да продолжи интеграцијата. Компаниите бараат нови пазари и можности за докажување. Администрацијата не смее да заостанува зад приватниот сектор и зад поединечните граѓани, кои го диктираат темпото на интеракција. Честопати го забораваме ова, дека нашите обиди да ставиме бирократски сопирачки на еден стихиен процес не може да донесе ништо добро. Секако дека интеграцијата мора да биде регулирана на некој начин, но тие правила мора да бидат во насока на хармонично и сигурно интегрирање, а не да служат за постојано изнаоѓање на причини и оправдувања зошто процесот треба да се забави.

Можам да ви посведочам дека привлечната моќ на евроатланската идеја за македонските граѓани не се намали и покрај нејзиното често пренесување преку сувопарниот јазик на работните групи, проект менаџерството и исполнувањето на бенчмаркови. Анкетите покажуваат безмалку едногласна поддршка кај македонските граѓани за членство во Европската Унија и во Северноатланската Алијанса. Постојано сме потсетени на таа поддршка низ контактите со нашите граѓани кои сакаат да живеат без граници, да патуваат и да разменуваат идеи и искуства. Не потсетуваат нашите стопанственици, кои се нетрпеливи да покажат колку вредат на големиот пазар кој постои веднаш тука, до нас. Не потсетуваат нашите уметници, чии визии и така не признаваат граници.

Почитувани. Има некоја горчлива иронија да зборувам на оваа тема тука, на ова место, на самата граница каде што овој град беше поделен. Силата на идејата не е никаде посилна отколку на границата каде што таа престанува, од каде што е веќе забранета. Ние веќе 20 години живееме на самата граница на Европа која се менува и трансформира. Затоа проштевајте на нашата нестрпливост. Исто како што и жителите на Источен Берлин биле нетрпеливи додека гледале кон Ѕидот. Токму тоа што европската идеја се уште не е во целост имплементирана во мојата земја, значи дека граѓаните на Македонија се меѓу најголемите европски поборници. Ние најдобро знаеме што ни недостасува и можеме да го цениме тоа. Знаеме да ја цениме слободата, која долго време ни била ускратена. Ја цениме демократијата, која ја познаваме одвај две децении и која се уште ја утврдуваме. Знаеме да го цениме слободниот пазар, особено по половина век државна контрола врз целокупниот имот и гушење на приватната иницијатива. Знаеме да ја цениме слободата на мислата, сеќавајќи се како нашите татковци внимавале да не настрадаат поради погрешно искажан збор.

Знам дека можеме да сметаме на Вашето разбирање по ова прашање. Две нации кои ја запознале тиранијата, а притоа живееле на самиот раб на слободата, секако дека ќе имаат особено меѓусебно разбирање. Ние сме биле сведоци на настани кои ја поколебале вербата во сознанието дека човекот се раѓа со добрина. Тоа им дава длабочина и зрелост на нашите луѓе. Ни дава цврстина да опстоиме во нашата решеност никогаш повторно да не ни се случи злото. Оттаму, знам дека можам да сметам на Вашата силна поддршка за пристапувањето на Република Македонија кон големата европска идеја. Македонија премногу долго време стои во подножјето на нашиот Ѕид, не можејќи да го урне самата. Живееме под влијание на привлечната моќ на идеалите, на просперитетот и на слободата кои имаме можност да ги видиме преку границата. Ние можеме најдобро да посведочиме дека моќта на Европа не треба да ја бараме во нејзините тенкови, или во боцкавата жица. Вистинската европска сила е во евро-атланските идеали и вредности. Европа изградена во силата на идеалите не треба да се плаши од интеракција, од вклучување. Таа може силно да повлијае врз земји далеку до нејзиниот физички контакт. Европа може да ги допре луѓето, да ги мотивира, да ги инспирира. Интеракцијата на Европа со Балканот може да ги трансформира и Европа и Балканот, и тоа на позитивен начин. Таа може да донесе нова вредност, не само на економски план, туку и на духовен, човечки план. Јас велам, да растеме и да созреваме заедно.

Драги пријатели. Еден многу важен чекор за мојата земја е на повидок. Либерализацијата на визниот режим е најавена на крајот на еден долг реформски процес. Неговата цел беше да обезбеди дека Македонија ќе придонесе кон безбедните граници, ефикасните процедури и динамичниот проток на луѓе во рамките на Европа. Овој процес е совршен пример како една земја може да биде мотивирана да даде се од себе, во услови кога процедурите за интеграција се јасни, мерливи и со разумни рокови. Уште повеќе, брзото темпо на прифаќање и остварување на реформите кои беа неопходни за овој процес во Македонија, послужи како инспирација за другите земји од регионот. Балканските земји имаа огромна полза од размената на ова искуство со Македонија. Тука ја видовме привлечната сила на Европа во нејзино најдобро светло. Таа предизвика промена, предизвика напредување, и на крајот на овој процес сите ќе можеме да кажеме дека ние е подобро отколку порано.

Наспроти овој пример, запоставувањето на перспективата за интеграција, напуштањето на принципот на отвореност, особено во случаи кога сите објективни критериуми се исполнети, не ги охрабрува државите да продолжат со реформите, кои честопати знаат да бидат многу болни. Се што ја оддалечува евро-атланската перспектива подалеку од земјите кои се свртени кон Запад, влијае на намалување на енергијата која Европа може да ја генерира и предизвика во другите. На овој начин попусто се троши скапоцениот ресурс со чија помош Европа шири стабилност и добра волја во својата околина. Поранешниот Сојузен Претседателот Роман Херцог во Охрид изјави дека Македонија има право да биде примена во Европската Унија наскоро. Рече – не е ваша вина што сте сместени стотина километри источно од другите европски држави. И токму тоа е суштината. Во моќта на Европа да се проектира себеси и да се најде себеси стотици и стотици километри далеку од нејзиното јадро.



Почитувани. Македонија ја почувствува целата тежина на нерешителноста на европските држави, и честопати видената колебливост и несигурност. Минатата година во Букурешт видовме едно лице на Европа кое не служи на чест на нејзиното име. Видовме како ситните кавги доминираа со дебата која требаше да се насочи кон големата идеја за обединета и цела Европа, Европа безбедна и сигурна. Игнорантската тишина која ја почувствува Македонија, која ја почувствуваа и Украина, и Грузија и повеќе други земји, беше примена многу тешко кај нас. Овој молк, овој недостиг на поддршка, е далеку поопасен за евро-атланската идеја во Македонија од гласните обиди на една единствена соседна држава да и изнајде маани и недостатоци на мојата земја. Од Грција сме навикнати да очекуваме негативност и таа не изненади. Но, од Европа очекувавме поддршка, и нејзиното отсуство се забележа. Дури и меѓу чуварите на огнот запален од Канцеларот Аденауер можеа да се слушнат гласови на колебливост. Ќе дозволите да спомнам една реченица која ја прочитав пред неколку месеци во манифестот на Демохристијанската партија на Германија. Во неа се вели дека - ЦДУ се залага за фаза на консолидирање во проширувањето на Европската Унија. Исклучок е можно да се  направи во случајот на Хрватска.

Можете ли да замислите колку е тешко да се слушне ваква изјава од партијата на големиот Конрад Аденауер? Би ве повикал Вас, тука во Берлин. Не заборавајте на нас Македонците. Не заборавајте на Хрватите, на Црногорците, на никого од Балканците. Славете го делото на големиот Канцелар така што ќе овозможите сите ние да го живееме. Честопати се вели дека Обединета Европа е мировен проект. Проект да се запрат идните војни. Но, во исто време, не смееме да си дозволиме да работиме на овој проект само во време на војна, на криза, само кога огновите на војната горат на границите на Европа. Не верувам дека му остануваме достојни на наследството на Конрад Аденауер така што забораваме на обврската да работиме кон Обединета Европа штом кризата ќе заврши и штом бурата ќе се смири. Напротив, токму тогаш кога е мирно, кога има просперитет, тогаш е време да се работи на пријателствата, на проектите кои ќе ја спречат следната криза. Тогаш е време да се проширува кругот на стабилност и безбедност околу Европа. Тоа ќе дава нова надеж во се пошироки и пошироки пространства. Ваквата евро-атланска политика утре ќе може да биде препознаена од нашите деца како визионерска.

Македонија срдечно и искрено ја поздравува визијата на евроатланската заедница да ги прими Албанија и Хрватска во Северно-атланската алијанса. Таа одлука дава огромен придонес кон натамошното стабилизирање на Балканот и негово претворање во сидро на стабилност на југоисточниот раб на Европа. Дозволете ми тука да го забележам тоа што им е јасно на сите кои ја погледнале мапата на Балканот. Тоа е едноставниот факт дека приемот на Македонија во НАТО и на Европската Унија останува отворено прашање. Безбедноста, стабилноста, просперитетот, сакаат затворени прашања.

Пријатели. Работата на Фондацијата Конрад Аденауер е безмалку мисионерска - да се помогне во ширењето на идеите на демохристијанската традиција низ светот, во земјите каде што таа е крајно потребна. Каде што доаѓа како дожд по голема суша. Вашите извонредни претставници во Македонија работеа неуморно да го пренесат вистинското значење на демократијата и конзервативните вредности. Тие не се уплашија од условите на идеен хаос кој настана по колапсот на Комунизмот на Балканот. Македонските политичари своите први лекции честопати ги учеа токму на германскиот политички модел, донесен кај нас токму од вашите претставници. Да не дозволиме оваа огромна работа, овој огромен труд, да остане незаокружен.

Почитувани. Македонија ги исполни сите услови за да стане членка на НАТО. Нашите војници веќе се рамноправни во споделувањето на ризиците и опасностите со соборците од Германија, и од сите други сојузнички држави. Служиме заедно во Босна, кадешто силината на евро-атланската идеја запре едно пеколно сценарио. Заедно сме во Либан, патролирајќи ги рабовите на Европа. Рамо до рамо сме во Авганистан, како брана пред непријател кој покажа целосно непочитување на вредностите на човештвото.

Иако без престан ангажирана во ваквите заеднички предизвици, Македонија останува подготвена да го слушне секој рационален аргуемнт против нејзиното барање да биде членка на НАТО и да ги почне преговорите за членство во Европската Унија. Подготвени сме да сториме и нешто повеќе отколку само да слушаме. Ние многупати сме покажале дека можеме да направиме и тешки одлуки, и да понесеме големи жртви, кога тие се неопходни за доброто и идниот напредок на нашата земја. Но, не сме подготвени да слушаме непрекинати напади насочени кон нашата гордост и идентитет. Ние искрено сакаме да бидеме членка на НАТО и на Европската Унија, но не по цена на нашето достоинство.

Мојата земја нема амбиции да биде голем играч во Европа. Ние сме задоволни да бидеме, како минатиот четврток рече Претседателот Роман Херцог - Македонија е Мустершулер на Балканот. Ја имав честа да го одликувам Претседателот Херцог со нашето највисоко одликување во четвртокот за неговата работа. Тој помогна во позитивното оценување на македонскиот Устав, како еден од најдемократските на Балканот. Секако, придонесот на Германија кон македонскиот политички модел не престанува тука. Една од нашите препознатливи реформи е децентрализацијата, заснована врз моделот на јужна Германија. Тоа придонесе да се создаде една исклучително активна група на градоначалници, мнозина од кои се обучени токму во Баварија, со помош токму од оваа фондација. Важните демохристијански водачи од Германија, како Јерг Шонбон, и помогнаа на македонската полиција да ги постигне високите стандарди неопходни за либерализирање на визниот режим со Европската Унија. Не случајно, минатата година Јерг Шонбон беше првиот западноевропски политичар кој ја помина нашата граница и влезе во Македонија без да има потреба да го покаже својот пасош. Нашите нови биометиски пасоши се направени по германски модел и Македонија веќе предничи на Балканот по распространетоста на овие модерни и безбедни патни документи. Да продолжам да ги набројувам сите придонеси кои Германија ги даде за модернизирањето на Македонија, би одземало премногу време.

Можеме да бидеме благодарни што во ова време Европа ги нема некогашните ѕидови. Но, ние се уште имаме мноштво на процедури, пречки, регулативи, кои некогаш како да се намерно поставени за да ја спречат слободната интеракција меѓу луѓето, трговската размена, размената на идеи. Големата идеја на Европа, идејата за укинување на границите, е и во разбивањето на овие пречки. Мора да ги отстраниме сите вештачки препреки за трговијата, за економската соработка. Да им дозволиме на сите да се натпреваруваат исклучиво врз основа на нивната способност, а не благодарение на некакви непазарни предности. Вака дефинираниот економски систем е заслужен за мирот и напредокот во Европа. Тој овозможи Европа да стане светилник на надежта за светот. Германија, во самото срце на нашиот континент, е динамото на европското економско чудо и инспирација за сите нас. Тоа е земјата од која и денес учиме како да се справиме со светската економска криза, како што поскоро да ги санираме нејзините последици и да се вратиме на патеките на економскиот раст. Германија, секако, е далеку најголемиот трговски партнер на Република Македонија. Тоа е економска размена која за нас значи длабоко и сериозно признание.

Во оваа насока, Македонија работи неуморно да отстрани што е можно повеќе пречки поставени во економијата. Ние работиме за наше натамошно отворање кон светот. Во изминатите години видовме исклучително силен реформски напор чија крајна цел е да се ослободи креативниот дух на нашиот народ. Инвестиравме во нашиот најскапоцен ресурс – во нашите луѓе. Отворивме нови модерни универзитети. Видовме галопирачки раст на примената на компјутерската технологија и ги опремивме нашите училишта со најмодерна опрема, за нашите деца да можат да придонесуваат кон новата економија. Ова го правиме со само една цел – да ја развиеме нашата земја, од неа да направиме добар дом за нашите луѓе, кои веќе нема да мораат својата среќа да ја бараат надвор, во други држави. Ние направивме огромни напори да се отвориме за инвестициите и взаемно полезната размена со компании од Европа. Во најновиот извештај на Светската Банка, се одбележа дека Македонија се движи со големи чекори кон создавањето на поволна деловна атмосфера. Притоа, пред нас го имавме светлиот пример на германскиот економски развој, вашиот модел на слободна и фер економија. Овој модел, освен во теоријата, честопати ни беше претставуван во пракса од многубројните Македонци, кои живеат како примерни граѓани на Германија. Тие беа првите кои дојдоа назад дома, по падот на Комунизмот. Кои инвестираа во нивните родни градови и села, носејќи со себе финансиски ресурси стекнати со труд во Германија, но уште поважно, носејќи ја работната етика и почитувањето за владеењето на правото, благодарение на кои Германија е пример за целиот свет.

Иднината за Македонија е ширум отворена, и ние сме подготвени да и излеземе в пресрет. Тука ни е потребна поддршка, да ги надминеме последните неколку пречки кои стојат пред Македонија и нејзините граѓани, за нашите компании и потенцијали да се претстават пред светот во целост. За македонското вино, земјоделските производи, нашиот текстил и суровините, да го најдат својот пат кон Европа полесно и послободно. Интеграцијата на Македонија можеби ќе додаде еден мал пазар кон европската економска заедница. Но, таа ќе помогне да се донесат просперитет и стабилност во регион чии насилни конвулзии честопати знаеа да се пренесат до срцето на самата Европа. Интегрирана Македонија ќе донесе стратегиска кохезивност во Европа. Таа ќе биде уште еден чекор исполнувањето на големиот проект почнат од хер Аденауер, чиј дух расте со секој нов чекор направен од европската заедница на народи.

Почитувани. Овие денови се присетив на еден мал момент од животот на Канцеларот. Познато е дека како посветен Католик, водечките вредности на Конрад Аденауер биле љубовта за мирот, залагањето за слободна размена на идеи и градењето на меѓусебно разбирање. Но, особено впечаток ми оставило неговото лично достоинство. Тоа се гледа и од овој настан, кога на неговата средба со Високите сојузнички комесари на земјите-победнички од Втората светска војна, во 1949 година во Петерсбург, му било кажано дека не смее да застане на црвениот килим. Пораката била дека како Германец тој нема право на еднакви почести како комесарите на другите држави. Аденауер намерно го прекршил протоколот и гордо застанал на црвениот килим. Со тоа покажал дека понижувањето на поинаквите не е начин да се гради трајно пријателство. Дека неговата земја ќе мора повторно да ги презема своите одговорности и дека на тој начин ќе ја докаже својата вредност. Пријатели, јас доаѓам тука пред вас како водач на држава на која честопати и било кажувано дека не е достојна за високиот меѓународен протокол. Доаѓам да кажам дека Македонија е подготвена да застане на црвениот килим. Нема да дозволиме да стоиме настрана. Ќе ги преземеме нашите обврски и ќе го зачуваме нашето достоинство. Ви благодарам.

Инаугурално обраќање на новоизбраниот Претседател д-р Ѓорге Иванов
Вторник, 12 Мај 2009

Почитувани поранешни Претседатели на Република Македонија,
господин Киро Глигоров и господин Бранко Црвенковски,
Почитуван Претседател на Собранието,
Почитуван Претседател на Влада,
Почитувани Претседатели на пријателските и соседни држави,
Почитувани министри и пратеници,
Ценети гости,
Екселенции,
Почитувани и драги граѓани на Република Македонија,

Голема чест е да Ви се обратам од оваа говорница како Претседател на Република Македонија. Денес, пред знамето на слободна и демократска Македонија, и пред сите Вас ја преземам оваа најодговорна должност која може да му се довери на еден граѓанин на Македонија.

Дозволете ми да го споделам со вас чувството на благодарност за дадената доверба, но и чуството за големите предизвиците што не очекуваат. Обврската пред големите идеали и делата на сите наши предци, непоколеблива посветеност на иднината на нашите наследници.
Дами и господа,
Функцијата Претседател на Република Македонија за мене е пред се должност. Должност, која ја презедов пред граѓаните на Македонија. Свечена заклетва пред мојот народ,  дека ќе дадам се од себе, ќе го вложам целиот свој капацитет и кредибилитет за добросостојбата на нашата држава и нејзините граѓани.

Оваа голема должност не познава политички опции, етнички или религиозни, културни или локални разлики. Претседателот на Република Македонија е глас на секој македонски граѓанин, тој е и ќе остане глас на демократијата, единството и патриотизмот.

Претседателот на Република Македонија мора да остане заштитник на идеалите на хуманоста и цврстата верба во слободата и правата на човекот и граѓанинот. Ова се идеали за кои го дадоа својот живот и во кои се вградија многу херои од редовите на преродбениците, илинденците, АСНОМ-ските татковци на нашата нација и првиот претседател, големиот демократ и патриот Методија Андонов –Ченто.

Затоа, слободата, хуманизмот и човековите права се вградени во националниот код на Македонија и во македонските граѓани. Овие стремежи и идеали ги обединуваат сите оние што живеат во и за Македонија, како и оние што ги даваа своите животи за нејзината слобода.

Почитувани,

Република Македонија веќе осумнаесет години го живее својот сон на слободна, независна и демократска држава. Историски сон и реалност на денешнината, каде старата и богата македонска култура се претопи во млада, но витална и силна држава на политичката карта на современа Европа.

Држава која помина низ големи предизвици. Држава која го оствари вековниот сон на Македонците и уште еднаш јасно го потврди нашиот етно-национален, културен и јазичен идентитет. Македонија беше и останува заштитник и гарант на историјата, традицијата и идеалите, но и на суверената волја на Македонскиот народ.

Во исто време, Република Македонија се издигна во светол пример на отвореното и мултикултурно општество. Таа се соочи храбро со предизвиците на балканското минато и создаде сопствен функционален модел, кој ги обединува граѓаните и обезбедува заедничка и просперитетна иднина.

Република Македонија им остана достојна на своите светли традиции. Традиции и вредности споделени од сите македонски граѓани: Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци. Овии традиции на заедништво, заемна толеранција и почитување на слободите и правата влегоа во сите документи на македонската државност, од Крушевскиот манифест и асномската Декларацијата за човекови права, преку граѓанскиот и демократски карактер на независна Република Македонија, во рамките на Охридскиот договор, и конечно во нашиот Устав.

Затоа, единството и виталноста на македонското општество не се потпираат врз владеење на посилниот или побројниот, туку на учеството на сите заедници и сите граѓани во функционирањето на државата и во развојот на општеството.

Пред нас е предизвикот, и понатаму од ова наследство да создаваме заеднички вредности и енергија, кои ќе не прават посилни. Затоа, како претседател на Република Македонија преку сопствените зборови и дела секаде и во секоја прилика ќе се залагам за градењето доверба и пријателство меѓу сите граѓани. Во исто време, ќе ги поттикнувам и поддржувам сите политички лидери, но и независните интелектуалци, бизнисмените и сите луѓе да се однесуваат одговорно кон нашето најголемо национално богатство – добрите односи меѓу заедниците и меѓу граѓаните!

Почитувани, пред нас е исправен уште еден голем предизвик. Предизвик кој најсилно и најјасно ќе ги потврди нашата историска мудрост, нашите национални стремежи и нашето место во светот. Овој предизвик се вика европска Македонија.
Почитувани,
Мојата политичка агенда е јасна и недвосмислена: Македонија членка на НАТО и на Европската Унија, силна, почитувана и рамноправна, а нејзините граѓани горди, богати и среќни. За таа цел, Македонија продолжува да чекори без запирање, да чекори на патот на евроатлантските интеграции, водејќи одговорна надворешна и внатрешна политика, посветено спроведувајќи ги највисоките стандарди.

Македонија е верен пријател и сојузник, затоа има верни пријатели и сојзници. Соединетите американски држави, земјите на Европската Унија, Турција. Но и Русија, Кина, Индија и уште многу други земји со кои не врзува искрено пријателство. И понатаму ќе работиме кон јакнење и продлабочување на заемната доверба и пријателство, особено во економската и во културната сфера.

За Македонија, евроатланската припадност и сојузништво не се декларативни. Сојузништвото е реално, многупати потврдено и низ мировните мисии на Армијата на Република Македонија. Мисии во кои нашите мировници, рамо до рамо со сојузниците, манифестираат највисоки војнички вредности и се одраз на посветеноста кон мирот и демократијата во светот. Признанијата за нивната храброст и хуманост се искажуваат недвосмислено, на што како земја посебно се гоордееме. Како претседател и Врховен команданат ја користам оваа можност лично да им оддадам признание за она што го направиле досега и што го прават од име на вредностите на слободниот свет, под знамето на Република Македонија.

Уште еден аспект на македонската надворешна политика, изграден врз вредностите и идеалите на нашите граѓани е добрососедската политика и придонесот на Република Македонија кон стабилноста и просперитетот на регионот.

Нашата држава цврсто опстојува на патот на регионалната соработка заснована врз рамноправни основи, при што македонската диоптрија е во секој од соседите да гледа пријател и партнер со кого делиме исти вредности и заедничка цел.

Можеби однадвор Република Македонија е мала. Меѓутоа, нејзиното значење е огромно затоа што претставува срце на Балканот каде се сретнуваат и се помируват сите разлики. Република Македонија е алка која ги обединува световите и треба да претставува најважна европска точка која ќе произведе не само балканско, туку и европско помирување на Истокот и Западот. На Христијанството и Исламот. На сите разновидни култури што ги чинат Балканот и Европа побогати.

Не занемерувајќи ги односите со сите наши соседи, би сакал да нагласам дека особено внимание ќе посветам на односите со Република Грција со која отсекогаш сме биле и ќе бидеме соседи. Ќе сторам се односите меѓу двете земји да се развиваат во духот на добрососедството и заемната доверба. Несомнено е дека споделуваме заеднички европски вредности, го сонуваме истиот европски сон, го разбираме Балканот како колевка на европската култура.

Уште повеќе, длабоко сум убеден дека дел од прашањата што ги обременуваат односите помеѓу двете соседни држави, а особено културата и традициите, имаат капацитет да бидат мост на соработка и промотор на нов циклус на просперитет во регионот.

Најпосле, како Претседател на Република Македонија и на сите нејзини граѓани должен сум да потсетам и нагласам: Наспроти сите напори на нашата надворешна политика, мора да знаеме дека почитта во странство најлесно се печали дома. Ниту европската иднина, ниту регионалната соработка не можеме да ги оствариме ако не инвестираме во капацитетите, институциите и во потенцијалите на нашата држава.

Затоа сме должни да опстанеме на патот на реформите и на изградбата на модерно, силно, здраво, конкурентно и просперитетно општество. Основа на тоа се функционалната пазарна економија и демократијата. Првото го градиме и мораме да продолжиме да го градиме преку сериозни и стратешки инвестиции во образованието и науката, во развој и примена на современите технологии и натпреварувачкиот и претприемачкиот дух на младите генерации. Второто и најсуштественото за нашиот просперитет е демократијата. Неа мора љубоморно и будно да ја чуваме. Демократијата тешко се добива, а лесно се губи. А токму принципите на демократијата се гарант на човековата слобода и човековото достоинство.

Како претседател силно ќе се залагам и ќе го поттикнувам развојот на демократијата и ќе ги поддржувам сите иницијативи што ја приближуваат нашата држава до нејзината суштина - интересот на македонскиот граѓанин. Силно ќе се залагам за остварување и почитување на културните, образовните, религиозните и другите права на македонските граѓани.

Во исто време, преку владеењето на правото и поддршката на анти-корупциските закони и политики сите мора да придонесуваме кон зајакнување на иституционалниот капацитет, единствениот механизам на државата за одбрана на интересите на граѓаните.

Во изминатите осумнаесет години пребродивме многу предизвици од регионален, внатрешен, социјален, културен и економски карактер.  Македонија покажа голем институционален капацитет, а граѓаните мудрост, трпение и многу храброст на патот кон новото и помалку познатото. Тоа ги одржа внатрешната стабилност на нашата татковина и нашиот углед во светот.

Дополнително, нашите интелектуалци, уметници и научници постојано го потсетуваат светот дека не сме мал народ, туку народ со голем дух и благородни идеи, а Македонската дијаспора го прави македонскиот граѓанин пријател и сосед со секого, а светот поблизок до Македонија.
Почитувани,
Во оваа прилика, дозволете ми да споменам дека пред мене оваа чест и одговорност да ја извршуваат функцијата Претседател на Република Македонија ја имаа и претседателот Киро Глигоров, претседателот Борис Трајковски и претседателот Бранко Црвенковски. Како актуелен претседател на Република Македонија би сакал јавно да им се заблагодарам за нивните напори, подвизи и за нивното водство.

И како професор и како граѓанин бев увереден дека цврстата волја на нашиот народ е она што не водеше низ сите предизвици. Како Претседател ми претставува чест да водам еден народ со толкава морална и духовна сила.

Денес кога со широк општествен и политички консензус грабиме кон евро-атлантската иднина нема место за сомнеж во успехот. Напротив, сите државни институции, и власта и опозицијата, граѓанскиот сектор и научната јавност, и севкупното македонско општество треба да се вклучат уште поактивно во овој општествен напор.

Македонија со целата своја разноликост, со богатството на култури, политички идеи, на силни поединци и независни институции треба да вообличи и испрати единствена порака во светот. Таа порака е оптимизам и успех.

Како претседател ќе соработувам со сите институции, со Собранието, со Владата,  со општините, но исто така и со нашите интелектуалци, бизнисмени и пред се со младите луѓе, за да одговориме соодветно на големината на нашиот национален предизвик. Мојата најголема надеж лежи во младите. Токму тие, кои се повеќе се образоваат и остручуваат, изучувајќи странски јазици и врвни технологии се подготвени да се соочат со предизвиците на новото време.
Почитувани,
Свесен сум дека пред нас има големи предизвици, реформи и трансформации, кои ни престојат во сите сфери. Немам намера, ниту потреба, ни за момент да замижам пред големите пречки на нашиот пат, како што се нерешените прашања со јужниот сосед и глобалната економска криза. Големата криза носи и голема сиромаштија. Барем ние добро знаеме дека сиромаштијата е единствениот товар кој станува се поголем, и колку повеќе луѓе го носат толку е товарот потежок. Затоа мораме да направиме се за да  го намалуваме бројот на оние што го ваквиот товар.

Цврсто верувам во духот на македонските граѓани. Верувам во мојот народ кој никогаш не се откажува. Во неговата посветеност, работливост и креативност. Во овие осумнаесет години имавме многу предизвици, и со надминувањето на секој од нив докажавме дека ја заслужуваме својата слобода и слободата на нашата Македонија. Република Македонија секогаш ја следи онаа принципиелна логика искажана од Бетовен: Не знам за други видови на надмоќ, освен добрината.

Сакам јасно да порачам: Јас сум претседател, еден и еднаков за сите граѓани. Еден и единствен, со вас заедно, исправени пред сите предизвици.  Претседател кој заедно со вас секој ден ќе работи за горда и богата Република Македонија. Силна држава Македонија, брзо, целосно и доистоинствено интегрирана во светската заедница на слободни и демократски нации.

Да живее Република Македонија

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 Следно > Крај
Страница 55 од 55