Говори и обраќања
megureligiski_dijalog_bitola_3
Обраќање на отворањето на 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог
Четврток, 03 Ноември 2016

Почитувани присутни,

Ценети екселенции,

Дами и господа,

Драги пријатели,

Денеска сме собрани во Битола, градот со две традиции - „a la turka" што доаѓа од Истокот и „a la franga" што доаѓа од Западот. Иако навидум спротивставени, „a la turka" и „a la franga" кај нас се преплетени преку соживотот, почитувањето и прифаќањето на различноста. Не случајно, Република Македонија токму тука ја организира четвртата Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Оваа конференција е посветена на две исклучително важни и актуелни теми – миграцијата и интеграцијата. Но, за да одговориме на овој двоен предизвик, неопходно е да одиме подлабоко. Да размислуваме за улогата на миграцијата во развојот на религијата, од една страна и влијанието на религијата врз миграцијата, од друга страна. За да го расветлиме овој комплекс на прашања, не е доволна само академска расправа. Треба да ги отвориме светите книги.

Читајќи ја Тората ќе забележиме еден наратив што постојано се повторува. Со протерувањето на паднатиот човек од еденската градина, започнува сагата на човештвото кое е осудено на постојано движење, селење и преселување.

Во тој постојан циклус можеби највпечатлива е приказната за Аврам кој бил повикан од Бог да ја напушти својата безбожничка земја Харам и да се упати кон непозната ветена земја. Прифаќајќи го повикот, 75-годишниот Аврам станал најпознатиот мигрант во стариот век. Од тогаш, па натаму наративот на миграцијата станал нераздвоен дел од Божјиот план за човештвото и човековата потрага за Бога.

Понатаму, читаме дека во времето на Аврамовиот внук Јаков настанал голем глад на Блискиот Исток. Египет бил единственото место каде имало доволно храна. За да преживее, старецот Јаков со својот род мигрирал кон плодната долина на реката Нил. Ова е еден од првите документирани случаи на она што денес го нарекуваме економска миграција.

Но, приказната не запира тука. Во наредните четири века Египет станал место во кое Евреите биле поробени, експлоатирани и дискриминирани, а нивните првородени машки деца убивани. Соочен со ваквата репресија, законодавецот Мојсеј го извел еврејскиот народ од тиранијата на фараонот. Но, патот кон слободата се покажал подолг од очекуваното. Евреите како апатриди лутале низ пустината цели 40 години пред конечно да се населат во ветената земја.

12 века подоцна, кога со ветената земја владеел Рим, императорот Октавијан Август решил да го спроведе првиот попис на населението. Тоа значело дека секој треба да се попише во местото на своето потекло. Во Новиот завет читаме за дрводелецот Јосиф и неговата бремена вереница Марија кои морале да го напуштат Назарет и да заминат за Витлеем. Таму, во една пештера, Марија го родила Исус. Ова семејство на патници набргу се соочило со неизбежниот наратив на прогонството. Стравувајќи дека новородениот Месија ќе му ја загрози власта, параноичниот четворовласник Ирод наредил сите машки новороденчиња во Витлеем да бидат убиени.

Но, Јосиф предупреден во сон ја зел Марија и со Исус побегнале во Египет, каде останале цели 12 години, сè до смртта Иродова. Па така, не само што Исус Христос на земјата дошол како дете во семејство на бегалци, туку и самиот тој израснал во она што денес би го нарекле бегалски камп.

Јудаизмот и христијанството не се исклучок. Истото важи и за третата Аврамска религија – исламот. Се смета дека еден од далечните потомци на Исмаил е и пророкот Мухамед, основоположникот на исламот. Во јуни 622 година од новата ера, соочен со смртна опасност, Мухамед пребегнал од Мека во Медина, каде што ја изградил и првата џамија. Важноста на ова бегство познато како Хиџра е толку голема, што во исламот ова се зема за почетна година во сметањето на времето.

Нешто слично наоѓаме и кај источните религии. Знаеме дека во 5 век пред новата ера, на истокот на Индија живеел принцот Сидарта Гаутама. Тој го напуштил раскошниот живот во палатата на својот татко за да се посвети на потрагата по вистината. Соочен со страдањето, минливоста и пропадливоста на животот, тој се откажал од задоволствата за да најде мир, односно нирвана. Со тоа, Сидарта станал Буда.

megureligiski_dijalog_bitola_5Ценети присутни,

Што е заедничко за сите овие стории? Колку и да се меѓусебно различни, светските религии имаат барем едно нешто заедничко. А тоа е дека секоја од нив настанала со повик да се напушти домот, со прогонство, бегство или миграција. Основачите на светските религии биле мигранти, бегалци, прогонети, изгонети...

Аврам излегол од својата идолопоклоничка татковина.

Мојсеј бегал од репресивниот режим.

Исус се родил во семејство на бегалци.

Мухамед бил прогонет поради неговите верувања.

Буда го напуштил домот во потрага по смислата за животот.

Не треба да нè изненадува што во секоја од религиите централно место зазема повикот до луѓето да тргнат на патешествие. Повик да мигрираат од скептицизам кон вера, од бунтовништво кон помирување, од возгордеаност кон понизност, од омраза кон љубов. Бидејќи, да се верува значи да се патува.

Со тоа, од мугрите на историјата и цивилизацијата, патувањето станало најсилната метафора за човековиот живот. А целта на тоа патување е потрага по смисла, значење, дестинација и дом.

Но, истовремено, сведоци сме и на една повратна спрега. Како што миграцијата влијае на религијата, така и религијата или идеологијата влијае на миграцијата.

Тоа влијание може да биде позитивно. Пример за тоа се мисионерите кои со својата пожртвуваност и со силата на аргументите ги освојуваат срцата и мислите на луѓето низ светот. Низ Хераклеа минувал античкиот римски пат Via Egnatia по кој апостолот Павле одел кон Западот, но и аџиите оделе кон Истокот. Од овие простори се и св. Константин ‒ Кирил и Методиј кои биле мисионери кај Сарацените, Хазарите и Словените. Тука се вратиле и нивните ученици, св. Климент и Наум Охридски.

Но, има и темна страна на приказната.  Низ историјата имало многу обиди за ширење на религијата со помош на аргументот на силата. Доведена до крајност, оваа појава раѓа исклучивост, радикализам и екстремизам обединети во намерата да ја уништат различноста. Џихадот, крстоносните војни, погромите се историски примери за насилство во име на религијата, насилство кое е против самата религија.

Дами и господа,

Причини за современиот радикализам и екстремизам има многу.

Познато е дека мигрантската и бегалска криза со која се соочува Европа е последица на конфликтите на Блискиот Исток, кои, пак се последица на непочитувањето на старата поговорка која вели: Да не се отвораат старите рани. А дел од тие стари рани се Ирак, Авганистан, Сирија...

Праволиниските граници исцртани во пустинскиот песок што ги поделиле етничките и религиските идентитети, сега исчезнуваат од новата карта на Блискиот Исток и на Северна Африка. Либија речиси не постои како единствена држава. Политичката карта на Сирија изгледа како леопардова кожа. Ирак и Јемен се поделени на сунитски и шиитски делови. Овој хаос го користат монструозните движења како ИСИС, Боко Харам, Џабл ал Нусра... за да спроведуваат систематско уништување на цели заедници, на нивните домови и храмови. За само неколку години е уништен мозаикот на етничка, религиска и јазична различност што бил создаван и чуван со векови и милениуми.

Но, прогонувањето на луѓе со различна вера и уверување е сè поизразено, не само во несекуларни, туку и во развиени и секуларни општества.

Во изминатите две години, најголем дел од бегалците што дојдоа во Европа потекнуваа од Блискиот Исток. Тоа е простор каде со векови и со милениуми гостопримството кон туѓинецот се смета за светост. Доаѓајќи во Европа, тие сосема природно очекуваа дека со нив ќе се однесуваме онака како што и тие би се однесувале кон нас – со почитување на вроденото и неотуѓиво човечко достоинство. Наместо тоа, во многу случаи наидоа на затворени врати, на страв, предрасуди, недоверба и ксенофобија.

Со ваквиот однос кон мигрантите, некои европски земји создадоа гета без ѕидови, во кое различните се толерираат без вистински да се почитуваат, во кое се трпат, без да се прифаќаат. Моленбек, Сен Дени и други острови на сиромаштија и исклучивост во богатите европски метрополи станаа гнезда за радикализам, насилен екстремизам и тероризам.

megureligiski_dijalog_bitola_6Освен политичките, постојат и економски и еколошки фактори кои придонесуваат кон сè поголемата раздвиженост во светот. Милиони луѓе ги напуштаат своите домови поради уништувањето на животната средина, екстремните климатски појави, ширењето на пустините и подигнувањето на нивото на океаните. Ќе ве потсетам дека пред само две години го имавме првиот климатски азилант од Кирибати.

Како последица на сево ова, повеќе од кога и да е порано, живееме во време на бегалци и мигранти, раселени и прогонети кои го искусиле чувството на загуба на домот, семејството, татковината...

Според УНХЦР во светот денес има над 65 милиони присилно раселени лица, од кои 21 милион се бегалци, а 10 милиони се апатриди. Тие со себе ја носат сета своја етничка, религиска, јазична и културна различност. Затоа се вели дека сите се наоѓаат секаде и дека секоја религија и верување е присутно или барем достапно во секое општество и во секоја држава во светот.

Почитувани присутни,

Слободата во пропаднатите држави на Блискиот Исток и во Северна Африка, во сиромашните општества на третиот свет е само мисловна именка. Во такви услови, развиениот свет треба да им помогне на бегалците и на мигрантите да го остварат овој идеал.

Различноста од Блискиот Исток и од Северна Африка не исчезнува. Таа мигрира кон Европа. Бегалците и мигрантите кои тргнаа во потрага по среќа и  по слобода, се надеваат дека овие идеали ќе ги остварат на нашиот континент.

Соочени со реалноста на растечката различност на Европа, ние сме исправени пред неколку големи предизвици:

Како да научиме да живееме во мир со нашите најдлабоки религиски, идеолошки и идентитетски разлики?

Како да научиме да се почитуваме, наместо само да се толерираме?

Како ќе го постигнеме кревкиот, но важен баланс меѓу човековите права и слободи и човековите обврски и должности кон другите луѓе?

Како да ја гарантираме основната човекова слобода на мисла, совест и вера?

Од одговорот на овие прашања зависи дали ќе успееме да ги поставиме основите за вистинско мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично меѓународно општество, кое истовремено е и слободно и праведно и стабилно и безбедно. Притоа, најмалку што треба да правиме е да се плашиме, бидејќи стравот е филтер низ кој ги перципираме само заканите, но не и можностите што се пред нас.

Уверен сум дека оваа четврта светска конференција ќе даде дел од одговорот на овие дилеми и ќе помогне да го завршиме овој 21 век помирно отколку што го почнавме.

Ви благодарам.

panchevo30102016
Обраќање на Свечената академија по повод 70 годишниот јубилеј од доселувањето на Македонците во Војводина
Недела, 30 Октомври 2016


Obrakjanje_Pancevo_1Почитуван претседателе Николиќ,

Почитувани претставници на покраинската и локалната власт,
Почитувани сонародници,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест ми е како Претседател на Република Македонија да бидам со своите сонародници во соседната и пријателска Република Србија.

Ова 2016-та е година на јубилеи. 70 години од доселувањето на Македонците во Војводина. 25 години од независноста на Република Македонија. 20 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Србија.

Зошто прославуваме толку јубилеи? Затоа што јубилеите ни помагаат да ја согледаме големата слика. А тоа е дека нашите два народи имаат врски кои се постари и од нашите држави и од официјалните дипломатски односи.

Дами и господа,

Се вели дека потрагата по среќа може да не однесе на некое далечно, а сепак блиско место. Блиско по јазикот, менталитетот, културата. Така е и со Македонците. Во 1946-та, само две години по првото заседание на АСНОМ на кое се удрија темелите на македонската држава, вашите предци заминаа од својата татковина Македонија.

Причините за преселбата биле различни. Некои си заминале поради повоената економска состојба. Други затоа што останале без покрив над главата. Трети, поради пренаселеност во родните места. Но, сите до еден биле водени од потрагата по среќа. Сите, до еден имале голема желба да започнат нов живот.

Од планинските венци на Македонија, дојдоа во панонската низина на Војводина. Во Србија, во Војводина, вашите предци со себе го донесоа највредното што го имаа. Јазикот, културата и традициите што ги наследиле од своите предци. Обичаите, отвореноста и срдечноста. Со себе го донесоа и македонскиот модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. Го донесоа само за да откријат дека тој модел на свој уникатен начин веќе се применувал и во мултиетничка, мултијазична и мултирелигиска Војводина.

Пристигнувајќи со возови без возен ред, тие најдоа на отворени врати од староседелците. Им беше дадена можност да напредуваат и да придонесуваат кон благосостојбата на државата која стана нивна втора татковина. Тука ве родија и ве одгледаа вас, нивните деца и внуци. Ве образуваа да бидете одговорни граѓани на вашата втора татковина – Србија, но и да останете верни на вашата прва татковина – Македонија.
Со оваа двојна, но неподелена и непротивречна лојалност, вие им давате квалитет на односите меѓу двете држави. А тоа е вистинска реткост на Балканот.

Ценети присутни,

На Балканот не постојат етнички, религиски и јазични монолитни држави и општества. Никогаш и не постоеле. Соочени со оваа вистина, балканските држави имаат само две опции. Да ја признаат и прифатат, или, да ја негираат и отфлат оваа реалност. Од изборот меѓу овие две опции зависи дали статусот на малцинските заедници ќе биде мост на поврзување или, пак камен на сопнување во односите меѓу балканските држави. А со тоа, влијае на судбината на илјадници припадници на малцинствата.

Република Македонија е позната по својот демократски модел на интеграција без асимилација и почитување и прифаќање на секоја заедница, вклучително и српската. Не радува што наоѓаме на сличен однос на Република Србија кон македонската заедница.

Република Србија е единствениот непосреден сосед на Република Македонија кој доследно се грижи за македонската заедница. Тоа е позитивен пример што треба да го следат и другите наши соседи. И искрено се надевам дека со вакво позитивно темпо ќе продолжиме во иднина.

Македонската заедница во Србија и српската заедница во Македонија се гарант на добрите односи меѓу двете пријателски држави. Македонците во Србија и Србите во Македонија се истовремено лојални граѓани на своите држави и посветени родољуби на своите народи. Но, да се биде родољуб значи да се биде верен на јазикот.
Obrakjanje_Pancevo_02

Почитувани присутни,

Во далечната 1986-та година, пред точно 30 години, Блаже Конески напиша дека „за нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој е заправо единствена наша комплетна татковина." Тоа го знаел и Ѓорѓија Пулевски кој во 1875-та во Белград го издал познатиот Тријазичник. На тоа, денеска ќе додадам дека македонскиот јазик остана основната и најсилната жива врска што нè врзува и обединува.

Кога пишувате, зборувате и творите на македонски јазик, вие активно учествувате во изградбата на таа наша идеална татковина. Македонија е татковина на старословенскиот црковен јазик. Наш долг како Македонци е да го чуваме и постојано да го унапредуваме јазикот. Затоа, мојот апел до вас денеска е да не го оставите и заборавите македонскиот јазик. Да ги учите вашите деца, да ги поттикнувате вашите блиски, да бидете пример и охрабрување за Македонците на Балканот, во Европа и светот.

За тоа веќе се создадени услови. Новите комуникациски технологии ни овозможија да бидеме првата генерација Македонци која во реално време може да комуницира со сите наши сонародници во светот на нашиот македонски јазик.

Нема средба со државните претставници на Република Србија на која не зборуваме и за вас, Македонците во Србија. Македонскиот јазик стана службен јазик во Општина Пландиште и во Јабука. Ги поздравувам ваквите демократски чекори. Но, не треба да се запре тука.

Македонскиот јазик треба да биде изучуван и во другите основни училишта каде што Македонците живеат во значителен број. Неопходно е реализирање емисија на македонски јазик на програмите на државната радио и телевизија. И сите оние права кои ги имаат Србите во Република Македонија, согласно билатералната Спогодба за заштита на Македонците во Србија и Србите во Македонија и согласно меѓународните стандарди.
Со мојот пријател, Претседателот Николиќ отворено разговаравме и ги пренесов реалните потреби и легитимните очекувања на Македонците во Србија кои се однесуваат на изучувањето на македонскиот јазик, поголемата застапеност во јавниот, политичкиот и општествениот живот. Очекувам државните, покраинските и локалните органи на Република Србија да излезат во пресрет на овие барања, бидејќи, тоа е влог во трајното пријателство меѓу двата народи и двете држави.

Но, за да го остварите сето тоа, неопходно е едно нешто. А тоа е вие, Македонците во Србија да бидете сложни за да ги исползувате можностите што ви се даваат. Нашиот народ вели: сложни браќа куќа градат. Вашата куќа, тука во Србија се вашите човекови права и слободи и правото на човечко достоинство. Право да бидете почитувани и прифатени со сета ваша различност. Тоа ќе го постигнете само ако ги надминете внатрешните разлики, ако се помирите и сплотите околу Мајка Македонија.

Чувајќи го македонскиот идентитет, вие и давате на Србија дел од она што значи Македонија – а тоа е нашиот модел на соживот, почитување и прифаќање на различноста. Но, истовремено, и давате и на Република Македонија причина повеќе да ги гради и унапредува односите со Република Србија. А верувајте, има и зошто.

Ценети присутни,

Живееме во време кога на Балканот има се повеќе ретроградни процеси и кога се заострува реториката меѓу државите, со неколку позитивни исклучоци. Иако со Република Србија имаме некои различни позиции по некои отворени прашања, сепак, тоа не не спречува да остваруваме максимална соработка во сите области од заемен интерес.

Пред само два дена со Претседателот Николиќ се согласивме дека нашите две држави треба да се посветат на активностите и проектите кои се од големо значање за целиот регион. Еден од нив е и проектот за каналот Дунав-Морава-Вардар-Егејско Море. Тоа е проект на поврзување на водите и народите. Со Претседателот Николиќ се согласивме дека на следниот состанок на лидерите на Брдо Бриони процесот ќе го отвориме ова прашање што е од капитално значење. Пред се за Македонија, Србија и Грција, но истовремено ќе биде од корист и за земјите од Централна и Западна Европа. Верувам дека со овој проект, многу навидум нерешливи проблеми преку ноќ ќе станат решливи и многу отворени прашања ќе бидат затворени и оставени онаму каде што им е местото – во историјата.

Драги пријатели,

Со овој проект ќе се расчисти патот за градење на пријателските односи меѓу државите и народите. Замислете што ова ќе значи за сите нас, и особено за вас. Со овој проект, Скопје, Ниш, Белград, Панчево, Нови Сад ќе бидат поврзани со Егејското море. Овие градови ќе бидат дел од значаен коридор што ќе отвори многу можности за економски раст и развој.

Тоа е причина повеќе да им се биде благодарен на вашите предци кои пред 70 години се охрабриле, зачекориле во непознатото и се населиле во место кое наскоро може да се најде на крстосницата на еден од најзначајните европски водни коридори.

Затоа, за крај, да се запрашаме: Што би рекле вашите предци кога би им се кажало дека еден ден, нивната Јабука, нивниот Глогоњ, нивното Панчево преку Дунав и Морава ќе бидат поврзани со Вардар, со Македонија, со нивните родни краишта. Верувам дека некои од нив би признале дека со тоа, на некој начин, би им се остварила нивната последна желба. А тоа е вие, нивните деца, внуци и правнуци, да бидете што поблиску до татковината Македонија. Помогнете ни да ја оствариме таа желба.

Ви благодарам.
Poseta_pancevo_03 

orden_dramski
Обраќање на претседателот Иванов по повод одликувањето на Драмски театар – Скопје со „Орден за заслуги за Македонија“
Среда, 26 Октомври 2016

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги гости,

„Театарот е најголемата од сите уметнички форми во која најбрзо човек со човека може да сподели што значи да си човек", рече драматургот Тортон Вилдер. Се чини, иако во зенитот на својата технолошка и воопшто материјална моќ, човекот има огромна потреба од хуманост.

Живееме во свет во кој сè повеќе луѓе се присутни на интернет-мрежата, а помалку во домот, семејството, заедницата. Интеракцијата со светот за која се потребни сите сетила се заменува со притискање на екранот од смартфонот. Иако постојано поврзани онлајн, сè повеќе луѓе се чувствуваат осамени и отуѓени.

Платон вели дека уметноста е сенка на сенките. Но, денес изгледа дека уметноста е сè помалку сенка, а повеќе вистина и ја има димензијата да нè очовечи, да нè врати во светот на убавото, етичното, да нè насмее и да нè расположи, да ни вдахне живот. Од тие причини кога сè повеќе животите ни наликуваат на виртуелна реалност и холограм, засолниште наоѓаме во театарот. Театарот е простор каде што можеме да ги вклучиме нашите сетила. Место каде живи луѓе, во живо, непосредно пред нас оживуваат ликови, настани, собитија. Нè оживуваат нас самите. Како ниту еден друг уметнички медиум, театарот нуди топлина, блискост и очовечување.

Пред неколку дена и нашиот Венко Андоновски рече дека театарот е врв на реалистичната уметност. За тоа се потребни театри со голем уметнички, професионален и човечки потенцијал.

Ценети пријатели,

Денес имам особена чест да ви се обратам по повод доделувањето Орден за заслуги за Македонија на една од нашите најреномирани театарски, но и, воопшто, културни институции ‒ Драмски театар Скопје.

Во годината кога славиме 25-годишен јубилеј од независноста на Република Македонија, прославуваме и 70-годишен уметнички јубилеј од основањето на Драмскиот театар Скопје. Во изминатите седум децении, на сцената на Драмскиот театар Скопје израснаа генерации и генерации кои учеа за етичкото и за естетското, кои се спознаваа себеси и светот, го осознаваа и го почитуваа животот. Тој процес не смее да запре.

Ова е извонредна можност да им се заблагодариме на сите генерации членови на Драмскиот театар Скопје, кои во изминатите седум децении на сцената и зад сцената создаваа театарска магија која ги облагородуваше и ги исполнуваше посетителите на нивните претстави. Актерите, драматурзите, режисерите, техничкиот персонал, административните работници... се дел од екипата која ревносно и верно ѝ служи на публиката.

Екипата наречена Драмски театар Скопје навистина има причина да биде горда на својата богата историја и на уметничките достигнувања. За ова најдобар свидетел е токму публиката не само на матичната сцена во Скопје, туку низ цела Македонија и пошироко во регионот и во Европа.

Оттука, верувам дека Орденот што денес го доделувам ќе биде уште еден поттик за нови сценски подвизи, нови естетики, освојување нова публика.

Ви посакувам уште многу години театарско волшепство.

Ви благодарам.

orden_dramski1

prm_sv.kliment_konferencija
Беседа на меѓународната конференција „Свети Климент Охридски – Милоста и милосрдието во Библијата и во Црквата“
Четврток, 20 Октомври 2016

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест ми е да се обратам на оваа меѓународна конференција посветена на нашиот голем народен светител и просветител, св. Климент Охридски. Годинава кога одбележуваме 11 века од неговото физичко упокојување, ние се потсетуваме на неговите пораки, кои треба да ни помогнат да им останеме верни на трајните и вечни морални и етички принципи и вредности. Но, за да го направиме тоа, мора да се вратиме на изворот од кој се напојувал и св. Климент бидејќи на изворот водата е секогаш најчиста, а учењето најјасно.

На самиот почеток на својата мисија, Исус Христос ги споделил своите први пораки во прочуената Беседа на гората. А од сите пораки во беседата, први се осумте блаженства. И меѓу тие осум блаженства, четвртото е посветено на правдата: „Блажени се гладните и жедните за правда, оти тие ќе се наситат!"

Како луѓе, сите ние имаме длабока потреба за задоволување на правдата. Чувствуваме болка кога гледаме како се извршува неправда.

Концептот на правдата е предполитички, што значи дека правдата постои пред државата. Потребата за правда е длабоко врежана во човекот и во човештвото.

Јустинијан во Corpus Iuris Civilis правдата ја дефинира како „трајна и постојана желба да му се даде секому она што заслужува". Не случајно, Јустиција со својот превез на очите стана универзален симбол за едно нешто. А тоа е дека сите луѓе, независно од нивната родова, етничка, религиска, јазична, политичка, социјална припадност, заслужуваат еднаквост пред словото на законот. Таа еднаквост пред законот, пак, стана камен-темелник на владеењето на правото во современите демократски држави и општества.

Денес, борбата за правда е во срцевината и на она што некои го нарекуваат „глобално движење на движењата". Укинувањето на ропството и апертхејдот, постколонијализмот, еманципацијата, движењата за граѓански права и за социјална правда, заложбите за родова еднаквост и политичка рамноправност се дел од ова движење на движењата.

Борбата за правда е основна нитка и во македонската приказна. Не случајно во нашата химна е опеано дека „Македонците се борат за своите правдини". Не случајно, сите македонски манифести и прогласи повикуваат на правда за Македонија. Не случајно, сите наши востанија биле подигнувани за остварување на човечките правдини. И таа правда се постигна, кога пред 25 години, Република Македонија стана независна и суверена држава. Со тоа се исправи една голема историска неправда кон народот на Македонија. Но, цели 25 години, нè огорчува кога како држава се соочуваме со неправда. Кога ни се оспорува името, идентитетот, правото на самоидентификација, правото на човечко достоинство. Нè огорчува кога сме неправедно блокирани во нашите европски и евроатлантски интеграции. Нè огорчува кога гледаме како ни се оспорува минатото, ни се блокира сегашноста и ни се одзема иднината.

Како народ и граѓани, ние сме гладни и жедни за правда. Но, тоа не значи дека самите ние како луѓе сме целосно праведни.

Во посланието до Римјаните, апостолот Павле нè потсетува дека „Нема праведен ниту еден...нема кој да прави добро, нема ниту еден".

Со други зборови, од човековиот пад во еденската градина, целото човештво било заглавено во состојба на неправда, пренесувана од колено на колено, од генерација на генерација, со векови и милениуми.

И ние во Република Македонија сме жртви на таа неправда. Но, неправдата што ни е направена преку блокадите создаде амбиент на фрустрација во кој станавме неправедни едни кон други. Како општество влеговме во циклусот што од самоправедноста, преку самосожалувањето води до отуѓувањето и до осудувањето на противникот. Почнавме меѓусебе да се осудуваме и да се напаѓаме како безмилосни противници. Тоа особено дојде до израз за време на политичката криза што кулминираше оваа 2016-та година.

Каде е излезот од оваа состојба?

Веднаш по четвртото блаженство за правдата, Христос како да ни го открива големиот план за избавување на човештвото од синџирите на неправдата. А тој план е навестен во петтото блаженство за милоста. Затоа, тој вели дека „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани".

Ценети присутни,

Ништо не е случајно, а и она што е случајно е со некаква цел. Верувам дека е така и со редоследот на овие две блаженства за правдата и милоста, кои се спомнати едноподруго.

Совршената правда е нешто по кое длабоко копнееме, но сами, со сопствени сили не можеме да ја достигнеме и да ја постигнеме. Бидејќи, како што вели нашиот народ, нема човек без мана. Принципите на правдата подразбираат дека секој што згрешил треба да плати. Но, цената за грешките на човештвото кон луѓето, но и кон природата, кои постојано се акумулираат е толку голема што ниту еден од нас не може да ја плати. И затоа, како луѓе, свесни за нашата несовршеност, ние покајнички бараме милост. А милоста по дефиниција не се заслужува. Милоста се подарува.

Онаму каде што завршува нашата човечка способност за справедливост и за оправдување, таму започнува Божјата милост кон нас, која нè оправдува.

Милоста има централно место во Библијата, во зборовите и делата на Христос, кој покажал милост секому кој побарал.

Читајќи ги четирите евангелија ќе видиме дека тој постојано покажува милост. И кон слепите кои бараат да прогледаат. И кон болните кои бараат да оздрават. И кон лепрозните кои бараат да се очистат. И кон туѓинците, кои биле избегнувани. И кон грешниците кои биле исклучувани.

Истовремено, тој постојано зборува за милоста преку своите параболи. Една од нив е параболата за слугата, кој му должел многу пари на својот господар. Кога господарот требало да си го наплати долгот, слугата молел за милост, и големиот долг му бил простен. И првото нешто што го направил слугата ја илустрира паднатата човечка состојба. Слугата одбил да му го прости малиот долг на својот пријател. Одбил да покаже малку милост, иако нему му била укажана голема милост.

Нам, како на луѓе ни е укажана голема Божја милост за нашите погрешни мисли, зборови и дела. Сè што треба да направиме е да покажеме малку милост кон оние кои ја бараат од нас.

Св. Климент, милоста ја нарекува крило на молитвата. Милоста ја спомнува во речиси секоја своја поука и во секое свое слово.

Во неговата Поука за Педесетница, св. Климент Охридски вели: „...да не се именуваме христијани само по име, туку да се потрудиме со добри дела да стекнеме смирение и љубов кон сите... И милостина давајте непрестајно, зашто таа ги мие сите прегрешенија од нас, и ги отвора небесните врати, и јароста Божја ја претвора во кроткост и милост, а милоста возведува на небото и со смелост нè става крај престолот Божји, бидејќи апостолот рече дека милоста се пофалува на судот. И блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани, и судот ќе биде безмилосен кон оној, кој не покажал милост".

Дами и господа,

Ако се обидеме со еден збор да го опишеме св. Климент Охридски, тогаш тоа е зборот милост. И нема да згрешиме, бидејќи дури и во името му е скриена милоста. Климент, односно Clementia е латинското име на милоста.

Св. Климент Охридски своето духовно име го добил во 868-та година од римскиот папа Адријан II, во чест на св. Климент Римски, чии мошти ги донеле неговите учители, св. Константин ‒ Кирил и Методиј во Рим.

Верен на своето име, св. Климент Охридски манастирот што го изградил на Плаошник го посвети на еден друг светец, во чие старогрчко име, исто така е скриена милоста – Пантелејмон што значи Семилостив.

Зошто ви го кажувам сево ова? Бидејќи верувам дека преку св. Климент Охридски, нашиот голем народен учител и светител, ние имаме едно потсетување. Потсетување за тоа како да излеземе од маѓепсаниот круг на самоправедноста која води кон самосожалување, отуѓување и осудување. А клучот за да излеземе од тој круг е милоста.

Да се стремиме кон правда, свесни за нашата несовршеност. И да бидеме милостиви, за и самите да најдеме милост.

Но, сево ова не е значајно само за Македонија, туку и за целиот регион на Балканот и Европа, каде милоста стана скапа и ретка вредност.

Глобализацијата создаде генерации кои израснаа со консумеризам, морален релативизам и екстремен индивидуализам. Во свет кој е полн со луѓе кои се полни со самите себе, каде личниот успех е сè, карактерот е сведен на прашање на личен избор. Постмодернизмот ги подри темелите на концептот на правдата, моралноста и милоста, кои се вулгаризирани.

Истовремено, бегалската и мигрантска криза го покажа вистинското лице на Европа. Стравот од различноста ѝ оневозможи на Европа да го види човечкото во бегалците и во мигрантите. Стравот ја зароби милоста.

Затоа, да се потсетиме на пораките на св. Климент. Да се потсетиме на сето она што тој ги учел нашите предци. На едно место тој вели: „со љубов еден кон друг да се натпреваруваме, со милостина и чистота умот свој просветлувајќи го, да го впериме угоре." На тоа, денес ќе додадам, да се воздигнуваме, наместо да тонеме. Да ги градиме нашите општества и држави во височина, со највисоките етички, морални стандарди и вредности.

Но, за тоа е потребна и Црквата. Семето што е посеано ќе дава добар плод, но само ако падне на плодна почва, наводнувана од чистиот извор на животворна вода.

Во Охрид го гледаме милосрдието на Бог, кој ни дал таква природа и убавина. Затоа и поетот Константин Миладинов, опевајќи го езерото вели „сегде Божева је хубавина". Затоа, низ вековите, луѓето граделе цркви и манастири кои во еден момент изнесувале 365. Еден од нив е и манастирот на св. Климент Охридски, кој го изградил на најубавото место во Охрид.

Исто како Охрид, и св. Климент Охридски е дел од Божјата милост кон словенството и особено кон Македонија. Мораме да сме благодарни за таа милост. А вистинската благодарност не се искажува само преку спомнување на неговото име, туку и преку почитување и применување на неговите слова и поуки.

На самиот крај, уверен сум дека секој од учесниците на оваа меѓународна конференција ќе додаде барем едно камче во мозаикот што ќе ни го приближи ликот и делото на Св. Климент Охридски и милоста на која тој укажува.

Ви благодарам.

NBRM_web
Обраќање на свеченоста по повод доделувањето Орден за заслуги за Македонија на Народната банка на Република Македонија
Среда, 19 Октомври 2016

Почитуван претседател на Собранието на Република Македонија,
Почитуван гувернер на Народната банка на Република Македонија,
Почитуван Архиепископ на МПЦ-ОА,
Ценети присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Без луѓе ништо не се случува, но без институции ништо не трае. Но, и покрај оваа суштинска разлика, постои нешто што е заедничко за луѓето и за институциите. А, тоа е прашањето за довербата.

Оваа 2016 година се соочивме и сè уште се соочуваме со длабока политичка криза, која е израз на отсуство на меѓусебна доверба во нашето општество. Но, и во такви сложени услови, се покажа дека институциите на државата функционираат и дека ја оправдаа довербата на граѓаните. Една од тие институции е Народната Банка на Република Македонија, која годинава прославува голем јубилеј – 70 години од централното банкарство на Македонија.

Дами и господа,

Пред 25 години прогласивме сувереност и независност. Сите ние знаеме дека клучен дел од независноста на една држава е нејзината монетарна самостојност. Иако монетарна самостојност прогласивме со независноста, сепак, темелите на централното банкарство беа поставени во мугрите на македонската државност, во далечната 1946 година. Иако, долго време функционирала како филијала на централната банка на поранешната заедничка држава, сепак, Народната банка на Македонија во тој период успеа да изгради капацитети неопходни за квалитетно банкарско работење.

Со прогласувањето на независноста во 1991-та, нашата централна банка стекна искуство од два, сосема различни, економски и политички системи.

Тоа искуство ни помогна во мугрите на нашата независност, кога се соочивме со бројни предизвици. Државната каса беше речиси празна. Постоеше опасност од прелевање на дестабилизацијата и хиперинфлацијата од соседството. Но, во вакви исклучително сложени времиња, Народната банка успешно ги надмина предизвиците.

Кој од нас не се сеќава на историскиот момент кога во април 1992-та, премиерот Кљусев од собраниската говорница ги претстави банкнотите на новата македонска валута ‒ денарот? Како граѓани се радувавме на тие први, скромно дизајнирани банкноти не само поради нивната куповна, туку и поради нивната симболична вредност. Тие симболизираа дека Реублика Македонија има монетарна самостојност. Воспоставувајќи стабилен курс на денарот, Народната банка ја стабилизираше инфлацијата на ниско ниво и ги зголеми државните резерви.

Почитувани присутни,

На почетокот на моето обраќање ја спомнав довербата. Довербата во банкарскиот систем се гради со години, а може да се изгуби за миг.

Глобалната финансиска и кредитна криза од 2008-та ги разниша темелите на довербата во банкарскиот систем низ светот. Но, во услови кога многу помоќни држави се соочуваа со забавување на економскиот раст, Република Македонија успеа не само да го одржи темпото, туку и да прерасне во една од најбрзорастечките економии во Европа. Како привлечна дестинација за странски инвестиции во услови на криза, ние станавме позитивен исклучок од негативното правило. А овој исклучок се должи на повеќе фактори. Меѓу нив се бројните и темелни економски реформи и неуморната промоција на македонските инвестициски можности. И јас, лично, како претседател не пропуштав можност да ја отворам македонската економија за стопанствениците, развиените и растечки економии од светот. Но, сето тоа беше возможно и благодарение на мудрата и одмерена макроекономска политика на Народната банка на Република Македонија.

За многу држави овие кризни години се, како што велат, години изедени од скакулци. Многу економии претрпеа огромни загуби. Но, Народната банка на Република Македонија беше чувар на довербата во економијата. И тоа двојна доверба. Доверба на странските инвеститори, но уште поважно, довербата на македонските граѓани во сопствените институции.

Народната банка на Република Македонија е еден од столбовите на функционалната и компетитивна македонска пазарна економија. Поради сето тоа, како претседател на Република Македонија, чест ми е да ѝ се заблагодарам на Народната банка со Орден за заслуги за Македонија. Овој орден е признание за сите поединци кои се вклучиле во градењето и во развојот на Народната банка во изминатите 70 години, а со тоа и на македонската економија.

Но, истовремено, овој орден претставува и обврска. Народната банка треба да продолжи, како и досега, да спроведува мудра, домаќинска и независна монетарна политика што ќе ги следи државните интереси. Да продолжи да биде столб на макроекономската стабилност на независна и суверена Република Македонија. Со транспарентна политика, да биде гарант на основната улога на финансискиот сектор. А тоа е да ја поддржува реалната економија, да создава услови за нови работни места, стоки и услуги што ќе ги задоволуваат реалните потреби на граѓаните. И со тоа, да придонесе за просперитет, благосостојба и напредок за македонските граѓани, македонската економија и македонската држава.

Конечно, овој орден е и израз на желба. Македонскиот денар денес е една од 164-те валути што циркулираат во светот. Како суверена држава, ние се гордееме со денарот. Сепак, не би ни пречело ако еден ден македонскиот денар се претопи во европската валута ‒ еврото. И со тоа целосно да се оствари сонот за рамноправно членство на Република Македонија во Европската Унија. Да бидеме дел од единствениот европски пазар. Посакувам тоа да се постигне до наредниот голем јубилеј, кога ќе славиме 80 години од македонското централно банкарство.

Ви благодарам.

Viena
Говор на панелот во рамките на конгресот на Паневропската унија
Сабота, 08 Октомври 2016

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Како претседател на Република Македонија, чест ми е да се обратам на овој јубилеен Паневропски конгрес. Меѓу вас се чувствувам како меѓу пријатели на Македонија. Затоа, сум слободен да зборувам отворено.

Оваа 2016-та година, Република Македонија прославува четврт век од независноста. Од самиот почетокот, постигнавме согласност за нашите врвни стратегиски цели ‒ членство во НАТО и во Европската Унија. Затоа, се залагавме за либерализација на економијата, плурализација на политиката и европеизација на општеството.

Од каде таа привлечност на Европа? Уште од времето на хуманизмот и ренесансата, па сè до индустриската револуција, Европа била учителка на светот. Европа е културниот и цивилизациски простор што на светот му даде многу гении, творци, градители кои ги откриваа тајните на природата, но и длабочината на човечката креативност.

Тука, во Европа, се водеа најзначајните дебати за човековите права и слободи и за правото на човечко достоинство кои водат потекло од јудео-христијанската идеја за неотуѓивата вредност на секој човек. Тука, во Европа, во последните 60 години се реализираа трите нешта по кои тежнее секој човек: слободата, правдата и мирот.

Првата вредност е слободата. Тука, во нашата Европа речиси осум века одекнува мислата на Алигиери дека „човештвото е во најдобра состојба тогаш кога има најголем степен на слобода", А таа слобода не е само физичка, туку и интелектуална и духовна. Не случајно, тука, во нашата Европа, Европскиот суд за човекови права уште во 1993-та истакна дека слободата на мислата, совеста и верата се основите на секое демократско општество.

Втората вредност е правдата. Јустинијан во Corpus Iuris Civilis истакна дека правдата е непроменливата и трајна желба да се живее чесно, да не се нанесува повреда и секому да му се дава она што заслужува. Сите ние природно тежнееме кон праведно општество, во кое сите имаат еднакви права и споделени обврски. Водени од желбата за правда, нашите општества на Балканот почнаа да се трансформираат и да ги спроведуваат европските стандарди, критериуми и вредности. Како регион бевме насочени кон Европската Унија.

Тука доаѓаме до третата универзална вредност – мирот. Еден од татковците на Европа, Жан Моне, рече: „Да се гради Европа значи да се гради мир". На тоа ќе додадам дека европскиот мир не е ништо друго освен грижа за добросостојбата и достоинството на граѓаните. Балканот е одличен пример за оваа трансформирачка моќ. Европската Унија послужи како магнет што ги привлече и меѓусебно ги поврза раскараните, па дури и завојувани балкански држави. Во периодот на високи очекувања од дадените ветувања, балканските држави почнаа да соработуваат и да ја градат меѓусебната доверба.

Овие три вредности создадоа услови за економска благосостојба на Европа. Како една од најголемите светски економии, Европската Унија стана мотор на глобалното богатство. Тоа придонесе Европа да стане супер-сила на животниот стил, привлечна за многу луѓе кои се во потрага по среќа. Делумно, дури и мигрантската криза се јави поради привлечноста на Европа. Цел на мигрантите беше да дојдат до земјите на супериорноста на европскиот стил на живот и со тоа да бидат во свет во кој ќе имаат многу побезбеден и подостоинствен живот.

Денес, многу од овие европски придобивки се доведуваат во прашање.

Почитувани присутни,

Следната 2017-та година ќе се навршат шест децении од Римските договори и една деценија од Договорот од Лисабон. Во тој меѓупериод од 50 години, Европската Унија добро функционираше. Но, светската финансиска и кредитна криза од 2008-та промени сè. Првиот момент во кој Унијата се соочи со сериозна криза, започнаа проблемите. Состојбата денес не е добра.

Поради заморот од проширувањето, привлечната сила на Унијата опадна. Иако културните и цивилизациски корени на идејата за Европа се на Балканот, сепак, Европската Унија долго време ги запостави своите корени. Го остави Балканот неинтегриран, надвор од европските текови. Тоа се одрази и на Балканот, но и на самата Европска Унија.

Неодлучноста на Европската унија и НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Република Македонија беше една од главните причини за политичката криза во Македонија што кулминираше оваа година. Но, Република Македонија не е исклучок. Речиси сите држави во регионот се соочуваат со некаков вид внатрешна нестабилност: политички и економски кризи, предвремени избори, па дури и безбедносни закани и зачестени терористички напади. На Балканот повторно имаме ретроградни процеси. Реториката меѓу балканските држави од ден во ден се заострува.

Европската Унија скршна од патот зацртан од татковците на Европа, а тоа е градење мир преку соработка, интеграција и проширување. Моторот на интеграцијата како да останува без гориво. Унијата е оптоварена со сè повеќе бирократија. Заедничките европски политики, институции и механизми ги губат силите за влечење на 28-те, наскоро 27 земји членки на Унијата. Теренот низ кој сега минува Унијата е многу непредвидлив. Светот е сè повеќе поделен, опасен и дезориентиран.

Европа се соочува со неразрешената финансиска и кредитна криза, актуелната мигрантска криза и сè посериозната безбедносна криза. Јазот меѓу заедничките цели на Европската Унија и посебните интереси на државите членки е сè поголем. Со Брегзит, наместо да се обединува и да се проширува, Унијата полека почна да се фрагментира и да се намалува.

Во вакви сложени услови стана модерно да се даваат апокалиптични прогнози за иднината на Европската Унија. Евроскептиците насекаде се во подем. За Унијата се зборува како за неуспешен проект што е осуден на пропаст. Проблемот со ваквите прогнози е што честопати се самоостварувачки. Ако само ламентираме за пропаста на Унијата, без притоа да понудиме одржливи решенија за проблемите, на крајот прогнозите ќе се остварат.

„Европа не е само континент, таа, исто така, е идеја. Оваа идеја се нарекува слобода." Овие зборови на Куденхоф Калерги се пишувани во 1933-та година. Тоа е годината кога на власт дојде нацизмот, кој заедно со фашизмот се едни од најголемите непријатели на слободата, на Европа и на човештвото, воопшто. Во време кога многумина се откажале од Европа, грофот Калерги верувал во Европа.

Затоа, да се угледаме на грофот Калерги, на фон Хабзбург, Шуман, Моне, Аденауер и на другите основоположници на Европа. Да не му робуваме на моменталното расположение, на песимизмот и стравот. Стравот е филтер низ кој ги перципираме само заканите, но не и можностите што се пред нас. Кризата е последица на неискористени и пропуштени можности. Верувам дека и актуелните кризи се истовремено можности за Европа.

Ова е вистински момент за промена, за пресоздавање на Европската Унија. Ова е вистинското време за Унијата да најде сила за да одговори на потребите на европските граѓани.

Европските лидери треба да помогнат во градењето механизми за брзо носење одлуки во услови на криза. На Унијата ѝ беа потребни 6 месеци за да постигне согласност за мигрантската криза. Додека ја донесе одлуката, веќе имаше нова реалност на теренот, што бараше нова одлука. Се покажа дека бирократските европски механизми не се во состојба да го расчистат патот од натрупаните кризи. Тогаш државите ги зедоа нештата во своите раце. Првпат по падот на Берлинскиот ѕид и Железната завеса се подигнаа огради и жици за заштита од заканата од неконтролирана илегална миграција.

Но, исто така, Унијата треба да покаже одговорност кон своите корени, кон Балканот. Да најде сила да ја продолжи интеграцијата на земјите од нашиот регион. Зачленувањето во Унијата е процес што нè менува. Неодлучноста на Унијата да ги надмине блокадите и заморот од проширувањето доведе до ретроградни процеси во Југоисточна Европа. Наместо да го европеизира Балканот, Европската Унија се балканизираше. Сега е време Европската Унија повторно да се европеизира себеси, а со тоа и Балканот.

Иако, сè уште не сме дел од Европската Унија, ние во Македонија веруваме во Европската Унија. Водени од европската идеја, пред 25 години започнавме да ја градиме европска Република Македонија. Во тој потфат се соочувавме со бројни предизвици. Но, бевме непоколебливи во остварувањето на нашите стратегиски цели. Унијата ни помогна да ги трансформираме нашите институции. Но, поради неодлучноста на Европската Унија, нашата куќа како да остана недовршена. На сопствена кожа ги почувствувавме предизвиците на нашиот динамичен свет.

Потребно ни е повторно да ја почувствуваме трансформирачката моќ на Унијата, да го завршиме покривот на европска Република Македонија во европскиот Балкан. А во тој потфат може да ни помогнат оние кои најдобро не разбираат. Тоа сте вие, луѓето кои преку Пан-Европа ги посветувате животите на остварување на визијата за отворен и обединет европски континент.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 5 од 55