Говори и обраќања
Orden_MOB
Обраќање по повод доделувањето Орден за заслуги за Македонија на Македонската опера и балет
Вторник, 09 Мај 2017

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест ми е да ви се обратам на 9 мај, денот на победата над фашизмот и денот на Европа.

Кога на 9 мај 1945 година оружјето замолкна во Европа, многумина се прашуваа дали музиката е возможна по ѕверствата на Втората светска војна. Дали по уништувањата, човештвото има морално право да твори уметност. Тоа секако ќе беше огромна загуба за сите нас, бидејќи е тешко да се замисли светот без музиката, танцот, песната, операта.

Секој љубител на операта знае дека успехот на овој голем уметнички потфат најмногу зависи од две нешта. Прво, од умешното свирење со музичкиот инструмент создаден од човекот. И, второ, од правилното користење на човечкиот глас како најсовршениот инструмент подарен од Бога. Балетот, пак, кон нив го придодава и танцот. Како симбиоза на музиката, зборот и танцот, операта и балетот се најтешките музички и уметнички форми. Оттука, стремеж на секое општество и култура е да се најде на светската оперска и балетска мапа.

Нашата македонска приказна започна во мугрите на македонската држава – само три години по АСНОМ, со основањето на оперскиот ансамбл во 1947 година и премиерата на Кавалерија Рустикана. Љубителите на класичната музика секако знаат дека ова е првото и најзначајно оперско дело на Пјетро Маскањи. Но не сите знаат како настанало.

Младиот Маскањи во последен момент дознал дека има конкурс за опера за млади композитори кои до тогаш не напишале ниту една опера. Во духот на реализмот, инспириран од еден расказ на Верга, Маскањи за помалку од два месеци го завршил делото. Сепак, младиот композитор не бил целосно задоволен од квалитетот на своето дело. Партитурата му ја пратил на својот пријател Пучини за второ мислење. Иако Пучини сметал дека оваа опера нема никаква шанса да победи на натпреварот, во знак на добра волја ја препратил кај својот издавач, кој операта на дебитантот веднаш ја отфрлил како безвредна. Обесхрабрен, Маскањи кренал раце. Но, не и неговата сопруга, која без негово знаење ја пратила партитурата на конкурсот. Во 1890 година, во конкуренција на 73 опери, Кавалерија Рустикана убедливо победила.

Неговата прва опера била премиерно изведена на 17 мај 1890 година. 57 години подоцна, новоформираната Македонска опера и балет дебитираа на македонската сцена со операта со која дебитираше и самиот Маскањи – Кавалерија Рустикана.

Orden_MOB_1Драги пријатели,

Верувам дека ова дело не било случајно избрано, бидејќи, начинот на неговото создавање во себе носи голема симболика.

Прво, зборува за младите. Свесно или не, доајените на младата македонска опера преку премиерата симболично го изразија потенцијалот на младите, се уште недокажани македонски уметници. Оваа институција и овозможи на цела наша плејада на талентирани и врвни музичари и истакнати солисти да се стекнат со неповторливо искуство.

Второ, добронамерната помош е добредојдена. Ние не секогаш можеме сами. Доволно е да се сетиме дека процутот на македонската опера и балет е тесно поврзан со маестро Ловро Матачиќ кој помогна во насочувањето на потенцијалот на македонските музичари.

Трето, неопходна е самодоверба. Во животот ќе има многумина кои ќе не обесхрабруваат. Доколку критичарите го имаа последниот збор, денес никој од нас овде немаше да знае за Маскањи и за Кавалерија Рустикана. Но, еден чекор на верба промени се.

Токму таков чекор на верба направија и уметниците кои пред 70 години ги поставија темелите на Македонската опера и балет.

Таков чекор на верба направивме и ние во 1991 година, кога прогласивме суверена и независна Република Македонија, тогаш кога некои се сомневаа во нас. И денес, кога повторно сме сведоци на разни сомнежи во нашата државотворност, ние не треба да се обесхрабруваме. Се додека идејата на слободата и независноста на Македонија е во нашите срца, нема да потклекнеме и да се откажеме.

Водени од овие три нешта, нашите уметници самоуверено ги започнаа и „Мајските оперски вечери" кои годинава се одржуваат по 45-ти пат. Нашите уметници дебитираа на светските оперски и балетски сцени. Некои од нив станаа наши амбасадори на културата низ сите меридијани. Нивните настапи се сведоштво дека Македонија е татковина на извонредни креативци.

Затоа, на овој свечен ден, 9 мај, како Претседател на Република Македонија имам чест на Македонската опера и балет да и доделам Орден за заслуги за Македонија. Овој орден е признание за успешното промовирање на македонското и на светското творештво од областа на оперската и на балетската уметност.

Овој орден е признание за улогата што Македонската опера и балет ја има во победата на креативноста над деструктивноста и музиката над тишината.

Со таа мисла, на самиот крај, ви посакувам едно нешто: да имате се повеќе распродадени концерти и во Македонија и во светот.

Ви благодарам.

Orden_MOB_2

RSBSP
Обраќање на доделувањето на Повелба на Република Македонија на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата
Четврток, 04 Мај 2017

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Сообраќајот е нераздвоен дел од нашето секојдневие. Патиштата и пругите се артериите на нашата економија, без кои економскиот напредок е незамислив. Но, покрај бројните економски придобивки, сообраќајот носи и одредени ризици по безбедноста на неговите учесници – возачите, патниците и пешаците. Веќе 55 години со овој сериозен предизвик се бори Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот.

Пред малку чувме дел од постигнувањата и успесите на Републичкиот совет. На сето тоа ќе го додадам следното: сите стратегии, активности, мерки, кампањи, предлози и иницијативи на Републичкиот совет се сведуваат на едно нешто, а тоа е заштита на човечкиот живот.

Сепак, не можеме, а да не забележиме дека од година во година, задачата на Републичкиот совет станува сè посложена и тоа поради повеќе фактори.

Имаме сè поголем број возила на патиштата. Фреквенцијата на сообраќајот секојдневно се зголемува. Несовесното користење на современите технологии, а особено мобилните телефони за време на возењето е израз на ниското ниво на сообраќајна култура што многу често се плаќа со живот. Дополнително на тоа, политичките кризи, неизвесноста и непредвидливоста ги изложија граѓаните на постојан стрес.

Собрани заедно, овие фактори го намалија трпението и почитувањето на сообраќајните правила и го зголемува бројот на сообраќајните несреќи, кои за жал станаа наше секојдневие.

Секое утро се будиме со статистиките за тоа колку несреќи имало во текот на претходниот ден. Само во 2013 година во просек имало по 11 тешки сообраќајни незгоди секој ден. Во таа фатална година, секоја десетта жртва била дете! Годишно во Република Македонија меѓу 160 и 170 лица ги губат животите во сообраќајни незгоди. Бројот на повредените е многупати поголем. Тоа се многу предвреме прекинати животи, неискористени можности и неостварени соништа. Тоа е голема загуба за семејствата, за општеството и за државата.

Брзото возење, алкохолот, неносењето појас и телефонирањето или, уште полошо, праќање пораки за време на возењето се меѓу најчестите причини за овие страшни статистики.

Републичкиот совет неуморно и совесно се бори против овие тенденции. Со отрезнувачки кампањи ја будат јавната свест за потребата од одговорно учество во сообраќајот. Упорно укажуваат дека една секунда невнимание може да ги измени сите животни планови. Ја едуцираат јавноста, особено младите, за ризиците кои можат да ги чинат живот.

Во таа насока, Републичкиот совет ја имплементира и националната стратегија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Целта на оваа стратегија е бројот на жртви во сообраќајни незгоди да се намали и да биде во рамките на Европската Унија.

Затоа, во годината кога Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот прославува 55 години од формирањето, ја имам честа, како Претседател на Република Македонија да доделам Повелба на Република Македонија. Повелбата е признание за постигнатите резултати во унапредувањето и во развивањето на сообраќајното образование, култура и етика, со што Републичкиот совет даде исклучителен придонес за подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот на нашите патишта.

Но, истовремено, Повелбата претставува и обврска.

Минатата година на отворањето на Регионалната конференција за безбедност во сообраќајот реков дека ниту нови патишта, ниту нови закони, ниту повисоки казни и построги санкции, сами по себе, нема да ја намалат смртноста на патиштата ако истовремено не работиме на развивање на сообраќајната култура и етика. Таа култура и етиката треба да се гради и да се пренесува преку семејствата, училиштата, автошколите, сè додека не прерасне во општоприфатена општествена навика. Сите ние треба да работиме на создавањето на таа навика.

Но, за тоа е неопходен еднаков третман на сите пред законите. Потребна е соработка во рамките на системот, ангажирање на јавниот и на приватниот сектор, осигурителните компании, академската заедница, цивилното општество и медиумите. Бидејќи, само така ќе изградиме безбедност во сообраќајот.

Верувам дека, како и до сега, така и од сега, Републичкиот совет ќе има клучна улога во постигнувањето на оваа цел. И во таа насока, честитајќи им за признанието, ги охрабрувам да продолжат да го прават она за што постојат – спасување на човечкиот живот.

Ви благодарам.

najdobar_naucnik2
Обраќање по повод доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“ за 2016 година на Христијан Ѓорески
Среда, 03 Мај 2017

Почитувани гости,
Дами и господа,

Имам особена чест и големо задоволство да ви се обратам по повод доделувањето на признанието „Најдобар млад научник" што се доделува за врвни научни достигнувања во една календарска година.

Оваа веќе традиционална манифестација која има за цел вреднување и стимулирање на младите македонски научници до 30-годишна возраст секоја година добива сè поголемо значење и важност. Токму високите достигнувања на пријавените кандидати сведочат за големиот потенцијал на младата македонска научна мисла. Комисијата која е задолжена за изборот на најдобар млад научник и која детално ги прегледува пристигнатите апликации може да посведочи за високиот квалитет на пристигнатите пријави. Не би сакал да ја испуштам оваа можност без да им се заблагодарам на членовите на комисијата, но и на рецензентите за нивниот придонес во целиот процес на селекција. Секако, голема благодарност и до медиумите без чија поддршка овој настан, но и младите македонски научници не би го добиле должното внимание.

Уверен сум дека со овој избор на најдобар млад научник придонесуваме за поттикнувањето на интересот и популаризирањето на младата македонска научна мисла. Покрај големиот талент кај нашите млади научници забележлива е и нивната креативност, посветеност и мотивација за понатамошна научна работа. Доколку, сакаме нивниот придонес да биде од корист на државата мора да направиме сè тие да ги заземат своите места во образованието, институциите, бизнис-секторот. Секако, нивниот научен пат често продолжува надвор од границите на нашата земја, но и тогаш контактите и соработката не смеат да престанат. Напротив нивното искуство од врвните образовни и научни институции во странство треба да биде пренесено и искористено и кај нас.

mlad_naucnik1Почитувани,

Денес кога по седми пат ја доделуваме наградата „Најдобар млад научник" имаме добитник чиј главен интерес е „вештачката интелигенција". Особено сум импресиониран што интересот кон оваа област го води нашиот најдобар млад научник во изнаоѓање решенија кои би се користеле во здравството и во спортот. Токму оваа хумана димензија во научната работа на д-р Христијан Ѓорески треба да ни биде и потсетник дека сè што правиме треба да биде за и во полза на човекот. Без разлика дали се занимаваме со научна или општествена работа да не заборавиме дека сето тоа е во служба на човекот, на неговиот подобар и подостоинствен живот. А за развојот и за напредокот што го имаме како човечка цивилизација пред сè ѝ должиме на науката. Постојано жедни за нови знаења и трагајќи кон новото и подоброто, научниците секојдневно ги подобруваат нашите животи. Да бидеме благодарни за сè што имаат постигнато и да се гордееме што и македонските научници се дел од светската научна мисла.

Би сакал на крајот од моето денешно обраќање, на д-р Христијан Ѓорески и на сите други млади научници, кои беa дел од конкурсот, но и оние кои не се пријавија за изборот на „Најдобар млад научник" за 2016, да им посакам многу успех и долгогодишна плодна научна работа.

Благодарам.


najdobar_naucnik3

PRMobrakanje
Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Четврток, 27 Април 2017

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Во овие моменти на општа загриженост околу настаните во Собранието на Република Македонија ве повикувам да бидете смирени.

Ве повикувам да останете присебни и да не подлегнувате на разни провокации, лажни вести и манипулации.

Повикувам на смирување на тензиите и на ненасилство.

Повикувам на разумно и одговорно однесување.

Повикувам на одговорно однесување на сите надлежни институции кои мора да ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија.

Пратениците се најодговорни за враќање на состојбата во согласност со Уставот, законите и Деловникот на Собранието на Република Македонија, кои денеска беа прекршени.

Секој треба да биде одговорен за своите постапки и свесен за последиците кои произлегуваат од нив.

Оваа состојба може да се надмине само преку почитување на правниот поредок на Република Македонија.

Нема прашање за кое не може да се најде решение преку дијалог, во согласност со Уставот и со законите на Република Македонија.

Затоа, ги повикувам лидерите на парламентарните партии утре да дојдат во мојот Кабинет на лидерска средба за да ја разгледаме новонастанатата состојба.

На лидерска средба да ги разгледаме сите опции за смирување и наоѓање излез од новонастанатата состојба.

Лидерите ја добиле довербата од граѓаните и се најодговорни за наоѓање решенија во согласност со Уставот, законите и Деловникот за работа на Собранието.

Никој друг од надвор нема да ни ги реши проблемите ако самите ние не ги решиме, во согласност со државните интереси на Република Македонија.

Ви благодарам.

MKD-BIH_web
Официјална посета на г. Младен Иваниќ, Претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина
Среда, 19 Април 2017


MKD-BIHПочитувани претставници на медиумите,

Почитуван претседавач со претседателството на Босна и Херцеговина, г. Иваниќ,

Дозволете ми да ви посакам срдечно добредојде во Република Македонија и да изразам задоволство од реализацијата на Вашата официјална посета.

Денеска со мојот пријател и колега, господинот Иваниќ, имавме навистина одлична и содржајна средба, на којашто разговаравме за сите прашања што се од заеднички интерес за Македонија и Босна и Херцеговина.

Би сакал да изразам задоволство од досегашниот развој на односите и на соработката меѓу нашите две држави, кои ги карактеризира традиционално силно пријателство, идентични ставови за развојот на меѓународната и регионалната соработка, со заеднички стратегиски цели – мир и стабилност во регионот, членство во европските и евроатлантските структури.

Република Македонија, континуирано на сите можни начини, отворено и јасно дава поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина.

Го поздравуваме напредокот на земјата во процесот на евроинтеграција и очекуваме дека наскоро ќе ги предаде одговорите на Прашалникот, по што Европската унија ќе даде позитивно мислење за членството на Босна и Херцеговина во Европската Унија.

Со г. Иваниќ разменивме мислења и за состојбите во регионот.

Констатиравме дека евроинтеграцијата на државите од нашиот регион е од суштинско значење за стабилноста на целиот регион, развој и просперитет. Единствен одговор на ситуацијата во регионот е напредок во процесот за интеграција во Европската Унија.

Затоа, констатиравме дека од приоритетно значење е отворањето на преговорите за членство, особено поглавјата 23 и 24 за сите земји од регионот кои не се членки на Европската унија, бидејќи со тие области се соочуваат нашите земји и тоа со областа на правосудството, основните права, правдата, слободата и безбедноста. Мислиме дека доколку има моќ, сила во Брисел да се отворат овие две поглавја од сите земји во целиот регион и состојбата во целиот регион би била поинаква.

На средбата со господинот Иваниќ разменивме информации и мислења околу актуелните состојби во нашите две земји.

Г-нот Иваниќ го запознав со случувањата во земјата по предвремените парламентарни избори од 11 декември минатата година, како и со правната и со политичката пречка по однос на определувањето на мандат за состав на Влада на Република Македонија.

Во однос на постизборната платформа како политичка пречка, го повторив ставот дека со неа се руши Уставот и Охридскиот рамковен договор, а Република Македонија се доведува во положба на потчинетост и зависност од друга држава. Со тоа се загрозува сувереноста, самостојноста и унитарноста на државата.

Заеднички се согласивме дека ваквото мешање во внатрешните работи на Република Македонија е поттик за реализирање на големо националистички идеи и дека она што ни е најпотребно во моментов е намалување на тензиите во регионот и промена на реториката којашто ја слушаме во последно време во целиот регион.

Со мојот соговорник разменивме мислења и за економската соработка бидејќи Босна и Херцеговина е на листата на 20 најголеми економски партнери на Република Македонија. Засега трговската размена меѓу двете земји е околу 155 милиони долари. Малиот суфицит е постојано на македонска страна, но тоа е основа да работиме многу повеќе на економската соработка и тоа ќе биде основа и на бизнис форумот кој ќе се одржи во текот на утрешниот ден.

Ви благодарам.

Evroaziski_Forum_01
Обраќање на претседателот Иванов на 20. Евроазиски економски форум во Истанбул
Четврток, 06 Април 2017

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Како Претседател на Република Македонија, задоволство ми е да учествувам на 20. Евроазиски економски самит. Цели две децении, овој значаен форум нуди можност за искрен дијалог и за искрена размена на идеи за предизвиците со кои се соочуваат нашите држави и региони. Уверен сум дека барем дел од тие споделени идеи го нашле своето место во процесите на носење одлуки и  во решенијата на предизвиците. Како и секогаш така и денес ние имаме тема што бара квалитетна дебата.

Неодамна, на 60-годишнината од Римските договори, 27 европски лидери ја усвоија Римската декларација. Во неа, тие се обврзуваат дека во наредните десет години ќе работат на создавање унија што ќе биде сигурна и безбедна, просперитетна, компетитивна, одржлива и општествено одговорна, со волја и капацитет да игра клучна улога во светот.

Во услови кога Унијата се соочува со бројни кризи, многумина би рекле дека ова се премногу амбициозни, па дури и неостварливи цели.

Да се зборува за кризите на Европската Унија стана клише. Кризи има на секој чекор: од кризата на еврозоната, преку политичката, мигрантската и безбедносната криза, па сè до Brexit. Блискиот Исток, Кафказот и Балканот сè уште се кошмар за бриселските политичари. На јужниот и на источниот брег на Медитеранот има многу пропаднати држави и разорени општества.

Но, во овој наратив за европските кризи се губи од пред вид една важна работа. Имено, се заборава дека кризата е само метафора позајмена од медицината што се однесува на мошне краток временски период во кој организмот се бори со одредена болест или состојба. Но, кризите на Унијата се сè, само не кратки. Веќе две години се соочуваме со мигрантската криза. Идната година ќе се наврши првата деценија од економската криза. Унијата влегува од една во друга криза, без притоа да реши ниту една од кризите. Ваквата загрижувачка состојба бара редефинирање на проблемот.

Клаус Офе нè потсетува дека Европа не е само во криза, туку и во стапица на сопствената бирократија. Кризата ги парализира токму оние конструктивни актери кои би биле способни на дело да ги спроведат неопходните стратегии и промени со кои може да се надмине кризата и да се спречи нејзино повторно појавување.

Истовремено, Унијата се соочува со бројни внатрешни тензии: меѓу центарот и периферијата, меѓу кредиторите и должниците, меѓу еврооптимистите и евроскептиците, но и меѓу оние кои се повеќе и оние кои се помалку интегрирани.

Како последица, наспроти бриселскиот елитизам, имаме растечки популизам. Наместо десуверенизација, имаме повторна суверенизација. Наместо интеграција имаме сè поголема фрагментација.

Сево ова би поттикнало некои Римската декларација да ја сведат на сентиментален, но нереален оптимизам. Но, дали е така?

Историјата нè потсетува дека во најмрачното време на Европа, кога на власт доаѓа фашизмот и нацизмот и се шират авторитарните и тоталитарните режими, група луѓе го создадоа идеалот за Европа како слобода. Доволно е да се сетиме дека по Втората светска војна, сонот на неколкумина стана надеж за многумина. Со падот на Берлинскиот ѕид, проектот на Европската Унија стана дел од политичкиот либерализам и либералниот поредок.

Денес, кога на европската политичка сцена повторно се јавува левиот и десниот популизам, ксенофобијата, исламофобијата, исклучивоста, границите, треба повторно да се понуди нова идеја. Ова е време за пресоздавање на Европа – метаморфоза на Европа. Но, што значи тоа?

Урлих Бек нè потсетува дека суштината на Европската Унија е европеизацијата како процес на постојана трансформација. Европеизацијата не значи исчезнување на националните држави, туку метаморфоза на самата идеја за нацијата и државата. Тоа е идеја дека целината е повеќе од нејзините составни делови, и дека оваа целина им овозможува на составните делови, на државите и општествата полесно да се соочуваат со глобалните предизвици.
Evroaziski_Forum_02

Почитувани присутни,

Во пресрет на римскиот самит, петте претседатели на Унијата излегоа со пет сценарија за иднината на Европа.

Според првото сценарио, Унијата би продолжила како и досега. Имајќи предвид дека Унијата таква каква што е се најде затекната од сите кризи, сметам дека ова е лажна опција.

Според второто сценарио, Унијата би се свела на заедничкиот пазар. Од една страна,  ова е само привидно раскрстување со политичката димензија, бидејќи без политичка соработка нема услови за заеднички пазар. Понатаму, што е со предизвиците кои бараат европски ангажман, како мигрантската криза? Тоа значи европските региони ќе мораат да прават стратегиско свртување навнатре, онака како што направи Вишегратската група во однос на мигрантската криза.

Според третото сценарио, Унијата мора да прифати поголема диференцијација за да избегне потенцијална дезинтеграција. Тоа е моделот на Европа во повеќе брзини што подразбира дека оние држави кои се подготвени ќе се интегрираат побрзо и подлабоко од другите. Но, ако локомотивата е побрза од вагоните, тогаш постои опасност во еден момент вагоните да се одвојат.

Според четвртото сценарио, Унијата би се фокусирала на помалку области кои би ги извршувала со поголема ефективност. Но, како ќе се утврди кои се тие нешта, имајќи ги предвид различните интереси и потреби на државите членки и нивните граѓани?

Според петтото сценарио, Унијата да прави многу повеќе, но заедно.

Кој пат и да го одберат, земјите членки на Европската Унија неминовно ќе наидат на каменот на сопнување на Унијата, а тоа се двојните стандарди. Денешните двојни стандарди се идни штетни преседани.  Ќе ви го дадам примерот со Република Македонија.

Од почетокот на независноста пред 26 години, Република Македонија имаше за цел да стане дел од Европската Унија и од либералниот поредок. Но, токму во либералниот поредок што ги афирмира идентитетските права и слободи, нашите неотуѓиви права и слободи на самоидентификација се оспорени. Токму Европската Унија чие мото е единство во различноста, ја негира нашата различност. Не случајно еден наш филозоф заклучи дека за Македонија политичкиот либерализам заврши во оној момент кога ни се оспори името и идентитетот. Двојните стандарди на либералниот поредок нам ни го оспориja правото на идентитет, но и правото на просперитет. На Македонија ѝ се блокираат нејзините европски и евроатлантски интеграции. Затоа, на случајот Македонија станува очигледно лицемерието на овој меѓународен поредок кој колабира поради своите двојни стандарди. Не само Македонија туку и многу други земји не се задоволни од двојните стандарди на Унијата.

Затоа, кое и од овие пет сценарија да биде избрано, Европската Унија, која беше мировен проект, треба повторно да стане препознатлива по својата најголема моќ, а тоа е европеизацијата. Преку европеизацијата, Унијата успеа да ги поттикне државите и општествата на европскиот континент доброволно да се трансформираат. Само преку европеизацијата се гради Европа. Само преку европеизација може да се шири просторот на мир, безбедност и просперитет во непосредното и поширокото европско соседство – во Северна Африка, на Блискиот Исток, на Кафказот. Балканот не го спомнав, бидејќи тој е коренот на Европа. Но, Европа треба допрва да се сети и да се врати на корените.

На Европа не ѝ се потребни нови принципи и вредности. Потребни ѝ се лидери кои можат да видат дека европеизацијата е спас за сите држави на нашиот континент.

Дами и господа,

Ќе завршам со една фраза од Римската декларација. Во неа, лидерите потсетуваат дека Европската Унија започна како сон на неколкумина, а стана надеж за многумина. На тоа денес можеме да додадеме дека Унијата која беше сон, што прерасна во надеж, ќе биде реалност за сите нас само доколку остане верна на својата суштина – на европеизацијата како процес на метаморфоза на Европа.

Ви благодарам.
Evroaziski_Forum_03 

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 1 од 55