Претседателот Иванов на средби со премиерот и со претседателот на Парламентот на Молдавија
Wednesday, 18 July 2018 13:15   
There are no translations available.

1._Pavel_Filip_2Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Република Молдавија, денеска оствари средба со молдавскиот премиер, г. Павел Филип и со Претседателот на Парламентот на Република Молдавија, г. Андриан Канду.

На средбата со премиерот на Република Молдавија, г. Павел Филип, беа поздравени пријателските односи меѓу двете земји и беше изразен интерес за интензивирање на севкупната билатерална соработка. Претседателот Иванов и молдавскиот премиер ги разгледаа можностите за зголемување на економската соработка, преку искористување на постоечките потенцијали и унапредување на договорната рамка меѓу двете држави.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ги подржува европските перспективи на Република Молдавија и имплементацијата на Спогодбата меѓу Република Молдавија и ЕУ, која вклучува одредби за сеопфатен договор за слободна трговија. Македонскиот претседател изрази отвореност за размена на искуства во однос на Европската унија и подготвеност за меѓусебна помош. На средбата беа разменети мислења и за сличните предизвици во однос на Европската унија со кои се соочуваат Република Македонија и Република Молдавија како две мали држави.

Двајцата соговорници ја поздравија досегашната соработка во областа на внатрешните работи, правосудството, здравството, образованието и науката, културата, земјоделството, транспортот и врските, трудовата и социјалната политика и локалната самоуправа и ги охрабрија институциите во насока на иницирање на нови содржини и реализирање на заеднички проекти.

2._Andrian_Candu_1На средбата со претседателот на Парламентот на Република Молдавија, г. Андриан Канду, претседателот Иванов изрази надеж дека во иднина ќе следи засилена соработка меѓу институциите на двете земји во функција на збогатување на содржините на соработка на билатерален, регионален и мултилатерален план.

Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните политички случувања во Република Македонија и Република Молдавија и за предизвиците со кои се соочува регионот на Југоисточна Европа. Заедничка констатација беше дека мирот, стабилноста и безбедноста на регионот се од клучно значење за целиот европски континент. За таа цел е неопходно јакнење на регионалната соработка и јакнење на меѓусебната доверба и поддршка, порача на средбата претседателот Иванов.

Претседателот Иванов истакна дека стратешки цели на Република Македонија се Европската унија и НАТО. Во однос на европските перспективи на Молдавија, претседателот Иванов го реафирмираше интересот и политичката волја на Република Македонија за споделување на европските искуства и текот на реформските процеси со Молдавија.

Претседателот на молдавскиот парламент ја поздрави определбата на Република Македонија за овозможувањето на одлична бизнис клима за странски инвестиции. Посочи дека неговата земја се стреми кон создавање на институционална доверба и реформи во правосудниот систем. Во таа насока, претседателот на молдавскиот парламент ја истакна потребата од размена на искуства меѓу парламентите на двете земји, а со цел зголемување на билатералната размена.

Молдавија од 1994 година е дел од партнерската програма на НАТО, а во 2014 година Република Молдавија и ЕУ склучија Договор за асоцијација, со одредби на сеопфатен Договор за слободна трговија.

Во рамки на официјалната посета на Република Молдавија, претседателот Иванов денеска оствари средба и со Митрополитот Кишињевски и на цела Молдавија Владимир Кантарјан.

Ова е прва официјална посета на македонскиот претседател на Република Молдавија. Вчера во Кишињев претседателот Иванов оствари средба со претседателот на Молдавија, г. Игор Додон.

3._Metropolitan_Vladimir_2

  Back<<Назад