Иванов-Дуда: Интеграцијата во ЕУ и НАТО е основен приоритет на Македонија, реафирмирана полската поддршка
Tuesday, 05 September 2017 15:46   
There are no translations available.

PRM_Duda_1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Република Полска, во Крињица-Здруј оствари средба со претседателот на Република Полска, г. Анджеј Дуда.

На средбата двајцата соговорници разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Полска, при што беше оценето дека двете земји имаат одлични политички односи и соработка во бројни области. Во таа насока, претседателот Иванов оцени дека одбележувањето на 25 годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Полска во 2018 година ќе биде добра можност за подигнување на нивото на соработка, вклучително преку реализација на официјална средба, како и реализација на бизнис-форум на кој ќе бидат разгледани можностите за интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена.

Претседателот Иванов и Претседателот Дуда разменија мислења за европските и евроатлантските перспективи на регионот. Во тој контекст, македонскиот претседател изрази очекување Република Полска да помогне во деблокирањето на евроинтегративниот процес на Република Македонија.

Интеграцијата во Европската Унија и во НАТО останува основен надворешно - политички приоритет на Република Македонија. Отворањето на пристапните преговори со Европската унија ќе даде силен импулс за натамошна трансформација на македонското општество и ќе биде најдобар одговор пред предизвиците со кои се соочува земјата. Како одговорен член на меѓународната заедница и земја кандидат за членство во НАТО, Република Македонија веќе се однесува како de facto член на НАТО, давајќи активен придонес во мировните операции на Алијансата. Членството на Република Македонија во Алијансата е одамна заслужено, посочи претседателот Иванов на средбата.

Полскиот претседател Дуда нагласи дека Република Полска секогаш ги поддржува европските и евроатлантските апсирации на Република Македонија.

На средбата претседателот Иванов истакна дека Република Македонија исклучително ја цени поддршката што земјите од Вишеградската група ја дава за земјата во рамки на институциите на Европската Унија.

Претседателот Иванов изрази благодарност за помошта од Република Полска во менаџирањето на мигрантската и бегалска криза и за понудената помош во справувањето со последиците со поплавите во скопскиот регион во 2016 година.Македонскиот претседател го реафирмираше интересот за развој на соработката во одбраната.

На средбата беа разменети мислења за можностите за соработка по повеќе сфери од заеднички интерес.

PRM_Duda_4

  Back<<Назад