Претседателот Иванов: ЕУ да извлече поуки и да го промени пристапот кон Македонија
Saturday, 03 June 2017 16:23   
There are no translations available.

brdo_rotator
brdo_brioni_7Членство на Република Македонија во НАТО, почеток на преговорите со Европската унија, продлабочување на соработката во сферата на безбедноста со цел стабилен регион, воздржување од радикална националистичка реторика и немешање во внатрешните работи на државите, се клучните пораки кои претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов ги искажа на состанокот на лидерите на Брдо - Бриони процесот, што се одржува денеска во Брдо кај Крањ во Словенија.

„ Националистичката реторика негативно влијае на добрососедските односи во регионот и мешањето во внатрешните работи на соседните држави создава тензија", истакна претседателот Иванов посочувајќи дека суштината на Брдо-Бриони процесот е регионот низ дијалог и со заемно почитување да ги решава предизвиците и проблемите.

Македонскиот претседател порача дека долгогодишната „статус кво" состојба во интеграциите ја продлабочи кризата во Република Македонија и им даде алиби на политичарите да застранат од зацртаниот европски пат.

„Една од клучните причини за стагнацијата, дури и за ретроградните процеси во регионот е недоволниот ангажман и недоволното внимание на ЕУ. Разбираме целосно дека ЕУ се соочува со повеќе кризи, но истовремено ЕУ не треба да дозволи уште една балканска криза, порача претседателот Иванов пред лидерите од Брдо-Бриони процесот, и изрази очекување дека Германија како движечка сила во ЕУ ќе може да му помогне на целиот регион.

Претседателот Иванов ја повика Европската унија да извлече поуки за ефектите од досегашниот пристап кон Македонија и регионот, како и да изнајде креативен и иновативен начин особено за отворање на поглавјата 23. и 24., потенцирајќи дека отворањето на преговорите за правосудство, основните права, правда, слобода и безбедност ќе го дадат неопходниот поттик за интензивирање на реформските процеси.

plenarka1_3„Затоа крајно време е ЕУ да го промени пристапот кон Република Македонија и кон регионот. Крајно време е безбедносните служби да продолжат да соработуваат за сите да бидеме побезбедни", истакна претседателот Иванов пред лидерите од регионот.

Претседателот Иванов предложи на следниот самит на Брдо-Бриони процесот што треба да се одржи во Македонија, како специјален гостин да биде поканет премиерот на Грција Алексис Ципрас, претставници од Република Бугарија како претседавач со Европската унија, официјални претставници од ЕУ и Кралот на Јордан Н.В. Абдула, имајќи ги предвид безбедносните предизвици и проблемите поврзани со мигрантската криза, како и потребата за соработка со трети држави во однос на безбедноста.

Клучната заложба на која се обврзаа лидерите од Брдо-Бриони процесот е зајакнување на политичката стабилност и помирувањето во Југоисточна Европа. Со цел обезбедување на стабилност потребно е владеење на правото, отворен дијалог и избегнување на националистичка и провокативна реторика, стои во заклучоците од Самитот.

„ Потребни се политички дејствија и државите од Брдо-Бриони процесот очекуваат нов ангажман од страна на земјите-членки на ЕУ. Интеграцијата на земјите од Брдо-Бриони процесот целосно ќе ја комплетира и консолидира Европската Унија", се вели во заклучоците на лидерите и се посочува дека е потребно поттикнување на процесот на проширувањето.

Искрени заложби за помирување, за решавање на отворените прашања и за градење на меѓусебна доверба меѓу лидерите од Југоисточна Европа се неопходни со цел стабилен и безбеден регион. Затоа остануваме посветени за решавање на сите спорови на мирен начин и со политички дијалог, согласно меѓународното право и доброседските односи, со цел фер и праведни решенија. Во овој контекст, онаму каде е потребно, Европската унија е повикана активно да се вклучи, се вели во усвоените заклучоци.

Во однос на економијата, државите од Брдо-Бриони процесот се обврзуваат на продлабочување на економската соработка како придонес во сеопфатна заложба за стабилност и просперитет. За таа цел, мора да се вложува Југоисточна Европа да биде поатрактивна за инвестиции во транспортот, енергетската и дигитална инфраструктура, стои во заклучоците.

На состанокот на лидерите на Брдо-Бриони Процесот, чија домаќин е Словенија, учествуваат претседателот на Сојузна Република Германија Франк Валтер Штајнмаер, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ, претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ, претедателот на Република Косово Хашим Тачи, претседателот на Република Албанија Бујар Нишани и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Драган Човиќ.

brdo_brioni_10

  Back<<Назад