News
Ambasada_Brazil
Претседателот Иванов свечено ја отвори македонската Амбасада во Бразил
Wednesday, 13 December 2017 09:45
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Бразил, свечено ја отвори Амбасадата во Бразил, што претставува прва македонска Амбасада во Латинска Америка.

Отворањето на македонската Амбасада во Бразил претставува почеток на ново пријателство и соработка меѓу двете земји, порача претседателот на Република Македонија на свеченото отворање на македонската амбасада во Бразилија.

Претседателот Иванов изрази надеж дека и Бразил ќе отвори своја амбасада во Република Македонија. Визната либерализација меѓу двете земји, претставува дополнителен поттик за унапредување на севкупната соработка меѓу двете земји, особено во сферата на туризмот, оцени македонскиот претседател.

- Покрај дигиталната трансформација, личниот контакт е незаменлив и личното ваше присуство на овој чин кажува дека ова е почеток на едно ново пријателство и соработка. Неопходна ни е соработка и неопходни се лични контакти преку сите претставници на земјите на сите континенти. Бидејќи на сите ни е неопходен мирот и просперитетот, и неопходно е на младите поколенија да им оставиме извесна иднина, порача македонскиот претседател.

Македонскиот амбасадор Ивица Боцевски истакна дека Република Македонија во Бразил гледа свој партнер во глобалната економска, технолошка, научна и дигитална трка.

- Централен дел на работата на оваа Амбасада ќе биде борбата за привлекување на странски инвестиции во Македонија, посебно на најглобализираните и технолошки водечките бразилски брендови, порача амбасадорот Боцевски.

Присутните на свеченоста ги поздрави и в.д министерот за надворешни работи на Бразил, г. Маркос Галвао.

- Во овој период го видовме стапувањето на сила на договорот за визна либерализација, кој што е темелен за зближување на нашите народи затоа што веќе ги олеснува посетите помеѓу двете земји. Идентификувавме можности во областите на разузнавањето, соработка во правосудството, трговијата и културата, порача Галвао.

Ambasada_Brazil1На свеченоста на отворањето на македонската амбасада во Бразилија присуствуваа личности од политичкиот и општествениот живот на Бразил, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници од македонската дијаспора.

Претседателот Иванов кој престојува во официјална посета на Бразил вчера оствари средба со претседателот на Бразил, г. Мишел Темер. За утре се предвидени средби на македонскиот претседател со Фернандо Колор де Мело, претседател на Комитетот за надворешни работи и национална одбрана во Федералниот Сенат и со Бруна Фурлан, претседател на Комитетот за надворешни работи и национална одбрана во долниот дом на Националниот конгрес на Бразил.

Brazil_rotator
Иванов-Темер: Поттик за стопанската соработка меѓу Македонија и Бразил
Tuesday, 12 December 2017 16:58
There are no translations available.

Brazil1Постигнавме визна либерализација за нашите граѓани, ја поттикнавме стопанската соработка и веќе до институциите на Бразил е поднесена правната рамка за регулирање на нашите билатерални односи, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по средбата со претседателот на Бразил, г. Мишел Темер.

Македонскиот претседател истакна дека ова е историска посета чиј повод е отворањето на првата амбасада на Република Македонија во Латинска Америка.

Средбата со бразилскиот претседател, претседателот Иванов ја оцени како содржајна и конструктивна, што отвора можности за продлабочување на идната соработка меѓу двете земји, особено на економски план.

- Разговаравме за досегашната соработка што ја имаат нашите компании и поединци во Бразил и можностите кои ги нуди Македонија за да можат бразилските компании да бидат присутни во нашиот регион, изјави претседателот Иванов.

Македонскиот претседател потенцираше дека Македонија и Бразил имаат одлична мултилатерална соработка.

- Македонија секогаш ги поддржува кандидатурите на Бразил и исто така е во групата што ги поддржува иницијативите на Бразил за реформи на Советот за безбедност на ОН, изјави шефот на државата.

Brazil2Бразил, додаде македонскиот претседател, е една од најбрзорастечките економии во светот, членка на Г20 и членка на БРИКС, и отвора огромни можности за културна, научна и соработка во сите други области.

Во обраќањето на заедничкиот ручек со бразилскиот претседател, претседателот Иванов изрази надеж дека и Бразил ќе отвори своја амбасада во Република Македонија, додавајќи дека Македонија високо го цени признавањето на нашето уставно име од страна на Бразил.

Иванов додаде дека во план е и склучувања на повеќе билатерални договори со кои ќе се дополни правната рамка за соработка во повеќе области, трговијата, земјоделството, образованието, науката, медицината, инженерството и технологиите.

Претседателот на Република Македонија попладнево во Палатата Планалто во Бразилија, беше пречекан со највисоки државни почести од страна на бразилскиот претседател, г. Мишел Темер.

Ова е прва официјална посета на Претседател на Република Македонија на Федеративна Република Бразил и на Латинска Америка.

Во рамки на посетата претседателот Иванов ќе присуствува на свеченото отворање на Амбасадата на Република Македонија во Бразилија, прва резидентна македонска Амбасада во Латинска Америка.

Вчера, претседателот Иванов оствари средби со д-р Пауло Скаф, претседател на Федерацијата на индустрии на Сао Паоло и г. Едуардо Виера, претседател на Федерацијата на индустрии на Рио де Жанеиро.

 
Start < Prev 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Next > End
Page 1 of 177