|
Во средиштето на цивилизацискиот развој е науката - научните изуми и достигнувања. Начинот на кој денес живееме е дело на човековиот ум и на неговата посветеност, креативност и интелигенција, преточени во полето на науката.
Науката ги проширува и нашите видици и нашите можности. Од сознанието како едно парче стакло може да помогне при слаб вид, па сè до современите откритија кои овозможуваат да понесете цела библиотека во еден мал мемориски чип, научните достигнувања несомнено го менуваат нашиот живот. Хоризонтите на науката се безгранични, проблемите на човештвото огромни, а напредокот на нашата цивилизација е наш поттик и императив.
Науката е заслужна за многу револуционерни дела во историјата на човештвото, за создавањето изуми што го спасиле светот од уништување, како и начини и средства со кои животот на луѓето станува многу полесен и поквалитетен. Значењето и потребата од нови научни решенија се дотолку поголеми во услови на забрзан глобален развој, кога воедно е исклучително важно да се води сметка за ублажување на климатските промени, намалување на индустриското загадување и трасирање одржлив економски и технолошки развој.
Во изминатите две децении, светот постигна фантастичен технолошки напредок, со темпо кое сè повеќе забрзува. Секој ден носи некое ново откритие, а со зголемувањето на научното знаење и предизвиците на модерното време, се зголемува и побарувачката за научен кадар. Од инженерство до стоматологија, од истражувањата на канцерот до одржувањето на национални паркови - најголемиот дел од овие професии се засноваат на науката и новите научни откритија.
За да обезбедиме раст на нашата економија и напредок на нашето општество, потребни ни се едуцирани млади луѓе, подготвени да спроведуваат модерни и применливи научни истражувања. За Република Македонија е особено важно да ги поттикнува и охрабрува студентите и младите научници од различни научни сфери, доколку сакаме како држава да одржиме чекор со светските развојни текови, но и да станеме генератор на образована и квалитетна научна сила.
Имајќи ја предвид програмската определба на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, и неговата заложба за поддршка на науката, научните установи, младиот научен кадар, како и изнаоѓањето на начини за стимулирање на вложувањата во науката, се реализира проектот „Најдобар млад научник“. Преку овој проект се воспостави традиција за избор на најмлад научник, за секоја тековна година.
„Креативноста и постигнувањата на младите научници ни даваат за право да веруваме дека постојат потенцијали на кои сериозно треба да се смета во сите научни области. Ние, како општество, треба да направиме сè, младите научници да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите, во кои ќе можат најмногу да придонесат со својата научна работа за развојот на нашата држава,“ истакна претседателот Иванов.
Науката ни овозможува да го разбереме светот во кој живеме и да ги цениме сите негови комплексни елементи. Науката нè учи дека не е возможно да знаеме сè, но сепак продолжуваме да се обидуваме, во бескрајна потрага по нови вистини. И колку повеќе учиме и откриваме, сè повеќе се движиме кон нови неодговорени прашања, кон иднината...
Потенцијални носители на признанието „Најмлад научник“
Проектот „Најмлад научник“ ги опфаќа сите млади луѓе до 30 години кои се занимаваат со наука и научни истражувања, и кои во досегашната научна работа имаат постигнато одреден научен резултат. Покрај овој основен критериум, лицето кое е кандидат да го понесе епитетот „Најмлад научник“ за тековната година, треба да достави доказ дека исполнува еден или повеќе од наведените дополнителни критериуми, а тоа се:
• добиена меѓународна награда за научно - истражувачка дејност,
• добиено меѓународно признание за научно - истражувачка дејност,
• добиена домашна награда за научно - истражувачка дејност,
• добиено домашно признание за научно - истражувачка дејност,
• објавени резултати од научно истражување во релевантно меѓународно списание,
• објавени резултати од научно истражување во релевантно домашно списание,
• степенот на применливост на резултатите од научното истражување.
Досегашни добитници на признанието:

„Најмлад научник“ за 2010 година - м-р Никола Златанов
М-р Никола Златанов, е роден во 1983 година. Дипломирал во 2007 година, а магистрирал во 2010 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" - Скопје. Од ноември 2008 до јуни 2010 година бил вработен во МАНУ, а од септември 2010 е докторант и асистент истражувач на одделот за електротехника и компјутерско инженерство на Факултетот на Британска Колумбија во Ванкувер, Канада, каде ја добива најпрестижната награда која се доделува на докторанти. Неговите сегашни истражувачки интереси припаѓаат во генералното поле на бежичните телекомуникации. Никола Златанов, по добивањето на признанието, истакна дека посакува во Македонија да се отвори академски фронт со зголемување на бројот на научни публикации во реномирани списанија, што заедно со развојот на научната мисла ќе го подигне нивото на развиеност на македонското општество.
„Кога една страна, дали академската или општествената, ќе почне да ја стимулира другата, ќе се развие еден повратен процес со меѓусебно стимулирање и надополнување. Но, некој мора да почне - или општеството со понуда на квалитетни услови за истражувања, или истражувачите кои преку својот ентузијазам ќе бидат иницијална каписла за забрзан општествен развој," нагласи Златанов.
„Најмлад научник“ за 2011 година - м-р Трифче Сандев
М-р Трифче Сандев, е роден во Кратово, а своето високо образование го стекнал на Институтот за физика, на Природно-математичкиот Факултет – Скопје, каде во моментов ја има пријавено и неговата докторска теза. Негово поле на интерес и истражување се природно-математичките науки, поконкретно физиката и математичката физика. Во моментов е вработен во Дирекцијата за радијациона сигурност, преку конкурсот на Владата на Република Македонија во 2006 година за вработување на 100-те најдобри студенти во државата. Досега има учествувано на повеќе конференции, семинари, обуки и школи, во земјава и надвор, каде презентирал дел од резултатите од неговата научна и стручна работа. Автор е на дваесеттина научни и стручни трудови, од кои повеќето се објавени во референтни меѓународни списанија со фактор на влијание. Се јавува како рецензент на повеќе научни трудови во три меѓународни списанија: Journal of Physics A: Mathematical and Theoretical, Physica Scripta и International Journal of Modern Physics B. Член е на Друштвото на физичарите на Република Македонија и на Европското друштво на физичари.
Трифче Сандев посочи дека да се добие едно вакво признание од Претседателот на државата за еден млад човек, којшто се наоѓа на почетокот на својата научно-истражувачка кариера, навистина значи многу. „Оваа награда ме прави среќен и задоволен бидејќи претставува потврда за квалитетот на мојата досегашна работа и нејзиното значење за државата, но уште повеќе ме поттикнува и обврзува да продолжам да давам сè од себе и понатаму да придонесувам за промоција на научните истражувања од Република Македонија. Само со посветеност на младите кон науката и стимулирање за нивните резултати и достигнувања, ќе се соочуваме со предизвиците што ги носи новото време,“ порача Сандев.
Комисија за најмлад научник
|